Могерини не го одмина Заев

[Рецензија: МОГЕРИНИ ГО ИЗВИСИ ЗАЕВ: ЛАДНОКРВНО ГО ПОМИНА ДОДЕКА СЕ ПОЗДРАВУВАШЕ СО СИТЕ ЛИДЕРИ]

Сегментирано видео од средбата на шефицата на европската дипломатијата, Федерика Могерини, со лидерите од Западен Балкан е искористено за манипулирање на јавноста за да се прикаже дека Могерини го изигнорирала Заев на средбата и намерно не се поздравила со него, а се поздравила со сите лидери.

Линк до оригиналниот напис: МОГЕРИНИ ГО ИЗВИСИ ЗАЕВ: ЛАДНОКРВНО ГО ПОМИНА ДОДЕКА СЕ ПОЗДРАВУВАШЕ СО СИТЕ ЛИДЕРИ

Датум и време на објавување: 31.10.2019

Датум на рецензија: 6.11.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Ова е целосно извртување на ситуацијата. Да, вистина, на видеото е прикажано како Могерини се поздравува со дел од лидерите, но не се поздравува со Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ. Но,  само од тоа едно кратко видео да се донесе заклучок дека го одминала и не се поздравила со Заев е во најмала рака претерано. А, исто така, ваквата констатација е неточна.

Со лесно и едноставно пребарување на „Гугл“ може да се види дека видеото прикажано во текстот не е единствено од таа средба. Таа претходно се поздравила со Заев и Вучиќ, па затоа не ги поздравува кога се среќава со другите лидери.

Доказ за тоа се официјалните снимки и фотографии каде може да се види дека не само што Могерини се поздравила со Заев туку двајца се поздравуваат срдечно и пријателски.

Видеото кое е искористено за манипулација во текстот беше споделувано и на социјалните мрежи и проследено со негативни коментари за премиерот Заев.

На манипулацијата се „налепи“ и Димитар Апасиев од Левица, кој го искоментира видеото со понижувачки и навредувачки тон кон Заев, кого го нарече измеќар на Меркел.

Моментот коа евробирократката Могерини ладнокрвно го одминува нејзиниот империјален измеќар Заев. Зоки бе друже, мене незгодно ми падна. Сиромашкиот, таков сиот со блажена насмевка, прописно беше изигнориран од “шефицата”. Ова е доволен знак дека си пуштен низ вода, али “кој да ти каже Иванна”.

Пред да се објави информација, таа мора темелно да се провери и потврди дури и на прв поглед да изгледа дека е вистинита. И покрај тоа што има видео, сепак, и тоа не е доволно за да се донесе брз заклучок и да се тврди нешто што не е вистина, а притоа да се манипулира и дезинформира јавноста.