Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 290

Јавност во тајната истрага

За новинарите, ограничувањата се содржани во самиот Кодекс, да не известуваат сензационалистички за судските постапки и да ја почитуваат презумцијата на невиност. Секој обид за ограничување на известувањето од државни органи, институции или поединци за судските постапки, е обид за цензура, заплашување и страв од гонење, спротивно на јавниот интерес и на слободата на информирање.

 

Пишува: Саше Димовски

 

Истрагата, по „дифолт“ е дел од судската постапка која е тајна. Независно дали досега неа ја водеше истражниот судија или, според новиот закон за кривична постапка од декември 2013 година, јавниот обвинител.

Но, ни по стариот, ни по новиот закон, не значи дека тајноста во истрагата е ѕид преку кој не може да допре парче светлина, наречена јавност во истрагата или во кривичната постапка, воопшто.

Тргнувајќи од соопштението на Јавното обвинителство, кое сугерираше да не се објавуваат материјали од истрагата кои би можеле да бидат предмет на истата, а со тоа казниви по закон, ќе направиме напор накратко да ги наметнеме прашањата за кои постои недвосмислено голем интерес кај јавноста и прашањата кои можат да се обработуваат медиумски и во ниту еден сегмент да не ја нарушат тајноста на истрагата.

СООПШТЕНИЕ JORMСо новата поставеност на обвинителството, сега јавниот обвинител ја води истрагата, а тој, со голема веројатност, во конкретниот случај кој полицијата го нарече „Пуч“, бил вклучен од самиот почеток, односно некаде шест  месеци наназад. Ако јавниот обвинител (од кого се очекува да соопшти дали наредил посебни истражни мерки или популарното следење, снимање, набљудување) бил вклучен во оваа фаза, тој имал можност и време да ги прибере доказите кои сега се предмет или ќе бидат предмет на истрага.

Оттука, не постои никаков оправдан страв дека медиумите со нивното објавување би ја нарушиле истрагата. Доколку беше на сила стариот закон, кога судијата водеше истрага и собираше докази, ајде и да се разбере обвинителскиот страв, но, сега тоа е многу изменето и законски обвинителот морал да ги собере доказите и со нив да побара од судијата на претходна постапка само да определи притвор, како што и беше сторено за време на викендот.

 

НОВИНАРИТЕ НЕ СЕ СТРАНКИ ВО ИСТРАГА ЗА ДА ЧУВААТ ТАЈНИ

Законот е повеќе од прецизен дека при определувањето на притворот судијата мора да го запознае обвинетиот со доказите, кои ги има против него, и да му даде право да се изјасни за нив пред да одлучи дали ќе определи мерка притвор на една од трите основи: опасност да го повтори делото, бегство или влијание на сведоци.

Со предлогот за притвор, како крајна мерка, јавниот обвинител морал претходно да ги заврши и другите дејства, сослушување сведоци, да ги добие транскриптите од посебните истражни мерки (ПИМ), ако ги има, неопходните вештачења, и другите писмени докази.

Доколку ова не било сторено во периодот пред поднесување на барањето за притвор, а МВР и, во случајов, „оштетениот“, премиерот, по чија пријава се покренува постапката, јавно излегоа и изнесоа детали од средбите и од пријавата, забраната за изнесување детали предвидена во членовите 289 и 299 од ЗКП може да се однесуваат на нив, на странките во постапката, но не и на медиумите.

„Член 289 од ЗКП: Тајност на предистражната постапка

Сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна.

 

Член 299: Тајност на истражната постапка

(1)   Доколку тоа го бараат интересите на кривичната постапка, потребата да се зачува тајна или да се заштити личниот и семејниот живот, на оштетениот или осомничениот, јавниот обвинител ќе му нареди на лицето кое го сослушува, кое присуствува на истражното дејствие или ги разгледува списите, да ги чува како тајна определени податоци и ќе го предупреди за последиците од оддавањето на тајната.

(2)   Наредбата од став 1 на овој член посебно се внесува во записникот, односно се забележува во списите што се разгледуваат, со своерачен потпис на лицето кое е предупредено за должноста на чување тајна. “  

Забрана за изнесување детали од истрага, заснована на овие членови, и досега сме имале и таа ја донесувале истражните судии во форма на решение, со кое ги задолжуваат странките, адвокатите, обвинетите, вештите лица да не изнесуваат детали за случајот. Такви забрани имаше во случаите „Шпион“, „Монструм“, „Ликвидација“ и во други поголеми случаи во кои беа обвинети повеќе луѓе.

Видно од законскиот текст, новинарите ниту се странки, ниту разгледуваат списи во предметот, па да се обврзат на тајна.

Забраната на која се повикува обвинителството може да се однесува само на конкретни детали и докази кои се собрани во истрагата и се наоѓаат во предметот, односно им се достапни на странките. Често, оваа забрана беше носена и на главен претрес, на кој се изведуваа посебните истражни мерки, па нивната содржина до објавување на пресудата остануваше тајна.

Но, ако се следи ставот на Јавното обвинителство дека за четвртообвинетиот во случајот делото останало во обид (не се остварила заканата), истрагата нема да се занимава со содржината на материјалите кои биле предмет на уценување, бидејќи тие не се употребени, туку ќе ја цени намерата.

 

ПРАШАЊАТА И ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС СЕ ЛЕГИТИМНА ЦЕЛ

Следствено на ова, ако направиме споредба со кривичните дела „загрозување на сигурноста“, „убиство во обид“ или слични кои не се реализирале, судот ја цени сериозноста на заканата упатена кон лицето, а ирелевантно е со што би била извршена (дали ако некој му рече „ќе те убијам“ е сериозен во заканата, а не дали тоа ќе го стори со голи раце, нож или друго средство).

Затоа, независно од текот на истрагата која ја води обвинителството, веќе шест месеци или само една недела, сеедно, новинарите имаат легитимен интерес да бараат одговори на многу прашања, а меѓу нив и за тоа:

  • кој снима, следи, прислушува или на друг начин ја нарушува приватноста на граѓаните, загарантирана со домашните закони, Уставот и со меѓународните конвенции,

 

  • ако премиерот тврди дека дел од материјалите се точни (претпоставката следени разговори, нели), граѓаните имаат право во јавна и на транспарентна судска постапка да се утврди кој и во колкав обем и за која цел ги повредил нивните права и да бараат надомест од државата. За ова има и позитивна судска практика преку пресудата на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, кој пресуди во корист на прислушувани македонски новинари во аферата „Големото уво“ од 2001 година.

 

  • новинарите, а преку нив и јавноста, имаат легитимно право да бараат одговори за поставеноста на безбедносниот систем и за цивилна контрола над истиот, за одговорноста на тајната полиција или на Агенцијата за разузнавање, барајќи комисиите во Собранието на Република Македонија за надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање да отворат расправа за овој случај и да се запознаат со материјалите собрани со следење на комуникациите (независно дали тоа го сториле поединци, домашни или странски служби).

 

  • легитимни се прашањата за употреба на опремата за следење и за прислушување што беше набавена за безбедносните служби, како и прашањата кој може да поседува опрема за креирање документи.

Ако го земеме за споредба прислушувањето во аферата „Големото уво“ од 2001 година, која има допирни точки со сегашните личности (јавен обвинител во истрага тогаш беше Марко Зврлевски, сегашниот јавен обвинител на Македонија, а обвинението против Доста Димовска и Александар Цветков го потпиша Гордана Гешкоска, сега јавен обвинител на Скопје), тогаш медиумите не само што ги објавија деталите од материјалите добиени со прислушувањето, туку и самите се јавија како сведоци – оштетени во истрагата, а подоцна како тужители во граѓанската постапка каде што бараа надомест на штета.

 

jorm-head

 

 

 

Ако тогаш сè им било достапно на медиумите, која е разликата со овој случај и од каде му е мотивот на Обвинителството да повика да не се објавуваат материјали, најавувајќи и кривично дело.

Ако е јасно дека медиумите ниту следеле, ниту прислушувале, тие имаат целосно право, но и одговорност, содржината да ѝ ја направат достапна на јавноста, ако таа содржина открива злоупотреба на власта, на моќта или позицијата, упатува на криминал или корупција или нарушување на уставниот поредок, како што вели полицијата со поднесување на пријавата.

По системот на непосредност и на директност, ако јавноста ја слушна едната страна на приказната, преку содржината на пријавата и деталите во неа, која е опасноста да се слушне и вториот дел од приказната, што е содржината на материјалите, особено на тие за кои и самиот „оштетен“ изјави дека дел се точни, дел делумно точни, а дел се невистинити.

 

КАКО СЕ ЧУВААТ ДОКАЗИТЕ ПРИБАВЕНИ СО ПИМ

Ова е сериозен предизвик за медиумите да дојдат до содржината на точните информации (а кои служеле за уцена во обид). Ако во име на „вистината“ се појави и снимка од средба во премиерскиот кабинет, тогаш легитимен е интересот на новинарите и на медиумите да трагаат и по тие информации, кој снима, кој има пристап до снимките од Владата, дали и во кој случаи се користи системот и кој и како ги чува овие снимки.

Дополнителни прашања за кои новинарите можат и треба да се интересираат во оваа фаза на постапката, а поврзано за овој и за сите случаи каде што се користат посебни истражни мерки, се што се случува со нив, како ги чува полицијата, како ги чува јавниот обвинител и судот, што се случува и кој ги издвојува разговорите кои немаат допирна точка со предметот, а биле опфатени со посебни истражни мерки преку непосредно или посредно слушање и на трети лица.

Најсериозно е прашањето, што се случува со посебните истражни мерки кога јавниот обвинител носи наредба за следење на непознат сторител, а потоа за познат, но по истекот на рокот не се обезбедуваат докази и постапката се запира. На кој начин се уништуваат овие докази, кој ги уништува и во која постапка (законот ја дефинира постапката, но како функционира тоа практично) и дали јавниот обвинител, според постојниот закон, ги известува лицата дека против нив имало посебни истражни мерки или се водела истрага, но истата е запрена.

Затоа, без доза сензационализам, со внимателно проверување на содржината на материјалите до кои ќе дојдат, новинарите имаат право и обврска да истражуваат и да информираат. Да не заборавиме дека поединци се ослободуваат од кривично гонење доколку и како службени лица откријат документи кои посочуваат на корупција или злоупотреба на службената положба.

Јавниот обвинител, пак, е должен да обезбеди информации кои нема да ја загрозат истрагата, а, во исто време, ќе го задоволат јавниот интерес за вака сензитивни случаи. Оттука, Јавното обвинителство мора да најде начин да го направи неопходниот баланс помеѓу јавниот интерес, потребите на постапката и презумцијата на невиност на обвинетите. Тој баланс не се остварува со закани, туку со навремено и со правилно информирање.

Тајноста на истрагата дефинирана во закон не значи и стоп за сите информации.

 

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

Фејсбук не е простор за новинарско самопослужување

Медиумите можат да објават лични податоци или приватни фотографии на јавни личности само доколку докажат дека јавниот интерес преовладувал над приватниот. Секое друго преземање на податоци, во најголема мера фотогрaфии од социјалните мрежи, не е дозволено и се казнува. Новинарско самопослужување со туѓи фотографии, без дозвола е спротивно на закон.

 

Пишува: Саше Димовски

 

„Какви приватни фотографии крие мобилниот телефон на една девојка“, „Погодете која спортска новинарка го поседува овој задник“, „Видете ги силиконите на ..“ „Се разголе на Фејсбук..“ се само дел од десетиците наслови кои можат да се прочитаат на интернет порталите, илустрирани со приватни фотографии преземени од социјалните мрежи. Секако, без прашање и согласност.

Во ера на постојана интернет комуникација, кога консументите се почесто се пред компјутер и  следат различни содржини, обајавување или преземање на приватни фотографии преку нивното споделување станува достапно до илјадници корисници за многу кратко време. Моќта на интернет порталите и социјалните мрежи не може да се спореди со традиционалните, печатени медиуми, па од тука, во оваа новинарска лекција ќе укажеме на норми и правила кои првенствено треба да се водич за сите интернет портали.

Бројот на кликови или допаѓања за кои се борат интернет страниците, како и споделувањето на содржините, на многумина може да им го загорчи животот, со објавување или коментирање на фотографии и податоци без согласност на лицето. Затоа, уште на стартот мора да потенцираме дека социјалните мрежи, посебно Фејсбук како најпоплуларна, не се платформи од кои може да си земе кој што сака, без правила и прописи и без одговорност. Ниту пак тоа да го оправдаат со тврдењето дека тоа е интересно за јавноста.

Секој треба да знае дека еднаш споделен податок на интернет, независно дали тоа се фотографии, информации, податоци, вечно остануваат на интернет, дури и тогаш кога сопственикот кој ги поставил ги избришал од оригиналната страница. Но, тоа не значи пак дека медиумите можат да објават се, до кое ќе дојдат преку пребарувачите, независно дали информациите се достапни или отстранети од поставувачот. Или пак да немаат одговрност доколку во содржината во која се користени неовластено лични податоци, при пренесувањето само споменат кој ја објавил претходно. Апострофирањето на линк до друг медиум не ги ослободува од одговорност сите кои ја објавиле спорната содржина.

Македонскиот закон за заштита на личните податоци прави исклучок кога може да се објават лични податоци, во кои влегуваат и фотографии, но само доколку медиумот има оправдан интерес, каде што треба да докаже дека јавниот интерес преовладал над приватниот.

 

Што е јавен интерес?

 

Првото прашање кое се поставува во овој контекст е токму прашањето што е јавен интерес и дали се што ја интересира јавноста е јавен интерес?

Во услови на балкански менталитет и интерес кон оговарање, воајеризам или популарниот „чашма муабет“, да се потсетиме на измените на Законот за заштита на личните податоци од 2010 година каде што е поместено прашањето за јавниот интерес.

Дирекцијата за заштита на личните податоци во тие измени го вклучи јавниот интерес како одредница кога се цени повредата на правото на заштита на личните податоци.

Таа предвидува:

„Одредбите од овој закон нема да се применуваат врз обработката на личните податоци што се врши за професионалното новинарство, само во случај ако јавниот интерес преовладува над приватниот интерес на субјектот на лични податоци“.

Дирекцијата за заштита на личните податоци по донесување на измените на законот донесе препораки во кои се содржани основните начела за заштита на личните податоци при нивно медиумско објавување. Во нив се препорачува:

  • Правична обработка на личните податоци, односно обработка во согласност со закон или по претходно добиена согласност на субјектот на лични податоци;
  • Проценка на битноста на информацијата во однос на обемот на објавувањето на личните податоци и поставување на баланс помеѓу слободата на информирање и правото на приватност;
  • Анонимизирање на ликови, регистарски таблички и други лични податоци на граѓаните;
  • Задолжително анонимизирање на ликови и други лични податоци на малолетни лица;
  • Објавување на иницијали наместо име и презиме на лицата кои се жртви на несреќи или лица против кои се води судска или управна постапка.

Но, кога станува збор за објавуавњето на лични податоци на јавни личности, новинарите и медиумите треба да прават разлика помеѓу јавни личности par excellence”, или тие кои извршуваат политички функции, избрани и именувани функционери, на кои им се доверени или располагаат со јавни пари и добра, и јавните личности кои се популарни, но не извршуваат јавна политичка функција (естрадни личности, спортисти, уметници).

Доколку личните податоци се однесуваат на јавни личности кои не се јавни par excellence, не се релевантни за да се пренесе одередна вест и не се од јавен интерес, тогаш истите не треба да бидат објавени. Љубопитноста на јавноста не може да биде означена како јавен интерес. Заштитата на личните податоци на “обичниот граѓанин” и јавните личности е многу различна.

Условот за почитување на приватноста е автоматски редуциран за толку колку што носителот на податоците е навлезен во јавниот живот. Според принципите на Дирекцијата, втемелени врз основа на законот, податоците на јавните личности можат да бидат објавени без согласност на истите, кога медиумите имаат легитимна цел (злоупотреба на функција, злоупотреба на средства и пари од Буџетот, искористување на позицијата).

 

Баланс за податоци на јавните личности

 

Правната практика прави разлика помеѓу апсолутните и релативните лица на јавниот живот. Првата група вклучува лица кои се постојано под окото на јавноста поради нивната функција и улога во општеството. Релативни лица во јавниот живот пак се оние кои се интересни за јавноста повремено, заради нивната поврзаност со конкретен настан (победници на одреден настан, добитници на игри на среќа, вклучени во криминал).

Податоците на релативните јавни личности може да бидат објавени само кога постои оправдан јавен интерес поврзан со одреден настан. Ова, исто така важи за објавувања на информации поврзани со сторители на кривични дела за кои постапката е веќе завршена или пак за факти кои се случиле одамна бидејќи во такви случаи не постои правен интерес. Сензационализмот со објавувањето на некорисни информации е дозволено било за апсолутни или релативни јавни личности но не со цел да се повреди нивното право на приватност, ниту да се попречува нивниот приватен живот.

Дали може да се преземаат фотографии од профили на Фејсбук без согласност?

Ова е едно од прашањата за кое медиумите и новинарите мора да знаат дека не смеат да ги злоупотребуваат фотографиите од приватни Фејсбук профили, независно дали лицето дозволило нив да ги гледаат сите (отворен профил) или има прилагодување на профилот, опцијата за приватност која ја дозволуваат социјалните мрежи.

Член 2 од Законот за заштита на личните податоци утврдува дека:

– личен податок е секоја информација која се однесува на идентификувано физичко лице или физичко лице кое може да се идентификува, а лице кое може да се идентификува е лице чиј идентитет може да се утврди директно или индиректно, посебно врз основа на матичен број на граѓанинот или врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, ментален, економски, културен или социјален идентитет“.

Истиот закон, во членовите 5 и 6 утврдува дека, личните податоци можат да се  обработуваат во согласност со закон или по претходно добиена согласност од страна на субјектот на лични податоци. Медиумите не се категорија која има овластувања да обработува лични податоци, како што тоа можат да го прават банките, институции со јавни овластувања, судските институции или управните органи.

Кога сме кај фотографииите, мора да се знае дека фотографијата претставува биометриски личен податок кој влегува во категоријата на чувствителни лични податоци кои имаат и посебен степен на заштита и не смеат да се обработуваат без согласност од субјектот на личните податоци или без постоење на законски основ за тоа.

Кога станува збор за објавување на фотографии на Facebook, секој корисник со самото објавување на фотографиите на Facebook се смета дека ја дал својата согласност истите да бидат јавно објавени на интернет. Но, сервисот нуди опција секој корисник да може сам да одлучи кој од неговите пријатели или воопшто кој корисници ќе можат да ги  гледаат фотографиите преку подесување на поставките за приватност (Privacy Settings).

Согласноста на корисникот да објави негови фотографии на приватен профил, без разлика на тоа на колку други корисници тие ќе им бидат достапна, не значи и негова согласност за истите да бидат реобјавувани на други веб страници или традиционални медиуми, па оттаму секое реобјавување на фотографии без согласност на лицето, носител на личните податоци е противзаконско.

 

Злоупотребите се казнуваат

 

Заштитата на личните податоци која е регулирана со Законот за заштита на личните податоци, а нивната злоупотреба, освен според овој закон, се казнува и според Кривичниот законик.

Злоупотребата на личните податоци на интернет била една од најчестите злоупотреби кои ги бележи Дирекцијата за заштита на личните податоци во последниот период. Граѓаните често се жалеле на злоупотреба на фотографии, лични податоци, украден идентитет, пробиен пасворд и управување на нивни профили.

Одговарајќи на претставките на граѓаните, Дирекцијата донела и серија решенија, покренала постапки, побарале укинување на профили или бришење на спорни фотографии или видео материјали. Еве неколку сегменти од нивните одговори до граѓаните:

 

Објавување на фотографии без согласност

 

Во неколку случаи биле поведени постапка поради објавување на фотографии без согласност на фотографираните на веб страниците со забавен и маркетиншки карактер на кои биле објавени фотографии од ноќниот живот во повеќе градови во земјата. Лицата се обратиле до e-меил адресата наведена за контакт на веб страниците и побарале фотографиите да бидат отстранети, меѓутоа не добиле одговор. Во овие случаи, Дирекцијата утврдила дека станувало збор за домени регистрирани во странство, меѓутоа администраторот ја вршел обработката во Република Македонија. Дирекцијата ги презела сите мерки кои и биле на располагање и фотографиите биле веднаш остранети.

 

Крадење на идентитет на интернет

 

Меѓу посериозните случаи на интервенција биле примери со крадење на идентитет на интернет. На интернет страница со забавен и маркетиншки карактер, бил креиран  кориснички профил, каде што туѓи лични податоци биле искористени за креирање на профилот без знаење и согласност на лицето. На удар се нашле политичари, јавни личности, и бизнисмени.

„Овие интернет страни функционираат на принцип на креирање на кориснички профили каде лицата се регистрираат преку внесување на лични податоци во наведени задолжителни и доброволни полиња. Во конкретниот случај, без согласност од лицето беа објавени неговото име и презиме, фотографии, податоци за пол и возраст, боја на очи, висина, тежина и место на живеење. Овој домеин е регистриран во Република Македонија и лицето се обратило со барање лажниот профил да биде избришан, меѓутоа по неговото барање не беше постапено. По преземените дејствија на Дирекцијата, уште при првото обраќање лажниот профил беше избришан“ – констатира Дирекцијата, наведувајќи случаи од нејзиното постапување.

 

Овој пример е интересен од аспект на работата на медиумите, бидејќи преку лажен профил со украдени податоци на медиумите може да им се подметнат фотографии, информации или ставови, кои тие можат да ги пренесат и на тој начин да станат одговорни за тоа. Тоа што нема да го препознаат лажниот профил, нема да ги ослободи од одговорност. Затоа, овој пример треба да алармира дека не може да се верува на се што се чита на социјалните мрежи, а од таму ниту да се пренесува и цитира без согласност или претходна проверка.

 

Креирање на лажни профили

 

Како еден од најчестите случаи на злоупотреба на личните податоци било и креирањето на лажни профили на интернет порталите, преку кои креаторите на овие лажни профили комуницирале со други лица, претставувајќи се во името на засегнатото лице. Во изминатиот период Дирекцијата постапувала по неколку вакви претставки, за лажни профили на познати личности од Република Македонија. Овие профили беа креирани на портали кои што не биле регистрирани во земјава и кои не потпаѓале под нашето законодавство, но Дирекцијата стапила во контакт со тимовите за поддршка на овие портали и профилите биле отстранети од нивните интернет страници.

 

Компромитирачки видео материјали

 

Едно лице поднело претставка за повреда на неговата приватност и лични податоци на еден портал за наменет за видео материјали. Во име на засегнатото лице, некој поставил компромитирачки видео материјал, преку кој се нарушува честа и угледот на лицето опфатено со видеото. По поднесената претставка, Дирекцијата поднела барање за остранување на истото до тимот за поддршка на порталот. Како одговор им било објаснето дека конкретниот видео материјал мора да го избрише самото засегнато лице, бидејќи морало да бидат внесени неговите лични податоци.

 

Украдена лозинка на електронска адреса

 

Имало и случај кога едно лице поднело претставка за украдена лозинка на електронска адреса.

„Дирекцијата можеше да постапува до одреден момент, следејќи ги упатствата на порталот, но сепак, постапката мораше да продолжи со наведување на личните податоци и помошна електронска адреса преку која тимот за поддршка на порталот ќе контактира со засегнатото лице. Сепак и овој случај беше успешно решен и конкретната електронска адреса беше избришана од базата на податоци на интернет порталот“ – наведува Дирекцијата.

Овие примери, кои по барање на авторот на анализава ги подготви Елена Стојановска од Дирекцијата за заштита на личните податоци, се многу важни за медиумите, кои свесно или несвесно можат да влезат во нечија приказна, да објават податоци од лажно креирани профили или украдени адреси, а со објавувањето, без проверка и согласност ќе се изложат на кривично гонење.

Затоа, ризик постои за секој кој објавува податоци на интернет, но медиумите мора да ги почитуваат професионалните и етички норми и не можат и не смеат без согласност да објавуваат фотографии од интернет профили или истите да ги користат во несоодветен контекст и со тоа да ја нарушат приватноста на личностите.

Затоа, неопходно е да се почитува приватноста на другите. А, медиумите секогаш да имаат на ум:

„Бидете особено внимателни со објавувањето на лични податоци или информации кои се однесуваат на друго лице (како и фотографии или линкови до фотографии) без негова согласност бидејќи не сте сигурни кој и за која цел може да ги злоупотреби“.

Санкциите не треба секогаш да висат како плашило над медиумите, туку во вакви ситуации мора да се гледаат етичките моменти и прашањето: кој е јавниот интерес за да се објави одреден личен податок или фотографија. Не секогаш забавата која сака да ја наметне медиумот, може да биде забавна и за субјектот на кого се однесува!


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

Приказни градени на деманти

Должност на медиумите е да објават демант  на одредена неточна информација со која е направена повреда на достоинството, или се нарушени нечии права и интереси. Меѓутоа, во последно време сме сведоци  на еден нов тренд во новинарството. Да се гради цела сторија на демантирана информација!

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Објавувањето демант на новинарски текст не е новина, ниту, пак, нешто невообичаено. Тоа се случува секојдневно во медиумите. Некогаш се работи за извинување поради пренесување на погрешна вест, а некогаш за дополнувања и појаснувања на некоја нецелосна информација.

Под самиот поим демант се подразбира  изјава (соопштение) со која се негира вистинитоста на некоја информација или се врши исправка на некоја вест или тврдење. Уставот, поточно членот 16, ги гарантира слободата на уверувањето, совеста, јавното изразување на мислата, како и слободата на говорот и јавното информирање. Но, исто така, во ставовите четири и пет на овој член се гарантира правото на одговор, како и правото на исправка во средствата за јавно информирање.  А, тоа е предвидено и во членот 3 од Кодексот на новинари:

Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, деманти и одговор, во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата

и во назнаките во Прирачникот за етиката во новинарството:

Моралната одговорност за неточноста на информацијата паѓа на новинарот и затоа е важно тој самиот да влијае и да обезбеди објавување на демант, исправка или одговор во медиумот во кој информацијата е објавена, а чијшто автор е тој. На тој начин новинарот го штити и сопствениот интегритет, но и интегритетот на медиумот во кој работи.

Сите грешки мора да се потврдат и коригираат. Признавањето на грешката е доблест, а нејзино прикривање неспоиво со професионалното достоинство.

Пожелно е новинарот или медиумот да се извини за грешката.

Важно е новинарот, но и медиумот, со цел да го заштитат својот кредибилитет, да сторат се да ја проверат информацијата и од други независни извори и да го користат анонимниот извор само тогаш кога нема друг начин да се дојде до информација која е од јавен интерес.

Нов тренд

 

Должност на медиумите е да објават демант  на одредена неточна информација со која е направена повреда на достоинството, или се нарушени нечии права и интереси. Меѓутоа, во последно време сме сведоци  на еден нов тренд во новинарството. Да се гради цела сторија на демантирана информација!

Таков е случајот со приказната за наводните бизниси на новинарката Менче Атанасова Точи. Иако, Точи претходно имаше демант, до весникот и до медиумите кои го пренесоа текстот, во кој таа вели:

Освен невладината организација „Ходници”која е регистрирана во моментот кога останав без работа кога згасна А1, не ми е позната и не сум поврзана со ниту една друга фирма. Невладината организација „Ходници” никогаш не профункционира, низ неа не поминал ниту денар. Немам никаква поврзаност ниту со фирмата „Акон Пајо”. Мојот сопруг има фирма „ Аконт – Пајо” и со години си работи сметководство, чесно си го заработува лебот и редовно си ги плаќа давачките кон државата. Ниту сум сопственик, ниту косопственик, моето име не фигурира во оваа фирма, ниту имам било каква врска со сметководство. За Фирмите „Римедикал” – друштво за трговија и услуги, „Елите Софа”, „Фешн Форс”, и златарницата „Смарагд” првпат слушам, не ми се познати и никогаш не сум имала никаква поврзаност со нив“

Следеше и реакција на сопственикот на фирмите во која кажува дека тие се негови, дека две се затворени и не функционираат, а златарницата е на неговиот брат. Сепак,  порталот  излезе со текст со наслов „Документите ја демантираат Менче Точи“,  во кој ги спомнува реакциите на Точи, но на јавноста и открива „нови детали“ за случајот. На овој текст следеше нов демант на Точи, во кој таа повторно негира поврзаност со фирмите чии документи ги објави порталот. Сајтот го објави  и овој нејзин  демант, но, само  два часа подоцна излезе со нов текст: „Менче Точи во спротивност со законите на брачниот имот“.

Фактички, порталот иако ги објавува демантите, ја игнорира нивната содржина и се фокусира на првично објавената информација во друг медиум. Односно, и покрај  јасните укажувања дека таа е погрешна,  продолжува да ја надградува приказната темелена на дезинформација.  Пред јавноста  ја претставува  како целосна вистина и креира перцепција дека  новинарката ја искористила професијата за лично да профитира. Во текстовите кои се нижат ја претставува како неискрена личност која паралелно со новинарството се занимава и со приватен бизнис, и тоа не еден, туку повеќе!

Но, зошто го прави тоа и со каква цел?

Овие  наменски скроени текстови  излегоа како одговор на мега скандалот во здравството  што го обелодени опозицијата, а во кој е инволвирана друга новинарка  – „омилената уредничка“ на премиерот. Серијалот заедно со редица други текстови објавени во медиумите, всушност, има за цел да конструира „паралелна новинарска афера“ и да  го пренасочи вниманието  на јавноста од тендерскиот мега скандал.

Со демантирани информации е граден и случајот за наводни злоупотреби со продажбата на градежно земјиште во Струмица, што се вртеше по медиумите пред десетина дена. Порталот што го објави текстот наспроти демантот од Општина Струмица  продолжи да ја плете приказната и нареднот ден. А,  сторијата, како и претходната, со некои варијации во насловот ама со истата теза, ја презедоа повеќе медиуми.

И во овој случај медиумот  намерно не го зема предвид кажаното во реакцијата од локалната власт во Струмица,  дека:

 „Објавата за отуѓување е поништена, а Договорот за отуѓување е раскинат и споменатото градежно земјиште е во сопственост на Република Македонија.“

Без конкретни докази се продолжува да се развива приказната за наводната продажба на градежно земјиште за багателна цена, надградувајќи ја со нафрлени обвинувања дека:

„Заев го оштетил државниот и општинскиот буџет со над 58 милиони денари“

Кој е мотивот, наспроти демантот, да се продолжи со тенденциозната сторија со која се атакува на струмичкиот градоначалник и лидер на СДСМ ?

Оваа наводна афера, всушност, требаше  да го покрие скандалот со продажбата на земјиштето кај НБРМ за 71 денар за метар квадратен . И тука, како и во претходниот пример (со новинарката), идејата е да се дефокусира вниманието на јавноста  и да се дискредитира личноста на Заев.

Во двата споменати примери целосно е изместена улогата на демантот. Наместо медиумите коректно да ги објават реакциите, тие со произволно толкување на нивната содржина, дополнително, ги употребиле  како  „оружје“ против новинарката  и лидерот на СДСМ.  Што јасно покажува дека медиумите (новинарите) не си ја завршиле чесно задачата и со неточната информација свесно ја дезинформирале јавноста. Со ваквата постапка се нарушени темелните принципи во новинарството:

Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од Уставот на Република Македонија.

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи (Кодекс на новинарите)

Оттаму, ваквите материјали немаат некои допирни точки со новинарски текстови, туку многу повеќе наликуваат на фабрикати.

 

Има рекција, нема текст – демантирано, па објавено

 

Во нашата медиумска пракса не е непознатица да прочитаме реакција на Владата, или на пратијата на власт за извештај од  некоја странска институција, а самиот извештај воопшто да не биде објавен. Како што е примерот со реакцијата на Министерството за финансии за извештајот на агенцијата „Станадрд и Пурс“,  во кој се намалува  долгорочниот кредитен рејтинг на Македонија и за кредитите во девизи и за оние во денари, од „ББ“ на „ББ-“,  што ја објави Државната информативна агенција. Во оваа информација на МИА нема ниту збор за содржината на извештајот на „Стандард и Пурс“, што отвора сомнеж дека тие важни податоци се прикраваат . Поентата на ваквиот пристап во информирањето  е да се „замагли“ стварноста и јавноста да добие искривена слика за одредени состојби. Што е неодговорно и недозволиво, дотолку  повеќе бидејќи се работи за државна агенција – јавен сервис.

Имено, медиумот опширно ја пренесува острата реакција на Министерството кое изразува сомневање во точноста на податоците врз кои се базираат оценките на  „Стандард и Пурс“ :

„ Агенцијата неоправдано  ја става Македонија во ист кош со земји кои имаат над 60% државен долг, додека Македонија има 33 отсто долг. Агенцијата со својот извештај си дозволува и да се меша во внатрешната политика на земјата зборувајќи за случувањата во Собранието околу носењето на Буџетот за 2013 година и сосема несоодветно зазема страна споменувајќи дека „членови на опозицијата биле отстранети од Собранието за да се избегне дискусија за зголемените расходи на владата. На тој начин се прејудицираат случувањата од 24 декември кои се предмет на испитување на Анкетната комисија, а агенцијата грубо се меша во внатрешната политика на земјата ….“,

Од вака објавената информација се добива впечаток дека Извештајот на  „Стандард и Пурс“  е тенденциозен и необјективен. Доколку се имало искрена  намера да се извести професионално и јавноста да добие  целосна и реална слика , новинарот  ќе го почитувал основното новинарско правило: да се слушнат двете страни, па ќе ги презентирал и аргументите на „Стандард и Пурс“:

„Од започнувањето на глобалната финансиска криза транспарентноста на македонските јавни финансии опаѓа, а  шансите за некаков позначаен економски раст се ослабени. Според наше мислење, политичките институции на Македонија имаат неадекватни контролни механизми, додека заостанатите плаќања на Владата претставуваат предизвик за резултатите од фискалната политика“

Ова, несомнено, дава сосема поинаков контекст на темата.

Има и такви случаи, кога една вест која како на индиго ја ископирале повеќе медиуми, ќе биде демантирана,  по извесно време таа  дезинформација  да биде повторно објавена во друг медиум. Ова, во најмала рака, претставува демонстрација на еден неодговорен и потценувачки однос кон читателската публлика. За еден таков своевиден куриозитет имаше и рецензија  на страниците на Сервисот за проверка на факти од медиумите. Меѓутоа,  по објавувањето на рецензијата, медиумот ја увидел грешката и ја повлекол информацијата.

 

Деманти на Фејсбук

 

Во поново време на ФБ профилите на политичарите освен политички пораки, соопштенија  за партиски активности, може да се прочитаат  и деманти на текстови:

„Го читам текстот објавен во провладините медиуми и се смеам. Дали може да се оди до таа крајност, со вакви приказни за мали деца да се обидува власта да ги замагли очите на граѓаните од реалноста што ни се случува во Македонија.  Јас сум прв соработник на Бранко Црвенковски, јас сум еден од тие што учествуваат во донесување на сите одлуки во Социјалдемократскиот сојуз…..“ 

Напиша лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на својот ФБ профил  испровоциран од  новинарски написи кои се појавија  пред минатогодишните  локални избори, а во кои се тврдеше дека Заев влегол во отворен судир со Црвенковски и барал негова оставка.

Неодамна  и новинарот Борјан Јовановски, беше нападнат од дневен весник со следниве зборови:

„Борјан Јовановски се јавува како основач или овластено лице во неколку невладини организации и фирми. На пример, Шилегов веројатно не знае дека тој има фирма за филмска продукција „Еуровижн“, каде соосновач е неговата колешка Сашка Цветковска. ТВ „Нова“ – интернет-телевизијата се реализира преку „Видео веб-продукција“, чиј соосновач е колешката Билјана Секуловска. Јовановски е овластено лице и во угостителската фирма „Мом-Томче Софка“….“

И тој одговори преку Статус на својот Фејсбук профил:

„Како сопственик на Томче Софка ја поканувам целата редакција на Дневник со се “шишиња” од 750.000 евра да дојдат на вечера…“

Несомнено дека постирањето на вакви содржини на Фејсбук  овозможува реакцијата да допре до поширок круг на луѓе, што е особено важно во услови кога македонскиот медиумски простор е прилично стеснет.

Сѐ почесто се случува и во некој медиум да прочитаме демант за текст пласиран во друг медиум. Причините за тоа се во силната поларизација на општеството која неизбежно се рефлектира и во  медиумите, каде  се забележува  длабока  поделба  на провладини и опозициски. И во еден прилично задушувачки амбиент кога опозицијата воопшто нема, или има ограничен пристап во медиумите, нејзините деманти,  најчесто,  не ги објавуваат оние кои ја пласирале дезинформацијата.  Така што, таа е ставена во ситуација реакциите да ги соопшти преку медиумите кои се критички настроени кон власта. На медиумот (новинарот), пак, кој нема да го објави демантот останува моралната одговорност и огромната флека која му го нарушува професионалниот интегритет.

Иако, можеби прозвучува декларативно, сепак, вистината мора да допре до  јавноста, а новинарите секогаш треба да бидат на барикадите на јавниот интерес. Затоа, не е грев новинарот кој пласирал неточна информација, поради брзање, невнимание или незнаење,  да ја признае грешката и да и се извини на засегнатата страна. Уште повеќе, бидејќи според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, новинарот и медиумот ризикуваат да се соочат со судска постапка. А согласно  овој Закон  медиумот  треба да го објави демантот на истото место и во истиот обем како и спорниот текст.

Конечно,  нема ништо страшно и фрустрирачки да се објави демантот, се разбира доколку е во прашање неточна информација. Впрочем, тоа е стандард во професионалното новинарско информирање и така постапуваат сите редакции кои држат до своето име. И во секој случај, тоа помалку „боли“ од необјавувањето на реакцијата.  Игнорирањето на демантот, пак, крие други мотиви.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

Екологија за новинари

Многу е важно да ја истакнеме неподносливата леснотија со која толку неодговорно се однесуваат некои медиуми кога се во прашање отчетноста, професионалните стандарди, одговорноста за вистината, респектот кон сопствената публика и кон јавниот интерес.

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Ако некој воопшто се прашува дали фер пристапот и однесувањето во новинарството се важни, тогаш треба да се потсетиме дека во оваа професија важи правилото дека новинарите секогаш треба да ги преиспитуваат своите мотиви за да бидат сигурни дека нивните лични чувства и определби не влијаат во креирањето и во пишувањето на сториите, не влијаат на изборот на изворите, не определуваат кои делови од сторијата ќе добијат акцент.

Фер пристап и однесување во новинарството подразбира и дистанцирање на новинарските автори од влијанието на политичките и на финансиските моќници, што подразбира дека медиумските производи ќе бидат резултат на целосниот професионален и етички интегритет на новинарските професионалци.

За жал, во актуелното македонско секојдневие имаме многубројни примери за „забегување“ од овие принципи и нагласено практицирање на сосема спротивни, кои се закануваат да се прикажат како исправи ако не се реагира. Треба да реагира секој и секогаш.

Во таа смисла, до „Сервис за проверка на фактите од медиумите“ (СПФМ) стигна писмо од граѓанското здружение „Екосвест“ со реакција на постапката на уредништвото на весникот „Дневник“, манифестирана во текстот „Албанската влада со помош на „невладините“ ни ги запре „Бошков мост“ и „Луково поле““, објавен на 9 декември 2015 година.

Dnevnik-parce

Ако го „пуштиме“ овој текст низ методологијата за проверка на фактите од медиумите, како резултат ќе добиеме наслов кој обвинува, а кој за тоа во телото на текстот нема никакви докази, освен флоскулата „според сознанија на „Дневник““. Ептен е очигледно дека ја нема втората страна во приказната, а „Екосвест“ им е тука, во дворот, што се вели.

Основната теза во оваа сторија е дека невладините ги запреле хидроенергетските проекти „Бошков мост“ и „Луково поле“ и тоа се поткрепува со доведување во прашање на одлуката на една аполутно експертска и кредибилна инстанца, како што Постојаниот комитет на Бернската конвенција за заштита на дивиот свет и природната средина при Советот на Европа. Не е спорно дека кога е во прашање јавниот интерес нема „свети крави“ ниту меѓу функционерите, ниту меѓу институциите. Но, за да оспорите легитимитет и основаност на некоја одлука, особено на специјализирани кредибилни меѓународни организации, треба да имате дебели аргументи и докази.

Ништо од тоа нема во овој текст. Нема директни докази кои ќе ја потврдат изнасилената, однапред подготвена теза, која е стокмена така за да звучи вистинито, дека невладините, односно „Екосвест“, се виновниците и лобисти кај албанската влада за да се запрат овие проекти.

Прекршени се клучните принципи на Кодексот на новинарите. Од оние кои се однесуваат на вистинитоста, на избалансираноста до оние кои се однесуваат на неопходната потреба од дистанцирање од политичките субјекти…

Но, гревовите на овој текст не завршуваат тука. Рецензијата на овој текст се трансформира во студија на случај, зашто однесувањето на авторот и на уредништвото на овој медиум ги прекршило сите членови од Законот за медиуми, а кои се однесуваат на поглавјата „Право на исправка“ и „Право на одговор“ од член 15 до член 26.

Прекршен е и членот 3 од Кодексот на новинарите кој налага:

Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, деманти и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата.

Со оваа најава на прекршени членови од Законот за медиуми и од Кодексот на новинарите, всушност, влегуваме во анализата на овој случај кој се претвори во лекција за одговорноста на медиумите да го почитуваат правото на исправка и правото на одговор, така како што налагаат законите и етичките принципи на новинарите опфатени во меѓународните и во националните кодекси.

Во дописот до СПФМ, од „Екосвест“ пишуваат дека весникот објавил „неточни информации со тенденциозна содржина“ и дека редакцијата била известена за тоа наредниот ден. Покрај објаснувањето за улогата на „Екосвест“ во целата постапка за преиспитување на оправданоста на хидроенерегетските проекти од аспект на заштита на дивиот свет и на природната средина во националниот парк Маврово, од редакцијата било побарано објавување на демантот и соодветно извинување како компензација за направената штета која оваа организација тенденциозната содржина во текстот ја препознава како клевета.

Следствено, ова барање на организацијата, поткрепено со аргументи, редакцијата била должна да го испочитува со што ќе ги испочитувала и законските одредби од Законот за медиуми што произлегуваат од членовите на поглавјата „Право на исправка“ и „Право на одговор“, односно од член 15 до член 26.

Во член 15, недвосмислено се истакнува правото на исправка на граѓаните, како и на правните лица и на други организации и тела, доколку со информацијата биле повредени нивните права или интереси:

(1)  Секој има право од издавач на медиум, односно од одговорен уредник на издавач на медиум да бара, без надоместок, да објави исправка на објавена информација во која се наведуваат неточните факти објавени во информацијата, а со кои биле повредени неговите права или интереси. Право на исправка имаат и правните лица и други организации и тела, доколку со информацијата биле повредени нивните права или интереси.

 

(2)  Барањето за објавување на исправка се поднесува до одговорниот уредник на издавачот на медиум во писмена форма во рок од 30 дена од денот на објавувањето на информацијата на која се однесува исправката. Барањето мора да биде образложено и потпишано од страна на подносителот на исправката и да ги содржи сите потребни податоци за подносителот на исправката, како и неговата адреса.

 

(3)  Во исправката на објавена информација покрај исправка на погрешните тврдења или неточните наводи во објавената информација, може да се изнесуваат факти и околности со кои подносителот на исправката ги побива или битно ги дополнува наводите во објавената информација.

 

(4)  Во случај кога се работи за научна или уметничка критика не се дава право на исправка, освен доколку со истата се врши само исправка на неточни факти.

 

(5)  Не може да се бара исправка доколку издавачот на медиум, до денот на поднесувањето на барањето за исправка, веќе претходно сам објавил исправка на истата информација. Ако подносителот на барањето за исправка смета дека издавачот на медиумот не ја објавил исправката на соодветен начин, во тој случај може да бара остварување на своето право во согласност со членот 21 од овој закон.

 

(6)  Доколку лицето за кое се однесува информацијата е починато, право на објавување на исправка имаат неговите деца, посвоени деца, брачните другари, родители, посвоители, браќа и сестри или правни лица, доколку информацијата се однесува на дејноста која ја вршело покојното лице во врска со тоа правно лице.

 

(7)  Подносителот на барањето за објавување на исправка мора јасно да ја наведе информацијата, односно податокот од информацијата на кој се однесува барањето за исправка и датумот на нејзината објава.

Членот 16, пак, го уредува начинот на кој медиумот е должен да ја објави исправката:

 (1)  Исправката се објавува, без измени и дополнувања, на исто или соодветно местово содржината на медиумот и на ист или соодветен начин на оној на кој била објавена информацијата. Исправката не смее да биде несразмерно подолга од информацијата, односно од делот на информацијата на која се однесува. Исправката може да се објави во изменета форма само доколку на тоа се согласи подносителот на барањето на исправката. Исправката мора да биде објавена на начин што од самиот наслов може да се види дека се работи за исправка. Исправка без согласност на подносителот на барањето на исправката не смее да се објавува меѓу реакции или писма на читателите, односно гледачите или слушателите.

 

(2)  Во програмите на радиодифузерите исправката се објавува со читање во истата програма и термин во која е објавена информацијата на која се однесува исправката или во истиот вид на програма со исто ниво на гледаност или слушаност.

Оваа материја ја опфаќа и Законот за граѓанска одговорност и тоа во членот 14, во кој се уредува правото на реагирање, демант, одговор и на исправка:

(1) Ако навредата или клеветата е сторена по пат на средство за јавно информирање или компјутерски систем, оштетениот има право да поднесе барање за објавување на одговор, демант или исправка во рок од седум дена од денот кога дознал дека е објавена, но не подоцна од еден месец од нејзиното објавување.

 

(2) Средството за јавно информирање од ставот (1) на овој член го објавува демантот, одговорот или исправката во рок од два дена од доставувањето на барањето, во првиот нареден број, ако се работи за периодични изданија или во друго средство за јавно информирање, ако се работи за непериодична публикација.

 

(3) Демантот, одговорот или исправката се објавува на истото место или време и во ист обем, како и информацијата на која се реагира (наслов, наднаслов, поднаслов, текст во пишани средства за јавно информирање или интернет страница, најава во информативна програма, прилог).

 

(4) Објавувањето на демантот, одговорот или исправката може да се одбие, ако:

1) барањето не е доставено во рокот определен во ставот (1) на овој член;

2) одговорот содржи навреда или клевета и

3) одговорот е во спротивност на со закон заштитените интереси на трети лица.

Од „Екосвест“ ги испочитувале сите правила што произлегуваат од овие, како и од другите членови на законите што ја уредуваат оваа материја: реагирале навреме и во обем не поголем од текстот што ја предизвикал нивната реакција. Нивниот приговор не повредил ниту еден став од членовите кои утврдуваат какво треба да биде барањето за исправка и за одговор.

Но, наместо да постапи така како што налагаат законите, медиумот, не само што не го објавува демантот на исто место и во ист обем, со своите понатамошни постапки прекршува неколку членови од законите и соодветно на тоа се изложува на казнените одредби што се утврдени во членовите 29 од Законот за медиуми и членовите 15, 16, 17 и 18 од Законот за граѓанска одговорност. Казната за правно лице, според овие членови, изнесува од 1.500 евра (Закон за медиуми) до 15.000 евра (Закон за граѓанска одговорност).

Бидејќи судската постапка е една сосема друга тема во нашето актуелно новинарско-политичко опкржување, сосема соодветно оценето во извешатите на Европската комисија, Стејт департментот на САД, како и на сите други меѓународни организации кои ја надгледуваат работата на судовите, овде нема да се задржуваме на таа тема.

Многу поважно е да ја истакнеме неподносливата леснотија со која толку неодговорно се однесуваат некои медиуми кога се во прашање професионалните стандарди, одговорноста за вистината, респектот кон сопствената публика и кон јавниот интерес во земјата.

Во овој случај, ние сме современици на еден медиум кој крајно навредливо се однесува кон публиката и кон субјектите кои имаат значаен придонес во сферите од јавен интерес во земјата. Наместо, кога веќе бил направен пропуст за темета „Бошков мост“ и „Луково поле“ да се известува сеопфатно, избалансирано и соодветно на фактите, да прифати грешката, да следува извинување и објавување на демантот на истотот место во медиумот, во овој случај на насловната страница, уредништвото не медиумот одлучило да си поигра и со законите и со довербата на публиката, како и со сопствената одговорност пред вистината, текстот на „Екосвест“ го објавиле во рубриката „Писма“.

1010783_10208287881620672_5232568599101365591_n

Демантот на „Екосвест“ објавен во рубриката „Писма“ (кликнете за поглема слика)

 

Демантот е уште понавредливо проследен со штур и отсечен одговор на авторот на текстот „Албанската влада со помош на „невладините“ ни ги запре „бошков мост“ и „Луково поле“, кој вели, замислете: „Не постои намера за нанесување штета“.

12346520_10208287834379491_4832639646192541275_n

Одговорот на авторот на текстот (кликнете за поголема слика)

 

Сега публиката треба да се запраша каква друга намера имал авторот на текстот ако нема директни докази што ќе ја потврдат изнасилената, однапред подготвена теза, која е стокмена така за да звучи вистинито, дека невладините, односно „Екосвест“ се виновниците и лобисти кај албанската влада за да се запрат овие проекти. Ако се прекршени клучните принципи на Кодексот на новинарите, кои се однесуваат на вистинитоста, на избалансираноста, како и оние кои се однесуваат на неопходната потреба од дистанцирање од политичките субјекти…

Што да се заклучи? Освен дека непрофесионалното работење на новинарите и неодговорно однесување на уредниците е секогаш добар повод за студии на случај од кои, се надеваме, другите ќе учат.

Во меѓувреме, добро е да се има на ум и да се повторува обврската на новинарите да се грижат на јавноста да ѝ презентираат информации од јавен интерес, а не да учествуваат во манипулирањето на јавната дебата. Новинарите работат во интерес на јавноста, а не ја користат јавноста за некои други цели.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

Внимавај, дете!

Фото: Brett Jordan (https://www.flickr.com/photos/x1brett/)

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење. 

Кој е јавниот интерес да се објави податокот дека седумгодишно дете, кое било земено од страна на неговите баба и дедо, кои не го давале на  мајката, има шуга и не е бањато со месеци?  Па макар и да станува збор за пренесување на детали од судење, како што е овој пример!

Пишува: Саше Димовски

„Малата Александра не одела на училиште, по целото тело имала шуга и била валкана, а сега на мајката и треба многу трпение и труд за детето да се врати во нормала, да се социјализира.“

Навидум, само пренесена информација од судска постапка, каде што по пријава на мајката се води кривична постапка против таткото на детето и неговите родители кои не дозволуваат контакт со детето и покрај постоење на судска одлука за утврдено старателството. Информацијата дека детето имало шуга и не било бањато со месеци е дополнета и со фотографија на малолетното девојче!

Но, во суштина, овој исказ кој го дала мајката во судница, а новинарите кои го следеле судењето го пренеле во целост не водејќи сметка за интересите на малолетното дете, отвора многу сериозно и суштинско прашање: како да се заштитат правата на децата во медиумите, дури и во случаи кога нивните родители од за нив познати причини можат свесно или несвесно да ги повредат.

Ако во целата приказна, додека полицијата го барала девојчето, кое по бракоразводната парница не и било дадено на мајката (семеен спор, каде што приватноста е загарантирана, а постапката е тајна), се оправдуваше со јавниот интерес, односно право на детето да живее во семејство, со свои родители и да биде социјализирано во општеството, како ќе го оправдаат медиумите податокот со изнесувањето на личните работи поврзани со девојчето, како што е неговата здравствена состојба, социјалната запуштеност и илустрацијата со негова фотографија под веста?! Фотографијата, добиена со посредство на нејзиниот родител/старател во периодот кога била во тек постапката за нејзиното пронаоѓање, може и да најде оправдување ако се гледа хуманиот аспект и повикот да биде лоцирано и вратено девојчето, но која е потребата од објавување дека „девојчето има шуга“ и веста повторно илустрирана со нејзина фотографија.

Приватноста на личноста на прво место

Кодексот на новинари, утврдува дека:

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. 

Но, дека

Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес.

Може ли да се дефинира кој е јавниот интерес во случајов со објавување на овој податок за девојчето, наводно дека имало шуга и повреди по телото, како и други податоци кои биле изнесени во текот на судењето? Во овој случај, ниту може, ниту смее, овие податоци да се затскријат зад наводен јавен интерес или дека тоа било соопштено од родителот на детето.

Покрај правото на пристап до информации од јавен интерес, кога се во прашање правата на малолетниците, медиумите и новинарите имаат посебна обврска да внимаваат што објавуваат и во кој контекст ќе бидат објавени податоци или фотофрафии кои можат да го идентификуваат малолетникот, независно дали станува збор за жртва, сведок или оштетен во постапката.

На новинарите мора да им биде познато дека: не смеат да интервјуираат или фотографират деца под 16 години без согласност од родителите или старателите, освен ако тоа не е во согласност со правата на детето.

Дали објавувањето на фотографиите на денот на судењето против таткото, бабата и дедото на детето може да се стави во права на детето или дека тоа е направено во согласност со родителите? Во конкретниот случај, согласноста се однесува на двајцата родители, бидејќи родителското право не е одземено.

Грешка, во конкретниов случај направил и судот, кој морал одредени делови од постапката да ги затвори за јавност или ако веќе судењето го направил достапно до јавноста да ги предупреди присутните новинари одредени делови од исказот или сведочењето да не ги објавуваат во јавност токму поради заштита на правата на малолетникот.

Дали судот не го повредил Судскиот деловник?

На ова судот е обврзан и според Законот за малолетничка правда (кој сега се менува и ќе биде насловен како Закон за правата на децата), според Законот за кривична постапка и Судскиот деловник.

При донесувањето на одлуката за давање одобрение за снимање и фотографирање ќе се води сметка за интересот и довербата на јавноста, природата на случајот, интересот на постапката, приватноста и безбедноста на учесниците во постапката, утврдуваат правните акти.

Снимањето и фотографирањето ќе се одвива под надзор на судијата, односно претседателот на советот на начин кој ќе обезбеди непречен тек на постапката, ред во судницата и почитување на достоинството на судот.

Снимањето и фотографирањето во судот, може да се прекине или ограничи:

– на барање на странките, а по одлука на судот, во кое било време; ако со одлука на судот е исклучена јавноста за дел од постапката или за одредено процесно дејствие, поради постоење на законски причини; ако сведокот – оштетениот од кривичното дело го бара тоа, за времето додека трае неговото сведочење; ако судот најде дека некој учесник во постапката би можел да биде изложен на опасност, срам, настанување на штета или би можеле да настанат пречки во примената на законските мерки на принуда или ако поради природата на доказите што треба да се изведат тоа е задолжително (сослушување на заштитени сведоци, малолетници и др.) (член 358 од Судскиот Деловник)

Пропустот на судот за заштита на правата на малолетникот не ги оправдува новинарите и медиумите да не внимаваат на законските ограничуваења кога станува збор за деца и малолетници. Границата помеѓу јавниот и приватниот интерес може да биде тенка само во случаи кога станува збор на јавни функционери и носители во законодавната и извршната власт, но тоа може да се однесува само на нив, но не и на нивните малолетни членови во семејството.

Во конкретниот кривично-правен настан од кој известуваа новинарите присутен бил и тим од Центарот за социјална работа, чии членови се должни да интервенираат во ситуација кога ќе оценат дека се кршат правата на малолетникот независно дали станува збор за семејство, институции, медиуми.

Медиумите го пренесоа и следното сведочење кое се однесува на девојчето, од постапката која се водела во Центарот за социјална работа, а која е тајна и доверлива!

„Не ме давајте на нејзе оти таа сака да ме киднапира, рекла малата Александра кога ја видела прв пат својата мајка. Татјана Бошњаковска, мајката на малолетната Александра којашто беше грабната, пред судот раскажуваше каков бил првиот контакт со нејзината ќерка и како напредува сега.“

Случајот со малолетното девојче, кое беше топ тема во повеќето медиуми во изминатиов месец, сега оди на училиште. Можеме ли да претпоставиме какви ќе бидат реакциите на нејзините соученици, на нивните родители, на околината кои преку ваков, некритички однос на изнесување на информации дознаа дека наводно имала шуга, дека изгубила голем дел од градивото во прво одделение, па тоа ќе го надоместува со доплнителна настава. Како ќе гледаат кон ова девојче нејзините врсници во училиштето? Дали ќе си играат со неа и ќе ја дружат? Дали ќе се ресоцијализира побрзо ако нејзината фотографија и натаму служи како илустрација за веста поврзана со овој спор?

Повторна виктимизација на жртвите

Секако дека нема. Па, затоа, ваквите информации можат да направат или направија дополнителна жртва од малолетното девојче, кое во периодот било заедно со неговиот татко, баба и дедо, па не знаело ниту можело да знае за правните аспекти на спорот помеѓу мајката и таткото, но, сега, по нејзиното вклучување во образовниот процес и тоа како ќе знае, а на тоа постојано ќе ја потсетуваат нејзините соученици или околината која имаше можност да ги прочита овие информации.

Пред новинарите има уште еден предизвик: пресудата не е правосилна, па истата се очекува да биде обжалена и за неа да расправа Апелацискиот суд. Тогаш тие ќе мора да бидат многу повнимателни и да не ја користат фотографијата на малолетното девојче за илустрација од судењето и одлуката на повисокиот суд.

Крајот на судската постапка, во која мајката бара да се укине притворот за таткото и дедото за девојчето да има семејство, доволно говори за сензитивноста на семејните спорови, на кои медиумите мора да им пристапуваат крајно претпазливо, со голема доза на професионализам, ослободени од сензационалистички пристап, не навивајќи за ниту една од страните и не сугерирајќи пресуда. Постапките за одземање на малолетник, неплаќање издршка или слични дела кои произлегуваат од семејните спорови, бракоразводните парници, мора да бидат внимателно анализирани пред да се објават, зашто тогаш родителите заслепени најчесто од омразата меѓу себе, се пресметуваат преку децата, а во нивната пресметка ги вклучуваат и медиумите. Честопати сме сведоци и на обвинувања за злоупотреба на децата (па дури и сексуална) од страна на родителите, па ако се пренесуваат некритички може да нанесат ненадоместливи штети по правата на децата.

Во рамки на институцијата Народен правобранител постои одделение за заштита на правата на децата кое може да реагира и во ситуации ако тие права им се повредени и преку медиумите, не навлегувајќи од какви побуди тоа е сторено.

Затоа, медиумите мора да го вклучат алармот секогаш кога пишуваат за малолетници! ВНИМАВАЈ, ДЕТЕ!

 

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).