Кога се манипулира со јавното здравје: Кој повеќе (не)сака избори летово?

[Рецензија: Од 2.500 заразени пикот се намали на околу 1.700 – си го трасира ли патот власта за брзи избори летово?]

Иако двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, вчера соопштија дека изборите не им се приоритет на сметка на здравјето на граѓаните, објавата што ја рецензираме конструира претпоставка дека соопштувањето на бројките на оздравените од Ковид 19 во дневните извештаи на министерот за здравство е знак дека „власта сака брзи предвремени парламентарни избори, во ек на светска пандемија?“

Линк до оригиналниот напис: Од 2.500 заразени пикот се намали на околу 1.700 – си го трасира ли патот власта за брзи избори летово

Датум и време на објавување: 27.4.2020

Датум на рецензија: 28.4.2020

Рецензент: Стојан Синадинов

 

Според почетокот на прилогот, имаме впечаток дека се работи за извештај за најновите тенденции во справувањето со пандемијата со Ковид 19 во РСМ.

Власта ги намали прогнозите за пикот на корона-вирусот. Ако досега пресметките што ги правеле епидемиолозите Караџовски и Микиќ дека врвот на епидемијата ќе заврши со 2.000 до 2.500 заразени сега, министерот Филипче вели дека според последните анализи бројот на заразени ќе биде околу 1.700.

Но, во исто време, се добива и впечаток прилогот, како  да „жали“ што не е постигната бројката од првично проектираниот пик на епидемијата кај нас.  Иако, веќе во изјавата на министерот за здравство, д-р Венко Филипче, дадена во продолжение на прилогот, се наведуваат причините за корекцијата на проектираната бројка на заразени со Ковид 19.

Тогаш таа претпоставка беше направена врз основа на тогашниот број пациенти, а тогаш немавме воведено вакви мерки. Сега може крајната бројка да биде поинаква. Сакаме и очекуваме да имаме помал број, но се подготвуваме како да ќе биде поголем. Последните анализи од пред една недела покажаа дека е можно бројката да биде 1.600 – 1.700 заразени. Но не се опуштаме.

Веднаш потоа прилогот се занимава и со една мала „теорија на заговор“:

Дали во позадина на менување на стратегијата, со која, сега, прво се кажува бројот на оздравени, наспроти заболени и починати, власта си го чисти патот до идејата за брзи предвремени парламентарни избори, во ек на светска панедмија?

Но, нема ништо спорно, а уште помалку лоша намера, ако во дневните извештаи за состојбата со Ковид 19 кај нас на прво место се ставаат бројките на оздравени/излечени луѓе, отколку заразени или починати.

Тоа значи дека е постигнат напредок во исправување на кривата, па и нејзино намалување, бидејќи бројот на излечени/оздравени секојдневно е неколкупати поголем од заразените. И во САД, на пример, првичните прогнози од Универзитетите и здравствените консултанти предвидуваа меѓу 240 илјади и 1.5 милион жртви: сега таа проекција е намалена на 60 илјади жртви. Во секој случај, бидејќи се работи за сосема непознат вирус, никој не знаеше што може да се случи, и колку овој вирус е вирулентен.

А, што има сето тоа врска со можни брзи избори?!

Впрочем, и двете најголеми партии, владејачкиот СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ како предводници на предизборните коалиции, во исто време кога е емитуван/постиран прилогот, се изјаснија дека приоритетно им е здравјето на граѓаните и успешно справување со епидемијата, а потоа изборите.

Прилогот прекршува најмалку три члена од Кодексот на новинарите на Македонија:

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми. (член 8)

и

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот. (член 13)

Може да се додаде дека медиумот го прекршува и правилото дека:

Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно. (член 1)

Постапувајќи спротивно на овие начела, објавата наликува на папазјанија од коментари, претпоставки и непроверени информации.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.