На посетена Фејсбук-страница е објавена груба дезинформација, која е воедно навредлива за учесниците во антифашистичкото ослободително движење од Втората светска војна, со тоа што невистинито е претставена возраста на сегашниот претседател на организацијата на ветераните, Никола Стојановски
Објава на фејсбук фан-страница наречена „Приказни од булеварот“, прикажува вест за доделување плакета – благодарница на премиерот Зоран Заев од страна на здружението Сојуз на борците од НОВ (Народно ослободителната војна од Втората светска војна), при што во објавата е искажана дезинформација, т.е. невистина.
Во неа се наведува возраста на човекот што ја прима благодарницата, која е неточна, што е, всушност, и сржта на дезинформацијата:
Подвигот на оној десно е што е роден 1938 година… Имал 3 години коа почнала војната а лапа плакети…
Сѐ во природата биолошки умира само борците од НОБ никад
Заедно со ваквата објава е прикачен принтскрин од насловниот дел од веста на агенцијата што ја објавила, каде се гледа и јасна фотографија за тоа кој ја прима благодарницата, а кој ја предава.
Станува збор за актуелниот преседател на Сојузот на борците од НОВ, Никола Стојановски, чиј лик јасно се гледа и покрај тоа што на дел од лицето носи маска. Сопственикот на профилот на „Приказни од булеварот“ тврди две работи, кои се невистина. Првата е дека ликот што ја предава благодарницата е роден во 1938 година и оти кога почнала Втората светска војна на територијата на тогашна Македонија, тој имал само три години, па оттука, демек, незаслужено „лапа плакети“, иако во случајот Стојановски доделува плакета-благодарница.
Стојановски имал 18 години кога почнала војната
Никола Стојановски е возрасен човек, но многу повозрасен од тоа што се дезинформира во објавата. Со пребарување на интернет првиот податок можете да го најдете на сајтот на Собранието на РСМ, бидејќи Стојановски беше пратеник во првиот состав од 1990-1994 и тогаш како најстар пратеник имаше чест да ја води конститутивната седница сѐ до изборот на органите и телата на првиот собраниски состав. Податокот кога е роден Стојановски од сајтот на Собранието кажува дека не во 1938 година, туку дека е роден во 1923 година, што значи дека кога започнала војната, човекот имал 18 години.
За претседател на Главниот одбор на Сојузот е избран во декември 2017, а потоа учествува во сите активности што главно се поврзани со датуми значајни за НОБ.
Дезинформацијата е оставена и по укажувањата
Инаку, голем дел од овие податоци на авторот на објавата му ги укажале и читателите во своите коментари од кои издвојуваме дел:
Др. Никола Стојанов е учесник во штрајкот на велешката гимназија и потоа учесник во НОБ. Роден е 1923 година, моментално на возраст од 98 години, партизан, ранет, врвен лекар, автор на многу научни трудови…….Пред да омаложувате некого прочитајте ја неговата биографија. Истотака би можеле да прочитате и некоја книга. Нема да ви шкоди !
Булеварко кога не го познаваш човекот НЕ…Ете тој десно , баш тој десно е вистински првоборец во НОВ
Пратеник во првиот плурален парламент , прв претседател на парламентот на Република Македонија
И до ден денес е единствениот пратеник кој својата пратеничка плата ја донираше на институција за болни дечиња
Инаку “овој десно” својот работен век го помина како извонреден лекар специјалист педијатар
Би можел да се извиниш за грешката поради неинформираност
Но и овие сигнали, само неколку од повеќе објавени како коментари под постот не биле доволни, па авторот на објавата си го оставил текстот со дезинформацијата. Поради овие аргументи оценуваме дека објавата е невистина, исто како што е погрешна и иронијата што ја употребува дека „сѐ во природата што е биолошки умира, само борците никад“, зашто организациите на ветераните се граѓански здруженија и тие, како и секаде во светот, можат да бидат одржувани и од наследници или симпатизери што не мора да биле директни учесници на настаните.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.