Новинарите, покрај тоа што се чувари од нечесни, корумпирани и криминализирани владетели, имаат и уште една многу важна задача – едукацијата на читателите. Медиумите треба да бидат претпазливи за тоа како се пренесуваат информациите и влијанието што тие го имаат врз примателот на пораката. Особено во мултиетничко и мултикултурно општество, медиумите мора да бидат многу внимателни да не поттикнуваат омраза помеѓу различните заедници, но и да го едуцираат „бунтовниот“ граѓанин
Пишува: Наиле Даути
Медиумите скоро секогаш кога прават вест работат по принципот bad news are good news (лошите вести се добри вести) или bad news sells better than good news (лошите вести се продаваат повеќе од добрите вести). Ова воопшто не е лошо, напротив. Ако медиум, на пример, објави случај на корупција на некој функционер, тоа може да има влијание врз другите функционери да не прават слична постапка. Добрата вест, од друга страна, не е изненадување колку лошата вест.
Исто така, недостигот од „лоши вести“ во општество како нашето, всушност би било лоша вест, бидејќи тоа значи многу: недостиг од транспарентност кај институциите, уцени и страв за да се откријат, цензура и самоцензура итн. Значи, овој принцип сам по себе има многу позитивни елементи. Сепак, постојат некои настани, прашања или ситуации што не можат и не треба да бидат етички решени на овој принцип, особено кога се работи за граѓаните. Генерализациите се многу опасни, од што може да има многу големи и долгорочни последици. Значи, кога новинарот се занимава со непочитување на правило од страна на граѓаните, треба да се спомене и неговото почитување на, особено кога непочитувачите не се мнозинство.
Владините мерки за време на пандемија, медиумите и граѓаните
Повеќе од шест месеци целиот свет се соочува со пандемијата на корона-вирусот. Северна Македонија спроведе неколку мерки за заштита од корона-вирусот, ковид-19, вклучително и воведување полициски час, за време на кој граѓаните мораа да останат дома и да не се движат надвор, освен тие што имаа посебни дозволи за движење. Во овој контекст имаше и такви што не ја почитуваа оваа одлука и за ова сигурно беа санкционирани, но беа и мета на медиумите. Но, она што се издвојува при начинот на известување, е генерализирање и недостиг од свесност, мотивација и едукација на граѓаните. На пример, во прилог на телевизијата „Алсат“, во кој се зборуваше за полицискиот час, се вели:
„Муслиманските верници го слават Курбан-Бајрам во 42-часовен карантин. Во главните сообраќајници во Скопје кружат само полициски возила и оние што имаат возачка дозвола. Но, тоа не беше случај во некои населби во Чаир. Неколку метри подалеку, некои жители на ваков начин решија да го поминат празникот Бајрам за време на карантин“.
Целиот текст продолжи со податоците на Министерството за внатрешни работи за лицата што не ги почитувале полицискиот час, мерката за изолација и самоизолација.
Истото се случи и со вест на Телевизијата 21, која беше насочена кон граѓаните на општина Чаир за непочитување на полицискиот час.
„Но, и покрај тоа што полицискиот час е најавуван веќе 42 часа, во некои делови од градот граѓаните не го почитуваа ограничувањето на движењето. Во Чаир, иако имаше постојана полициска патрола, се забележани движења. Деца и возрасни граѓани слободно се движеа низ улиците. Застанавме на патот кон Јахја-Паша, таму имаше уште поголем сообраќај со автомобили. На другите градски улици беше помирно. Немаше движење на луѓе и единствените возила што можеше да ги фати камерата на ТВ21 беа такси, амбуланти и полициски автомобили“ – се вели во текстот на овој медиум.
Општина со над шеесет илјади жители не е застапена, дури и 1000 жители да се тие што не го почитуваат полицискиот час, бидејќи преостанатите се педесет и девет илјади други што ја почитуваат оваа мерка и медиумите треба да го истакнат тоа, да ги пофалат за нивната будност и грижа за себе и за околината.
Овие два прилога предизвикаа револт кај граѓаните на оваа општина преку социјалните мрежи, според кои медиумите „ги следат“ само населбите населени со Албанци, а не и другите во кои живеат граѓани од други етникуми. Следуваше објавување фотографии и вести од граѓани, потоа дистрибуирани од некои онлајн-медиуми, дека дури и во општините населени со Македонци има такви прекршувања. Овој случај е само доказ за тоа како медиумите со својата негрижа можат да предизвикаат раздор меѓу граѓаните од различни етникуми и заедници. Иако целта на овие медиуми можеби не беше таква каква што граѓаните ја разбраа, тие треба да се грижат и да ја пренесуваат пораката без двосмисленост.
Последиците можат да бидат долгорочни
Последиците од медиумската небрежност можат да бидат долгорочни, бидејќи во многу случаи граѓаните несвесно се под влијание на информациите. Денес човекот се соочува со прилив на информации што не успева да ги обработи, а некои од нив, особено кога станува збор за вести од пристрасен вид, но кои се добро покриени со превезот на информации, длабоко влијаат врз нивната потсвест, значи несвесно влијаат на луѓето и тоа е најопасно. Иако тие нема да можат веднаш да разберат, предрасудите и омразата ако се „хранат“ од ваквите вести ќе бидат зачнати и еден ден ќе станат дел од нивниот секојдневен живот.
Ова прашање го регулирал и Кодексот на новинарите, каде што во членот 10 се вели:
„Новинарот нема намерно да создава или обработува информации што ги кршат човековите слободи и права, нема да користи говор на омраза и нема да поттикнува насилство или дискриминација по која било основа (национална, религиозна, расна, родова, социјална, јазична, политичка, сексуална ориентација… )“, стои во Кодексот на етика на новинарите.
Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите за епидемијата со корона-вирусот или Ковид-19. Кликнете на линкот за најновите вести и потврдените информации од оваа област.