Насловот бомбастичен – текстот сиромашен

 

[Рецензија: Секој отселен млад човек ја чини државата 15.848 евра годишно]

Интересен и впечатлив наслов не е единственото нешто што е доволно за целосно и точно информирање на јавноста. Насловот на текстот тврди дека секој отселен млад човек ја чини државата 15.848 евра годишно. Поприлично интересен наслов на многу актуелна тема, кој го привлекува вниманието на читателот додека пребарува по „Фејсбук“ и „Твитер“ низ купот информации и текстови. Но, кога ќе се отвори текстот, тој е сиромашен за конкретни податоци со кои сликата би била појасна.

Линк до оригиналниот напис: Секој отселен млад човек ја чини државата 15.848 евра годишно

Датум и време на објавување: 6.11.2019

Датум на рецензија: 10.11.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Нема никакво објаснување како е дојдено баш до таа сума, која е многу конкретна, не е наведено со каква методологија се дошло до тој податок. За методологијата и начинот како се добила сумата нема ни збор во текстот, па останува на читателите да претпоставуваат и нагаѓаат што значи сумата.

Исто така, нема извор кој го направил истражувањето. Откако ќе се прочита тестот, се добива впечаток дека истражувањето го направила Мрежата за спречување одлив на мозоци, но тоа не е вистина. Истражувањето е направено од Вестминстер Фондација за демократија, а тоа не е спомнато во ниту еден од новинарските извештаи што се појавија како информации од настанот. Исто така, Вестминстер воопшто не е дел од Мрежата за спречување одлив на мозоци.

Во зависност од образовната структура и бројот на заминувања, вкупните трошоци за образование на лицата кои ја напуштаат Северна Македонија за една година варираат од 116 милиони до 433 милиони евра. Поради неможноста да спречи високи нивоа на годишна емиграција, Северна Македонија губи околу 333 милиони евра, што е околу 3,1% од нејзиниот БДП за 2018 година. Едноставно кажано, секој човек способен да работи што ја напушта Северна Македонија со себе носи околу 15,850 евра иден БДП. (Истражување на Вестминстер Фондација за демократија, стр. 8)

Работата на новинарот, меѓу другото, е да поставува прашања. Па така, кога новинарите се наоѓаат на одреден настан на кој се споделуваат податоци, главната работа на новинарот не е да извади впечатлив наслов, туку да добие конкретни и веродостојни информации кои ќе ѝ ги пренесе на јавноста за таа да биде точно информирана.

Сите текстови од новинарските извештаи што произлегоа од овој настан на Мрежата за спречување одлив на мозоци беа во 90% исти. Првичната информација е објавена од државната новинска агенција МИА, а потоа над десетина други медиуми целосно ја презеле без никакви понатамошни дополнувања и проверка на информациите.

Во текстовите е нафрлен, без објаснувања и појаснувања, и податокот од Светска банка дека четвртина од населението во земјава, односно 500 илјади луѓе, ја имаат напуштено државата.

Но, не е наведено дека ова е само проценка на Светска банка, а не точна и потврдена со мерења бројка на иселени. Ниту е спомнат фактот дека бројката се однесува на последните 15 години. Но, тоа не ги спречи дел медиуми, како и политичките партии да манипулираат со бројката и да ја искористат за добивање политички поени.