[Рецензија: Русин уби човек, а кога ќе дознаете зошто, ќе барате да не одлежи ниту еден ден затвор]
Порталот „Курир“ објави сторија за жителот на рускиот град Уфа кој убил наводен педофил, кој, пак, држел како заложници двајца тинејџери. Тој станал јунак на денот, бидејќи сам му пресудил на лицето што било во затвор за сексуална злоупотреба на малолетници – јавноста бара тој да не одговара за стореното дело, што, инаку, според руското законодавство претпоставува лежење во затвор за убиецот 15 години. Ова, најнапред, како настан, со првичните факти, е точен, а и руската јавност навистина барала негова аболиција. Но, тој текст е проблематичен од многу аспекти. На крајот ќе излезе и дека не е воопшто точен, но вистинската сторија не е пренесена како исправкa, иако медиумот има професионална обврска да ги исправи сопствените грешки.
Линк до оригиналниот натпис: Русин уби човек, а кога ќе дознаете зошто, ќе барате да не одлежи ниту еден ден затвор
Датум и време на објавување: 6.2. 15.05 часот
Датум на рецензурање: 19.2.2020
Рецензент: Љубомир Костовски
Во пренесениот напис од весникот „Метро“, како и во повеќе дузини други (странски) медиуми, никаде не стои констатацијата „Русин убил педофил“…, туку секаде стои или „убиецот на педофилот“ или „механичарот убил…“, со што е избегната генерализацијата што на „Курир“ како да му била цел! Поконкретно, во рецензираниот напис е очевидно тргнато со наслов, кој треба да сугерира дека убиецот е нешто посебно, односно дека има национална лиценца за „херојство“ или можеби дека припаѓа на нација каде што поединците можат да заменат правен систем и самите, без обвинение, сослушување на сите актери на еден настан и судење, да дојдат до точката кога злосторниците ќе ја добијат казната што ја заслужуваат. Точно е дека Русија и не е позната по почитувањето на човековите права, ама, сепак, како што може да се прочита, правниот систем предвидел строга казна за ваквите поединци.
Она што е, секако, спорно во овој текст, е тврдењето уште во насловот дека „кога ќе сме дознаеле зошто и сами ќе сме барале да не одлежи ниту еден ден“, односно да можеме, би го ослободиле! Ваквото толкување на настанот може да даде навистина некој што смета дека секој од нас може да биде како оној шериф од Дивиот Запад – Рој Бин, кој бил и тужител и судија и извршител на казната, а која секогаш завршувала со бесилка на оној што ќе се најдел очи в очи со него. Практично, во духот на насловот, ова може да се сфати како наведување во таа насока: вистинските мажи не чекаат да дојде полицијата. Или бидете вие Рој Бин или. уште поблизу до нашите претстави, бидете Валканиот Хари и решете го криминалот „по куса постапка“, што е навистина повеќе од грд пример.
Во Русија во прв момент имаше многу написи во таа, „осолободувачка“ насока, се кажуваше и дека самата полиција не сакала да го апси или да го држи во затвор, но, за среќа, по извесно време, погледите се поинакви. Најпрвин, исповедта на сестрата на убиецот – Кристина Коваленко покажува дека семејството се одрекнува од Владимир Санкин и оти тоа ги платило трошоците на погребот на убиениот (20 илјади рубли).
Да се вратиме на македонскиот текст за случајот Санкин. Добрата практика е кога нешто ќе „откриете“ да ги следите настаните во врска со оваа правна ситуација. Особено кога тука има коперникански пресврт: има нови детали за скандалозната приказна за еден човек кој, според првичните толкувања, заштитувајќи ги момчињата од педофил, го претепал насилникот, по што педофилот починал.
Истрагата успеа да докаже банкрот на таа врзија. Соговорникот во истрагата изјави за ProUfu како сè се случило навистина. „Истрагата има нова верзија за тоа што се случи, што ја исклучува приказната за спасување деца од педофил. Значи, според верзијата, адолесцентите, наводно, спасени подоцна од педофил, пиеле со жртвата во неговиот дом. Злоупотребата на алкохол продолжила сè додека мажот не предложил адолесцентите да ги покажат своите гениталии. Тие одбиле и заминале. На улица го запознале Владимир Санкин, кому му кажале дека поранешен познајник ги честел со алхохол. Тинејџерите, заедно со Санкин, се вратиле во куќата на жртвата, го изнеле на улица, а Санкин почнал да го тепа, удирајќи со дел од парче од една ограда по главата и виталните органи. За време на тепањето, Санкин од жртвата одзел пари во износ од 1,5 илјада рубли, од кои 500 рубли им дал на адолесцентите. Сето тоа траело од 11 часот наутро до 2 часот по полноќ. Полициските службеници го прекинале тепањето…“
И сега што – во умот ни стои приказната за убиецот кој треба да се помилува, а, всушност, тој и двајцата тинејџери, наводни „жртви“ биле класични убијци и ограбувачи. Дури и садисти. Да, ама тоа е „обична сторија“, нема тука „Големи Руси“, кои делат правда. Има непрофисионалност на медиумите, за која треба да бидат свесни сите, меѓу кои и тие што ја објавија верзијата за рускиот Рој Бин.