Проф. Даниловски: Спајк-протеинот по вакцината не е ист како спајк-протеинот на корона-вирусот

Користејќи излагање на само еден имунолог, не земајќи предвид сосема други многубројни фактори што ги изнесуваат многу други професори и доктори, објавена е информација што де факто е дезинформација и невистина. За „Вистиномер“ и за потребите на оваа рецензија тоа ни го потврди и професор д-р Драган Даниловски

 

Рецензираме пост на „Фејсбук“ во кој што се пренесува видеоматеријал каде што професор од Канада, доктор Бириам Бридл, кажува дека кога ќе се вакцинираат луѓето со МРНК-вакцина, во нивното тело се создава спајк-протеинот на вирусот на ковид, којшто останува во организмот со денови и предизвикува штети.

Во објавата на својот фејсбук-профил, сопственичката напишала:

Д-р Бирам Бридл, професор по вирусологија/ имунолог: Спајк протеинот во “вакцините” за ковид е МНОГУ ОПАСЕН ОТРОВ.
Ова 7-минутно видео може да ви го спаси животот, животот на вашите деца и животот на вашите внуци.

Во видеото имунологот тврди дека спајк-протеинот што се создава по вакцинацијата е отров, токсин, кој влегува во крвотокот на вакцинираните и потоа предизвикува тромбови и крвавења. Нашата проверка на ова тврдење покажа дека станува збор за дезинформација.

Целосното излагање во краткото видео гласи:

Науката за која ќе ви зборувам и сè што кажувам се поткрепени од научни публикации кои се рецензирани. Корона-вирусот има спајк-протеин на површината. Тој спајк-протеин му дозволува да го инфицира вашето тело. Затоа, тој спајк-протеин се користи и во вакцините. Односно, неговата функција е да се натераат клетките во нашето тело да го произведат тој спајк-протеин. Ако можеме да обезбедиме имун одговор против тој протеин, можеме да превенираме вирусот да го инфицира телото. Тоа е теоријата позади вакцината.
Самиот спајк-протеин е единствениот одговорен за штетата во кардиоваскуларниот систем ако влезе во крвта и циркулацијата. Кога ќе го вбризгате спајк-протеинот во животни за тестирање, тие добиваат компликации и проблеми и тој протеин може да продре до мозокот и да го оштети. Тоа навидум не е никаков проблем, зашто ние ја инјектираме вакцината против ковид во мускулот од рамото. Претпоставката досега беше дека овие вакцини се однесуваат како и сите други традиционални вакцини. Не одат никаде и остануваат во рамото, а некои од протеините ќе одат во лимфната жлезда да го активираат имуниот систем. Тука станува страшно. Со бараање информации од јапонската регулаторна агенција добивме пристап до биодистрибутивна студија. Првпат научниците видоа каде одат МРН- вакцините после вакцинација. Дали е безбедна претпоставка дека останува во мускулот на рамото? Краткиот одговор е – не. Спајк протеинот циркулира во крвта на индивидуите неколку дена по вакцинација, кога ќе стигне во циркулацијата се акумулира на повеќе ткива како слезинката, коскената срцевина, црниот дроб, во високи концентрации се акумулира на јајчниците. Во публикација, штотуку прифатена за објавување, се кажува дека во крвта и циркулацијата кај 13 вакцинирани млади здравствени работници со „Модерна“ е најден спајк-протеинот.
Долго време знаевме дека спајк-протеинот е токсин што е штетен и може да предизвика штета ако влезе во циркулацијата. Сега имаме докази дека вакцините што прават нашето тело да произведе спајк-протеин, односно вакцината и протеинот потоа влегува во циркулација. Тој спајк-протеин потоа се врзува за клетките и може да предизвика тромбови или крвавење”, вели Бридл во своето излагање.

Проф. Даниловски: Спајк-протеинот од вакцината само личи на оној од вирусот

Меѓутоа, ова е дезинформација. Професорот на Медицинскиот факултет, доктор Драган Даниловски, за „Вистиномер“ објасни дека воопшто преку вакцината не влегува материјален ентитет, односно спајк-протеин во организмот.

Инструкцијата за неговото производство во форма на мРНК, доаѓа само во цитоплазмата односно рибозомот, а не во јадрото на нашите клетки. И тој спајк-протеин што ќе го произведе клетката, (рибозомот, т.н. фабрика за протеини), воопшто не е ист со оној на вирусот. Автоматски не ги поседува ниту својствата на оригиналниот спајк-протеин. Тој само „личи“ на оригиналниот и има само антигено својство – да провоцира имун одговор. Дури и кога би бил сосема идентичен со оригиналниот спајк-протеин (а не е), овој што се произведува со давање на вакцината е во 100.000 пати помала концентрација од онаа што ја произведува САМИОТ вирус , потребна да направи штета, објасни професор Даниловски.

И други експерти го демантираат канадскиот професор

И во светот повеќе медицински ескперти опишаа дека има разлика меѓу спајк-протеинот на корона-вирусот и протеинот што се произведува во организмот по вакцинација. Тоа објаснува зошто спајк-протеинот по вакцинација не може да нанесе штета.

Доктор Давид Горски, на пример, во детали објаснува дека вакцината против ковид-19 може да штити не само од инфекција со Сарс Ков-2, туку и од повреди од спајк-протеинот!

мРНК или аденовирусот од вакцината не се дистрибуира екстензивно, затоа што инјекцијата се дава во мускулот на рамото. Спајк-протеинот е многу веројатно дека нема да биде во концентрации ни од далеку слични на тие што се создаваат во моделите од експериментите. Спајк-протеинот од вакцината не се закачува за вирусната честичка, туку си постои како единечна протеинска молекула. И на тоа додадете го фактот дека модифицираната мРНК во вакцината не се задржува многу долго во телото и не генерира спајк-протеин долго време, пишува Горски.

Според него, антиваксерите тврдат дека вакцините се опасни за тие што ги примаат, на начин што земаат делови од научни истражувања и ги модифицираат или интерпретираат на погрешен начин.

Важно е каде таргетира вирусот. Локацијата е многу важна. Главната инфекција почнува во белите дробови каде што се наоѓа најголемата концентрација на вирусот и затоа ќе биде очекувано спајк-протеинот таму да е најмногу присутен во случаи на вистинска инфекција. Во случајот со вакцината, локацијата е мускулот на рамото и кој БИЛО спајк-протеин кој би „избегал“ од оваа локација брзо би се разложил во крвотокот во многу мало количество. Вакцината на Модерна е дистрибуирана во четврт милијарда (250 милиони) дози само во САД, и да беше опасна, ќе имаше сигнал за нејзината безбедност досега. Доколку шилестите протеини во крвотокот во концентрација од десетици пикограми на милилитар беа токсични, ќе имаше безбедносен сигнал по толку дадени дози, додава тој.

Доктор Едвард Ниренберг демонстрира дека количината на спајк-протеин која што ја создаваат вашите клетки по вакцинацијата е 100 илјади пати помала од нивото на спајк-протеин во вирусот кој предизвикува штета. Исто така, овој спајк-протеин, создаден од вашите клетки не е истиот како вирусниот спајк протеин!

Со него се согласува и доктор Ури Манор, кој ја потврдува безбедноста на МРНК вакцините. И владата на Канада објаснува дека МРНК вакцините не се опасни и дека спајк-протеините создадени по вакцинацијата нудат двојно ниво на заштита.

***

Оттука, консултирајќи голем број експерти во областа на медицината, тврдењето изнесено во постот штого рецензираме, дека по вакцините се создава опасен спајк-протеин што создава крвавење и тромбови, го оценуваме како невистинито. Прво, поради тоа што тој спајк-протеин не е ист како тој на корона-вирусот. И второ, затоа што тој спајк-протеин е во така незначителни количини што не може да предизвика штета, туку нуди двојна заштита.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.