[Рецензија: Се продавало името како к***ање на улицата пред МРТВ ]
Тенденциозен текст полн со шпекулации, политичка пристрасност и тврдења без докази. Написот е целосно базиран на неосновани коментаторски заклучоци, кои го изразуваат личниот став на авторот, кој не е потпишан, и во никој случај не претставува вест.
Сепак, најпроблематичен од сè е насловот, кој во најмала рака е недоличен.
Линк до оригиналниот напис: Се продавало името како к***ање на улицата пред МРТВ
Датум и време на објавување: 28.6.2020
Датум на рецензија: 30.6.2020
Рецензент: Симона Атанасова
Оваа реченица, која се повторува и во текстот е приземна, вулгарна, непристојна и претставува пример за недолична комуникација со јавноста.
Во написот се тврди дека за промена на името, наводно, некој зел пари. Иако, не е експлицитно напишано на кого се однесува ова обвинување, сепак, е јасно дека се мисли на експремиерот Зоран Заев. Но, за ова тврдење на јавноста не ѝ се понудени конкретни докази, односно не ѝ е понудено ништо друго освен нечиј личен став и коментар.
Во написот се измешани баби и жаби. Се спомнуваат некакви руски пари, ама не е јасно на што конкретно се мисли. Се тврди дека тие завршиле во Владата кај Заев и Рашковски, но повторно не е јасно како се дошло до таквиот заклучок.
Најверојатно е инспириран од една од објавените „бомби“ – аудиоматеријали што се појавуваат на „Јутјуб“. Меѓутоа, на тие разговори ниту им е проверена автентичноста, а уште помалку тоа што се тврди во нив е докажано во легална и транспарентна правна процедура за да се извлекуваат вакви категорични заклучоци.
А што да кажеме за оние другите пари што влегоа преку НВО-ата и завршија во многу медиуми и кај одредени новинари, па политичари, за полесно продавање на националните интереси!?
Кои се овие пари? Кои се тие невладини организации, медиуми, новинари и политичари, кои наводно зеле пари за полесно продавање на националните интереси? Каде се доказите дека зеле пари за такво нешто? Ако веќе постојат такви докази, треба тие што ги зеле да бидат напишани со имиња и презимиња, а органите на прогонот треба да преземат дејства за разрешување на ваков наводен скандал. Вака, објавеното е само една обична шпекулација без никаква поткрепа, напишана тенденциозно и коментаторски.
Се тврди и дека Зоран Милески – Кичеец се смета како човек од подземјето. Но, за ова тврдење не е понуден никаков доказ. Можеби Кичеец е тоа, а можеби не е. Кој го дефинирал тоа? Не може на јавноста да се ѝ пласира некое тврдење како вистинито, без да се даде потврда за тоа.
Со ваквиот начин на пишување и пласирање на текстот се прекршени повеќе етички правила од новинарскиот Кодекс, меѓу кои:
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно. (член 1)
Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот. (член 13)
Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста. (член 15)