Не е вистина дека ќерката на народниот правобранител приоритетот за вакцинирање го добила затоа што е нечија ќерка, како што тврди овој пост на „Фејсбук“, туку затоа што е докторка во примарната здравствена заштита. Токму поради тоа што е медицински работник, таа го стекнала правото да се вакцинира во првата фаза од процесот на вакцинација
Вакцинирањето против ковид-19 на Рифије Зибери, ќерката на народниот правобранител и поранешен кандидат за претседател, Насер Зибери, стана скандал на социјалните мрежи.
Фотографија од нејзината вакцинална картичка, на која се прикажани и дел од нејзините лични податоци, осамна на социјалната мрежи со критика дека таа се вакцинирала преку ред, односно привилегирано.
И ќерката на ОМБУДСМАНОТ Зибери е ПРИОРИТЕТ за вакцинација…
Вие чекајте ВУЧИЌ да ви донесе од оние милосните!
Она што не е јасно од оваа фејсбук-објава е дека ќерката на народниот правобранител е докторка во примарната здравствена заштита, па со тоа таа го стекнала правото да се вакцинира во првата фаза од процесот на вакцинирање. Не е вистина дека приоритетот за вакцинирање го добила затоа што е нечија ќерка, како што тврди објавата, туку затоа што е во приоритетната група за вакцинирање.
Фотографија од нејзината лиценца за работа издадена од Лекарската комора таа самата ја објави како коментар на оваа фејсбук-објава, но коментарот сега е избришан. Фотографијата од нејзината лиценца, сепак, кружи на социјалните мрежи како потврда дека таа е медицинско лице.
И покрај тоа, објавата не е избришана, ниту дополнета со точната информација, туку продолжува да се споделува на социјалните мрежи и да ја манипулира јавноста.
Дека неговата ќерка е доктор потврди и самиот народен правобранител Насер Зибери.
Ќерка ми како лекар вработен во примарното здравство ја прими вакцината против ковид-19
Здравствените работници се првата приоритетна група која во овој период добива вакцини против ковид-19, согласно Националниот план за имунизација, каде што е предвидена динамиката со која ќе се вакцинираат граѓаните. Медицинските лица, меѓу кои е и Руфија Зибери, се наоѓаат во првата фаза од процесот на имунизација против корона-вирусот.
Националниот план за имунизација, којшто неодамна го презентира министерот за здравство, Венко Филипче, предвидува први да се вакцинираат здравствени работници, кои директно работат со ковид-пациенти од ковид-центрите и од службите за итни состојби, од клиничките болници, јавни и приватни, од посебните институциите како домовите за стари лица, домови за лица со посебни потреби. Во првата група се и матични лекари, вработени во лаборатории за тестирање и дијагностика.
Тоа што некој е во роднинска врска со некој политичар или функционер не значи по автоматизам дека се вакцинира „со врски“, односно дека поради тоа има привилегии. И политичарите и функционерите имаат блиски роднини кои работат како лекари или медицински лица и поради тоа имаат право да се вакцинираат, а не само затоа што се блиски со некој кој е дел од политичката елита.
Така се вакцинира и Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот на државата Стево Пендаровски. Првата дама доби вакцина, не затоа што е сопруга на претседателот, туку затоа што е доктор, односно специјалист по педијатриска и превентивна стоматологија.
Треба убаво да се истражат сите факти пред некој да се етикетира и да се залепи на ѕидот на срамот.
Вакви шпекулации само ја зајакнуваат напнатата атмосфера во јавноста во време кога земјата сè уште располага со мал, ограничен број на вакцини (8.000 вакцини на „Фајзер“ кои пристигнаа од Србија и 3.000 дози на руската вакцина „Спутник“), а вирусот повторно се шири засилено како резултат на новите соеви. Јавноста секако треба да ги држи очите широко отворени и да апелира доколку се појават информации дека некој се вакцинира „преку ред“. Но, тоа не е случајот со ќерката на Омбудсманот за која се крена многу врева, но за џабе.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.