Фотки од порноактери лажно претставени како нашинци се користат за манипулации со емоции

Слики од порноактери се користат за предизвикување морална паника или недоверба во институциите.

Слики од порноактери се користат за доведување во заблуда на корисници на социјалните мрежи со цел манипулирање со нивните емоции во насока на морален гнев и паника. На тоа се надоврзуваат и сатирични објави кои иронизираат со овој тренд, но често се контрапродуктивни, бидејќи луѓе што не се запознаени со ликови од порноиндустријата ги сфаќаат сериозно

 

Пишува: Тимот на „Критинк“

 

Во некои вакви случаи веќе не е јасно дали се работи за сатира или не, оти различни луѓе различно ги сфаќаат и потоа ги споделуваат како што сфатиле.

Последен таков пример кој е вирален во Република Северна Македонија е објавата на која покрај слика на поранешната американска порноактерка со либанско потекло Миа Калифа (Mia Khalifa) е налепен следниот текст:

Миа Јовановска од Студеничани Скопје освои прво место за физика на европското првентство EUFIZ 2021, зошто ниту една телевизија не објавува вакви убави вести?

Снимка на екран на објава на „Фејсбук“ споделена 396 пати со која лажно е претставена порноактерка. Нејасно е дали се работи за обид за хумор и сатира, но многу од читателите го сфаќаат сериозно. Кликнете на сликата за поголема верзија.

Во целата објава „точно“ е само личното име Миа. На сликата за поголема кредибилност (да се наведат читателите да мислат дека навистина постои ваква личност) е додадена и „налепница“ со корисничко име од Инстаграм, кое води до профил што нема никаква врска со овие фотографии.

Објавата е плагијат на слична објава од Србија, каде истата слика беше споделувана пред повеќе од еден месец со речиси идентичен придружен текст:

Миа Јовановиќ од ромската населба во Крагујевац освои прво место по физика на европско првенство. Зошто ниту една телевизија ова не го објави?

Корисници на „Фејсбук“ кои ја препознале порноактерката потоа објавувале иронични, односно сатирични реакции. На пример, коментарот „Срамота, зошто Бразерс тоа не го објавил“ (со емотикони за смеење), иронизира со името на продукциска куќа (Brazzers), која е светски познатa како издавач на порнографија.

Снимка на екранот на објава на српски јазик со која се исмејува лажното претставување на порноактери како лица од локалната средина. Кликнете на сликата за поголема верзија.

Како што покажува анализата на „Вистиномер“ за сличен случај на шпански порноактер претставен како „Михаил од кичевско“, оваа тенденција не е нова, бидејќи слични објави може да се најдат низ целиот свет, од Колумбија до Шпанија.

Објава на Фејсбук од 04.03.2021. со која шпанскиот актер од порно филмови Ангел Муњоз Гарсија, познат како Џорди, е лажно претставен како „Михаил“ од кичевско, наводен генијалец кој пронашол „лек за корона“. Кликнете на сликата за поголема верзија.

Текстот на ваквите објави најчесто настојува да манипулира со емоциите на пријателите или следбениците на објавувачот. Во двата примера наведени погоре, пораката е речиси идентична, дека треба да се налутат поради негрижа на некоја општествена институција за постигнувања на млади луѓе од нашата средина. Така, во обата случаја со порноактерите како „виновници“ се посочуваат медиумите.

Прирачникот за неформално образование „Со критичко мислење до разобличување на дезинформации“, изработен во рамките на проектот „Критинк“ воден од „Метаморфозис“ и „Евротинк“ со поддршка на Европската Унија посочува два типа манипулации со емоции кои може да се забележат во ваквите објави:

  • Морален гнев (moral outrage) со јавно понижување и линч на поединци/групи што отстапиле од моралните кодекси на однесување, особено присутни на социјалните мрежи.
  • Морална паника (moral panic) е силно изразен страв од закана, кој брзо се проширува кај поголема заедница на луѓе. Социјалните мрежи дејствуваат како ехо-комори (echo-chambers), т.е. затворени системи, каде што со многукратно споделување пораки од истомисленици се потсилуваат и предимензионираат“.

На  овој начин, можеби и без намера од објавувачите, се зајакнуваат и популистички модели на мислење според шема дека „луѓето од народот“ се секогаш добри, талентирани, способни, но „системот“ е против нив, никако не им дава да дојдат до израз. Такви флоскули се користат насекаде, од политички дебати до лично ниво, на пример, изговори од единичари дека уште во основно училиште „учителката не ги сака“.

Доколку се работи за обид за хумор или сатира, со цел да се исмејува таквиот популистички стил на мислење, тоа е често неефективно, односно функционира  на ниво на „приватна шега“ меѓу луѓето на кои од претходно им се познати ликовите за сликата. Арно ама, луѓето што не се запознаени со нивниот актерски опус, особено оние што се навикнати да размислуваат во такви рамки и сатирата ја сфаќаат здраво за готово. Од  коментарите на такви објави се гледа дека многумина поверувале односно не ја сфатиле „финтата“, односно шегата и лагата ја протолкувале како вистина.