Објективноста – суштински елемент за веродостојни вести

Foto: Pexels
Foto: Pexels

Вести колку сакаш, квалитет многу малку. Ова е состојбата во медиумскиот амбиент, особено кај најследените медиуми, поточно порталите. Веста мора да биде точна, целосна и објективна – е најповторуваната максима на промоторите на етиката и професионалноста во новинарството, но таа малку се применува во пракса.

 

Пишува: Џенис Сулимани

 

Кој ја убива објективноста во новинарството?

Дигитализацијата е предизвик за новинарството. Медиумите, денес во трката да бидат првите што ќе ја објават информацијата, често знаат да бидат пристрасни и субјективни. Објективноста повеќе не е примарна, затоа што медиумите губат во рангирањето, засновано на брзината во пласирањето на вестите.

Вестите треба да бидат целосни, а на брзината не треба да ѝ се даде предност пред објективноста. Информациите мора да се засноваат на најмалку два изворa. Кога со информацијата се обвинува некоја институција или политички функционер, на засегнатата страна мора да ѝ се даде можност да ја каже својата верзија.

 

Субјективност

Една партија, многу портали под нејзиниот „чадор“. Ова влијае на зголемување на субјективноста и уништување на објективноста во вестите. Сега зачестија порталите што објавуваат информации со партиски соопштенија на една партија и обвинувања против друга партија.

Пропагандата нема никаква врска со објективноста и новинарската етика. Фокусирањето на еден медиум само на активностите на една партија го прави пропаганден инструмент, а не место каде што се пренесуваат вистински и објективни вести. Според Етичкиот кодекс на новинарите, известувањето од политичките процеси, особено од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.

 

Зошто објективноста е особено важна во мултикултурните општества?

Македонија е мултиетничка земја, каде што стереотипите се честа појава. Медиумите треба да бидат коректив во овој поглед и да ги презентираат другите култури што е можно пообјективно. Новинарите мора да внимаваат да не ги зајакнуваат стереотипите засновани на етничка, верска или расна припадност.

Во Република Северна Македонија, некои од медиумите со сопственици Албанци имаат етнички мешани редакции. Мешаните етнички тимови помагаат повеќе во разработувањето на прилозите што инспирираат мултиетничност и ја подигнуваат свеста за културната разновидност.

Македонија е на „ниски гранки“ според слободата на медиумите во последните извештаи на „Фридом хаус“ и „Репортери без граници“. Состојба, којашто влече корени уште од времето на претходната влада. Несомнено, дека работите дефинитивно треба да се променат. Но, како? Со слободни медиуми, кои не се пристрасни и кои објективно ги пренесуваат вестите.

Сервисот за проверка на фактите (proverkanafakti.mk), а сега „Критинк“ (crithink.mk), посветуваат големо внимание околу едукацијата за професионално и одговорно известување. Оваа активност значително влијае на охрабрувањето на медиумите да бидат објективни, но и на читателите да ги воспримаат објавените информации со резерва.

Јавноста може да се едуцира само со објективни информации, проверени и нетенденциозни вести. Јавноста, која е заинтересирана за политичките процеси, бара целосни информации. Денес, честопати сретнуваме луѓе што велат дека за да формираат суд за некој политички случај, „прелистуваат“ неколку медиуми. Што говори за тоа колку медиумите се субјективни, дека „делумно“ ги пренесуваат вестите и знаат да бидат партиски обоени.

Затоа информациите што се објавуваат треба да  бидат: точни, проверени и непристрасни.

Само објективните вести засновани врз факти се во интерес на граѓаните. Таквите вести ја развиваат свеста и иницираат критичко-објективно размислување.