Рецензираме пост на „Фејсбук“, кој е исклучително вирален, особено затоа што доаѓа од извор, којшто е универзитетски професор, аналитичар на статистиките во пандемијата и личност цитирана во медиумите, односно извор со голема доверба во јавноста. Меѓутоа, за разлика од анализите што професорот Дејан Трајковски ги прави во текот на пандемијата, а кои се вообичаено точни, прецизни, научно поткрепени и релевантни, во случајов е изнесена дезинформација кога се тврди дека „не е познато дали кинеските вакцини кои што пристигнаа во земјава се од Синофарм или од Синовак“. Дополнително, како што може да се види и од коментарите под објавата на „Фејсбук“, многумина овој пост го протолкуваа како давање ветер во грб на антивакциналните наративи.
Како што може да се види на фотографиите споделени во склоп на постот, се работи за производителот Beijing Institute of Biological Product BIO. Овој производител единствено произведува вакцини СИНОФАРМ. Оттука, овој факт е непобитен. Особено е јасно дека станува збор за вакцините на „Синофарм“ и од тоа што во медиумите пред пет дена беше јасно проследен настанот каде со директен договор од производителот нарачани беа и ПРИСТИГНАА во земјава 200 илјади вакцини од „Синофарм“. Вакцините за велигденските празници беа складирани во ладната соба на поликлиниката „Јане Сандански“, а потоа дистрибуирани на вакциналните пунктови во Скопје, но и во други шест града каде што во спортски сали пренаменети за вакцинација, со нив почна масовната имунизација на населението.
На веб-страницата на Министерството за здравство посветена на вакцинацијата, постои дел каде што се наведуваат техничките карактеристики и сите факти и митови за вакцините. Доколку се погледне делот на оваа официјална веб-страница насловен како „Сè за вакцините“, може да се види дека таму се наведени само вакцини од четири производители кои се даваат во Македонија. Во овие 4 вида на вакцини има само една кинеска вакцина, односно таа на „Синофарм“. Вакцини на „Синовак“ во Македонија не се пристигнати.
Оттука, проблематизирањето на производителот е неосновано и доведе до забуни.
Вакцината на „Синофарм“ е 86 проценти ефикасна против Сарс Ков 2-инфекцијата и 100 проценти ефикасна за превенција на тешка болест. Досега е дадена во повеќе од 43 милиони дози во светот. На следниот линк може да го видите и упатството за користење на вакцината „Синофарм“.
Понатаму во постот што го рецензираме се тврди:
Како што е познато, ефикасноста на вториот тип вакцини изнесува одвај 50,7 проценти против заразување, а 78 проценти против тешка форма на болеста (пневмонија). Со други зборови, еден инфициран од 4-5 вакцинирани со оваа вакцина ќе добие пневмонија, со шанси да заврши ВО болница, што е загрижувачки.
Меѓутоа, ефикасност од 80 проценти против пневмонија не значи дека 20 проценти ќе добијат пневмонија од ковид. Ефикасноста не се пресметува така. Осумдесетпроцентна ефикасност значи дека вакцинираните имаат за 80 проценти помала шанса да добијат пневмонија, споредено со контролната плацебо група.
Оттука како делумно невистинит го оценуваме постот во кој се тврди дека не е познато од кој производител се вакцините од Кина што стигнаа во земјава и со кои почна масовната имунизација во земјава, како и делот во кој се тврди дека „еден инфициран од 4 до 5 вакцинирани ќе добие пневмонија со шанси да заврши во болница“ .
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.