Манипулативен наслов прикрива дека маските на отворено се укинати во Албанија

Фејсбук-објава има кликбејт-наслов и свесно манипулира со јавноста, не спомнувајќи на која земја се однесува одлуката за укинување на маските на отворено, сè со цел да привлече што е можно повеќе кликови. Со други зборови, на постот му недостига контекст, односно намерно е пропуштено во него да се потенцира дека оваа мерка е донесена во Албанија, па остава впечаток како да се однесува за Македонија

 

 

Пост на „Фејсбук“ ја манипулира јавноста дека е донесена одлука за укинување на мерката за носење заштитини маски на отворено. Постот, кој, всушност, се однесува на Албанија, е објавен во период кога таква одлука кај нас сè уште не е донесена, но беше спомната како опција.

Објавата што ја рецензираме е пласирана на 27 мај и пренесува напис со наслов: „Конечно добра вест и за нив: Маските на отворено укинати и на отворено“.

Во првата реченица написот продолжува да ја манипулира јавноста и да не открива каде се укинуваат маските на отворено, создавајќи погрешна слика кај читателите.

Техничкиот комитет на експерти за справување со пандемијата, по направената анализа на епидемиолошката состојба, одлучи да ги ублажи мерките воведени поради пандемијата со КОВИД-19, се вели на почетокот од написот.

Дури во вториот пасус текстот открива дека таква одлука е донесена во Албанија.

Во изјава за медиумите, еден ден откако не беа пријавени жртви на корона-вирус во Албанија и бројот на нови случаи значително се намали, Комитетот одлучи да ги отстрани маските на отворено од 1 јуни.

Македонскиот министер за здравство, Вено Филипче, можноста за укинување на мерката за носење маски на отворено, ја најави на 24 мај.

Комисијата за заразни болести идната недела треба да одлучува дали ќе се укинат досегашните рестриктивни мерки против Ковид-19 и дали граѓаните и летово задолжително ќе мора да носат заштитна маска и на отворено. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека од 1 јуни е можно да се укине мерката за задолжително носење заштитни маски.

Одлука за укинување на маските во Македонија, Комисијата за заразни болести донесе на 28 мај, еден ден по објавување на постот што е предмет на нашата рецензија и за тоа информира министерот Филипче на својот фејсбук-профил.

Од 1 јуни, заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено додека на сите затворени места, јавен превоз и секаде каде што не може да се одржува препорачана дистанца остануваат задолжителни е една од одлуките на Комисијата за заразни болести, напиша на својот фејсбук-профил министерот за здравство Венко Филипче. Тој додаде и дека полицискиот час да остане на сила е една од нив.

Главниот координативен кризен штаб на Владата на состанок (одржан на 31.5.2021) ги разгледа и потврди препораките на Комисијата за заразни болести за олабавување на мерките за заштита од ковид-19 и ги предложи на конечно усвојување на владина седница од 1.6.2021 . Дури откако овие мерки беа потврдени од Владата, тие стапија на сила.

Според ова може да се заклучи дека постот има кликбејт наслов и тој свесно манипулира со јавноста, не спомнувајќи на која земја се однесува одлуката за укинување на маските на отворено, сè со цел да привлече што е можно повеќе кликови. Со други зборови, на постот му недостига контекст, односно убаво би било во него да се потенцира дека оваа мерка е донесена во Албанија. Има луѓе што читаат само наслови и најави на постови, па според тоа, можат да бидат погрешно информирани дека таа одлука важи за Македонија и на тој начин ризикуваат да заработат казна за неносење маска на отворено, особено што оваа мерка сè уште официјално не беше укината кај нас кога беа објавени овие содржини.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.