Маска-дипломатијата на Кина како глобална ПР-стратегија

Пандемијата на Ковид-19 ја исфрли на светската сцена Кина како еден од клучните глобални играчи, не само поради тоа што ширењето на болеста почна на нејзината територија, ниту само поради начинот на кој се справи со неа, туку и со нејзиниот обид короната да ја сврти во своја полза. А, како што излезе, немаше подобра земја што можеше да ѝ „помогне“ во тоа од Италија.

 

Пишува: Југослава Дуковска

 

Ненадејното експлозивно ширење на вирусот во оваа земја, првичната панична реакција на дел од ЕУ-членките меѓу кои и Германија и Франција, кои објавија ембарга на извоз на медицинска опрема и задоцнетото активирање на механизмот на солидарна помош на Унијата, наспроти ургентните потреби на италијанскиот здравствен систем, кој се најде пред колапс, преплавен со илјадници пациенти со корона, создадоа идеален терен за големото деби на Кина на светската сцена во улога на хуманист.

 

ЕУ ЗАДОЦНИ СО ПОМОШТА ЗА ИТАЛИЈА

Ден-два откако Италија побара да се активира ЕУ-Механизмот за цивилна заштита за доставување медицинска помош и ниту една ЕУ-членка не се пријави, Кина молскавично одреагира и на испаничените Италијани им понуди трговска зделка во која им продаде 1.000 респираторни машини, 2 милиона маски и 50 илјади корона-вирус тестови. Тим од девет врвни кинески епидемиолози заедно со 30 тони опрема спакувани во кутии излепени со италијански и кинески знамиња, на кои пишуваше: „Со тебе сме, напред Италија!“ веќе леташе кон римскиот аеродром „Фјумичино“. „Кина беше единствената земја што одговори билатерално. Ова секако не е добар показател на европската солидарност“, ќе напише амбасадорот на Италија во ЕУ, Маурицио Масари, на 10 март.

Кина, се чини одлично се снајде во улогата на божемен спасител, а за тоа, не сакајќи ѝ помогна самата Европска Унија со својата забвена реакција на повиците за помош на италијанските власти во првата половина на март. Така, најнаселената држава во светот, од виновник „број Еден“ за пандемијата на корона-вирусот, како што беше перцепирана од светската јавност, потпомогната од позицијата што САД ја зазеде во првите месеци, во духот на геслото на Доналд Трамп: „Америка на прво место! (America first!”), побрза да се проба себеси во улогата на светски хуманист.

Да биде иронијата поголема, Европската Унија, точно една година откако реши да гради стратегија за да се справува со растечкото влијание на својот голем ривал на европските простори, Кина, се најде во ситуација ширум да ги отвори вратите за помошта што кинеските власти ѝ ја упатија на ЕУ за справување со епидемијата на Ковид 19. И тоа токму во Италија, единствената земја членка на Унијата што, благодарение на евроскептицизмот на италијанската влада, во март 2019 година го потпиша билатералниот договор со Кина тежок 2,5 милијарди евра за инфраструктурни проекти, во пакетот популарно наречен „Вториот Пат на свилата“, па уште и речиси на самата годишнина од потпишувањето на договорот.

Но, од перспективата на илјадниците заболени и починати од корона-вирусот во Европа, се чини како март 2019 да се случил пред многу години. Брисел, деновиве помошта што Кина ѝ ја упати на Европската Унија, како возвратна љубезност за помошта што Унијата им ја испрати на Кинезите во јануари, и која донесе два милиона хируршки маски, 200 илјади маски нано-95 и 50 илјади теста за коронавирусот, ја пренасочи кон Италија.

Своја шанса да заигра на европската сцена во Италија виде и Русија, која испрати дури девет иљушини, полни со опрема за дезинфекција и борба со биолошко оружје за Италија, заедно со 100 воени медицински експерти, но „Од Русија со љубов“ беше дочекано со остри критики дека најголем дел од помошта што е испратена е „неупотреблива“ и оти е, всушност, пропаганден гест на Русија. Сепак, робусниот руски ангажман на почвата на ЕУ, кој некои го видоа и како потенцијален безбедносен проблем поради престојот на руските воени лица на територија на голема НАТО-членка, се сведе во рамките на Италија.

 

ДИПЛОМАТИЈА ПОД МАСКИ, А МАСКИТЕ ДЕФЕКТНИ?

Според податоците на кинеското Министерство за надворешни работи, Кина упатила хуманитарна помош во вкупно 82 земји погодени од епидемијата на короната, но критиките на нејзина сметка посочуваат дека таа помош е несразмерна со материјалните можности на една економска сила каква што е Кина денес и дека неколку пратки од по неколку стотици илјади маски за лице или средства за заштита, всушност, се мал залак за најголемиот глобален производител на медицинската опрема (Кина држи 50% од пазарот за хируршки маски во светот).

И други европски земји се потпреа на трговските врски и подготвеноста на Кина да излезе во пресрет на растечките побарувања за медицинска опрема. Но, не беа сите задоволни со квалитетот на кинеските медицински материјали. Шпанија мораше да врати 640 илјади пакувања на тестови за утврдување присуство на корона-вирусот од Кина и од Јужна Кореа, откако тие покажаа само 30 проценти прецизност во мерењата. Чешка се откажа од кинеската помош, а Холандија врати околу 600 илјади кинески ФФП2 маски, кои не беа според хигиенските стандарди на ЕУ, додека пак австралиските власти конфискувале 800.000 неисправни маски од Кина, чиишто претставници ги отфрлија ваквите обвинувања како некоректни.

Она што кинеската пропаганда намерно не го потенцира со грижливо обликуваниот ПР-настап во глобалниот корона-амбиент е дека поголемиот дел од помошта во медицинска опрема што Кина им ја упати на Италија, Шпанија и на повеќе други земји погодени од корона-епидемијата, не се донации туку овие земји си ги платиле. Угледниот магазин Foreign Policy потсетува и дека Италија најголем дел од испораките на медицинска помош од Кина, всушност, ги купила, односно дека само еден дел добила преку кинескиот Црвен крст.

Официјалниот претставник на кинеската Царинска управа, Јин Хаи, викендов изјави дека само од 1 март досега Кина извезла вкупно речиси четири милијарди парчиња заштитни маски, 16 илјади респиратори, 37,5 милиони парчиња заштитна облека и безмалку три милиона теста за корона-вирусот во преку 50 земји во светот. Кинеското министерство за надворешни работи објави дека Кина до крајот на март испратила помош во 82 земји во светот, наменета за борба против епидемијата со корона-вирусот.

 

СРБИЈА: ФАЛИ ЈА КИНА, ЗЕМИ СИ ПАРИ ОД ЕУ

Кон средината на март, сочени со експанзијата на корона-вирусот на европскиот континент, но и со критиките што доаѓаа од Италија, ЕУ се насочи кон зголемување на координацијата на чекорите за справување со кризата и објави зголемување на фондовите за помош во износ од 25 милијарди евра.

За да заживее европската економија. морАме да ги употребиме сите механизми што ни се на располагање, на национално и на европско ниво. И ЕУ-буџетот ќе мора да се ПРИспособи на кризата. Време е да се размислува „надвор од кутијата“ и секоја опција што е во согласност со Повелбата на ЕУ ќе биде разгледана, се вели во зАедничката изјава на Чарлс Мичел, Урсула Вон дер Лејен, Кристин Лагард и Марио Сентено на 31 март.

Италија не беше единствената земја што во првите денови на избивањето на епидемијата се осети заборавена од ЕУ. Српскиот претседател, Александар Вучиќ, кој веќе подолго време се обидува да се наметне како геостратешки партнер на Кина во Југоисточна Европа, драматично им соопшти на своите сонародници на прес-конференција дека „солидарноста на ЕУ е бајка на хартија и оти Кина е единствената што може да помогне“. Сепак, кусо потоа ЕУ испрати ургентна помош од 7,5 милиони евра за Србија, а амбасадорот на ЕУ во Србија, Сем Фабрици, најави и финансиски пакет од 93 милиони евра за земјата, од кои 15 милиони за итни набавки и 78 милиони за економско закрепнување.

 

ЕУ-ПОМОШ ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА – 54 МИЛИОНИ ЕВРА

И ЕУ-претставниците во Црна Гора, Албанија и во нашата држава исто така најавија итна финансиска помош од Унијата. Беа најавени 4 милиони евра итна финансиска помош и 50 милиони наменети за социоекономско опоравување на Северна Македонија. Слични финанскиски инјекции беа најавени и за Албанија и Босна и Херцеговина. Што се однесува до кинеската помош за Македонија, медиумите минатата недела информираа дека Кина уплатила „безмалку два милиона денари парична помош на сметката на Министерството за здравство, а донира и средства за заштита за МВР и медиумските работници“. Вицепремиерот Бујар Османи најави кинеска финансиска помош од 4 милиони евра за амбулантни возила и медицинска опрема. Откако Венко Филипче, министерот за здравство, уште на почетокот на март најави 200 респиратори како донација од Кина, деновиве македонската Влада донесе одлука за итна набавка на иста бројка респиратори, додека најавената донација не се споменува.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.