[Рецензија: Во Ѓорче Петров решија сами да се бранат од киднаперите ]
Насловот на текстот што го рецензираме шири паника за наводно постоење на киднапери во населбата Ѓорче Петров, а притоа во текстот воопшто нема никаков доказ за таквото тврдење. Овој е еден од многуте текстови што во последно време ја вознемирија јавноста, по што министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски демантира постоење на какви било случаи на киднапирање.
Линк до оригиналниот напис: Во Ѓорче Петров решија сами да се бранат од киднаперите
Датум и време на објавување: 22.2.2019
Датум на рецензирање: 26.2.2019
Рецензент: Силвана Жежова
Иако, написот третира сериозна и сензитивна тема што се однесува на безбедноста на граѓаните, сепак, не нуди ниту еден доказ дека наводно во Ѓорче Петров се движеле сомнителни возила, а имало и цивилни патроли, кои требало граѓаните да ги заштитат од наводни киднапери. Нема ниту изјави ниту, пак, фотографии од тие цивилни патроли за кои се зборува.
Жител на населбата за „Вечер“ раскажува дека во Ромското Маало во населбата Даме Груев владее тензија бидејќи веднаш по инцидентот во Шуто Оризари од нивни роднини добиле дојава дека следна мета на киднаперите е нивното маало.
Како што кажува изворот за „Вечер“, во маалото се движеле сомнителни возила, а жителите со цел да се заштитат се организираат во цивилни патроли. Изворот потенцира дека по 22 часот во Ромското Маало е како да има полициски час. Улиците се празни, никој не излегува од дома кажува изворот за „Вечер“.
Тврдењето дека наводно улиците се празни, исто така, не е поткрепено ниту со изјава ниту со фотографии, а доколку ова навистина било така, ќе било забележано и од други граѓани, кои треба да пријават во МВР. Нејасно е и од каде жителите на Шутка би знаеле дека следна мета на киднаперите е Ѓорче Петров?! Анонимноста на наводниот извор, во овој случај воопшто не е оправдана.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференција ги демантира пишувањата на медиумите и ширењето паника на социјалните мрежи за наводните киднапери.
Категорично ги отфрлам шпекулациите за наводни киднапери и наводна препродажба на човечки органи. Tоа се лаги и дезинформации. Ниту има случаи на киднапирање ниту на лицата што во последните неколку случаи си го одзедоа животот им недостигале органи – рече Спасовски.
Министерот констатира дека има одредени структури на новинари за кои сензацијата е многу поважна од нашиот заеднички спокој и мир и апелира секој со својата одговорност правилно да придонесе за информирање на јавноста.
Текстот што го рецензираме е само еден од серијата написи кои изминатиот период ширеа дезинформации и лаги за наводни киднапери. Оценката на првиот човек на МВР е дека во ширењето на овие лажни информации и шпекулации учествува одредена структура на луѓе, кои најчесто тоа го прават од политички побуди, но и поради други интереси. Оттука, откако граѓаните ќе прочитаат вакви информации, пред сè, треба да обрнат внимание на изворите на текстот, дали е цитиран очевидец, граѓанин, некаква фотографија, и, што е многу важно, дали има официјален став од надлежна институција.