Ковид-19 не е измама, туку сериозна болест и затоа не ги фрлајте маските!

Тврдењето дека коронавирусот е измама, е невистинито, како и тврдењето дека во светот се случува ,,големо будење”. Пандемијата коси пред себе и сиот свет се подготвува логистички за дистрибуција и администрација на вакцината, како светло на крајот од тунелот со пандемијата

Објава на Фејсбук тврди дека ,,ковид-19 е измама” и со конспирациски тон повикува да не се носи лична заштитна опрема (маски), затоа што, наводно, во светот се случува ,,големо будење” .

Всушност, она што се случува во светот не е никакво ,,големо будење” туку е есенски бран на коронавирусот, со многу повеќе заразени и починати отколку во првиот бран и затоа огромен дел од земјите во Европа имаат воведено рестриктивни мерки како забрана за јавни собири, затворање на угостителски објекти, задолжително носење маска на отворено и други мерки. Животот е променет од корен, сите стопански субјекти како во светот, така и кај нас, функционираат според протоколи во чија основа е држењето растојание од 2 метри и носењето маска.

Дека Ковид 19 не е никаква измама, покажуваат и статистиките. До моментот на пишувањето на оваа рецензија, во светот од овој вирус од почетокот на пандемијата се заразиле над 64 милиони луѓе, а над еден милион и половина починале.

Оваа статистика се менува од ден на ден, при што бројот на заразени и починати станува сè повисок.
Повикот да се фрлат маските е загрозувачки по јавното здравје, затоа што е докажано дека маските се ефективни кога се комбинираат со другите заштитни мерки, како држењето растојание. Министерот за здравство, Венко Филипче во повеќе наврати укажува дека маските заштитуваат од Ковид-19, но и од настинки и од загадениот воздух, чии што ПМ 10 честички, пак, можат да бидат поголеми трансмитери на коронавирусот.

Филипче вчера (02.12.2020) преку социјалните мрежи уште еднаш апелираше  да се носат заштитни маски, потенцирајќи го нивното значење во време на пандемија и загаден воздух:

Маската штити од Kовид-19, настинки и од аеро загадувањето. Кога се спортува маска не треба да се носи, но на отворено при контакт со група на луѓе кои поради кашлање и кивање може да се влезе во близок респираторен контакт. Во овој случај маската штити од трансмисија на вирусот. Да ги почитуваме мерките, така го штитиме сопственото здравје и на здравјето на сите околу нас.

Дека Ковид-19 не е измама покажуваат и статистиките во земјава, како и смртноста кај нас. Досега (02.12.2020) во Македонија од Ковид-19 починале 1.825 лица, а активни се 21.088 случаи.

Во многу наврати беше известувано дека од вирусот умираат и млади и возрасни и дека тој е непредвидлив, односно иако поголемиот дел од луѓето ќе го поминат со полесна симптоматологија, сепак, дел од нив ќе бидат соочени со компликации кои се однесуваат на органи од телото кои не се респираторни, како бубрезите, кардиоваскуларниот систем. Ковид-19 е особено опасен за луѓето кои имаат придружни заболувања, бидејќи како дополнение на самата претходна хронична состојба – односно коморбидитет, коронавирусот може да биде фатален. Над 85 проценти од починатите пациенти во Македонија, имале една или две придружни болести. 

Паушално, неосновано, сосема опасно по јавното здравје е да се тврди дека коронавирусот е измама. Да се повикува да се фрлат маските во време кога секојдневно позитивни се меѓу 30 и 40 проценти од направените тестирања во земјава, е во најмала рака несериозно. Тврдењето дека коронавирусот е измама, е невистинито, како и тврдењето дека во светот се случува ,,големо будење”. Пандемијата коси пред себе и сиот свет се подготвува логистички за дистрибуција и администрација на вакцината, како светло на крајот од тунелот со пандемијата.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.