Работата на новинарот е да информира, а не да дезинформира

Foto nga lajmi që e recensojmë

 

Феноменот на анонимни новинари што пишуваат вести со бомбастични наслови е растечки тренд кај онлајн-медиумите. Иако манипулирањето на јавноста, будењето емоции, непроверените информации, се во спротивност со секоја точка од Етичкиот кодекс на новинарите, ваквите медиумски производи продолжуваат да заземаат одредено место во светот на информирањето преку интернет. Еден таков пример е текстот што го рецензираме.

Слика од веста што ја рецензираме

Линк до оригиналниот напис: Ударна вест / разрешен Артан Груби

Датум на објавување: 27.2.2021

Датум на рецензија: 6.3.2021

Рецензент: Шефкије Аласани

 

Наслов што дезинформира

„Ударна вест / разрешен Артан Груби“, е насловот на написот што го рецензираме.

Во последниот параграф од текстот што го носи горенаведениот наслов се вели:

Она што го дознава неофицијално порталот „Шќипмедиа“ (Shqipmedia) е дека Али Ахмети го прифатил барањето на Изет Меџити за разрешување на Артан Груби од функцијата заменик-вицепремиер, но не е познато кој ќе го замени.

Според Етичкиот кодекс новинарот има право да објавува неофицијални информации, но во такви случаи информациите треба да бидат наведени и дополнети, а не да се користат како мамка за привлекување кликови и будење емоции во јавноста. Во горенаведениот параграф нема ниту еден елемент за новинарот со увереност да заклучи дека функционер од партијата е разрешен од функцијата и оти главната дилема е кој ќе го замени. Според Етичкиот кодекс, кога се соочуваме со вакви случаи, точноста на информацијата треба да се провери:

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

По завршувањето на состанокот, на кој, според оваа вест бил разрешен Артан Груби, лидерот на ДУИ, Али Ахмети во изјава за медиумите негираше дека имало разрешувања.

Воопшто не се зборуваше за повлекување, се зборуваше за принцип, се зборуваше за стратегија, за програма, за задачите што нè очекуваат како влада, но нормално дека ќе дадеме отчет и никогаш не сум побарал да нема поинакво мислење, секогаш сум бил поборник и сум охрабрувал работите да се кажат отворено, за забелешките да се разговара отворено, секому да му се даде можност да ја разјасни и објасни својата работа – ИЗЈАВИ ЛИДЕРОТ НА ИНТЕГРИСТИТЕ, АЛИ АХМЕТИ.

Ако се потврди неточноста на веста, Етичкиот кодекс ги обврзува новинарите да гарантираат објавување на исправка, демант и одговор. Принцип којшто повторно не е почитуван од авторот на веста и медиумот што ја објавил веста. Иако е потврдена неточноста на „неофицијалната“ информација, веста продолжува да фигурира на истиот портал и не е проследена ниту со демант ниту со некој дополнителен материјал. Она што паѓа в очи е дека веднаш по објавувањето на веста што ја рецензираме, беше објавена уште една сензационална вест, која буди емоции кај читателот, но којашто нема никаква врска со содржината на текстот.

„Али Ахмети не го дава Артан Груби, иако сите во ДУИ не го сакаат“ е насловот на веста што не само што не ја поправа претходната грешка, туку продолжува да го сквернави правото на јавноста за професионално информирање.

Гледајќи ги прекршувањата на основните принципи на Етичкиот кодекс, можеме да заклучиме дека содржината на текстот што го рецензираме е дезинформација. Во врска со ова прашање, во прирачникот за Неформално образование на „Критинк“, се вели:

Светот секојдневно е бомбардиран со информации.  Дел од нив имаат погрешна содржина, некои имаат штетна намера, а тие што имаат погрешна содржина и се креирани со штетна намера се нарекуваат лажни вести или дезинформации. 

Феноменот на дезинформирање е крајно загрижувачки во нашата земја поради големата чувствителност на јавноста да стане жртва на дезинформациите.

Северна Македонија – земја со најголема „чувствителност“ кон лажните вести во Европа

Индексот за медиумска писменост во Европа покажа дека во 2018 година балканските земји се карактеризираат со помала отпорност кон феноменот на чувствителност т.е. дека нашиот регион е попривлечен за лажните вести. Од 35-те европски земји наведени во извештајот, нордиските земји се на врвот, додека Северна Македонија е на дното на листата, т.е. е земја со највисока „чувствителност“ кон лажни вести поради неквалитетно образование и ситуацијата со слободата на медиумите. Над неа се наоѓаат Турција, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Бугарија и Србија.