Рецензираме вест на порталот „Република“, во чиј наслов се тврди: „СДСМ прави списоци за приоритетно вакцинирање, партиските книшки тикет за вакцина“.
Во текстот е споделена фотографија, која личи на мејл-комуникација, којашто наводно ја испратил генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски. Во мејлот пишува:
Наскоро почнува вакцинирање на граѓаните против Сарс Ковид-19 вирусот. Првата количина е ограничена. Бараме од општинските организации да ни се достават списоци за приоритетно вакцинирање на наши луѓе. Списоците да се пратат во рок од два дена. Овој процес треба да помине тивко и да не се споделува јавно.
Фотографијата е објавена со наслов којшто со сигурност тврди дека партиската книшка е тикет за брза вакцинација и приоритетен третман на членството на СДСМ, а како нејзин извор се наведуваат социјалните мрежи. Социјалните мрежи може да служат како индикатор за добивање дојави за информации, како канал преку кој новинарите комуницираат со извори за да им побараат телефонски број или изјава, но никако не служи како примарен извор на информација, особено кога таа е сензитивна.
Фотографијата од наводната кореспонденција меѓу Николовски и членството на СДСМ е фотомонтажа, не е вистинита и има цел да создаде недоверба во начинот на кој се приоритизираат граѓаните што ќе се вакцинираат во Македонија. Сериозноста е уште поголема, затоа што вакцините во Македонија доцнат поради ненавремени испораки од производителите, а тензичните наративи на социјалните мрежи за обесправеноста на граѓаните кои се вакцинираат се поизразени. Дури и претседателот на државата, Стево Пендаровски кажа дека е срам што граѓаните на Македонија одат да се вакцинираат во Србија, каде што минатиот викенд илјадници ја примија првата доза од „Астра Зенека“. Значи, контекстот на случувањата во моментите кога се објавува оваа непроверена и неточна информација – дека СДСМ прави приоритетни списоци за вакцинација од своето членство, е крајно сензитивен.
Во текстот што го рецензираме, се тврди и дека приоритетни за вакцинација не се докториите, новинарите, професорите и воспитувачите, туку приоритетни се тие што имаат членска книшка од владејачката партија.
И ова тврдење не е точно, со оглед на тоа што од понеделник (5.4.2021) ќе започне вакцинацијата на критичната инфраструктура, односно на граѓаните што работат во институции од исклучителна важност за функционирањето на државата, според националниот план за имунизација. Таму се припадници на АРМ, кои веќе испратиле список со имиња, вкупно 1.700 на број, од кои 500 ќе бидат во првата група за вакцинација.
Во МВР според наши проверени информации од службата за односи со јавноста, до 31 март се направил список со 3.878 вработени, кои изразиле интерес за вакцинација. И Здружението на новинарите на Македонија составува списоци кои од нив беа побарани од Министерството за здравство и сите новинари може да се пријават и да бидат дел од приоритетните за вакцинирање. На почетокот ќе им се даде предност на хронично болните и новинарите над 45 години, а подоцна и на другите.
И Министерството за здравство објави дека од понеделник почнува вакцинацијата на вработените во критичната државна инфраструктура.
Невистинито е и тврдењето во текстот дека здравствените работници немале приоритет за вакцинација. Тие беа први вакцинирани со донирани вакцини од Србија, од производителот „Фајзер“, а и со руската „Спутник В“. Вакцинацијата на здравствените работници почна на 17 февруари во модуларната болница на Инфективната клиникаво Скопје, за што имаше и официјален настан.
И покрај тоа што во насловот на текстот се дава информација која личи на потврдена, дека СДСМ поради партиската книшка ги приоритизира своите членови за вакцинација, на крајот од текстот што го рецензираме, се поставува дилема со зборовите „доколку навистина е испратен ваков мејл…”.
Работа на новинарот е пред да ја објави информацијата, да ја ПРОВЕРИ, односно да ги контактира инволвираните во неа, а во случајот тоа е лесно бидејќи можеле да се јават во СДСМ и да прашаат дали мејлот е вистинит или не, што не е сторено. Штетата од лажните информации е на контото на довербата на македонскиот здравствен систем, кој со вакви објави се дели и на партиски табори.
Информацијата ја демантира и СДСМ.
Ова е невистина, лажна вест, целосна измислица со креирана графичка монтажа. Целта е манипулација на граѓаните во услови на пандемија, вештачко создавање негативни емоции и да му наштети на угледот на СДСМ. Тоа нема да го дозволиме. Следуваат и соодветни пријави до надлежните институции. Во моментов оваа монтажа се шири на социјалните мрежи, „Фејсбук“ и „Твитер“, ги повикуваме граѓаните да бидат внимателни и ако забележат вакви или други случаи, што е кривично дело, лажно претставување, да се обратат до СДСМ преку официјалните канали, за да можеме соодветно да реагираме. Не постои и нема да постои партиско вакцинирање. Тоа е само во главите и опасните умови на подрумите и „фејкњуз“ лабораториите кои имаат за цел да страда народот. Тоа се истите што ширеа лажни вести за Референдумот, за Пописот, истите што се во постојана координација со „радикалното” манипулаторско ткиво на структурите блиски до ВМРО-ДПМНЕ и до Левица, велат оттаму.
Во текстот што го рецензираме, на крајот е поставено прашање кое треба да личи на реторичко:
Доколку навистина е испратен ваков мејл, се отвора дилемата зошто министерот за здравство денеска најави дека „Астра Зенека“ вакцините нема да се користат за лица под 60 години. Дали е само изговор за да се зачуваат за партиските колеги?!
Меѓутоа одговорите на ова прашање се веќе јавно достапни истиот ден кога манипулативниот текст е објавен. Како што на прес-конференција кажа министерот за здравство Венко Филипче, вакцината на „Астра Зенека“ нема да им се дава на лица помлади од 60 години затоа што Германија и Канада ја стопираа вакцинацијата со вакцини од овој производител за помлади од 60 години, поради неколку случаи на тромботична реакција за кои што се испитува дополнително дали имаат причинско последична врска со вакцината.
Следејќи ги примерите на Канада и Германија, и ние ќе бидеме претпазливи со оваа вакцина, и одлучивме да не ја даваме на лица под 60 години. Ќе чекаме дефинтивна потврда од Европската агенција за лекови (ЕМА), ќе одиме полека. Денеска ќе имаме состаноци со Комисијата за безбедност во Агенцијата за лекови. Иако се ретки овие тромботични реакции, мораме да бидеме многу претпазливи, кажа Филипче.
Националната техничка работна група за ковид-19 вакцинација исто така објасни зошто не се вакцинираат засега граѓани помлади од 60 години со „Астра Зенека“.
Во тек на вчерашниот ден беа разгледани ставовите на Германија и Канада, чии здравствени регулаторни тела одлучија оваа вакцина привремено да ја користат само кај популација постара од 60 т.е. 55 години. Овие одлуки ги темелат на појава на многу ретки случаи на згрутчување на крвта, вклучувајќи и ретки случаи на тромбоза на церебрален венски синус кај лица што ја примиле вакцината на „Астра Зенека“. Во моментов од страна на ЕМА и СЗО нема промена на официјалните препораки во однос на возрасните групи, кои може да ја примаат вакцината на „Астра Зенека“. Засега најголем број на европски држави продолжуваат со вакцинацијата на цела популација со вакцината на „Астра Зенека“. ИмунизацијаТА со „Астра Зенека“ во нашата земја започна денес за граѓаните над 77 години и ќе се одвива според националниот план за вакцинација. Будно ќе ја следиме состојбата и новите информации во однос на употребата на вакцината на „Астра Зенека“, а како мерка на претпазливост во следните денови до добивање официјални препораки и ставови, вакцината на „Астра Зенека“ во нашата држава ќе се употребува само кај популација постара од 60 години, СООПШТИЈА ОТТАМУ.
Основниот проблем во овој текст, е непочитувањето на членот 1 од Кодексот на новинарите во кој се вели:
Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.
Имајќи ги предвид горенаведените аргументи, информацијата за правење партиски списоци за вакцинација ја оценуваме како лажна. Новинарите мора да ги проверуваат информациите пред да ги пласираат, да се јавуваат кај изворите за точно и навремено да ги информираат граѓаните. Новинарот мора да објавува точни информации, а неговата улога не е еквивалентна на препишување од социјалните мрежи каде што може да се најде сè и сешто.
Пишува: Мирослава Бурнс