(Не)едукативната улога на медиумите во Македонија

Медиумите треба да им служат на граѓаните. Но, исто така, мора да се грижат да едуцираат и да создадат критична маса во јавноста

 

Пишува: Ферикан Иљази Арифи 

 

Медиумите имаат важна улога во едно здраво општество. Тие треба да им служат на граѓаните и тоа не секогаш подразбира само информирање, како основна медиумска активност. Едуцирањето, исто така, треба да има значајно место во мисијата на медиумите.

Особено во општествата во развој, како што е Македонија, медиумите мора да преземат одговорност за својот придонес во овој поглед. Се разбира, економските перипетии со кои се соочува земјата долго време се рефлектираат и во медиумите, диктирајќи ја нивната програмска шема. Јасно е дека секој медиум има цел максимално да ја комерцијализира програмската содржината, а едукативните емисии не се најатрактивниот жанр за огласувачите, но секогаш треба да има простор и за такви содржини.

 

Некогаш медиумите едуцираа

Ако некогаш медиумите навистина имаа едукативна улога, тие имаа емисии за деца, млади, спорт, култура, образование, сега целата медиумска сцена е преоптоваренa со политички или забавни емисии со ниски критериуми. Ретко или воопшто не може да се најдат емисии за заштита на правописот и јазикот, нема програми што институционално би го едуцирале граѓанинот. На пример, колку граѓаните ги знаат своите права, знаат како да ги остварат своите социјални права и нивните основни права во институциите. Ако погледнеме не подалеку од регионот, ќе најдеме многу такви емисии, но не и на телевизиите во земјата.

 

Јавниот сервис треба да биде носител на воспитната мисија

Додека комерцијалните телевизии повеќе или помалку се условени со избор на програмата според склоноста на пазарот, националната телевизија го има луксузот (и одговорноста) да дејствува во општ интерес, без да се грижи за желбите на маркетиншките агенциите. МРТ е финансирана од граѓаните и ова треба да го компензира со програма што на крајот на денот ќе им биде од корист на граѓаните. Дали гледаме ваква програма во јавниот сервис? За жал, не. Многу малку едукативни емисии. Дури и тие што постојат, честопати се еднострани – како што се македонските „патриотски“ документарци на МТВ1.

МРТ, генерално ја пропушта можноста да биде носител на едукативната мисија во земјата, иако е најповикана да биде носител на оваа мисија.

 

Комерцијализација на моќта на јавното творештво

Како што споменавме погоре, медиумите ја жртвуваат образовната улога за да ѝ дадат повеќе простор на информативната улога. Иако не е оправдано, донекаде би имало разбирање, ако барем информативната улога се вршеше точно и непристрасно. Така, граѓаните барем би имале корист од една од двете корисни активности што еден медиум може да ги изврши. Но, реалноста во земјата е дека информативниот простор се користи за создавање јавно мислење, во зависност од тесните интереси на сопствениците на комерцијалните медиуми. Ова го слушнавме во прислушуваните разговори кои беа објавени пред неколку години, но исто така, го гледаме секој ден на телевизиските екрани.

Македонските медиуми треба да се преструктурираат и да почнат одново со едукативните содржини што ги имаа порано. Всушност, треба да се зајакне и законската регулатива, со која медиумите би се обврзале за ваква квалитетна програма која има цел да го едуцира населението. Не е доцна да се врати вистинската улога на медиумите, а која се однесува на едукацијата на сите генерации, создавање на здраво јавно мислење и јавна критика, но и контрола на функционерите што извршуваат јавни функции. Потребно е само волја за позитивни реформи и со малку напор, медиумите можат да се вратат во својата поранешна форма.