Внимателно со вознемирувачките снимки како дел од вестите

Fotografi ilustruese - Kujdes, pamje të rënda

Дали сликите (фотографии и видеа) што содржат крв, насилство, жртви и слично треба да се користат, обработуваат или шират од медиумите? Ова прашање кружи и се дискутира од страна на луѓето од медиуите од целиот свет и нивните мислења се разликуваат. Сега, кога социјалните медиуми се најмасовните медиуми за ширење на овие снимки, дилемата не се однесува само на содржините на информативните медиуми

 

Пишува: Фатлуме Дервиши

И покрај тоа што поминаа повеќе од четири години, сите се сеќаваат на сликата на малиот Алан од Сирија, удавен во медитеранските води, кој се обидел да емигрира во Европа. Таа беше раширена низ целиот свет како повик за освестување за последиците од овој конфликт. Ова покрена многу прашања, дури и кај светските медиумски гиганти, дали објавувањето на фотографијата е правилна одлука. Во една статија што започнува со прашањето – „Дали сликите на насилство и смрт се премногу вознемирувачки за објавување или се премногу важни за да се игнорираат?“, главниот и одговорен уредник на BILD, Џулијан Рајхелт, пишува дека „мора да се присилиме себеси, да ги погледнеме“.

Веста за огромната загуба на животи е од јавен интерес, од светски интерес, а тоа значи обврска на новинарот да го крене својот глас, да ја пренесе пораката за вистински настан. Историјата препознава илјадници такви слики со моќни пораки. Ако не беа објавени, пораката пренесена од сторијата и нејзиното влијание никогаш немаше да биде иста – вербалните описи од новинарот немаше да бидат доволни, стотиците цитирани извори немаше да ја предизвикаат истата емоција. Едноставно кажано, снимките им даваат моќ на зборовите.

Известување за самоубиства и обиди за самоубиство

Пред неколку дена, во нашите медиуми бргу беше раширена фотографијата на лице од Велес, кое се обидело да се самоубие со самозапалување во јавноста. Текстот, во скоро сите публикации, е ист и многу краток. Тоа е вест на новинската агенција МИА.

Информациите се добиени од самото место на настанот и биле објавени набрзина, без официјална потврда и дополнителни податоци. Фотографијата е снимена од значително растојание и не се забележани детали.

Еве неколку објави:

Известување за самоубиство или обид за самоубиство може негативно да го зголеми бројот на случаите или позитивно да го поттикне охрабрувањето за барање помош. Начинот на известување е многу важен, како му пристапувате на случајот и како информирате за тоа. Ова се индивидуални случаи, но и социјални проблеми. Но, покрај текстот, еднакво значење треба да им се даде и на снимките/фотографиите.

Според Препораките за известување за самоубиство, „повеќе од 50 студии ширум светот откриле дека одредени видови медиуми што известуваат за самоубиство може да ја зголемат веројатноста за самоубиство кај немоќни лица“. Истата студија препорачува „наместо да користите фотографии и видеа од локацијата или методот на смртта, на ужалените семејства, на пријателите, комеморациите или погребот, да користите фотографии од училиште, работа или семејство, вклучувајќи го и логото за телефонска помош при криза“(или слични методи на превенција и помош). Ова речиси никогаш не го наоѓате во нашите медиуми. Јавноста ретко се информира кои се алтернативите на кревките луѓе кои понекогаш се погодени од тие мисли и каде треба да се обратат за помош.

Кодексот на новинарите се занимава и со ова прашање на приватноста во еден свој член:

Новинарот ќе ја почитува приватноста на лицето, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува болката и страдањето на лицето – пишува во Кодексот на етика на новинарите.

Причините за овој обид за самоубиство, од гореспоменатиот случај, можат да бидат многу индивидуални. Во овој случај, сликите (фотографиите или видеата) немаат никаква врска со јавниот интерес, не пренесуваат порака за свесност и не повикуваат на внимание и свесност. Користењето фотографија од страна на медиумите се врши од сензационaлистички причини. Без оглед на растојанието од кое е направена фотографијата, таа покажува човек кој гори и тоа е вознемирувачко.

Начинот на информирање во случаи на катастрофи, природни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски процеси треба да биде ослободен од сензационализам – пишува во Кодексот на етика на новинарите.

Неколку прашања што новинарот треба да си ги постави пред да употреби такви тешки снимки (според Асоцијацијата на новини за дигитално радио и телевизија – РТДНА):

  • Која е новинарската цел зад пренесувањето на овие снимки? Дали овој материјал ѝ разјаснува и ѝ помага на публиката подобро да го разбере настанот?
  •  Дали станува збор за голем јавен интерес, јавна политика, придобивки од заедницата или од социјално значење?
  • Дали ова е единствената форма на прикажување на настанот? Кои се алтернативите?

Ако ги поминете овие филтри и повторно преовладува идејата дека сликите се добри за објавување, многу медиуми ширум светот користат друга форма на предупредување за своите читатели и гледачи за чувствителната графичка содржина што следува во нивната содржина.

Fotografi ilustruese - Paralajmërim në Facebook
Илустративна фотографија – Предупредување на „Фејсбук“

Читателите или гледачите однапред се подготвуваат психолошки за содржината на информациите што следуваат или одлучуваат да се држат настрана од нив. Оваа форма на информирање на гледачите понекогаш се забележува дури и во почетокот на одредени телевизиски програми. Дури и гигантските социјални мрежи во својата политика за употреба имаат дел каде нагласуваат дека ги применуваат овие принципи. Предупредувањата за вознемирувачки снимки пред да ги видиме веќе се на „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Твитер“.

Кодексот за етика на новинари во земјава не предвидува употреба на вакви предупредувања од страна на медиумите, што е еден показател дека и кодексите треба да се подновуваат и менуваат согласно новите трендови во медиумите.