Имајќи предвид дека децата поминуваат многу поголемо време на интернет отколку претходно, делумно и како дел на училишните обврски, потсетуваме на потребата родителите да се информираат за дезинформациите што периодично се појавуваат во врска со ризиците поврзани со онлајн-престојот.
Еден вид такви дезинформации се урбаните легенди за онлајн-игри или видеа што наводно ги тераат децата да си наштетат самите на себе, модерна верзија на страшните приказни за „сектите“ како измислената „Црна Ружа“ од претходните децении.
Во април 2019 година „Критинк“ објави анализа за трендот повеќе домашни медиуми да пишуваат сензационалистички за обиди за самоубиство на тинејџери од земјава и да ги поврзуваат со наводната игра „Син кит“. Проверката на изворите покажа дека се работи за дезинформации што потекнуваат со цитирање на два шпекулативни текста објавени во Русија, што само се репродуцираат низ светот и патем се „дујат“ со нови измислени детали.
Дел од овој проблем е и појавата новинарите да подлегнуваат на сугестии примени преку социјалните мрежи и да објавуваат непотврдени ставови, иако мора да ги проверат фактите пред да пренесат вест.
Анализата на „Критинк“ беше изработена откако во март 2019 година, по немил настан со малолетници во Битола, низа медиуми ширеа шпекулации дека случаи на самоповредување имале врска со наводните онлајн-игри. Притоа, „Критинк“ предупредуваше и дека професионалните стандарди на новинарството наложуваат посебна внимателност при известување за самоубиства, оти сензационализмот може да доведе до нови штети на многу нивоа.
Еден од ретките исклучоци во тој период беше телевизијата „24 Вести“, која наместо повторување шпекулации од социјалните мрежи, објави прилог со стручни мислења со претставници на организациите Фондацијата „Метаморфозис“, Интернет Хотлајн провајдер Македонија и Првата детска амбасада „Меѓаши“, кои од различни аспекти го анализираа проблемот.
Претходно, здружението Интернет Хотлајн провајдер Македонија на 13 март 2019 година преку соопштение до медиумите предупреди во врска со:
…сторијаta за МОМО, која беше објавена на утринската програма „Ја сакам Македонија“, која ја објави медиумската куќа ТВ „Сител“. Сакаме да нагласиме дека од ТВ „Сител“ наседнале на лажна вест креирана онлајн и да ве информираме дека ликот МОМО не постои. Исто така сакаме да посочиме дека таквите вести намерно се креираат за да се створи паника и при тоа се префрли вниманитето на родителите на непостојни закани со единствена цел: несовесните медиуми да заработат некој клик на своите веб-портали или да ја зголемат својата гледаност.
Оваа организација исто така предупреди дека, покрај новинарите, има и други лица кои имаат влијание во заедниците – меѓу кои и активисти, кои не поминале соодветна обука за ризиците онлајн, и даваат мислења за начинот на справувањето со нив кои не се втемелени на факти, туку на повторување дезинформации од медиумите, „со што широката интернет-заедница ја доведуваат во заблуда и даваат погрешни совети и насоки за заштита на децата онлајн“.
Како поткрепа Интернет Хотлајн провајдер Македонија тогаш пренесе превод на соопштението од нивниот партнер Центар за побезбеден интернет на Република Бугарија од 27 август 2018 год, во кое се објаснува овој вид дезинформација:
„Самоубиствените“ онлајн-игри и медиумското безумие
Што е заедничко за „Син кит“, „МОМО“, „Docky Docks“ и „DELETE“? Сите четири ја возбудуваат имагинацијата на децата и малолетниците, имагинација разбудена од апетите на бескрупулозните медиуми за привлекување публика и создавање паника кај нивните родители.
Три клучни збора ги поврзуваат овие четири имиња – интернет, деца, самоубиство. И тие споделуваат две важни карактеристики:
- Тие се застрашувачки урбани легенди, често почнувајќи од специфичниот жаргон и начините на онлајн-комуникација на современите тинејџери.
- Иако страшните приказни се измислени, тие навистина можат да им наштетат на психата на помалите и повеќе ранливите деца. Бидејќи откако ќе станат доволно популарни, неизбежно некои тинејџери имаат неодолива желба да ги искористат за да ги заплашат своите врсници или помладите деца.
ЗА овие и за други митови Експертите за онлајн-ризик за деца почнаа да ги користат терминИте juvenia (млади и параноја) и „технопаника3, кои го нагласуваат преувеличувањето на понекогаш реални, а понекогаш и непостојни опасности за децата во дигиталниот свет. Таквите претерувања стигнуваат од случаите на таканаречените „онлајн-игри“ што ги тераат децата да извршат самоубиство до целосна фикција.
Феноменот на технопаниките не е навистина нов. ТОЈ ја придружува секоја технолошка иновација на човештвото – од електрична енергија, преку телефон, до радио и телевизија. Сепак, дигиталнита технопаника има специфична карактеристика, која значително ги зајакнува тонењето на младите генерации во дигитални технологии и неподготвеноста на родителите за „дигитално родителство“. Бидејќи многу родители се срамат да разговараат со своите деца за новите технологии, верувајќи дека ќе се изложат на нив, овој дел од животот на нивните деца останува заглавен во магла и ирационални стравови. Ова ги тера да ја прифатат сосема сериозната фикција за некои онлајн-игри наречени „Син кит“ или „Момо“ во кои стотици деца извршиле самоубиство, без да се мачат да проверат дали таквите игри и таквите факти едноставно постојат или не.
Начинот на надминување на „технопаниката“ оди преку значајна комуникација родител-дете за теми од дигиталниот свет и неговите можности . Нема потреба родителот да биде специјалист во оваа област затоа што и неговото дете не го очекува ова од него во секој случај. Но, искрениот интерес за онлајн живот и детска забава ќе овозможи значаен разговор и детски пријателски додаток за комуникација со родителот за дигиталниот свет. И ако родителот праша дали детето ќе изврши самоубиство како резултат на една од „ужасните самоубиствени игри“, би можел да биде изненаден какво навистина Е неговото дете .
За појавата наречена „јувеноја“ (juvenoia = juvenile + paranoia), односно поттикнување параноја кај постарите генерации поврзана со младите на интернет, се вршат научни истражувања повеќе години. Така, уште во 2011 година Универзитетот на Њу Хемпшир објави студија насловена „Интернетот, безбедноста на младите и проблемот на ‚јувеноја’“ (The Internet, Youth Safety and the Problem of “Juvenoia”), која покажува дека тенденцијата стравовите во врска со новото да се префрлаат или поврзуваат со децата и младите и порано била присутна во историјата, a во денешно време се користи како дел од репертоарот на политичка демагогија која го искористува јазот меѓу генерациите.
Врз основа на студијата, д-р Дејвид Финкелор, директор на Центарот за истражување на злосторствата против деца, дава три главни препораки:
- Може да ги едуцираме децата и семејствата за опасностите што навистина постојат на интернет без при тоа да се преувеличува опасноста и улогата на интернетот како околина што го го зголемува степенот на ризик.
- Погенерално, потребно е да применуваме здрав скептицизам за тврдењата за тоа како многу деца се менуваат на полошо, како и дека општествените и културните промени претставуваат голем ризик за здравиот раст и развој.
- Потребна ни е добра епидемиологија и други типови истражувања за да може да ги сознаеме и провериме тврдењата за влијанијата на општествените промени врз децата.