(Рецензија: ТРАЈКО ВЕЉАНОСКИ СИГУРНО ЌЕ БИДЕ ТЕПАН И МАЛТРЕТИРАН, ДОКОЛКУ ОДИ ВО ПРИТВОР!)
Кога некој медиум излегува со наслов што содржи категорично тврдење дека постои закана за физички напад врз поранешен висок функционер на власта, тогаш, во најмала рака, за очекување е тоа тврдење да го објасни во текстот, секако користејќи се со релевантни извори за да се поткрепи вистинитоста на исказот. Во текстот што го рецензираме нема ништо од тоа – нема објаснување од каде произлегла таква информација, но има многу политички инспирирани пораки. Во недостиг на факти во самиот текст, може да се заклучи дека насловот е само мамец за кликови кон нискобуџетен пропагандистички памфлет, објавен на веб-страница, во чијшто импресум се потпишани псевдоими, а не вистински автори!
Линк до оригиналниот напис: ТРАЈКО ВЕЉАНОСКИ СИГУРНО ЌЕ БИДЕ ТЕПАН И МАЛТРЕТИРАН, ДОКОЛКУ ОДИ ВО ПРИТВОР!
Датум и време на објавување: 22.2.2019
Датум на рецензирање: 25.2.2019
Рецензент: Југослава Дуковска
„Трајко Вељановски сигурно ќе биде тепан и малтретиран, доколку оди во притвор“, тврди насловот на текстот. Не се кажува кој и врз основ на што ова така категорично го тврди, за веќе во воведниот пасус на текстот истото тврдење да биде релативизирано:
Со притворот на Миле Јанакиевски и Спире Ристовски и нивното претепување од страна на други затвореници, станува јасно дека власта на Заев го користи притворот како казна и малтретирање, а не како мерка на претпазливост.
Истата судбина најверојатно го чека и поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, доколку парламентот му го одземе имунитетот и потоа биде однесен во притвор. Наместо владеење на правото, има право на сила и силеџиство!
За разлика од насловот, тука тврдењето е ублажено и се вели „најверојатно“ ќе бил тепан и ексспикерот на македонското Собрание доколку му биде одземен имунитетот и биде притворен, а ваквите тврдења се поткрепени со ваква анализа:
како растат скандалите на власта со корупција, непотизам и разни скандали, така на Заев му станува сѐ поголема потребата да го дефокусира вниманието на јавноста и да најде нови „злосторници, режимци, нелуѓе“, кои мора да се судат, дека тоа е најбитно за народот и со вакви судско-обвинителски драми да си ги покрие своите неуспеси во економијата и политиката.
Дека навистина се работи за обид за дефокусација, но не таква каква што сугерира текстот, може да се насети од контекстот во кој е овој текст пишуван. Написот, всушност, се надоврзува на минатонеделниот инцидент во истражниот затвор „Шутка“ во кој се инволвирани двајца притворени поранешни министри од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески и Спиро Ристевски, и лица обвинети за случајот „Диво насеље“, случај што ги разбранува духовите и предизвика цела низа последователни политички случувања. Откако беше искористен од страна на ВМРО ДПМНЕ за јавен притисок кон актуелната власт што, според нив, се пресметува со политичките противници, судот на Јанакиески престојот во притворот му го замени со домашен притвор.
Веднаш потоа едниот од актерите на инцидентот во кој наводно биле тепани Јанакиески и Ристовски, Мухамет Красниќи алиас Командант Малишева, на својот фејсбук-профил објави закани кон поранешни високи функционери во власта и во ВМРО-ДПМНЕ. Ова, пак, ВМРО-ДПМНЕ го искористи во градењето силен наратив, според кој инцидентот и заканите се доказ дека се врши политички прогон на нивни сопартијци.
Лајтмотивот зад сите истапи на партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ, кој лесно може да се насети, е дека на екслидерот на оваа партија, Никола Груевски, како и на неговите блиски соработници навистина сериозно им е загрозена безбедноста доколку одат во затвор, токму онака како што своето бегство во Унгарија се обиде да го оправда самиот Груевски. Па, така, „силењето“ на Красниќи преку социјалните мрежи, кој, ете, токму сега, две години откако беа уапсени и повеќе од година откако им беа изречени пресудите на обвинетите во случајот „Диво насеље“, се сетил да им се заканува, дури предобро му оди на рака токму на бегалецот Груевски:
Браво за денес другари, покажавте кои сте. Спиро Ристoвски беше боксуван од Лирим Красниќи, браво братучед. Миле Јанакиески беше боксуван од Есат Кафеѓоли. Образот ми го обеливте денес. Ние нема да престанеме во оваа битка. Ниту еден Албанец не се освети за нас до денес и затоа ние сами ќе се осветуваме бидејќи сите ќе ни дојдат тука во затворот, стои во заканата на Красниќи.
И, додека надлежните институции најавуваат истрага за утврдување што навистина лежи зад инцидентот во затворот „Шутка“, ваквите заткулисни игри продолжија и во македонското Собрание, каде што пропадна обидот на Вељановски да му биде одземен пратеничкиот имунитет со што би се отворил патот за негово притворање. За политичкиот амбиент, во кој се поткрева притисокот кон власта да нема притворање на личности од бившиот естаблишмент, се погрижија, меѓу другото и текстови како овој што го рецензираме.
Според извори од обвинителството, апсењето на Вељаноски, Јанакиески и Ристовски нема да биде последно. Во месец март се очекува власта да реализира веќе спремна листа со уште 5-6 апсења на сегашни опозиционери, заедно со веќе нарачаните пресуди кои исто така ќе се изречат против политичари од опозицијата, точно пред претседателските избори. На тој начин Заев се надева дека ќе ја зголеми својата популарност, дека ќе предизвика одредена демотивација кај дел од опозицијата, а на овој начин ќе си ја задоволи веројатно и својата лична желба за одмазда и реваншизам.
Во таа смисла, овој напис нема функција да информира, туку да пренесе порака и да даде свој придонес во вршењето притисок и кон законодавната и кон судската власт за случаите во кои се инволвирани ексфункционерите на ВМРО-ДПМНЕ, обвинети за сериозни кривични дела, меѓу кои, во случајот на Трајко Вељановски, за тероризам, поврзан со насилството на 27 април.