Лага е дека Обама, Фаучи и Мелинда Гејтс биле во лабораторија во Вухан во 2015 година

Рецензираме пост на „Фејсбук“ со конспирациски наратив, во кој се тврди дека поранешниот американски претседател, Барак Обама, заедно со директорот на Институтот за инфективни болести на САД, Ентони Фаучи, и сопругата на Бил Гејтс, Мелинда Гејтс, биле во лабораторијата во Вухан во 2015 година, каде што бил создаден корона-вирусот.

Згора на тоа, се обвинува и кинеската влада дека е креатор на корона-вирусот во лабораторија.

Уште ли мислите дека оваа е случајна и вистинска пандемија? На сликата во 2015 се Обама, Фаучи и Мелинда Гејтс во лабораторијата каде што настана корона-вирусот. Корона-вирусот, кој убива и заразува луѓе ширум светот е создаден во лабораторија во кинескиот град Вухан, а ваквата идеја до пред неколку недели би била означена како теорија на заговор. Но, на почетокот на оваа недела, кинескиот вирусолог доктор Ли Менг Иан, во ексклузивен разговор за ВИОН, тврдеше дека смртоносниот вирус е развиен во владина лабораторија во Вухан. Исто така таа изјави дека кинеската влада била свесна за ширењето на Ковид 19, се тврди во постот.

Но, ова е ЛАГА. Не е вистина дека фотографиите што се прикажани, а на кои воопшто ја нема сопругата на Бил Гејтс, Мелинда, се снимени во Кина. Тие се снимени во САД, во државата Мериленд и тоа во Националниот институт за здравје во Бетесда.

Оригиналната и првпат објавена фотографија може да ја погледнете овде. Oбјавена е на 2 декември 2014 година.

Освен тоа што е снимена во САД, а не во лабораторија во Вухан, фотографијата, се разбира, нема никаква врска со корона-вирусот, затоа што тој пред шест години не постоеше.

Фотографијата, која е злоупотребена за лажни тврдења дека корона-вирусот е измислен во Вухан и оти Aмериканците се заднински играчи во ова, всушност, првпат ја објавил доктор Францис Колинс на својот блог со наслов:Доктор Ненси Саливен разговара за истражување за еболата со претседателот Барак Обама, директорот на Институтот, д-р Ентони Фаучи, и министерката за здравствени и хумани услуги, Силвија Бурвел“.

Текстот на блогот додава дека Обама, Фаучи и Бурвел биле во кампусот за да го посетат центарот за развој на вакцини и да видат како напредува биомедицинското истражување за ебола.

Сепак, фотографија која е стара и погрешно насловена, се труди да ги поврзе поранешниот претседател на САД, Барак Обама, и Мелинда Гејтс со наводно креирање на корона-вирусот во лабораторија во Вухан. Фотографиите постојат како такви и не се компјутерски манипулирани, не е изманипулиран контекстот околу нив, односно датумот и локацијата на нивното снимање. Тие не се снимени во Вухан и немаат врска со корона-вирусот, туку со истражување за ебола во Мериленд во САД. Претставници на СЗО по својата посета на лабораторијата во Вухан велат дека е „исклучително неверојатно“ оти вирусот да излегол од оваа лабораторија.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.