Недоличниот речник не му доликува на новинарот. Новинарот дури не треба да ги нагласува своите лични ставови за некое прашање. Стилските фигури, како што се сарказмот, иронијата, сатирата итн. може да се користат во некои жанрови на новинарството, но не и во информативното или известувачкото новинарство. Текстот што го рецензираме е во спротивност со неколку точки од Етичкиот кодекс на новинарите.
Линк до оригиналниот напис: „Германската канцеларка Ангела Меркел беше отсутна денес во Тетово!? – ВИДЕО
Датум на објавување: 6.3.2021
Датум на рецензија: 12.3.2021
Рецензент: Шефкије Аласани
Наслов што дезинформира – „Германската канцеларка Ангела Меркел беше отсутна денес во Тетово!? – ВИДЕО “, е насловот на написот што ќе го рецензираме.
Саркастичен наслов
Насловот на текстот што го рецензираме е привлечен и побудува интерес за да се кликне на веста. На прв поглед, насловот остава впечаток дека станува збор за саркастичен напис, но во содржината на текстот, освен коментарите направени од новинарот, нема ниту еден саркастичен елемент. Се разбира, хуморот, сатирата, сарказмот или други стилски фигури може да се користат во новинарството, но во такви случаи постојат посебни рубрики или одредени жанрови на новинарството што овозможуваат употреба на сатира и исмевање на разни појави. Меѓутоа, сарказмот и иронијата немаат место во информативните текстови.
Непрофесионален и недоличен вокабулар
Голем прдеж за ништо. Само германската канцеларка Ангела Меркел не беше поканета денес на промоцијата на спортската сала во с. Доброште, Тетовско. Таму денеска беа присутни лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вицепремиерот од ДУИ, министри на ДУИ, министри на СДСМ, имами од тетовското муфтиство, градоначалникот на Теарце, личности од Косово – се вели во текстот.
Ова е првиот пасус од текстот што го избравме за рецензија. Од првата реченица читателот се соочува со недоличен и воопшто непрофесионален вокабулар од анонимниот новинар кој го напишал овој текст. Во продолжение на текстот, новинарот користи иронија за овој настан, што би било прифатливо доколку беше во прашање некој друг жанр на новинарството. Воопшто не е прифатливо да се користи иронија и сатира при пренесување на вест, бидејќи со тоа читателот ја доведува во прашање сериозноста на материјалот што го чита. Во основните принципи на Етичкиот кодекс на новинарите се наведува дека:
Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите мора да бидат чесни, објективни и точни.
Значи, новинарот не е спречен да реагира, па дури и да го изрази своето мислење, сè додека не ги крши професионалните стандарди и објективноста. Новинарот има должност да го информира читателот, а не да го збунува.
Фактите и мислењата се разликуваат една од друга
Вториот параграф, којшто е и последен во текстот, од почетокот до крајот е коментар и пренесува ставови на новинарот без да се потпира на факти и извори. Со овој параграф, новинарот крши уште една точка на Етичкиот кодекс, во која се вели:
Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.
Во дел од текстот, новинарот наведува:
Со оглед на фактот дека за време на периодот на ДУИ во Скопје се инвестираа милијарди евра во изградба на модерен стадион, модерна сала, современи патишта, институционални згради, лифт на Водно, плоштади низ Скопје, нови автобуси, а Албанците ги мамат со некоја инвестиција, ваму-таму, „ради реда“…
За да биде медиумскиот производ професионален и сериозен за читателите, новинарот мора да ги поддржи сите негови тврдења со факти и извори. Без исполнување на новинарските критериуми, текстот не може да се нарече вест и не треба да ѝ се сервира на јавноста. Многу е важно да се напомене дека Етички кодекс забранува употреба на медиуми за лични интереси.
Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.
Временскиот период во кој живееме е многу динамичен, па затоа е важно читателот да не биде оптоварен со неточни и непрофесионални информации. Медиумите играат клучна улога во подигањето на свеста и креирањето критичко мислење во јавноста, па затоа новинарите треба да ја исполнат оваа одговорност достоинствено и да не го сквернават и понижуваат професионализмот.