Нема помор на врапчиња, а најмалку од „влијанието“ на 5Г-мрежата

[Рецензија: Врапчиња паѓаат на земјата, граѓаните не знаат што се случува- помор на врапчиња низ цела Македонија (ФОТО)]

Текстот што го рецензираме за помор на врапчињата, се повикува на фејсбук-група до која патем нема ниту линк. Притоа во текстот се прикажани фотографии од помор на врапчиња, за кои дури нема ни доказ дека се направени во Македонија. Но, она што е уште поинтересно со овој текст, е што истиот масовно беше споделуван на социјалните мрежи, а исто така и фотографиите, и како причина за поморот беше наведена 5Г мрежата, која Македонија сè уште ја нема воведено.

Линк до оригиналниот напис: Врапчиња паѓаат на земјата, граѓаните не знаат што се случува- помор на врапчиња низ цела Македонија (ФОТО)

Датум и време на објавување: 26.3.2020

Датум на рецензија: 30.3.2020

Рецензент: Силвана Жежова

Во групата „Фармери“ на Фејсбук граѓани споделија фотографии од помор на врапчиња кој бил забележан низ повеќе градови во Македонија.Членовите во групата споделуваат и најразлични фотографии од помор на врапчиња во нивните градови и населени места.

Од аспект на вистинитоста на текстот, нема цврсти докази дека поморот навистина се случува во Македонија, а досега, нема ниту некое официјално известување од Здруженијата за заштита на птици, дека е забележана појава на помор на врапчиња.

Но, овој текст и фотографиите масовно се споделуваа на социјалните мрежи, а причината за ваквиот помор се наведе во 5Г мрежата. Се споделуваа стари текстови кои беа објавени на 17 септември 2018 година, кога „Македонски Телеком“ за прв пат ја тестираше 5Г мрежата во Македонија, па дури истиот текст се реобјави како нов, односно како тестирањето да било на 26 март 2020 година.

Работата отиде дотаму што се покрена и петиција за стоп на 5Г мрежата во Македонија.

На поврзаноста помеѓу наводниот помор на врапчињата и 5Г мрежата реагираше министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски. Тој ги информираше граѓаните дека во нашата држава нема пуштено во употреба 5Г мрежа и дека надлежните институции немаат спроведено постапка за доделување на фрекфенции за 5Г мрежа.

Информациите кои се појавија во јавноста, дека деновиве се прават тестирања се неточни. Во нашата држава до сега се направени само две тестирања и тоа, едно во 2018та година во органичени и строго контролирани лабараториски услови, и второ тестирање во 2019та година, на ограничен простор.Ги повикуваме сите извори на лажни вести, да престанат со објавување на дезинформации кои имаат единствена цел да создаваат недоверба и паника кај граѓаните. Исто така, апелираме сите граѓани внимателно да бираат од каде се информираат и да ги проверуваат изворите на информации, вели Манчевски во реакцијата.

„Македонски Телеком“ исто така излезе со демант поврзан со 5Г мрежата и негативното влијание врз здравјето на граѓаните.

Без докази и факти  преку споделување лажни вести и стари медиумски написи од 2018 и 2019 година во погрешен контекст, се креира невистинита и негативна кампања за 5G мрежата и се шири непотребна паника во услови кога треба да останеме смирени. Македонски Телеком најодговорно тврди дека нема 5G мрежа во употреба. Надлежните институции немаат спроведено ниту постапка за доделување фреквенции за 5G,се вели во демантот на Македонски Телеком.

Овој непрофесионален и некоректен текст беше повод и за ширење на паника помеѓу граѓаните на социјалните мрежи, дека освен со коронавирусот, здравјето на граѓаните е загрозено и преку 5Г мрежата, што се гледа и преку наводниот помор на врапчињата. Иако, во Македонија нема се уште 5Г мрежа, сепак со свои ставови излегоа и експерти кои негираат каква било поврзаност помеѓу 5Г мрежата и поморот на врапчињата.