Денеска е 10 Декември, Меѓународниот ден на човековите права. На денешен ден во 1948 година Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Универзалната декларација за човековите права, прв глобален документ што ги артикулира човековите права и ги става на преден план на глобално ниво, како и еден од најголемите успеси на ООН. Самиот ден, пак, беше востановен пред точно 70 години, откако Генералното собрание на 4 декември 1950 година ги покани сите членки да го прославуваат овој ден.
Предизвиците со кои се соочуваат човековите права и денес воопшто не се мали. Покрај тешките последици што ковид-19 пандемијата им ги нанесува на заболените, таа придонесе и за растечка сиромаштија, раст на нееднаквоста, структурна и закоравена дискриминација и јазови во заштитата на човековите права.
Токму затоа, најважниот повик годинава е да се запре дискриминацијата од сите видови, да се преземат мерки за надминувањето на нееднаквоста во смисла на заштита на економските, социјалните и културните права, па дури и се бара нов социјален договор за новата ера. Од институциите и поединците ширум светот се бара да се поттикне учеството на што повеќе луѓе и организации во засилувањето на човековите права и солидарноста за сите да имаат глас во изградбата на пост-ковид-19 светот и да се чујат гласовите на најранливите и тие што поминаа со најголеми последици од пандемијата.
Фондацијата „Метаморфозис“, како и досега, така и отсега, како една од централните точки во својата работа ќе го има унапредувањето и засилувањето на човековите права, исто како засилувањето и унапредувањето на демократијата. Ние и понатаму и уште посилно ќе се залагаме и ќе работиме на унапредување на слободата на мислење и изразување, како и заштитата на приватноста, како едни од најзначајните човекови права во дигиталната сфера и вон неа, како главни предуслови за добробит на секој поединец во општеството и предуслов за градење здрава и развиена демократија.
Слободата на мислење и изразување се брани и преку борбата против малигните форми на говор, кои не се заштитени форми на изразување, како говорот на омраза, повиците на насилство, говорот што доведува до општа опасност или е опасен за здравјето на луѓето, дискриминаторскиот говор, клеветите и навредите и други.
Фондацијата „Метаморфозис“ настојува во јавната комуникација во македонското општество да доминира конструктивниот и слободниот говор, кој води кон меѓусебно почитување и ќе ги истакнува заедничките идеи и напори за развој на нашата демократија. Точните и проверени информации се неопходни за носење демократски одлуки засновани на наука и затоа посебно го истакнуваме значењето на проверката на факти. Нашите главни напори ќе бидат да се гарантира слободата на мислење и изразување, нејзиното надградување и проширување на секој можен начин, ќе се бориме против сите форми на цензура и да може што полесно да се чуе сечие мислење, а истовремено јавната, конструктивна и аргументирана дебата да биде основниот начин на кој ќе се отвораат прашањата од јавен интерес, ќе се разрешуваат проблемите и ќе се стигнува до нови решенија.
Кога се говори за малигните форми на изразување, не може а да не се спомене напливот на дезинформации од сите видови, кои ги преплавуваат медиумите и, особено, социјалните мрежи. Фондацијата „Метаморфозис“ преку сите свои изданија работи на сузбивањето на дезинформациите преку нивно дебанкирање и раскринкување и тоа ќе продолжи да го прави и во иднина. Со појавата на ковид-19 пандемијата и со секојдневното следење на дезинформациите поврзани со неа можевме на најдиректен начин да се увериме во нивната деструктивна функција, при што тие немаат никакви обзири за здравјето и животот на луѓето, ги доведуваат граѓаните во заблуда, им даваат лажна надеж, ги оддалечуваат од науката и медицинските професионалци, кои можат да им го спасат животот, а за сметка на тоа сејат страв, поделби и раздор. Дезинформациите, пак, на други теми, имаат сериозни последици за демократијата во земјата и им овозможуваат на недемократските сили во општеството да добијат простор на јавната сцена и да влијаат негативно и врз меѓуетничките односи, но и врз евро-атлантските интегративни напори на земјата. Токму затоа, и понатаму уште позасилено ќе се бориме против оваа појава во рамките на своите можности и во склад со позитивната законска регулатива.
Но, и покрај ова, нашите главни напори ќе бидат да се гарантира слободата на мислење и изразување, нејзиното надградување и проширување на секој можен начин, ќе се бориме цензурата да не добие простор на јавната сцена и да може што полесно да се чуе сечие мислење, а истовремено јавната, конструктивна и аргументирана дебата да биде основниот начин на кој ќе се отвораат прашањата од јавен интерес, ќе се разрешуваат проблемите и ќе се стигнува до нови решенија.
Човековите права ќе ги браниме и преку борбата против дискриминацијата од сите видови, особено затоа што со практикувањето на дискриминаторски политики и постапки во едно општество, всушност, се крши и едно од основните човекови права – правото на еднаквост без оглед на раса, боја на кожа, вероисповед, пол, јазик, возраст, политички или други мислења, национално или социјално потекло, имот, раѓање или кој било друг статус.
Човековите права, нивното негување и засилување се особено важни денес, кога светот се справува со пандемијата од ковид-19, кога треба да се работи на тоа светот по пандемијата да ги надмине недостатоците при справувањето со неа и да изградиме подобро денес и утре за сите нас. За сето ова од особена важност е почитувањето на човековите права и уште повеќе, тие да станат централна точка кога станува збор за надминувањето на последиците од пандемијата. Токму ова е темата и главниот фокус на годинашната прослава на Денот на човековите права, чие мото во 2020 година е „Да закрепнеме подобро!“.
Фондацијата „Метаморфозис“ им го честита Денот на човековите права на сите и ги повикува да ни се приклучат кон нивна промоција и засилување во своите средини.
Фондација „Метаморфозис“