Изненадувањето на ДУИ потона во море од шпекулации

Фото: bdi.mk

Една нејасна изјава беше доволна за да предизвика море од шпекулации во медиумскиот простор. Најавата на ДУИ дека подготвуваат изненадување кое ќе го соопштат на нивниот роденден, за медиумите беше доволна причина да почнат на големо да нагаѓаат за што станува збор и какво е изненадувањето. Но, ниту еден медиум не погоди и не објави точна информација кое е изненадувањето на ДУИ. Напротив, се објавија тон невистини и шпекулации кои, како што подоцна се покажа, беа далеку од вистинската информација

 

Пишува: Симона Атанасова

 

Најавата за изненадувањето прв ја соопшти лидерот на ДУИ, Али Ахмети при посета на Општина Липково каде што ја пушти во употреба петтата спортска сала во оваа општина.

На 5 јуни, повторно, нашето семејство ќе излезе со платформа која првично ќе биде дискутабилна и со големи дебати како што се дебатираше за „Првиот албански премиер.

Ден подоцна, неизвесноста околу изненадувањето дополнително ја подгреа и премиерот, Зоран Заев, кој исто така помпезно го најави изненадувањето на ДУИ.

ДУИ има убава работа да соопшти во сабота. Убава затоа што е целосно во корелација во работењето на Владата, затоа што е модерна и соодветна на 21 век. Мене ме бендисува тоа што вака се размислува во највисоките органи и тела на ДУИ. Јас ќе оставам ДУИ да соопшти затоа што тоа е нивна агенда, нормално споделена со нас. Ќе ги препознаете голем број од државните политики како биле вградени согласно новата агенда која ја има ДУИ. Јас верувам дека сето тоа е во духот на унапредување на севкупниот политички амбиент во државата. Еве, ние во СДСМ направивме сериозни промени, непосредни избори со 50 проценти жени и мажи, поголема застапеност на младите итн. А тоа ДУИ што го прави е навистина освежување и убава новина, ама секако тоа е право на ДУИ да го соопшти.

По овие две изјави, медиумите почнаа да го поврзуваат изненадувањето на ДУИ со локалните избори кои треба да се одржат есенва.

Прво почнаа да се шират шпекулации дека коалициските партнери СДСМ и ДУИ ќе настапат со заеднички кандидат за градоначалник на Град Скопје кој ќе биде етнички Албанец. Дел од медиумите објавија дека е можно ДУИ да објави кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на ДУИ кој ќе биде Македонец, а дел шпекулираа дека ДУИ ќе го поддржи актуелниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов за негов втор мандат.

Потоа медиумите од нигде никаде почнаа да лицитираат и со конкретни имиња за тоа кој би бил предложениот кандидат етнички Албанец за градоначалник на Град Скопје.

Овие шпекулации поттикнаа дополнителни шпекулации за односот помеѓу сегашниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов и премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и можната повторна кандидатура на Шилегов за татко на главниот град.

 

Но, кое беше навистина изненадувањето на ДУИ?

Изненадувањето коешто лидерот на ДУИ Али Ахмети го соопшти на 5 јуни, на денот на роденденот на партијата, немаше апсолутно никаква врска со кандидат за градоначалник кој ќе биде Албанец, ниту со каков било заеднички кандидат помеѓу СДСМ и ДУИ или договорена коалиција.

Изненадувањето на Ахмети беше одлуката ДУИ да ја прифати еколошката зелена агенда.

Единствената поврзаност на изненадувањето со локалните избори е тоа што Ахмети изјави дека во пресрет на есенските локални избори, ќе започнат нова политика за еколошка правда и квалитетен живот и дека зелената агенда станува дел од ДУИ. Воопшто, пак, не стана збор за каков било градоначалник или предизборна коалиција.

На 19-иот роденден на ДУИ започнуваме нова политика и директно дејствување, политика за еколошка правда и квалитетен живот. Денес, Демократската унија за интеграција како целина ја прифаќа зелената агенда како дел од европските зелени напори и ја додава на програмските столбови како приоритет. Се фокусираме целосно на квалитетот на животот, условите за живот, развојот, квалитетно образование и здравство, неселективна правда, дигитализација, социјални политики, инфраструктура, економија и животна средина. Дојде време да ја отвориме вратата и да ги прифатиме овие политики за зелена, безбедна, развиена и здрава иднина. Ова е она што вие, младите, го барате. Младите бараат услови за живот како нивните врсници на запад, работни места како и модерна животна средина, рече Ахмети.

Иако, првичната изјава на лидерот на ДУИ беше иницијална каписла за подгревање на шпекулациите за етнички Албанец градоначалник на Скопје, сепак медиумите без никакви дополнителни проверки и со полна пареа стартуваа со објавување на море од шпекулации. Сите тие шпекулативни и сензационалистички објави, кои привлекоа големо внимание кај јавноста и особено на социјални мрежи, на крајот се покажаа како неточни.

Новинарските правила се јасни – медиумите треба да бидат воздржани и да објавуваат само точно проверени информации, без разлика што некогаш дел од агендата на политичарите е да подгреат и предизвикаат шпекулации за одредена тема само за да го осетат пулсот на јавноста.