Новинарот информира со факти, не шпекулира со претпоставки

Текст полн со правописни грешки, тендециозни коментари и неосновани претпоставки се главните елементи од кои се состои информацијата што ја рецензираме. Оваa информациja не исполнува ниеден критериум за професионално новинарско известување за да се нарече „вест“. Анонимниот автор со лажни аналогии и селективни докази предизвикува конфузија и нејаснотија кај читателот. Работата на новинарот е да информира со факти, а не да коментира и шпекулира.

Линк до оригиналниот напис: Никој нема информација каде се наоѓа Изет Меџити, тој денес не се појавил ниту во Собрание!?

Датум на објавување: 25.2.2021

Датум на рецензија: 3.3.2021

Рецензент: Шефкије Аласани

Наслов што дезинформира

Никој нема информација каде се наоѓа Изет Меџити, тој денес не се појавил ниту во Собрание!?

Само од насловот на текстот е јасно дека станува збор за непрофесионален и тенденциозен напис. Текстот напишан од анонимен новинар е преполн со јазични и правописни грешки.

Од аспект на правописот, се забележуваат грешки во артикулацијата на зборовите, употребата на знаците за интерпункција, фонетскиот и морфолошкиот принцип. Во новинарска смисла, оваа информација не одговара на 5-те новинарски прашања: каде, кога, кој, што, зошто. Со селективни докази, авторот на текстот го коментира отсуството на координаторот на пратеничката група на ДУИ, Изет Меџити, и шпекулира дека тој можеби избегал. Според Прирачникот на Критинк, селективен доказ е феномен што се користи за да се понудат факти што би поддржале одредено тврдење.

Понатаму, ако лицето што е контактирано не даде одговор, тоа не му дава право на новинарот да заклучи дека тој „исчезнал“. Право на новинарот е да укаже дека лицето што е контактирано не одговара, а може дури и да го напише прашањето упатено до него, но не смее да претпостави.

 

Лажна дихотомија

Авторот на текстот во насловот вели дека „Никој нема информација за тоа каде се наоѓа Изет Меџити“, додека во содржината на текстот во ниту еден момент не се наведени изворите што се контактирани за да се потврди отсуството на Меџити. Претпоставката дека „Изет Меџити никаде го нема“, се темели на неговото отсуство од седницата на Собранието и неговото отсуство од средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Секој последен четврток во месецот е ден резервиран за прашања на пратениците упатени до извршната власт, и денес кога се очекуваше пратеникот на ДУИ, Изет Меџити, да се појави со прашања во Собранието, изненадувачки тој денес беше отсутен, но Меџити не е виден повеќе од една недела во јавност, а исто така беше отсутен и на последната средба на Ахмети со претседателите на партиските ограноци, а бидејќи Меџити е претседател на огранокот во Чаир, не присуствуваше на состанокот со Ахмети и Груби, пишува во текстот што го рецензираме.

Сепак, фактот дека еден пратеник не се појавил во Собранието не е доказ дека тој избегал од земјата. Во основните принципи на Етичкиот кодекс на новинарите се наведува дека:

Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите мора да бидат чесни, објективни и точни.

Вечерта на 26.2.2021 година, координаторот на пратеничката група на ДУИ, Изет Меџити, се појави на една фотографија на социјалните мрежи, на состанок со некои други луѓе од неговата партија.

 

Повикување на емоции

Со алудирање дека Изет Меџити можеби избегал од земјата, авторот на текстот го користи и феноменот „повикување на емоции“. Додека во фокусот на јавното мислење во земјата беше дводневното исчезнување на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, авторот на текстот прави неосновани претпоставки:

Бидејќи прашањето за „бегствата“ стана честа појава во нашата земја, тогаш се поставува прашањето дали Меџити бил намерно „изолиран“

Повикувањето кон емоции во Прирачникот на Критинк е дефинирано како: „Склоност да се користи говор базиран на убедување наместо факти, со цел да се разбудат емоции кај соговорникот и да се победи во дискусијата“.

Во меѓувреме, авторот прекршува друг принцип на Етичкиот кодекс, кој вели дека:„Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.“

 

Од почеток до крај, текстот е шпекулација и коментар

Предметниот текст, од почеток до крај, не исполнува ниеден критериум за професионален медиумски производ. На читателите им се нудат само коментари и хипотези за постапувањето на еден политички функционер, во време кога во центарот на вниманието на јавноста беше исчезнувањето на друга позната личност од политичката арена. Ваквите тенденциозни содржини се сериозна грижа за јавноста, бидејќи на овој начин кај читателот се создава конфузија и погрешни убедувања. Уште повознемирувачка и несериозна е содржината на текстот поради екстремно ниското ниво на јазикот што е користен во самиот напис.

Новинарски кодекс вели: „Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“.