Предизборната фаза во Република Северна Македонија, заедно со политичарите, ги мобилизира и медиумите, особено онлајн-медиумите, главно со претворање на информациите во пропаганда против одредени политички фигури. Ова се прави толку грубо, што не се почитува ниту еден новинарски принцип или стандард. Таков е написот што го разгледуваме.
Линк до оригиналниот напис: „Како Зијадин Села ја загуби симпатијата кај Албанците по 27 април“ “Si Ziadin Sela e humbi simpatinë e shqiptarëve pas 27 Prillit?”
Датум на објавување: 2.11.2019
Датум на рецензија: 3.11.2019
Рецензира: Фатбарда Цури
Напис што не наликува на вест
Медиумите имаат неотповиклива слобода, но не треба да ја злоупотребат со објавување информации што не одговараат на петте клучни прашања во новинарството: „Кој, каде, што, кога и зошто?“. Со одговорите на овие прашања читателите знаат кој ја кажува информацијата што е објавена во медиумите, каде ја кажал, што кажал, зошто ја кажал и кога е кажано. Обично, овој дел е во првиот или во првите два пасуса од новинарскиот напис, освен прашањето „зошто?“. Ова прашање може или кратко или пошироко да се објасни во вториот дел или на крајот, во последниот пасус од текстот.
Како што може да се види од написот што го рецензираме, тој не дава одговори на поставените прашања и затоа овој текст не може да се квалификува како вест.
„Кога на 27 април Зијадин Села беше претепан во Собранието, секој Албанец жалеше за овој суров чин против него. Во тоа време луѓето чувствуваа револт затоа што ја мразеа власта во заминување, која беше застрашувачка до крај и си замина со крвопролевање. Села не можеше да биде исклучок и плати голема човечка цена.
Во тоа време Села изгледаше како херој, затоа што луѓето и покрај политичките уверувања не можеа да видат дали повеќе Албанец или повеќе политичар лежи и крвави од македонски хулигани. Но, се чини дека тој настан од 27 април не се одвојува дури и денес, и сега, кога се приближуваат изборите, Села го прикажува тој момент со непотребно напаѓање на своите политички противници“, пишува во дел од текстот што го разгледуваме.
Иако новинарот може да пренесе информации, идеи и мислења и има право да коментира, тој не треба да заборави дека тие мора да бидат засновани на етички вредности и професионални стандарди при пренесувањето на информациите. Тие мора да бидат искрени, објективни и точни.
Медиумите мора да се потпираат и да се повикуваат на извори, било формални, неформални, но проверени. Ова го нема во текстот.
„Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е можно“, се вели во првиот член на Етичкиот кодекс на новинарите во Македонија.
Другото правило вели дека медиумите не треба да употребуваат дискриминаторски говор или говор на омраза по која било основа, вклучувајќи го и политичкиот мотив, а исто така треба да бидат внимателни и кога известуваат во предизборен период во каков што се наоѓа земјата откако беа договорени изборите за во април следната година.
Во текстот, всушност, единствено гледаме пропаганда против лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села.
„Новинарот нема свесно да создаде или да обработува информации што ги нарушуваат човековите права и слободи, нема да користи говор на омраза и нема да поттикне насилство или дискриминација од која било основа (национална, верска, расна, врз основа на пол, социјална, јазична, политичка, сексуална ориентација…)“, се вели во десеттиот член од Кодексот за етика во новинарството.
Медиумот/новинарот во текстот го користел и концептот на манипулација наречен „аргументи против лицето“, кој главно се користи за да се изнесат само негативни информации и изјави што се против личноста, само за да му наштети на лицето или субјектот.
За читателот: Избегнувајте тенденциозни написи
Без оглед на тенденциозниот наслов и содржината што ја карактеризиравме како пропаганда против одредена личност и субјект, важно е да верувате во вести што се повикуваат во изјавите на одредени лица. Медиумот во овој случај не се повикува на изјави, ниту на конкретни извори.