Медиумите се должни да едуцираат, а не само да ги информираат граѓаните за важноста на политичките процеси

Фото: Pexels

 

Дали медиумите во Македонија едуцираат? Дали читателот учи нешто повеќе од нецелосна информација пренесена од интерес од страна на институциите, политичарите или политичките активисти? Дали медиумите треба да служат како платформа за едукација и мобилизација на гласачите или за промоција на политичари и политички идеи?

 

Пишува: Џенис Сулимани

Овие прашања, особено по референдумот одржан на 30 септември 2018 г., треба да бидат разгледани подлабоко. Неопходно е да им се обрне повеќе внимание за да се развие демократско, отворено и активно општество.

Медиумите не успеаја да ја убедат јавноста за важноста на референдумот во моментот кога таа беше поделена на три групи

По објавувањето на датумот за референдум и запознавањето на јавноста со прашањето што се постави на референдумот, медиумите беа поделени. Овој пат не во две, туку во три групи. Јавноста беше бомбардирана со информации зошто треба да гласа „за“, зошто треба да гласа „против“ и зошто треба референдумот да се бојкотира.

Со оглед на важноста на референдумот и важноста на гласот што требаше да се даде, новинарите во секој новинарски напис мораа да посочат, дека покрај двата понудени избори, граѓанинот има и друг начин на политичко изразување и дека тоа е загарантирано со Уставот.

„Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија ја остваруваат својата моќ преку претставниците избрани на демократски начин, преку референдум како и преку други форми на директно изјаснување“.

Медиумите мора да бидат мост помеѓу општеството и институциите. Пред да се обратат кон институциите, медиумите мора да го информираат општеството за тоа што ги чека во институциите. Јавноста не може да ги запомни сите правила што произлегуваат од Уставот, па затоа е императив медиумите да бидат старатели и за големи прашања, како и да ги пренесуваат истите. Накратко,  јавноста треба да добие знаење и убедување за процесот.

На пример: зошто граѓаните да не бидат информирани дека не само по иницијатива на политичарите може да се распише референдум, туку и дека 150.000  граѓани можат да го задолжат Собранието да распише референдум. Медиумите, со цел да бидат вистински мост меѓу општеството и институциите, во написите за последниот референдум би ја потсетиле јавноста дека, според Уставот:

Собранието е должно да распише референдум кога предлогот ќе го поднесат најмалку 150.000 избирачи.

Граѓаните не се во контакт со Уставот секој ден, додека пак со медиумите комуницираат 24/7.  Медиумите овој факт треба да го искористат за доброто на општеството, со што ќе придонесат за развој на едно покритично и поправедно општество.

Новинарите мора строго да го применуваат Уставот.

Сепак, не научивме од медиумите дека референдумот, како демократска форма на изразување на волјата на граѓаните, е многу применлив во Швајцарија. Знаеме дека Швајцарија е пример за современа држава во однос на примената на демократија. На овој начин, медиумите ќе ги научеа читателите дека сè почести референдуми се развој кон вистинска демократија.

Рефрен на медиумите треба да биде целата вистина

Пренесувањето на ставовите на партиите за референдумот се нецелосна вистина. Не треба да се повикуваме само кај надлежните кога сакаме да информираме за нешто. Информациите можат лесно да се пропагираат преку изјави на политичките партии или на некој познавач на политичките околности.

„Али Ахмети: Иднината е во наши раце. Сега е моментот“.

„Заев објави како ќе гласа на референдумот, ги повикува и другите лидери да го направат истото“.

„ВМРО-ДПМНЕ: Никој не смее да ги учи граѓаните како да постапат на денот на референдумот“.

„Села: Како граѓанин ќе гласам ’ЗА‘ референдумот“.

Медиумите имаат одговорност за јавното обраќање, а кога на тоа ќе се додаде државната важност на референдумот тие имаат должност да ги потсетат читателите за важноста на референдумот преку објективен напис.

Инаку, пренесувањето на идеите единствено на политичките партии или коалиции остава впечаток дека се прави напор јавноста да се убедува во нешто само затоа што така мисли мнозинството или одредена група, која претставува дел, но не и целото општество.

Новинарските написи што информираат само преку партиски собири или одредени групи повеќе ги истакнуваат емоциите

Читателот не треба да формира мислење кога има само еден извор во новинарскиот напис. Треба да постојат минимум два извора за текстот да биде доверлив и да добие кредибилитет. Сепак, во различни процеси, како што е прашањето за референдумот, потребни се уште повеќе професионални информации.

На пример, текстот со наслов: „Бачев: Сите се собравме и станавме на нозе за да сопреме да се прикрие сè што е македонско“. Самиот наслов покажува тенденција за пренесување емоција, а не аргумент. Ниту во овој новинарски напис, новинарот не обезбедил дополнителни информации со цел да ја потсети јавноста, но и да ги извести читателите за тоа што е наведено во Уставот дури и со објавување на Преспанскиот договор како гаранција дека нама да се избрише сѐ што е македонско со приемот на земјата во НАТО и во ЕУ.

Текстот не може да се повикува на точност, ако не е целосен. Делумните или нецелосните информации исто така ги влошуваат важните процеси. Ваквите информации, примерите споменати погоре, не го едуцираат  општеството во однос на политиката. Политички необразовано  општество не може да дејствува како демократско општество. Партиите и групите на интереси, референдумот, и кој било друг механизам, ќе ги толкуваат на начин на кој ним им одговара. Останува должност на новинарите-медиумите на најреален начин да им ја презентираат фактичката состојба на своите читатели. Во нашиов случај тоа ќе се постигне преку  повикување на Уставот и презентирање на  Преспанскиот договор во целост во секој новинарски напис.