Шумахер се разбуди од кома уште пред седум години

Несреќата што ја доживеа повеќекратниот светски првак во Формула 1, Михаел  Шумахер на скијачките терени на француските Алпи, се случи во 2013 година и оттогаш се поминати осум годни. Шумахер беше во вештачки предизвикана кома, поради отоците на мозокот, но тоа траеше само неколку месеци, а не години како што се тврди во оваа објава. Во април 2014 година менаџерката на Шумахер изјави дека тркачот  на „моменти покажува знаци на свест и полека започнува да се буди“. Во јуни истата година тој целосно се освестил и бил пренесен во Универзитетската болница во Лозана, а во септември е пренесен во семејниот дом каде што продолжува со рехабилитацијата. Иако, семејството на Шумахер ја чува приватноста далеку од очите на јавноста и не говорат многу за состојбата на поранешниот Ф1 тркач, она што е дефинитивно познато е дека тој не е во кома

 

 

Емотивен, но невистинит статус за Формула 1 шампионот Михаел Шумахер, се шири на социјалната мрежа Фејсбук.  Објавата, која има речиси 500 споделувања и речиси 1.000 реакции, тврди дека Михаел Шумахер, еден од најуспешните Ф1 возачи на сите времиња, после шест години се разбудил од кома откако претрпе повреда на мозокот при скијање.

По 6 години кома, Шумахер се разбуди и ја виде жена си…

Тој губеше надеж за оздравување, додека еден ден не се разбуди и првиот човек, кого го позна, беше неговата сопруга…, се тврди во постот.

Ова, не е вистина.

Несреќата што ја доживеа Шумахер на скијачките терени на француските Алпи, се случи во 2013 година и  оттогаш се поминати осум годни. Да, Шумахер беше во вештачки предизвикана кома, поради отоците на мозокот, но тоа траеше само неколку месеци, а не години како што се тврди во објавата.

Несреќата се случи на 29 декември 2013 година додека Шумахер скијал со неговиот син. Тој паднал и ја удрил главата при што претрпел сериозна повреда на главата и покрај тоа што носел кацига. Со хеликоптер бил пренесен во болницата во Гренобл по што му направиле две операции.

По операциите тој бил ставен во медицински предизвикана кома откако претрпел „трауматска повреда на мозокот“. Во април следната година (2014) менаџерката на Шумахер изјави дека тркачот  на „моменти покажува знаци на свест и полека започнува да се буди“. Во јуни тој целосно се освестил и бил пренесен во Универзитетската болница во Лозана, Швајцарија, а во септември е пренесен во семејниот дом каде што продолжува со рехабилитацијата.

Иако семејството на Шумахер ја чува приватноста далеку од очите на јавноста и не говорат многу за состојбата на поранешниот Ф1 тркач, она што е дефинитивно познато е дека тој не е во кома.

Фејсбук објавата, исто така, тврди дека семејството на Шумахер е пред банкрот поради парите што ги потрошиле за лечење, но дека неговата сопруга без разлика на банкротот останала покрај него верна. Па така статусот завршува навидум поучно, но повеќе прозвучува патетично и делува сензационалистички како мамка за зголемување видливост.

 Верността е црта… Не се плашете да сакате силна жена, ќе дојде ден, во кој таа ќе биде единствената ваша армија!

И ова, колку и да звучи емотивно и романтично нема никаква врска со реалноста. Нема никакви податоци дека семејството на поранешниот Ф1 шампион се соочува со банкрот поради сметките за грижа за неговото здравје.

Медиумите пред три години пишуваа дека неговата сопруга Корина го продала приватниот авион и куќата што ја имале за одмор во Норвешка, но дека го направила тоа откако прифатила дека нејзиниот сопруг никогаш нема да се оправи целосно од повредата на мозокот и нема да може да ги користи, а не затоа што и биле потребни пари.

Иако медицинските третмани што ги добива Шумахер се скапи, неговата империја  се проценува на 500 милиони фунти (800 милиони долари) со коишто сега раководи неговата сопруга.

Статусот, без разлика колку и да изгледа емотивен и поучен, е невистинит. Станува збор за измислена приказна за да го привлече вниманието на корисниците на социјалните мрежи предизвикувајќи нивна емотивна реакција и емпатија, а притоа ширејќи дезинформации.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.