Неодговорно ширење дезинформации на „Фејсбук“

[Рецензија: Фејсбук-објава]

Кога се објавува непроверена информација што ги засега граѓаните поради можна опасност за нивното здравје, во време на вонедна состојба предизвикана од епидемија, треба внимателно да се размисли каков ефект таа објава ќе предизвика. Ова правило важи не само за медиумите, туку и за објавите на социјалните мрежи, бидејќи и тие се своевиден медиум за пренесување информации и не можат да бидат амнестирани од одговорноста. Постои граница до каде споделувањето на социјалните мрежи придонесува за добросостојбата на јавноста, а од каде тоа ѝ предизвикува штети. Таа граница се непроверените информации и информациите од некредибилни извори.

Линк до оригиналниот напис: Фејсбук-објава

Датум и време на објавување: 27.3.2020

Датум на рецензија: 30.3.2020

Рецензент: Југослава Дуковска

Неодговорното ширење дезинформации, дури и под изговор дека тоа се прави за доброто на пошироката популација, која треба да биде информирана, е штетно, а државата, во рамките на мерките што се преземаат за справување со епидемијата со корона-вирусот во државата и на вонредната состојба, веќе најави дека ваквите постапки ќе ги санкционира.

Деновиве на „Фејсбук“ се споделуваше објава која гласи:

Рамстор Капитол, Рамстор Центар, Тинекс Драмски, Тинекс Првомајска. Имаме инфо дека имало заболени вработени со корона. Избегнувајте ги овие маркети

Објавата, споделувана и коментирана од повеќе поединци и во групи, не се повикуваше на никаква официјална информација од ниту еден од маркетите кои се спомнати.

Тврдењата дека во набројаните маркети имало вработени позитивни на опасниот корона-вирус може да предизвика паника кај граѓаните што секојдневно или повремено купуваат во овие објекти, да ги натера во поголем број истовремено да бараат да бидат тестирани кај здравствените служби, што може дополнително да го оптовари и така до крајност оптоварениот здравствен систем во земјава. Да не зборуваме за стравот кај клиентите на овие маркети, кои ќе бидат оставени во дилема, дали се болни и дали им го прошируваат вирусот на своите најблиски и каде и како понатаму да ги купуваат неопходните прехранбени артикли. Дополнително, паниката може да предизвика метеж и турканици во оние продавници што не се спомнати во оваа објава и со тоа потенцијално да го загрози здравјето на граѓаните.

Оваа лажна вест набргу ја демантираа компаниите чии продавници се најдоа на списокот – „Тинекс“ и „Рамстор“. Еве какво објаснување дојде од „Тинекс“:

Би сакале да ве информираме дека овие информации СЕ НЕВИСТИНИТИ и со тоа се загрозува угледот на нашата компанија.
Вработените во сите наши маркети и Другите подружници се во добра здравствена состојба и засега ниту еден од нив не пројавил некои од симптомите на вирусот.

Здравјето на нашите потрошувачи и вработени е наш НАЈГОЛЕМ ПРИОРИТЕТ во овој период и ние не би дозволиле истото да се доведе во прашање, од која БИЛО причина!

Оттаму ги упатуваат граѓаните на следново:

Ве молиме да ги сметате за точни и релевантни информациите што ги објавуваат само проверени извори и медиуми како И Владата и Министерството за здравство.

Освен тоа, „Тинекс“ и „Рамстор“ на своите фејсбук-профили постојано објавуваат корисни совети и информации за начинот на одржување на хигиената и однесување на купувачите и на вработените во маркетите во време на епидемијата.

Од ниту еден надлежен државен орган, во меѓувреме, не дојде информација дека во некој од маркетите бил регистриран случај на заболени вработени ниту некој од објектите бил затворен, што значи дека нема таква информација од релевантен извор.

За лажната објава за маркетите се зборуваше и на „Твитер“. Еден од корисниците вака ги искоментира наводите:

Ваква порака циркулира по фб-четови, сеа стигна и до мене. Кој и да го почнал ова ширење лажни вести, сакам да му порачам: СВЕ У ***** ДА ТИ ********. Фала на внимание.

На опасноста од ширењето лажни вести и дезинформации што можат да придонесат за ширење страв и паника во услови на вонредна состојба предизвикана од епидемијата на корона-вирусот на почетокот на месецов предупреди и Министерството за внатрешни работи:

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните – корисници на социјалните мрежи да не споделуват и шират непроверени односно „лажни“ вести за вирусот на Ковид 19, со кои се создава вознемиреност и паника меѓу граѓаните. Лажните вести што создаваат неоснована паника имаат долгосежни последици и врз општествената состојба, но и врз колективното здравје на граѓаните. Ваквите злоупотреби ќе бидат законски санкционирани затоа што на овој начин се вознемируваат граѓаните и се создава непотребна паника. Нема да има компромис во санкционирањето на оние што свесно шират лажни вести. Апелираме до медиумите и корисниците на социјалните мрежи да се повикуваат единствено на официјално објавените податоци од надлежните институции. За сите потребни информации да се обратат до Министерството за здравство, секторот за односи со јавност во Владата или другите релевантни институции, кои постојано ја информираат јавноста со обновени податоци неколку пати во текот на денот.

Под плаштот на наводна чувствителност и загриженост за добросостојбата на своите сограѓани, некои луѓе покажуваат изненадувачко ниво на неодговорност во споделувањето непроверени информации. Самооправдувањата од типот: „Јас да пренесам, па друг нека му мисли“, со кои се споделуваат непроверени и алармирачки содржини, може да нанесат неизмерна штета.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.