Откако фудбалерот Кристијан Ериксен колабираше на теренот при крајот на првото полувреме на мечот против Финска, се проширија гласини дека ја примил вакцината на „Фајзер“ и дека поради тоа добил срцев удар. Веднаш после овие шпекулации кои се раширија на големо, директорот на „Интер Милан“, им кажа на репортерите дека Ериксен воопшто не бил вакциниран
Рецензираме пост на Фејсбук во кој се тврди дека данскиот репрезентативец и играч на „Интер“, Кристијан Ериксен (29), кој изминатиот викенд на 12 јуни, колабираше среде натпревар на Европското првенство во фудбал, всушност, примил вакцина на „Фајзер“.
Кристијан Ериксен, професионален спортист од 11 години, со по 4 темелни здравствени прегледи годишно и редовна рутинска проверка на здравје секоја недела, бил здрав како карпа и немал никакви проблеми со срцето до денес. Пред две недели се вакцинирал со Фајзер, се тврди во постот.
Данецот колабираше на теренот при крајот на првото полувреме на мечот против Финска на Еуро 2021, во саботата, момент кој предизвика ужаснатост меѓу фановите и публиката на спортскиот настан ширум светот. Ериксен беше во близина на линијата, чекајќи да прими топка во 42 минута кога се струполи и падна нанапред. Играчите на двата тима веднаш побрзаа да му помогнат и ги повикаа тренерите.
Ериксен веднаш прими медицинска помош на теренот и беше буден кога го напушти стадионот на носилка околу 20 минути подоцна. Организаторите на турнирот известија дека состојбата му се стабилизирала, а на барање на двата тима и на данскиот и на финскиот, натпреварот продолжи по прекинот.
Откако Ериксен заврши во болница, веднаш се проширија гласини дека ја примил вакцината на „Фајзер“ и дека поради тоа добил срцев удар на теренот.
Веднаш после овие шпекулации кои се раширија на големо, директорот на „Интер Милан“, им кажа на репортерите дека Ериксен воопшто не бил вакциниран.
Информацијата дека Ериксен наводно бил вакциниран најнапред и се атрибуираше на радио станицата „Спортива“.
Главниот лекар на Интер Милан и кардиолог, потврди дека Ериксен примил вакцина на Фајзер пред 12 дена. Тој дал изјава за радио Спортива од Италија пред еден час, беше информацијата што се прошири на социјалните мрежи. На Инстаграм беа споделувани слични статуси.
Директорот на „Интер Милан“, Џузепе Марота ги отфрли овие шпекулации и за Раи Спорт изјави:
Ериксен немаше ковид и не беше вакциниран.
И радио „Спортива“ негираше дека имале извештај за состојбата на Ериксен.
На Твитер тие напишаа:
Информацијата што се прошири на Твитер е лажна. Не сме пренеле мислење од страна на медицинскиот персонал на Интер во врска со состојбата на Кристијан Ериксен. Ве молиме да го избришете твитoт инаку ќе мораме да преземеме мерки, објавија тие.
И странски проверувачи на факти, исто така, известија дека не е точно дека Ериксен бил вакциниран.
Реномираниот „Форбс“, ова го нарекува конспирациска теорија.
Медиумски извештаи, објавени пред воопшто да се случи настанот со колабирањето на Ериксен, известија дека тренерот на Данска ја критикувал УЕФА, зашто не ги вакцинирала сите тимови, меѓу кои и данскиот!
Поради сето горенаведено, оценуваме дека не е вистина оти играчот Кристијан Ериксен се вакцинирал против ковид-19. Таа информација е фабрикувана и атрибуирана на спортската радио станица „Спортива“, која демантираше дека емитувала таква информација, а дека Ериксен имал ковид или бил вакциниран против ковид демантираше и претставник на Интер.
,
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.