Нема три аболиции за Заев, но има политичка пристрасност

Новинарски извештај од настан „гарниран“ со коментари што го одразуваат политичкиот став на авторот или на редакцијата никогаш не е рецепт за добро новинарство. Тој може да помине како пропаганден текст, но никогаш нема да се зема сериозно од професионален аспект, бидејќи го носи печатот на политичка пристрасност

Линк до оригиналниот напис: Тројно аболираниот Заев „блеска“: Сите треба да бидат еднакви пред законот!

Датум и време на објавување: 22.6.2020

Датум на рецензија: 25.6.2020

Рецензент: Југослава Дуковска

За новинарите новинарски или журналистички извештај е најчесто користениот начин на известување од настан, бидејќи во себе ги содржи елементите на веста, односно одговорите на најважните пет прашања (кој, што, кога, како, зошто и каде), но овозможува на јавноста да ѝ бидат пренесени и други детали што се важни за разбирање на настанот. Извештајот, исто така, може да се фокусира на дел од настанот, кој, според оценката на новинарот и на медиумот, заслужуваат да бидаат издвоени и да бидат обработени посебно.

Во овој случај станува збор за извештај од прес-конференција, но новинарот одбрал да известува за еден дел од излагањето на личноста што ја води прес-конференцијата, во случајот лидерот на СДСМ, Зоран Заев, при што тој одговара на новинарско прашање поврзано со бизнисменот Орце Камчев по донесената пресуда за случајот „Рекет“. Во извештајот, кој е предмет на оваа рецензија, било одбран токму овој дел од прес-конференцијата на Заев, кој одговараше и на други прашања од актуелниот политички момент. И тоа е сосема во ред, бидејќи извештаите можат да се однесувааат и само за дел од настанот од кој се известува, но проблематичен е начинот на кој тоа е направено.

Прв упаѓа в очи насловот:

Тројно аболираниот Заев „блеска“: Сите треба да бидат еднакви пред законот!

Насловот содржи едно лажно тврдење и цинизам несвојствени за објективното новинарско известување. Всушност, новинарството, доколку ги запазува своите стандарди и правила, и не може да биде поинакво освен објективно, бидејќи се подразбира дека извештајот ќе го содржи она што е кажано и она што се случило, а не мислења на авторот или на медиумот, бидејќи за тоа постојат други новинарски жанрови каков што е коментарот или освртот.

Тврдењето дека Заев е тројно аболиран е неточно, бидејќи фактите зборуваат дека тој бил двапати аболиран, првпат во 2008 година од страна на тогашниот претседател на државата Бранко Црвенковски за случајот „Глобал“ и вторпат на 12 април 2016 година од страна на претседателот Ѓорге Иванов, но втората аболиција е повлечена. Во време на донесувањето на одлуката на Иванов да аболира 56 политичари од тогашната власт и од опозицијата во 2016 година, Заев беше обвинет во два случаја -„Поткуп“ и „Пуч“, но тој побара поништување на одлуката за аболиција со образложение дека сака да добие можност на суд да ја докаже својата невиност. Иванов два месеца подоцна ја укина целосно аболицијата на сите опфатени со неговата претходна одлука, а со тоа беше укината и аболицијата за лидерот на СДСМ.

Алузијата дека имало и трета аболиција веројатно има врска со случајот во кој на Заев му се судеше дека барал поткуп од приватно лице, но во мај 2018 година Кривичниот суд во Скопје донесе одлука со која Зоран Заев е ослободен од вина за случајот „Поткуп“. Со оглед дека според Уставот одлука за аболиција или помилување може да донесе само претседателот на државата, ова значи дека во случајот „Поткуп“ Зоран Заев не бил аболирано лице.

Така, освен циничниот коментар дека Заев „блескал“ иако бил, наводно, три пати аболициран, овој наслов е и невистинит.

Истата квалификација се повторува и во главата на извештајот, односно во неговата прва реченица:

Секој е невин додека не се докаже вината. За господинот Орце Камчев како еден од бизнисмените кои се посилни во државата можам да зборувам од она што го имам прочитано во медиумите, рече три пати аболираниот лидер на СДСМ Зоран Заев на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.

Од ова станува јасно дека написот не е обичен извештај од прес-конференција на претседателот на Социјалдемократскот сојуз, Зоран Заев, туку преку мешање на факти со коментари, тој служи и да афирмира конкретен политички став и да наметне мислење. И тоа токму конкретно, негативно мислење. Наративот за наводното трикратното аболицирање на претседателот на владејачкиот Социјалдемократски сојуз е повеќепати наметнуван во јавните настапи на партиските претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, па не преостанува ништо друго, туку да се заклучи дека насловот е само ехо на една повеќепати повторувана партиска пропаганда во еден новинарски текст.

Првата аболиција на Заев е за аферата „Глобал“ тешка 8 милиони евра од тогашниот претседател Бранко Црвенковски, втората од Ѓорѓе Иванов за „Пуч“ и третата од Добрила Кацарска за „Поткуп“, која го поништи обвинението за случајот во кој цела Македонија виде јавно како се бара поткуп во „Едно евро за Вицето“.

Пристрасноста на овој новинарски производ е засилена со фотографијата со која е проследен текстот, кој не е од актуелниот настап на Заев, туку од архива и на која се гледа како лидерот на СДСМ е спроведуваан со лисици од полициско комбе.

Според ова, тврдењата изнесени и во насловот и во самиот текст што го рецензираме се неточни, а со оглед на достапноста на информациите за овие случаи за јавноста нема поинакво објаснување освен тоа дека тенденциозно се изнесува невистина.

Во текстот се прекршени неколку етички правила и од Кодексот на новинари на Македонија, поточно членовите за проверка на фактите и изворите, за забрана за мешање на коментари со факти и за непристрасно и балансирано известување во време на избори и изборни кампањи.