Здружението на новинарите (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), по повод известувањето на дел од медиумите во врска со обидите за самоубиство на 8 јуни, објавија соопштение со кое ги повикуваат новинарите на максимално почитување на етичките стандарди и норми и воздржување од сензационалистичко информирање.
Притоа, потсетуваат на член 7 од Кодексот на новинарите, според кој
„Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост“.
Воедно, ЗНМ и СЕММ потсетуваат на обврската на медиумите содржана во член 8 од Кодексот, според која „начинот на информирање во случаи на несреќи мора да биде ослободен од сензационализми“. Овие членови од Кодексот јасно упатуваат на обврската на новинарите да известуваат за случаите на самоубиства или обидите само доколку станува збор за поширок јавен интерес или, пак, кога станува збор за јавни личности, со цел објективно да се информира јавноста и да се избегнат можните шпекулации. Но и во тие случаи новинарите имаат одговорност да известуваат урамнотежено, со сигурни докази потврдени од релевантни извори и секогаш почитувајќи ги личната болка и жалост на најблиските.
Онлајн ресурсниот центар „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк“ содржи низа едукативни написи и е-библиотека со други ресурси поврзани со ова важно прашање. Дел од нив се достапни преку следните линкови:
- НЕ за детали, описи и интервјуирање на соседи кога се работи за самоубиство (6.3.2020)
- Внимателно со вознемирувачките снимки како дел од вестите (14.10.2020)
- Родителите треба да се свесни за измислените закани за интернет за да може да ги заштитат децата од реалните опасности (1.10.2020)
- За самоубиства не се известува, особено ако не се работи за јавни личности (4.3.2020)
- Начинот на кој се пишува за семејното насилство директно влијае врз бројот на случаи (28.11.2019)
- Самоубиствени игри: Сензационална најава за шуплива сторија (24.4.2019)
- Известувањето за самоубиствата – професионално убиство на медиумите (11.4.2019)
- За самоубиства не се информира (16.7.2018)
- „Мрзливо и манипулативно новинарство“ – известување преку полициски извештаи (13.7.2018)