Апликацијата „Дејли пас“ генерира уникатен бар-код за секој ученик и член на персоналот што ќе дозволува влез на одредена локација во градот Лос Анџелес. Бар-кодови ќе се добиваат врз основа на негативен тест за корона-вирусoт или со самоизвестување дека немаат симптоми на вирусот. Целта на оваа апликација, покрај тоа што ќе помага да се одржи безбедноста, е да помогне да се спречат метежи и групирања на влезот во училиштето на почетокот на денот. Ништо од ова што го нуди апликацијата, не е штетно ниту за децата ниту за вработените во училиштата, како што овој текст претендира да претстави, а уште помалку е какво било демонско измачување на деца
Пишува: Симона Атанасова
Училиштата во Лос Анџелес, кога ќе се отворат повторно, ќе користат апликација „Дејли пас“, со цел официјалните лица брзо да можат да го изолираат секој во училиштето што има симптоми на ковид-19.
И бидејќи апликацијата е креирана од „Мајкрософт“, објавен текст споделен и на социјалната мрежа „Фејсбук“ ја поврзува со Бил Гејтс како „главен негативец“ и „дежурен виновник“ за сè и сешто. Згора на сè, оваа апликација се поврзува со сценарио, кое, според авторот на текстот, има библиско потекло, односно пронаоѓа заеднички точки со Откровението 13 на апостолот Јован, кое е дел од Новиот завет, што е апсолутна манипулација и невистина.
Притоа, се цитираат 16, 17 и 18 стих од Откровението, во кое се зборува за „Ѕверот“. Целата логичност се губи со поистоветувањето на ѕверот со милијардерот Бил Гејтс, кој се нарекува и антихрист.
Без сомнеж, доколку на некого би требало да се додели Оскар за автентична улога на Антихристот (библиски наречен Ѕверот) во денешно време, дефинитивно и без друг исклучок би му одговарала на краставата жаба наречена Бил Гејтс.
Ниту во Библијата ниту во Откровението 13, коешто се цитира во текстот, нема ништо за деца и демони, ниту за апликација и корона-вирус. Ова е произволно и еднострано толкување на одреден цитат, кој може да се сфати на многу различни начини. Тоа не дава за право некој да го поврзува со ситуации што се случуваат во моментот и да тврди дека одреден човек е виновен и антихрист.
Што, всушност, преставува апликацијата на „Мајкрософт“?
Апликацијата генерира уникатен бар-код за секој ученик и член на персоналот што ќе дозволува влез на одредена локација на ЛА. Бар-кодови ќе се добиваат врз основа на негативен тест за корона-вирус или со самоизвестување дека немаат симптоми на вирусот. Кога ќе пристигнат во кампусот на училиштето, нивниот бар-код ќе биде скениран од член на персоналот, кој, исто така, ќе им ја проверува и телесната температура. Целта на оваа апликација, покрај тоа што ќе помага да се одржи безбедноста, е да помогне да се спречат гужви и групирања на влезот во училиштето на почетокот на денот.
Ништо од ова што го нуди апликацијата, не е штетно ниту за децата ниту за вработените во училиштата како што овој текст претендира да престави, а уште помалку е какво било демонско измачување на деца. Едноставно, станува збор за апликација што ќе го олесни следењето на ситуацијата со вирусот помеѓу децата и вработените со цел да се спречи понатамошно ширење на вирусот откако ќе се отворат училиштата.
За да се додаде на драматичност, бидејќи тоа е рецептот за добивање голем број кликови, насловот е сензационалистички, целосно изваден од контекст и единствената цел му е да предизвика страв и паника.
Познато е дека демоните најмногу сакаат да измачуваат деца, сите овие демони имаат сега еден човечки лик
Во текстот нема ништо ниту за демони ниту за демони што сакаат да измачуваат деца. Исто така, не е познато како е добиен заклучокот дека „демоните сакаат да измачуваат деца“. Апсолутно нема никаква врска она што е напишано во текстот со драматичноста и сензационализмот на насловот.
Откако ќе се прочита текстот станува јасно дека демонот за којшто се зборува во насловот е Бил Гејтс, кој ширачите на дезинформации и манипулации го сметаат за главниот виновник за сè што се случува поврзано со корона-вирусот. Тука, во овој текст, уште му е додаден и епитет „крастава жаба“, што не е ништо друго, туку чиста навреда и омаловажување, што, пак, е надвор од принципите на професионалното и етичко новинарство.
Целта на овој текст е да ја манипулира јавноста преку сензационализам и тенденциозно ширење на паника и страв. Во него се препознава намерата со произволни и еднострани толкувања, да се наведе читателот да го отвори текстот и со тоа да се постигне само зголемување на читаност и кликови, а не точно информирање на јавноста.