Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 289

„Мрзливо и манипулативно новинарство“ – известување преку полициски извештаи

Секој што има овластување да употреби сила, секогаш може да се доведе на тенката линија на прекршување на основните човекови права и слободи. Ова, пак, упатува на огромна претпазливост и на условено, ограничено користење на полициски информации во секоја прилика, но особено кога се известува од настани каде има нереди и каде полицијата употребува сила.

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Големо етичко и професионално прашање за современотo новинарство генерално, а посебно и за новинарството во Македонија, е известувањето од настани кое се потпира исклучиво врз официјални извори, а особено кога станува збор за полицијата. Неодамна, нашата јавност и новинарската заедница се соочија со ваков проблем. Станува збор за известувањето на медиумите од настаните во Ѓорче Петров, по убиството на 19 годишното момче. Некои од етичките норми веднаш беа прекршени од дел од медиумите, со тоа што во насловите и во извештаите експресно беа нагласувани фактите дека убиениот е етнички Македонец, а убиецот е етнички Албанец, со што се поткрепи говорот на омраза и се потпомогна ширењето на националната нетрпеливост. Но, една друга етичка и не само етичка норма, исплива на површина: однесувањето на медиумите во околности на масовни нереди и кога полицијата ги проширува овластувањата и спроведува своевидна цензура при известувањето.

Всушност, на површина исплива прашањето како (не) треба да се однесуваат медиумите при известување од настани каде има насилство и нереди, кои притоа (може да) се обременeти и со меѓуетнички односи. Примерите од македонските он-лајн изданија, кои се податливи за дискусија за ова прашање се бројни, но, тука ќе се обидеме преку анализа на даден случај да го отвориме прашањето.

 

Без  балансираност, вистинитоста е првиот паднат стандард

Текстот што го избравме како даден случај е пласиран од агенцијата Нетпрес на 22.05.2014 г. под наслов: „ВИДЕО: Голем дел од демонстрантите во Ѓорче дојдени од страна да прават нереди, утврди МВР“. Сторијата е проблематична од аспект на исполнување на дел од основните стандарди, а во оценка на етичкиот дел е проблематична во насока на третманот на полициските информации од страна на новинарот и редакцијата. Авторот без ограда ги пренесува како апсолутни вистини информациите од полицијата, а користи и неименувани и шпекулативни извори, без тоа да го нагласи, со што самиот се откажува од непристрасноста и балансираноста. Со тоа ја проблематизира објективноста на понудената информација и дополнително ја обременува со коментаторски елементи. Вистинитоста во понудениот текст е доведена во прашање уште со првиот пасус:

„Додека едни од тага, револт излегоа на улица мирно да протестираат поради убиството на осумнаесетгодишниот Ангел Петковски, некои лица тој трагичен момент за жителите на скоспско Ѓорче Петров се обидоа да го злоупотребат за да предизвикаат инциденти, да дојдат во судир со полицијата“.

Овој вовед во текстот, оваа глава на вест е коментаторска со описни елементи и со тврдење, кое за да биде веродостојно, се очекува да биде потврдено од авторот како очевидец – репортер на терен, кој тоа го видел со свои очи. Но, наместо тоа, веќе во следниот пасус, авторот се повикува на тврдење на полицијата.

„Дека одреден број учесници во протестот имаа токму вакви намери говорат полициските информации дека меѓу нив имало некои кои носеле молотови коктели, шипки и разни предмети“.

За волја на вистината, авторот во еден момент користи и друг извор на информација – „неофицијални информации“ и „граѓани кои сакале да останат анонимни“.

„Граѓаните, кои сакаат да останат анонимни, сведочат за разговори и подготовки како да се издејствува судир со полицијата и дека тоа мора да биде направено“.

Ваков приод во конструкција на теза во текст е веќе толку исклиширан во македонското новинарство, што станува банално да се објаснува. Кодексот на новинарите на Македонија, други кодекси и етички правила, школи и факултети за новинарство, укажуваат дека анонимноста е дозволена како крајна форма, но, притоа, новинарот мора да го познава својот извор и да каже зошто изворот или изворите сакале да останат анонимни. Но и покрај тоа, новинарот не е ослободен од обврската тврдењата на изворот или изворите да ги провери што е можно повеќе, т.е. во овој случај да направи обид да најде извор, нека биде и анонимен, од другата страна, т.е. од оние кои се обвинети од неговите први извори. Наместо тоа, во овој случај новинарот ги употребил своите анонимни извори само како поткрепа на изнесените тези во текстот и на поткрепа на тврдењето на официјалниот извор – полицијата. Оттаму, евентуалната недовербата на читателот кон „неофицијалните информации“ и кон „граѓаните кои сакале да останат анонимни“ е разумна и очекувана реакција.

 

Новинарско „делење лекции“ при известување

Она што, исто така, боде очи во овој текст од аспект на стандардите, е делењето лекции од страна на неименуваниот автор. На новинарот не му е забрането да изнесува свое мислење, став, морален суд. Но, тоа е недозволено ако се прави во новинарската форма вест, извештај. Веста, известувањето, подразбира редење на факти изнесени од извори, по редослед кој што го избираат новинарот и уредникот. Кој агол ќе го фатат за да го опишат најсеопфатно можно настанот за кој известуваат, тоа е слободна проценка во зависност од професионалните вештини што ги поседуваат и во зависност од тоа дали се непристрасни при известувањето. Коментарот, анализата, колумната и некои други жанрови и поджанрови, се начините на кои новинарот, уредникот, редакцијата, можат да ги изнесат своите ставови.

Во случајот на овој текст, личните ставовите се мешаат со фактите, па авторот дошол во апсурдна ситуација да расправа со ставовите на политичките партии за дадениот настан и да им дели лекции како требале или не требале да постапуваат.

„И покрај, ова опозицијата застана во одбрана на оние кои дивееја по улиците во Ѓорче, кои уништуваа автмобили, кршеа излози, оштетуваа туѓ приватен имот и предизвикаа страв и вознемиреност кај жителите на населбата“.

На крајот, новинарот изнесува уште еден личен став, со кој уште еднаш ја потврдува својата пристрасност:

Сепак полицијата беше на висина на задачата, недозволи протестите да излезат надвор од контрола, а демонстрантите да стигнат до некоја од блиските населби во кои живее албанско население.

Авторот, кој во овој текст покажува нескриена пристрасност, можел да го постигне истиот ефект со само малку новинарска вештина, а притоа ќе си го зачувал професионалниот дигнитет. Можел да ги употреби зборовите: од полицијата велат дека била на висина на задачата или дури и да додаде – на висина на задачата, за разлика од првиот ден, кога многу дуќани на Албанци во Ѓорче беа запалени.

Дали и колку да се потпрете на полициска информација?

Користењето на официјални извори при известување од настан е неопходно доколку новинарот има намера да постигне што поголема веродостојност. Сосема друго прашање е во која мерка ќе бидат застапени официјалните извори. Дали со една реченица, дали со цела изјава, соопштение, итн. Но, доколку текстот се заснова само или генерално на официјалниот извор, во случајот полицијата, тогаш се проблематизира балансираност и објективноста.

Таков е примерот со известувањето и на неколку други македонски медиуми од настаните во Ѓорче Петров. Дел од печатените медиуми, како што се Дневник на пример, нашле начин како да ја избегнат оваа стапица, па во наднаслов, наслов и поднаслов, дури и во секој пасус, авторот нашол за сходно како да нагласи дека тоа се исклучиво полициски информации. Можеби еден од најдобрите примери за известување и избегнување на стапицата, беше применето во Утрински весник, додека телевизиите на национално ниво, особено оние кои голем дел од јавноста ги оценува како провладини, тотално потфрлија (на пример Канал 5).

Дали и колку новинарот треба да се потпира на официјалните информации од полицијата? Треба да се има предвид дека полицијата, генерално, делува како институција која освен превенција применува и репресија. Секој што има овластување да примени и репресија, да употреби сила, секогаш може да се доведе на тенката линија на прекршување на основните човекови права и слободи. Дали некој е жртва на непотребна употреба на сила, дали полицијата можела и поинаку да делува, дали смеела (не)официјално да забранува снимање на тв камерите или да брише снимки од новинари…? Сите овие прашања упатуваат на огромна претпазливост и на условено, ограничено користење на полициски информации во секоја прилика, но особено кога се известува од настани каде има нереди и каде полицијата употребува сила.

Во спротивност, новинарството се сведува на „мрзливо“, да не се известува од настанот, туку да се чека официјално толкување, а тоа, пак, може да доведе до манипулативно новинарство, со или без намера е сеедно. Еден добар пример како се превенира во такво нешто е утринскиот колегиум на еден дневен весник, за што јавно сведочеше неговиот главен уредник.

Ова прашање, патем, не е само дилема и проблем на голем дел од македонското новинарство, туку и на новинарството и во најразвиените земји во смисла на медиумски слободи и одбрана на правото и обврската на слободно информирање на граѓаните.

На пример, професорот Даглас МекЛеод од Школата за новинарство и масовни комуникации од Универзитетот на Висконсин – Медисон, смета дека потпирањето врз официјални извори при известување од протести носи опасност да се потцени другата страна:

„Одамна постојат докази дека меинстрим медиумите масовно се потпираат врз официјални извори (при известување од протести – н.з.). Употребата на официјални извори им носи често престиж на новинските извештаи…Но, кога официјалните претставници се  предоминантен извор на информации, тогаш извештаите добиваат тенденција да ја раскажат перспективата на силните, на власта и во истовреме да се потцени перспективата на послабите (демонстрантите – н.з.) кои ја предизвикуваат власта.“  – констатира професорот во својата книга Новинарско покривање и општествени протести.

 

„Морално самоубиство на медиумите“

Како пример ќе ги наведеме и случувањата во Велика Британија во масовните немири во 2011 година, кои избувнаа откако полицијата застрела црномуресто момче, за кое потоа лажно тврдеше дека било вооружено. Немирите започнати по овој инцидент во Тотенхем, прераснаа во масовни протести и насилни демонстрации во повеќе градови во земјата, со огромно оштетување на јавни и приватни добра и со огромна употреба на репресивниот апарат на државата во воспоставување на јавниот ред и мир.

Неколку месеци подоцна беше организирана огромна конференција на која преку 150 учесници расправаа за известувањето на медиумите во Британија за време и по нередите. Еден од клучните говорници на конференцијата професорот Гас Џонс од Институтот за образование при Универзитетот во Лондон, известувањето на повеќето медиуми го оцени „едноставно срамно“ и како „морално самоубиство“.

Во публикацијата произлезена од оваа конференција, пак, е цитиран тогашниот претседател на Британскиот новинарски синдикат (NUJ) Донача ДеЛонг, чија оценка може да биде поучна и за постапувањето на новинарите во Македонија:

„Еден од најлошите моменти во известувањето по насилствата беше кога содржината на весниците доаѓаа директно од полицијата“.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

Несреќата на несреќите

Несреќите и прашањата врзани за нив не се ексклузивитет само за новинарите од „црните хроники“, туку за секој новинар и уредник, посебно за новинарите кои се дежурни во време на викенди и празници, кога по непишано правило, бројот на несреќи е зголемен, а новинарските екипи намалени.

 

Пишува: Саше Димовски

 

ФОТО: Крв на сите страни – ужасна глетка на местото каде загинаа петте млади скопјани

 

ВИДЕО: Од луксузното БМВ не остана ништо – страшни кадри од сообраќајката кај Рампа

 

ФОТО: Крв на ѕидовите – пет момчиња загинааа во центарот на Скопје

Несреќите не бираат ни време ни место. Ниту, пак, кој новинар би можел да се затекне на лице место или кој прв ќе ја објави информацијата. Затоа, сите новинари мора да знаат што можат да објават како видео или фотографија, од овие, најчесто, трагични настани.

Несреќите и прашањата врзани за нив не се ексклузивитет само за новинарите од „црните хроники“, туку за секој новинар и уредник, посебно за новинарите кои се дежурни во време на викенди и празници, кога по непишано правило, бројот на несреќи е зголемен, а новинарските екипи намалени. Во таков сооднос, кога секој новинар буквално „покрива“ сѐ што ќе се случи на дежурство, неколку совети на оваа тема можат да бидат многу корисни.

Препорачливо е сите новинари, доколку имаат услови редакциите за тоа, да поминат одредена обука за справување со кризни ситуации, независно во која рубрика работат: дали е политичка, културна, црна хроника или спорт.

 

Во итни ситуации било кој новинар може да се случи да покрива кризни ситуации

 

Следниве примери покажуваат дека веста ќе ја објави новинар кој ќе се најде на лице место независно од секторската поделеност во редакцијата: во 1995 година на трети октомври, екипа на Македонската телевизија, која се наоѓала во Музејот на Град Скопје (од културна редакција) ги направила првите снимкии од атентатот врз Претседателот Киро Глигоров.

Во 2004 година, за загинувањето на претседателот Борис Трајковски, извештаите од Мостар ги испрати новинарка на државната агенција МИА, која, како известувач што покрива економски теми, беше на конференција во БиХ.

Но, тоа што треба да го знаат сите новинари, независно која им е главната преокупација во рамки на редакцијата е дека:

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми. (Точка 8 од Кодексот на новинарите на Македонија)

Но, дали е така?

Напливот на новите медиуми, пред сѐ, веб порталите и електронските медиуми, како и принципот на копирање на веста пласирана на некој конкурентски медиум, со комплетната опрема – од наслов до фотографија, доведе до еден загрижувачки тренд: се преземаат и се пренесуваат фотографии и видеа чија содржина не може да биде објавена таква каква што е снимена или фотографирана.

Насловите со кои почнува оваа новинарска лекција покажуваат дека написите не само што не се ослободени од сензационализам, туку уште во самите наслови на читателот му се нуди „додаток“ видео или фотографии кои треба да ја илустрираат страшната сообраќајна несреќа.

 

Местото на шокантните информации

 

Не размислувајќи дека е доволно шокантна и самата вест, па евентуалните фотографии новинарите во овие примери користат и дообјаснувања дека имало „крв на сите страни“, како и тоа дека „собраќајката е страшна“. Дополнително се нудат и фотографии од тоа што останало од возилото, во кое загинале сите патници.

Но, она што најмногу загрижува е оваа реченица објавена на веб порталите, веднаш по дознавањето дека е случена сообраќајна несреќа, во центарот на Скопје:

„Поради лошата слика полицијата не дозволува фотографирање на самото место на несреќата“.

Што сакал новинарот да ни пренесе со оваа реченица? Дали ако полицијата им дозволела фотографирање на местото на несреќата и покрај „лошата слика“ во медиумот ќе беа пласирани фотографиите на загинатите во несреќата? Кои, патем, биле до толку згмечени во автомобилот, па за нивното извлекување била повикана противпожарната единица, а извлекувањето траело подолго време.

Токму тука е најголемата одговорност на новинарите и на медиумите. Како да направат правилен избор на фотографии и видео материјали, каде што, и покрај целото брзање да се објави веста, мора внимателно да се направи селекција, за да не се шокира публиката која седната пред телевизор или на интернет ќе дојде во контакт со шокантни, вознемирувачки фотографии. Во конкретниот случај полицијата не дозволила фотографирање, но медиумите можат да се затекнат на места на несреќи уште пред да дојде увидната екипа, па затоа материјалот кој ќе го снимат или фотографираат треба да го користат во таква форма на која нема да се гледаат мртви тела, крв или делови од тела, што ќе ја вознемират публиката.

Советот за радиодифузија врши надзор над електронските медиуми кои се должни пред емитувањето да ја означат категоризацијата на материјалот, додека печатените медиуми и веб порталите немаат надзор, што ги прави уште поодговорни при објавувањето на фотографии.

Често, за илустрација на вестите се користат фотографии преземени од интернет на кои се прикажани крвав нож или скршено стакло од автомобил на кое се гледа крв, со што, иако фотографиите не се однесуваат на конкретниот настан, повторно побудуваат негативни коментари кај конзументите.

Секако, го нагласуваат и прашањето за етичките норми и однесувањето на медиумите.

 

Кој се затекне на лице место – тој известува

 

Несреќите можат да бидат природни или елементарни непогоди: земјотреси, поплави, лизгања на земјишта, но и предизвикани од човек: разни сообраќајни несреќи, убиства, пожари. Бидејќи не можат да се предвидат, да се планираат или да се одложи информацијата за нив, за медиумите постои сериозна опасност да бидат фатени неподготвени и на тој начин, во брзањето да направат сериозни грешки.

Прво, во таква ситуација, никој не знае, кој новинар може да се затекне на лице место или која екипа прва ќе отиде да ја регистрира несреќата. Не само во македонски услови, туку тоа се случува насекаде – веста да ја пласира оној кој се затекнал на местото на несреќата или оној кој прв пристигнал, а подоцна за настанот да пишува или известува новинар, кој работи во рубриката Црна хроника или има поминато одредена обука за известување во такви случаи.

Затоа, известувањето во случаи на несреќи од било кој вид, се сериозен професионален тест за сите новинари и уредници кои треба да направат брза и вистинска проценка што да објават како фотографија или снимка, а со тоа да не ги повредат етичките правила и да не ја вознемират публиката. Секако, тоа би било посебно опасно ако не се означи декасе емитуваат вознемирувачки видеа или фотографии несоодветни за малолетна публика или за луѓе кои имаат здравствени проблеми.

Во ерата на компјутеризација и пристап до интернет и до социјалните мрежи, сериозно се наметнува прашањето како да се заштити публиката која може да дојде веднаш во контакт со вознемирувачки фотографии на кои е прикажана крв, тешки сообраќајни несреќи, видеа од пожари, поплави, земјотреси, фотографии на мртви или тешко ранети лица.

Цитираниот новинарски кодекс предвидува и дека новинарите се

„должни да ги почитуваат личната болка и жалост, па не се препорачува во прв момент да објавуваат целосен идентитет на жртвите, во ситуација кога семејствата на настраданите се уште не се официјално известени.“

Не е мал бројот на примери каде што семејствата од медиумите дознале дека настрадал нивни близок или на телевизија го препознале возилото на блиски роднини кое учествувало во сообраќајна несреќа.

Затоа, новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес, пишува во Кодексот на новинаритеИдентитет на жртви, добиен на лице место од увидни екипи, истражни органи или други учесници во преткривичната постапка, би можеле да се објават како исклучок од претходното правило само доколку се работи за јавни личности или државни функционери, каде што постои огромен јавен интерес, а јавноста очекува точни и навремени информации.

 

Како се постапува при известување од кризна ситуација

 

Затоа, кога ќе ја добиете информацијата за случена несреќа, прво што треба да направите е:

  • веднаш да се упатите на местото на настанот;
  • да барате редакцијата, или одредени колеги за вас да проверуваат податоци во полиција, брза помош, противпожарна служба за каква несреќа се работи, за да имате претстава што можете да затекнете на лице место;
  • да бидете психички подготвени да видите и најморбидни сцени, но кога ќе го пишувате извештајот не смеете тоа што вие сте го виделе и од кое сте останале скаменет, да им го пренесете на конзументите во прв момент со паничење, плачење или неконтролирано движење. Посебно не смеете да гестикулирате и да ги оддавате вашите емоции ако имате телевизииско вклучување во живо, преку линк;
  • мора да изберете соодветни зборови кои ќе ја опишуваат грозната, морничава и мрачна сцена на која сте налетале;
  • ако сте телевизиски новинар, одберете снимките да говорат место вас, а вие не оптоварувајте го извештајот со непотребни квалификации за тоа колку било страшно или дека насекаде има крв или делови од човечки тела;
  • потрудете се да обезбедите изјави од очевидци;
  • во прв момент не шпекулирајте со можните причини за настанување на несреќата (возеле пребрзо или биле под дејство на алкохол) бидејќи на тој начин го прекршувате правото на презумпција на невиност;
  • не давајте квалификации за здравствената состојба на предизвикувачот на несреќата (на пример: соседите тврдат дека потпалувачот имал душевно растројство и се лекувал во Бардовци);
  • потрудете се да стапите во контакт со лицата кои го вршат увидот, полиција, истражен судија и јавен обвинител и од нив извлечете колку што можете повеќе информации за настанот;
  • секогаш почитувајте ги наредбите на тимот кој врши обезбедување на местото на настанот. Бидете внимателни и не влегувајте во зоната каде што се случила несреќата, бидејќи може да уништите важни докази;
  • увидните екипи немаат право да ве спречат во вршење на вашата функција, но имаат право да го ограничат пристапот до лице место и да определат снимањето или фотографирањето да се одвива од пристојна далечина.

Доколку во текот на известувањата ви се провлекла некоја грешка, потрудете се да ја исправите со тоа што ќе ја објавите официјалната информација, за тоа која е причина за несреќата. Дали за сообраќајката причина е преголемата брзина или можеби дефект на автомобилот или дали извесниот пожар бил подметнат или настанал како последица на неисправна инсталација.

Притоа, во известувањата од несреќи, никогаш не користете термини, „ексклузивно“ или „дознаваме“, бидејќи тука се крие најголемата замка да згрешите. За несреќите не објавувајте нешто што сте го дознале неофицијално доколку немате начин да го проверите барем од уште еден извор.

На ваков начин, ако се придржувате до етичките правила, ќе ја одбегнете замката да направите грешка известувајќи за несреќите.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

Употребата на фотографии од јавни протести – контекстот е најважен

Како треба да се постапува при фотографирање на јавни собири и како треба да се употребуваат фотографии од јавни собири од различни извори од гледна точка на заштита на приватноста

 

Пишува: Елена Стојановска

 

Известувањата за протестите низ фотографии, кои секојдневно ги следиме, отвораат и едно прашање кое ги засегнува сите што учествуваат на овие јавни собири – дали фотографиите направени за време на јавен собир, на јавна површина, можат да се објавуваат од медиумите и, уште поважно, во кој контекст тие можат да бидат објавени.

 

ФОТОГРАФИИ НАПРАВЕНИ ОД ФОТОРЕПОРТЕРИ

Кога станува збор за фотографирање од фоторепортери, кое се врши за време на одржување јавни настани (натпревари, манифестации, јавни собири), кои се одржуваат на јавни површини (спортски објекти, плоштади, паркови, улици), објавувањето фотографии од учесниците на настанот од страна на медиумот може да се врши само за цели за кои тие биле направени, односно за известување за текот на настанот. Контекстот на објавување на фотографиите е клучен за да може да се оцени дали во одреден момент објавувањето на некоја фотографија би значело повреда на приватноста на лицата што се наоѓаат на таа фотографија. За да може, пак, да се оцени контекстот на објавување на одредени фотографии, мора да се земе предвид природата на самиот јавен собир. Тргнувајќи од основните принципи за заштита на приватноста, основни критериуми кои треба да се задоволат се – очекуваната приватност и согласноста на лицата кои учествуваат на јавниот собир. Секој што учествува на јавен собир, кој, пак, секако се одржува на јавна површина, со самото тоа што одлучил да излезе и да присуствува на собирот, одлучил и да биде виден од страна на онаа јавност која е присутна на самото место на одржување на собирот, но истовремено треба да биде свесен дека секој јавен собир на јавно место е предмет на интерес и на медиумите. Она на што не се согласил учесникот на јавен собир е неговото присуство на јавниот собир да биде јавно објавено во контекст кој би бил компромитирачки за неговата личност. Имајќи го ова предвид, медиумите при известувањето од јавните собири мора да внимаваат кога објавуваат фотографии на кои јасно се распознаваат ликовите на учесниците на собирот. Овие фотографии не треба да бидат објавени во контекст на политички определби, претпоставки и на непроверени тврдења кои би можеле да сугерираат дека некој од фотографијата е поврзан или одговорен за нешто за што се пишува во веста.

 

ФОТОГРАФИИ ПРЕЗЕМЕНИ ОД СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ

Објавувањето фотографии на социјалните мрежи, особено на „Фејсбук“ и на „Инстаграм“, ја следи истата логика за согласност како и онаа за присуството на јавните собири. Со самото објавување на фотографија од учество на јавен собир, лицето што ја објавува фотографијата се согласува дека истата ќе ѝ биде достапна на интернет-јавноста, односно ќе можат да ја видат најмалку неговите, т.е. нејзините пријатели и следачи на социјалната мрежа каде што е објавена. Меѓутоа, оваа согласност не значи и автоматско согласување таа фотографија да биде преземена и преобјавена од медиумите. Иако најголемиот дел од одговорноста за јавното објавување на фотографиите на социјалните мрежи е на самиот корисник, секое преземање на фотографија од интернет без согласност и нејзино објавување во медиумите во контекст кој е компромитирачки за лицата на фотографијата би се сметало за спротивно на начелата за заштита на приватноста.

 

ФОТОГРАФИИ ОД ЈАВНИ ЛИЧНОСТИ И ОД „ОБИЧНИ ГРАЃАНИ“

Иако горенаведените принципи важат генерално, разлика треба да се направи помеѓу фотографиите на кои се наоѓаат јавни (по која било основа) личности и фотографиите на кои се наоѓаат граѓани, учесници на јавните собири кои не ѝ се познати на јавноста, односно кои не се занимаваат со јавни професии. Јавните личности, без разлика на тоа со која јавна професија се занимаваат, со самото тоа што одбрале јавна професија, се согласиле дека степенот на приватност што го уживаат ќе биде понизок од оној кој го имаат другите граѓани кои не се јавни личности. Понискиот степен на приватност значи и поголем интерес за нивните постапки и поведение, па оттука и фотографиите кои за нив се објавуваат често се со оправдан јавен интерес. Секако, тоа не значи дека треба да бидат злоупотребени надвор од контекстот за кој првично биле направени. Доколку на некоја фотографија одредена јавна личност е во друштво со други лица кои не ѝ се познати на јавноста и не се занимаваат со јавна професија, пред објавувањето, медиумот треба да процени која мерка на заштита ќе ја употреби за да не направи непотребно откривање на идентитетот на лицата што не се од суштинско значење за информацијата.

Во согласност со принципите за заштита на приватноста, обемот на објавените лични податоци треба да одговара на целта што треба да се постигне со таа објавена информација. Иако постојат одредени исклучоци за обработката на личните податоци што се врши единствено за професионалното новинарство во согласност со етичките правила на оваа професија, истите треба да се применливи само во случај ако јавниот интерес преовладува над приватниот интерес на субјектот на лични податоци.

Освен законските одредби, кои наложуваат поставување рамнотежа помеѓу јавниот и приватниот интерес од страна на медиумот, треба да се земе предвид дека секој од нас треба да направи рамнотежа помеѓу степенот на очекувана приватност.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

Дали центрите на моќ ја презедоа улогата на ЦК?

Стана тренд новинарите не само што ќе ја прераскажат ПР информацијата, туку во емисијата, весникот или на порталот да ги покануваат и портпаролите кои ќе ја надополнат сликата. И, кој победува во оваа игра? Се разбира, политичарите.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Од сите области на комуникацијата најтешко е да се дефинираат односите со јавноста. Инстиутот за односи со јавност (The Institute of Public Relations) ја дефинира вака:

„Односите со јавност се дисциплина чија цел е да го сочува угледот, да воспоставува разбирање и подршка на мислењето и на однесувањето во јавноста. Односите со јавност се планирани активности кои даваат резултати, а посебно делуваат на воспоставување на добри односи и меѓусебно разбирање на организацијата и нејзината јавност“

Односите со јавност во суштина подразбираат управување со угледот и воспоставување на солидна комуникација помеѓу клиентите и консументите. Најголемата моќ на односите со јавност се наоѓа во образованието на јавноста, влијанието на ставовите и однесувањето и воспоставување на меѓусебно разбирање.

Добрите односи со јавноста се невидлив елемент при формирањето на брендот и околината која го препознава. Односите со јавноста се од клучно значење при брендирањето, затоа што не можаете да се потпрете само на огласувањето за да го остварите посакуваниот имиџ. Важно е информацијата да дојде до посакуваната јавност.

Вака некако тоа функционира во светот. И таму точно се прави разлика на тоа што е ПР, а што новинарски текст.

Но, дали тоа се случува и во Македонија? Или како тоа функционира кај нас? Секако дека ние сме лидери во новитети, па и спрегата на ПР-от и новинарството кај нас функционира на „малку“ поинаков начин. Кај нас новинарите, всушност, делуваат како пишувачи на адверториали.

Далеку сме од ПР-стратези, а исто толку далеку сме и од новинари. Значи, нешто хермафродитно кое барем засега нема име во светската литература, но сепак лични на адверториал само со измени и само македонски брендирани моменти.

 

ШТО Е АДВЕРТОРИАЛ

Како поим самиот збор адверториал повлекува зад себе прашања за новинарската етика и струка. Тоа е платен напис во весник, прилог на телевизија или радио (во последно време и на портал),  кој е направен и напишан со новинарски стил, а содржината промовира некоја услуга, производ, идеја или нешто што треба да биде продадено (или запаметено). Зборот адверториал е кованица од англискиот збор advertising (огласување) и од уредничкиот односно новинарскиот збор за уредување –editorial. Во правило таквите написи мора (што кај нас не е случај) да бидат видно издвоени од останатите написи и да се истакнат како платен оглас. И според законот е забрането скриено рекламирање. Иако ова е јасно, и во еден дел од медиумите се постапува така, загрижува тоа што во последно време оваа форма добива нова димензија. Односно, таа станува задолжителна новинарска форма. Секако не во сите медиуми, но најмногу се запазува во медиумите кои се согласуваат со политиката на владата.

Иако новинарството учи дека секој промотивен текст мора да биде јасно обележен како оглас, дојде време на пласман на огромно количество на непроверени информации, на кои се препуштени сиротите читатели, слушатели или гледачи. Тие, всушност, треба да ја проценат вистинитоста и да ја изберат информацијата која вреди и која им е потребна.

ПР агенциите или самите ПР служби на институциите (пред се државните/владините), кои, се разбира дека ни се неопходни, ќе си земат за право да се обидат да се мешаат во уредувачката политика и да бараат објавување на одредени информации на начин на кој што сметаат дека треба или на начин на кој што ги испратиле во редакцијата. За волја на вистината ова воопшто не е тешко во последно време.

Дури и новинарите влегоа во категоријата мрзливи бирократи кои едвај чекаат да им стигне готов текст и без да го проверат веднаш го стваат на хартија или прават прилог на телевизија. Поради тоа, а секако и поради ред други причини, новинарството секојдневно паѓа по скалилата надолу без шанси за брзо закрепнување.

 

УЛОГАТА НА УРЕДНИКОТ

Сигурно сте биле сведок на ситуација која ПР оделението на некоја фирма или на некоја политичка партија пробува во некои медиуми да ја протури својата приказна. Наивно, ќе напишат новинарски текст, но во него ќе уфрлат и податоци за фирмата или за политичката партија или нивни ставови, така што мислат дека читателите тоа нема да го забележат. Проблемот, сепак, е во тоа што ретко кој успаел, пишувајќи за себе, да не ја помине границата меѓу самореклама и новинарски текст.

Дека кај нас е измешана улогата на ПР-от и новинарот се гледа од авион. Но, се поставува прашањето кој тоа треба или може да го спречи?

Секако дека ова најмногу зависи од главниот уредник, односно од сопственикот на медиумот, кој секогаш може или воопшто да не ја објави информацијата доколку смета дека е небитна, или, пак, да даде свој коментар.

Сепак, тоа многу ретко се случува. Причини има повеќе:

  • Страв
  • Финасиска моќ
  • Компензација
  • Закана

Независното новинарство и како тоа ќе дејствува во една земја е различно насекаде. Постојат големи разлики колку е новинарството слободно, но и колку јавноста е подготвена да плати за добро новинарство. Во западните демократии најголем проблем е тоа што постојат малку луѓе кои се подготвени да платат за добро новинарство. Сето тоа ја отежнува задачата на новинарите да ја контролираат власта. Поради тоа се нарушува и етиката во новинарството која се чини дека одамна изгубила смисла.  Иако за неа постојат точно одредени дефиниции, таа, сепак, се почитува од малку медиуми и новинари. Значи малку медиуми прават разлика што е ПР, а што новинарски текст или прилог.

 

ВРЕМЕ НА ОДЛУКА

Како да се избегне оваа ситуација и да се вратиме на корените, на изворното новинарство. За да се случи сето тоа потребно е:

  1. Да се прекине со манипулација на вестите. Власта се обидува да манипулира со медиумите. Методите за манипулација се суптилни и ги има многу. Иако најчесто манипулацијата кај нас е доброволна, не е исклучено таа во некои медиуми да биде и присилна. И, секако, мора да дозволимде да кажеме дека оние кои се изманипулирани не се секогаш свесни за тоа.
  2. Вистина. Клучно е да се пишува вистината и само вистината. Разбирливо е дека во новинарството вистината може да биде флексибилна, но новинарите треба да се потрудат барем да ја доловат реалноста на највисоко скалило. Тоа значи дека кога јавноста ќе почне да им верува на новинарите и нема за нив да зборува против на разни дебати целта е постигната.
  3. Јавен интерес. Да се разграничи што навистина е јавен интерес. Сѐ почесто во последно време новинарите се соочуваат со проблемот одредени информации да не можат да ги добијат. Тука зборуваме за оние информации кои се од јавен интерес, а не за државни тајни. Најтазе пример е легитимното прашање каде летува премиерот Никола Груевски. Тоа прашање под притисок доби одговор, но не на начин на кој што треба – преку официјално соопштение.
  4. Приватност. И новинарите треба да направат граница каде почнува, а каде завршува приватноста на јавните личности. Непристојните детали од животот на јавните личности може да биде најчитана вест, но, сепак, колку и да е информацијата точна, тие имаат свои права.
  5. И секако: Вкус. Има информации кои можат да ја шокираат чувствителноста на публиката. Колку далеку може да оди една приказна поради чувствителноста на публиката со цел коректно и целосно изнесување на вистината? Затоа треба добро да се помисли, најмногу од страна на уредништвото, пред да се објават информации кои се со лош вкус.

 

ДО КАДЕ ДОЈДОВМЕ?

Во каква и каша-попара од новинарство да се наоѓаме, сепак, оваа ситуација мора да се реши. Но, мора да се каже дека откако ПР стратегијата на политичките партии влезе во редакциските/новинарските текстови и прилози, професионализмот во новинарството почна да страда. Поради приликите во Македонија тоа можеби е така повеќе отколку во поразвиените демократии, но фактот е тој: наметнатиот ПР го загадува новинарството. Притоа,  тука се мисли на ПР-от на политичките партии, затоа што оној другиот ПР на компаниите и институциите, тоа е веќе нужно зло.

ПР-от на политичките партии стана вирус, кој е многу поинфективен дури и од Еболата и поштетен на подолг рок.

ПР стана црна книга на новинарот и, се разбира, машина за хранење на незапирливата, ненаситна за приказни или ексклузивни стории јавност.

Стана тренд новинарите не само што ќе ја прераскажат ПР информацијата, туку во емисијата, весникот или на порталот да ги покануваат и портпаролите кои ќе ја надополнат сликата. И, кој победува во оваа игра? Се разбира, политичарите.

Но, тоа може и треба да се смени. Потребно е само поголема гласност, што од јавноста, што од новинарите. Зашто, сепак, без јавност новинарот не постои.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

Како пи-арот ќе ви продаде бесплатна вест?

Во дефиницијата на работата на пи-арот лежи да ве убеди дека ви кажал вест или сознание кое треба да го поделите со јавноста и дека со тоа кон вас покажал пријателски гест или имал доверлив однос. Македонските релации меѓу новинарите и пи-аровите немаат толкава сличност со дефиницијата на бесплатност и доброволност

Пишува: Љубомир Костовски

Додека постарите македонски новинари во текот на своите кариери наидувале на строгите партиски комитети и нивните извршни органи, помладите генерации во своите животи ги имаат пи-аровите место комитетлиите. Навидум меѓу овие две категории нема никаква сличност, но и двете историски појави, постарата и поновата, имаат една задача – да „продадат“ бесплатна информација на медиумот со голема сигурност дека истата ќе влезе во неизменета форма истиот или во некој од следните денови!

Дефиницијата која го врзува модерниот пи-ар со информацијата која нема да биде платена, а e објавена, е суштинската за оваа старо-нова релација меѓу моќта (на некоја политичка средина или на економските тајкуни) и прес-работниците. Истата најдобро ја објаснуваат настапите и предавањата на Игор Авжнер, еден од познатите имиња во оваа сфера. Тој самиот предава на некои факултети токму на теоријата на „продавањето на вести“, потоа работи како менаџер на агенијата „Њу фокус комуникејшн“ од Белград, која покривала работа и на големи политички фигури како српскиот министер за финансии, Динкиќ или на Мирољуб Лабус, потоа на политички активности (Инвестициониот план на Србија, нешто како Investment in Macedonia), бил „врбуван“ за големи компании (Национална штедионица, ППБ банк, Форд и слично.

– Не постои содржина која медиумите нема бесплатно да ја пренесат, ако им смислите нешто доволно умно да бидете атрактивни за нив – вели тој во интервјуто за „Политика“ („Теророт на пи-аровите“,  9 февруари ) . Единствен проблем е сето тоа да биде доволно умно за да буде атрактивно за медиумите. Не е доволно да ги познавате новинарите или уредниците, туку да имате имагинација, што во професијата, која на Балканот е нова, главно не е случај.

Купување на пристап до медиумите

Оттаму, на Балканот голем дел од пи-аровите не смислуваат многу „тешки стратегии“, туку одат и едноставно да ги купуваат медиумите и тоа по три основи. Најнапред, да кажеме, дека тоа секако е надвор од дефиницијата за функцијата на пи-арот, како што рековме, ама да не гледаме во влакното!

Едниот од методите, посебно присутни и во македонската средина е класично купување на повластен пристап во медиумите. Во земјава тоа го прават, пред сѐ, поголемите компании кои секоја прес конференција ја претвораат во „работен појадок“. Во поканата на новинарите им се нагласува местото на кое тоа „дружење“ ќе се случи. На официјалните сајтови (да речеме во дневниот билтен на МИА) стои дека се работи за прес конференција, но ако како место на настанот стои некој ресторан, е тука работата е јасна. Колку за новинарите почетници, да им ја објасниме содржината, фактите ќе ги чуете меѓу два залаци, ќе ви ви биде потешко да прашувате премногу, а домаќинот, некој министер или директор на фирма, ќе замине бргу заради „неодложни обврски“, оставајќи друштво да ви прават пониските по хиерархија, кои „не се надлежни да соопштат“. Уживајте во појадокот!

Ако младиот новинар мисли дека од таа закуска може да извлече некаква критичка сентенца, нека биде сигурен дека некаде, на некое повисоко ниво и неговиот уредник можеби веќе бил почестен или, пак, тој смета дека добрите текстови ќе прераснат во пристап до нови рекламни пораки! Ако некој дава за подарок, ќе има и за жиро сметките на медиумите.

(За оваа тема – подароците во новинарството во нашиот Кодекс на ЗНМ има само една реченица, па затоа ги препорачуваме поопширните дефиниции овде и овде.)

Ако на таквите средби има и подарок, секако симболичен, како што споменавме, новинарот секако ќе биде сигурен кога на средбата ќе види и доста свои колеги кои не го следат секторот (!), ама, сепак, зафатиле место, па тој наш колега (или колешка) треба да биде сигурен дека во канцеларијата ќе има и „страничен притисок“, суфлери, во насока да не се прави токму тој „толку умен“.

„Размена на услуги“ на брифинзи

Во земјава најмалку еден министер (од секторот – економија) започна со неделно, попладневно дружење на новинарите (после 2008 година, да нема забуна, се до крајот на 2010 година), откако реши да се препушти на пи-ар агенција која го осмисли неговиот настап. Министерот не беше омилен во коалицијата, без оглед на подршката во неговата партија и тој се обиде на малку подиректен начин да ги освојува медиумите. Таа форма беше најдена во брифирањето во секако важниот сектор, од кој обично не излегуваат многу информации.

Брифингот претпоставува размена на услуги – јас вам доверлива вест, вие мене молчење или разбирање за мојата ситуација. Тоа е најтешката позиција на новинарот, бидејќи е спротивна на неговата основна функција, а таа е она што тој ќе го дознае и да го пренесе на јавноста, која очекува да дознае секој ден некоја новост! И – како порака за помладите колеги – очекувајте дека на таа „тајна вечера“ секогаш ќе има еден, двајца или тројца „Јуди“, кои многу бргу ќе покажат дека немаат патент на устата и дека „од наши извори“ ќе објават сѐ или многу од тоа што било соопштено во наводна доверба.

Ова дружење беше прекинато откако односите на двата коалициони партнери во владата достигнаа до точка на заладување, а министерот доби „прв потпретседател на владата“, кој му дишеше во вратот и знаеше ненадејно да се појави на овие брифирања, кога доверливоста паѓаше во вода, а дружењето се претвораше во – фијаско во однос на целта на министерот, секако. Сепак, уживајте во вечерата! Платена е!

Нема сомнение дека прашањето на директно купување на влијание во медиумите кај нас оди поинаку, преку владините фондови или преку рекламните агенции, што на крајот му доаѓа исто, бидејќи обезбедува „зауздување“ на медиумиот одозгора, од кај сопственикот или главниот уредник, со што новинарот повеќе наликува на „курир“ или личност која треба да ја однесе веста до редакцијата и да ја објави во „изворна форма“.

Ова е најскапиот начин на купување на вниманието на медиумот, иако површно изгледа наедноставен.

Специјални врски

Можеби најстар метод и многу тешко да биде одржлив на долг рок е негувањето на специјални врски со новинарите или, се разбира со некои од нив. Дел од тие наши колеги не ги кријат тие односи и неофицијално знаат на редакциските колегиуми да речат „вчера ми призна претседателот“ или „министерот гласал против овој предлог на седница на владата, ама…“, што е резултат на стари и блиски релации меѓу две блиски сфери на јанвиот живот, нешто како „Каин и Авел од добрите библиски времиња“. Судирот секако следува после еден период, но таа посебност е добредојдена и за политичарот и за „почестениот“.

Македонскиот „изум“ е  злоупотреба на функцијата, особено кога се работи за – најчесто – институција која лиферува поголем број информации, често и дневно и без кои е тешко да се „полнат“ медиумите. Еден од тие извори е МВР, каде портпаролот својот „посебен однос“ го гради врз основа на тоа што ќе знае да ги селектира „непријателските медиуми“, односно, да речеме пресовите или важните новости ќе ги закажува со ес-ем-ес пораки. За тоа кажува доста и текстот „СМС-порака до Јанкулоска“. Поважните медиуми, кои полесно купуваат вести, ќе дознаат во колку часот треба да ги наместат камерите пред Основен суд 1 (каде е сместен истражниот суд), на која врата ќе влезе приведениот (има и предна и гаражна) и слично. Некој добива екслузивна сторија, а некој таа ја нема, па ќе добие „жолт“ или „црвен картон“ на редакцискиот состанок. Таа историја на превидливите судбини на колегите заживеа дури и покрај фактот што ова секогаш значеше и кршење на пресумпцијата на невиноста од една страна, а од друга страна секогаш беше дел од т.н. доверлив однос меѓу пи-арот и медиумот.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.