Камуфлиран сарказам може да ги одврати луѓето од вакцините против ковид

Хуморот и сатирата се форми на комуникација кои спаѓаат во универзалното човеково право на слобода на говор. Сепак, прикриениот сарказам и претставен како сатира, кој не секогаш се разбира како таков, туку се сфаќа како порака дека се прави нешто незаконски и лошо (во случајот теренска вакцинација против ковид), не е ништо друго, туку антиваксерски пост насочен против јавното здравје

 

Објава на „Фејсбук“ која се однесува на дел од процесот на вакцинација против ковид-19 може да биде опасна за јавното здравје, затоа што, иако е напишана на специфичен јазик, содржи невистини, поточно дезинформира, пред сè, поради контекстот што недостасува.

Објавата, на прв поглед е безопасен вид специфичен хумор или сатира и во неа се наведува следното:

Кога влегувате во ќенеф заклучувајте врата, да не ви влезе екипава на Филипче на пола гомно, да ве вакцинира.
Одма фаќало запек од вакцината.
Значи не ве фаќа више корона, туку запек.
Хроничен запек кој трае со месеци.
Ни рицинО не помага.

Со ваквиот текст, составен дел од објавата е фотографија на која се гледа како возрасна жена на тракторска приколка е вакцинирана од две медицински лица. Со пребарување на фотографијата може да се утврди дека истата е објавена од министерот за здравство, Венко Филипче, и дека циркулира и на „Фејсбук“ и на „Твитер“, но и во дел од медиумите што информираат како се одвива теренската вакцинација.

Што е спорно во објавата? Иако личи на хумор, поточно сатира што може да се препознае од прва, дури и самите коментари под објавата укажуваат дека не станува збор за хумор, ниту за сатира, туку дека напишаното е сарказам и дека не се препознава од првo читање. Пример на коментари:

Грозно

Во село имаат метли, мотики, копачи, вили. Можеле да ги избркаат на клоци. Не е до филипчињата, сто пати ќе кажам.

Вака ги вакцинираат кучињата по селата,на сред село доаѓа ветеринар и ги боцка до кој степен стигнавме

Си помислив дека е зафрканција, ова вистина да било. Народеее, реакција бре…има ли…Ова е полошо и од Менгеле и компанија

Преку сарказмот, авторот на објавата, де факто, го исмева целиот процес на теренската вакцинација, тврдејќи дека луѓето ако бидат начекани од „екипава на Филипче“ во ќенеф (алузија на секојдневна полска работа на луѓето од село, каде што недостасува основната инфраструктура), и „присилно ве вакцинираат“ („на пола г…о“), ќе бидете заштитени од ковид, ама ќе имате нус-појава запек, која ќе трае со месеци.

Ваквиот сарказам на авторот на објавата врши исмевање на процесот на теренската вакцинација. Кај малку информираните читатели може да доведе до забуна дека навистина има несакана појава од вакцината-запек, за која не помагало ни најпознатото природно средство на лекување – пиење рицинусово масло.

Но, најважното за оценката на рецензијата – сарказмот – не се препознава како таков, туку како директен повик за спротивставување на процесот на вакцинација од здравствените власти што се извршува со теренски екипи, со цел да се постигне поголема масовност на вакцинирано/заштитено население.

Заднината на фотографијата, патем, ја протолкува и Филипче, кој прв ја прошири на „Фејсбук“. Во три твита Филипче појаснува дека станува збор за жителка на село Ратево во Беровскиот Регион, која со трактор, заедно со својот сопруг, се симнале до вакциналниот теренски пункт надвор од селото. И бидејќи жената била слабо подвижна, медицинските сестри се качиле на тракторската приколка да извршат вакцинација.

Повозрасната жена бидејќи не била во можност да се симне од тракторот, за да не се малтретира, медицинската сестра се качила на приколката за да ја вакцинира. Јас сметам дека тоа е гест за поздравување, а не за осуда – наведува Филипче во објавата на Твитер.

Бидејќи авторот на објавата не ја појаснил фотографијата и не дал дополнителен контекст на својот сарказам, камуфлиран како хумор и сатира, станува збор за објава без контекст, поради што може да доведе до дезинформирање и одбивање на заштитата што ја нудат вакцините против ковид-19.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.