За опасниот отпад, контејнерите и политиката

Фото: Критинк

Во недостиг од релевантни, проверливи информации за вистинските причинители на загадувањето, но и поради инфлацијата на доверба во институциите на државата, шпекулациите се појавуваат на социјалните мрежи рамо до рамо со точните информации. Дали власта е искрена во најавената намера да пронајде кој пали отпад, кој подметнува пожари од кои се шират облаци токсичен чад? И,  зошто маглите во зима толку смрдат и штипат за очи додека власта ги уверува граѓаните дека сè е под контрола?

 

Пишува: Југослава Дуковска

 

Едно писмо од загрижени граѓани, упатено до претседателот на државата и до премиерот, деновиве ги собра на итен состанок кај првиот човек на македонската Влада сите што имаат некакви ингеренции во борбата против аерозагадувањето. Беше соопштено дека отсега, палачите на шумите, на стрништата и на отпадот ќе ги гонат заеднички патроли на инспекцијата и на униформираната полиција, а резултатите секојдневно ќе му ги реферираат лично на премиерот Зоран Заев. Претседателот Пендаровски закажа итен состанок со претставници на граѓанските активисти, кои со години алармираат за незаконските постапки што резултираат со огромно загадување за кое институциите слабо или воопшто не реагираат. Министерството за животна средина, познато по тоа што со јавноста комуницира еднонасочно, само за да промовира свои активности, овој пат се јави со соопштение со кое категорично негираше дека во државата се увезува опасен отпад, кој потоа се согорува во индустриските капацитети, произведувајќи облаци опасен чад.

 

КОГА СЕ КРИЕ ВИСТИНАТА – ЦАРУВААТ ШПЕКУЛАЦИИТЕ

Тоа што не го постигнаа граѓаните со деноноќните апели и повици за помош под слики со столбови чад, магливи утра над градот и црвени кругови со алармантни вредности на ПМ-честичките во воздухот, на свој начин го „одработија“ – шпекулациите. Причината е едноставна – откако се најавија вонредни парламентари избори, шпекулациите штетни за власта наеднаш добија зголемена специфична тежина.

Со децении на маргините на јавниот интерес и на дното на листата со приоритети на секоја власт, состојбата на животната средина конечно стана актуелна тема во македонското општество. Искуството покажа дека, барем досега, македонските граѓани неволно излегуваат на улица да се борат за чист воздух, но затоа тука се „Фејсбук“ и „Твитер“ како простор на кој слободно циркулираат информациите за тоа кој оџак каде чади, каде е запален куп автомобилски гуми, контејнери, каде има дива депонија и кој е виновникот.

Во недостиг од релевантни, проверливи информации за вистинските причинители на загадувањето, но и поради инфлацијата на довербата во институциите на државата, шпекулациите се појавуваат на социјалните мрежи рамо до рамо со точните информации. Една од најчесто споделуваните шпекулации беше фејсбук-постот на профил со име Лука Александров (кој е можеби псевдоним), во кој тој опширно образложува дека располага со (наводно проверени) информации дека во повеќе македонски индустриски капацитети во кои има печки за согорување (топлани, цементари, термоцентрали и сл.) континуирано се горат огромни количества опасен отпад, кој е токсичен, па дури и радиоактивен, за што Италија наводно ѝ плаќала на Македонија по 110-130 евра за тон!

 

НЕКОЈ ГИ ТРУЕ ГРАЃАНИТЕ, НО НЕМА КОЈ ТОА ДА ИМ ГО СООПШТИ!

Објавата беше илустрирана со три фотографии на кои во крупен план се прикажани кутии со налепници дека содржат опасни хемиски супстанции, како и буриња со непозната содржина, сликани на локации, за кои се тврди дека се кругот на скопска Железарница и околината на Стар Дојран, но од сликите тоа не може да се утврди.

Со оглед на запаливата содржина, оваа објава „пламна“ од преобјавувања од страна на голем број ФБ-корисници, а беше една од најчитаните и во многу ФБ-групи во кои се дискутира за загадувањето и животната средина, многу брзо беше преземена и од неколку портали. Она што е карактеристично за преземањата е дека сите ја цитират содржината што ја објавува Александров без притоа да направат обид да ги проверат информациите што ги објавуваат или барем да се оградат дека се работи за тврдења на некомпетентно лице, за што „Критинк“ веќе пишуваше.

И, како што често се случува, овие написи од порталите повторно беа преземани и споделувани на социјалните мрежи, пред сè, на „Фејсбук“. Со тоа, парадоксално, загрижената јавност, во недостаток на точни информации од институциите што треба да ги бранат интересите на граѓаните, им даде легитимитет на непроверените тврдења, како што се и овие за наводен италијански опасен отпад кој се увезува и гори во Македонија, дека се работи за релевантна содржина „штом за тоа, еве, пишуваат и медиумите“. Иако ваквото некритичко прифаќање на медиумските содржини е резултат на медиумската писменост на корисниците и неотпорноста на лажни вести и содржини, овој феномен многу повеќе зборува за нетранспарентното и неотчетно работење на надлежните институции, но и за незадоволството на граѓаните од тоа како тие се справуваат со проблемите од областа на заштитата на животната средина.

Токму на таа неотпорност на fake news на јавноста целеше тој или тие што таквите (дез)информации ги пласираа токму во овој момент. Да потсетиме само дека се најавени вонредни парламентарни избори, а тие се совпаѓаат и со почетокот на грејната сезона, на тешките есенски магли и на порастот на вредностите на штетните состојки во воздухот во поголемите градови во државата. Период во кој традиционално се актуализираат и прашањата – зошто е толку загаден воздухот, кој сè и што неказнето увезува, пали и согорува, како (не)се контролираат големите индустриски капацитети, додека за целото загадување власта исклучиво ги обвинува граѓаните, како и тоа што се крие од јавноста зад немуштите оправдувања на власта дека прави сè што може да го намали загадувањето?

На овие прашања со години никој не дава точен, прецизен и кредибилен одговор. Ниту Министерството за животна средина, ниту Државната инспекција за животна средина, а најмалку полицијата, сите во рамките на своите надлежности. Оставени самите на себе, на граѓаните им останува малку нешто друго освен гласините и шпекулациите.

 

ИМЕТО И ДВОЈАЗИЧНОСТА ПАДНАА ОД ВРВОТ НА ТОП-ЛИСТАТА

Овој пат за незадоволството на граѓаните станаа свесни и самите политичари и тоа конечно ги размрда, па хроничните „жешки“ теми од патриотските менија на македонските и албанските политички партии од типот на загубеното име на државата или двојазичноста, му отстапија место на она што секоја година убива по 3.580 луѓе, ако им се верува на официјалните податоци на Светската здравствена организација, а тоа е загадениот воздух и неговите причинители. „После промената на името загадувањето е најсериозниот предизвик во државата“ ќе изјави заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули на неодамнешната јавна дебата во МКЦ на тема презема ли власта доволно мерки за справување со загадувањето.

Дали власта е искрена во најавената намера да пронајде кој пали отпад, кој подметнува пожари од кои се шират облаци токсичен чад? И, зошто маглите во зима толку смрдат и штипат за очи додека власта ги уверува граѓаните дека сè е под контрола? Дури и да е така, загубената доверба тешко се враќа. А довербата, тоа е она што политичарите го посакуваат пред секои избори, бидејќи за нив таа е game changer. Би можеле, еве, на пример, да почнат со полесен материјал – нека откријат кој и зошто ги пали контејнерите во Скопје, на кои јавноста искрено им се израдува.

Дали кај граѓаните ќе победат шпекулациите дека некој во државата увезува токсичен и радиоактивен отпад и дека смрдеата што секоја вечер ја чувствуваат на „прегорени намотки или транзистори, отпорници, чипови, јак киселкаст мирис кој гуши и ги иритира грлото и очите“, наводно, е од горењето на отпадот од Италија? Или, пак, на виделина ќе излезе вистината, а виновниците за загадувањето ќе бидат пронајдени и казнети – одговорот е во рацете на оние што сега ја имаат власта. И никакви оправдувања тука не помагаат, туку чесна и одговорна работа. Ако дојдат вистинските резултати, без сомневање, и за нив ќе има место на „Фејсбук“ и на „Твитер“! Ако не – се гледаме на следните избори.