Сечењето на јапонските цреши го „поткастри“ и објективното новинарство

[Рецензија: Шилегов ги исече јапонските цреши во центарот на Скопје, револтот кај граѓаните сѐ повеќе расте (ФОТО) ]

Сечењето на дотраениот дрворед со јапонски цреши на скопската улица Максим Горки стана првокласен политички настан, иако Скопје континуирано изминативе две децении доживува екоцид на своето зеленило без големо спротивставување на неговите жители, благодарејќи им на социјалните мрежи и на медиумите што ги пренесуваа нивните содржини. Кренатата бура за 13 болни дрвца на некогаш раскошните јапонски цреши во центарот на Скопје веројатно се должи на една експлозивна комбинација на искрени емоции на граѓаните, поттикнати од полуинформации и голема доза политичко манипулирање со нив.

Текстот што е предмет на оваа рецензија, со својот едностран пристап кон материјата придонесе за поткревање на тензиите во јавноста така што своите читатели нецелосно ги информира за настанот. Со тоа директно придонесе за разгорување на хистеријата околу исечените стари, исушени или тешко болни стебла на јапонски цреши, во која се загуби вистината, но се добиваа и губеа политички поени.

Линк до оригиналниот напис: Шилегов ги исече јапонските цреши во центарот на Скопје, револтот кај граѓаните сѐ повеќе расте (ФОТО)

Датум и време на објавување: 15.11.2019

Датум на рецензирање: 19.11.2019

Рецензент: Југослава Дуковска 

Случајот ја разбранува јавноста откако познатиот режисер Владимир Милчин на својот фејсбук-профил на 15 ноември наутро објави дека се сечат јапонските цреши на улицата Максим Горки, упатувајќи им критики за овој потег на локалните власти, со тврдење дека тие дрвја не биле за сечење. Неговиот ФБ-статус беше широко споделуван на социјалните мрежи. Она што се случуваше на социјалните мрежи за неколку часа беше преземено од медиумите, но порталите предничеа со едностраноста во известувањето за тоа што точно, колку и зошто се сече, како и за намерите на локалната власт на град Скопје и на Општина Центар со овој зафат.

Утрово беа исечени Јапонските цреши на улицата Максим Горки. Градоначалникот на градот Скопје Петре Шилегов се одлучи да ги исече до корен јапонските цреши кои цветаа секоја пролет во Скопје и го разубавуваа центарот на градот. Станува збор за 13 стебла на цреши кои се наоѓаат на пешачката улица Максим Горки.

Со оглед дека во текстот се кажува кој ги сече, професионалната објективност налага да биде побаран одговор од „виновникот“, односно одговорниот орган, во случајов Град Скопје, бидејќи се наведува како изведувач на зафатот, но и на Општина Центар, со оглед на надлежностите на локалната самоуправа. Сепак, таква информација во овој напис нема.

Не важи ниту аргументот дека нецелосната информација се должи на потребата да се биде побрз од конкуренцијата, па од медиумот немале време да се обратрат до службите за информирање на Градот и на Општината, бидејќи морале барем да се обидат да добијат одговор од надлежните зошто ги сечат дрвјата и за тоа да ги известат своите читатели.

Меѓутоа, текстот се потпира само на социјалните мрежи:

Негативните коментари веднаш започнаа да се шират на социјалните мрежи, како и револтот и разочараноста на граѓаните кон Шилегов сЀ повеќе расте. Познатиот режисер Владимир Милчин, пак, го изрази својот револт на фејсбук.

Во написот целосно се игнорира она што има да го каже Шилегов за јапонските цреши. Занемарувањето на основните новинарски правила и овој пат му направи мечкина услуга и на медиумот кој објавува вакви непотполни вести, но и на социјалниот амбиент во општеството.

Тоа што се кажува и пишува на „Фејсбук“ не може и не смее да ги замени вистинските елементи на една информација. Во овој случај, освен одговорите на новинарските прашања: кој? – Шилегов, што? – сече јапонски цреши, каде? – на улица Максим Горки, кога? – утринава, овој текст требаше да го донесе и клучниот одговор на прашањето –зошто? Но, тоа, за жал, не го стори.

Иако го лоциравме пропустот на овој текст, сепак е потребно да напоменеме дека информативните служби на Градот во овој случај ги потценија граѓаните и ненавремено и несоодветно го претставија настанот – сечењето на сувите дрвја од дрворедот, кој беше еден од иконичните обележја на Скопје и за многу скопјани оправдано претставуваше едно од последните оази на убавина во градот. Тие требаа и мораа пред самото сечење целосно и објективно да ја информираат јавноста кои се намерите и зошто се сечат дрвјатра. Наместо тоа, тие излегоа со информација доцна попладне, „гаснејќи го огнот“ кој веќе беше запален на социјалните мрежи, каде што наголемо се дебатираше дали дрвјата биле болни и исушени или можело и требало да се спасат.