Нешто не е во ред со новинарскиот текст во моментот кога новинарот констатира нешто многу важно и што потенцијално може да му наштети на имиџот на одредена политичка партија, и на крајот од сето тоа, во насловот констатацијата ја завршува со прашалник (?). Не, не е работа на новинарот да прави претпоставки или да ги прашува граѓаните, туку напротив, да одговори на нивните прашања. Меѓутоа, ова не е случај со веста што ја рецензираме.
Линк до оригиналниот напис: ДУИ ги прифаќа резултатите од гласањето на конгресот на СДСМ!?
Датум на објавување: 21.3.2021
Датум на рецензија: 24.3.2021
Рецензент: Ардит Рамадани
Од насловот, јасно е дека се работи за пристрасна и непрофесионална вест
„ДУИ ги прифаќа резултатите од гласањето на конгресот на СДСМ!? се вели ВО НАСЛОВОТ НА ВЕСТА што ЈА РЕЦЕНЗИРАМЕ.
Прво, извичникот и прашалникот на крајот од насловот, кои се ставени заради сензационализам, може да предизвикаат љубопитност кај дел од читателите, но сепак, тие не ве штитат од можни невистини во содржината на веста.
Работа на новинарот е да информира врз основа на релевантни факти, ништо повеќе и ниту помалку, а насловот на веста треба да биде што е можно појасен и ослободен од сензационализам. Етички кодекс на новинарите предвидува дека во вестите, насловот треба да одговара на текстот, да биде дел од него, да ги даде главните информации концизно и јасно. Во одредени случаи, кога насловот е краток, некои работи може да останат недообјаснети и да предизвикаат конфузија. Во тој случај се очекува тоа да се разјасни подобро во главниот дел од текстот. Но, во никој случај, насловот не смее да манипулира со цел да побуди интерес кај читателот и да не биде вистинит.
И насловот и содржината на веста – непрофесионални
Очигледно е дека целата „вест“ е создадена за да се нападне одредена политичка партија, што е легитимно, но сепак „нападот“ треба да се изврши врз основа на релевантни факти и извори познати на читателите.
Феноменот на вработување на Македонците со лажни изјави за етничка припадност кои се изјаснуваат како Албанци за да добијат работа, сега стана вообичаен, и за ДУИ тоа е сосема нормално, се вели во првиот параграф од ВЕСТА ШТО ЈА РЕЦЕНЗИРАМЕ.
„Новинарот“ тврди дека за најголемата албанска партија на власт, Демократската унија за интеграција (ДУИ), сосема е нормално да се вработат Македонци кои се изјаснуваат како Албанци. Но, ова тврдење не се заснова на ниту еден конкретен факт или изјава.
Во овој случај, авторот на написот ја користи техниката на манипулација, која што во Прирачникот на Критинк се нарекува Кружно расудување, и всушност тој се обидел да им „продаде“ претпоставка на читателите, но не понудил факти за да го докаже тоа.
Феноменот на вработување на Македонци наместо на Албанци со лажна изјава се случува со одобрување на ДУИ, но и на Беса, која сега е дел од владината коалиција, пишува во ВЕСТА ШТО ЈА РЕЦЕНЗИРАМЕ.
Во сите параграфи на оваа вест новинарот речиси ја повторува истата работа, но без да го докаже тоа, а оваа техника во Прирачникот на Критинк е позната како тенденција за манипулација од новинарот преку повторување на аргументот. Во овој напис авторот повеќепати повторил иста теза, но без да ја докаже како вистинита.
Очигледно е дека овој напис е многу далеку од тоа што во Етичкиот кодекс се нарекува „професионална дистанца од политичките субјекти“, а оваа вест може да се смета повеќе за коментар отколку за информативен текст, и авторот не успеал да направи разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот. Игнорирајте ги „вестите“ што не ја негуваат културата на изразување и етиката. Овие принципи се јасно објаснети во Етичкиот кодекс на новинаритe и сите медиумски работници треба да ги почитуваат.