Камчев не призна дека Филипче е вмешан во рекетот

 

[ФИЛИПЧЕ ВМЕШАН ВО PEKETOT: Cкандалозно признание на Орце Камчев во cyдницата]

Погрешен наслов што ја дезинформира публиката го „краси“ овој текст. Донесен е целосно погрешен заклучок од исказот на еден од сведоците во текот на судењето за случајот „Рекет“, еден од најголемите скандали во независна Македонија.

Линк до оригиналниот напис: ФИЛИПЧЕ ВМЕШАН ВО PEKETOT: Cкандалозно признание на Орце Камчев во cyдницата

Датум и време на објавување: 6.12.2019

Датум на рецензија: 8.12.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Орце Камчев, на второто рочиште од овој случај, сведочеше и објаснуваше како бил рекетиран од обвинетите во случајот, Бојан Јовановски, Зоран Милевски и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.

Камчев, во вкрстеното испрашување од Боки 13, во судницата рекол дека на една од средбите меѓу другите бил присутен и министерот за здравство Венко Филипче. И толку. Во ниту еден контекст тој не тврдел дека Филипче е дел од рекетот.

Но, на оној што го пишувал текстот што е предмет на оваа рецензија, доволно му било спомнувањето на името на Филипче за да се стави во улога на обвинител и без потврда и докази да го обвини за вмешаност во рекетот.

И сето тоа е спакувано во текст со сензационалистички наслов со големи букви, кој тврди дека Филипче е вмешан во рекетот и оти тоа е признание на Орце Камчев. А, во ситуација кога сите очекуваат информација плус од судењето, ваков текст силно одекна на социјалните мрежи, каде што читателите за многу кратко го осудија Филипче за вмешаност.

Откако заврши рочиштето, Камчев во изјава до медиумите објасни дека Филипче не бил вмешан во бизнис-зделките на Боки 13.

Ако Венко Филипче барал нешто на тој состанок, да знаете, сигурно ќе беше пријавено. Јас и Венко Филипче со години сме пријатели. Над 20 години. Тој работеше во нашата болница одреден период. Тој ми беше пријател и ќе ми биде пријател. Бојан Јовановски имаше идеја да се прави некое јавно-притватно партнерство за некоја болница. Ние му рековме дека тоа не држи вода иако тој може преку некои негови врски тоа да го лобира. И тоа беше тоа на состанокот, додаде Камчев по судењето.

Средбата ја потврди и Филипче, кој во изјава за Нова Тв вели дека од тоа не излегло ништо и оти друга средба потоа немало.

Средбата што се споменува во денешното судење за случајот „Рекет“ се одржа на барање на Бојан Јовановски, на која јас и Орце Камчев бевме повикани да разговараме за некакво јавно-приватно партнерство за болница што  тој имал намера да ја прави.

Иако и Камчев и Филипче објаснија за што станува збор, интензитетот на споделување и коментирање на првичната вест беше далеку поголема.

Медиумите и новинарите мора со особена внимателност да известуваат од судски рочишта, особено за вакви големи случаи, за кои е заинтересирна целата држава. Бидејќи снимање со камери не е дозволено на судските рочишта, јавноста може да се информира единствено преку медиумските извештаи и затоа е многу важно тие да се прецизни, точни и ослободени од каков било сензацинализам и трка за кликови.

Ова е децидно наведено во членот 8 од Кодексот на новинари.

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми. Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда.