Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 288

Правила за пишување коментар

Вест или коментар? Која е разликата меѓу овие два новинарски жанрови? Во последно време на некои од македонските веб-страници можат да се сретнат многу написи кои се пласираат како вест, а всушност се коментаторски. Тие најчесто се непотпишани текстови и во голем дел се пропагандни

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Границата меѓу веста и коментарот сè повеќе почнува да се губи, особено кога станува збор за написи објавувани на некои портали, кои главно се познати по тоа што со сите сили бранат одредена политичка партија. Токму затоа и ваквите текстови многу често се предмет на рецензија на нашиот „Сервис за проверка на фактите“, а овде ќе објасниме што е тоа коментар и како тој треба да се пласира во медиумите.

 

КОМЕНТАРОТ Е АНАЛИТИЧКИ, МОНОЛОШКИ НОВИНАРСКИ ЖАНР

Во теоријата на новинарството, постои трипартитна поделба на новинарските жанрови: фактографски, аналитички и белетристички. Коментарот спаѓа во групата аналитички новинарски жанрови.

Новинарските жанрови уште се делат во две општи големи групи во однос на типот на медиумската практика: монолошки и дијалошки. Монолошки се новинарски авторски текстови во кои спаѓа и коментарот и подразбираат собирање на информации од изворот, одење на местото на настанот и известување од местото во облик на вести или во облик на извештај. Притоа, новинарите кои пишуваат имаат одговор за пет замислени прашања на својот аудиториум: кој, што, кога, каде, како се случило.

Коментарот е посложена новинарска форма и бара, освен упатеност во случувањата, и подобро познавање на општествените феномени што ги предизвикале. Коментарот е единствен жанр во кој новинарите се задолжени да го изнесат својот став или ставот на медиумската куќа во која работат за некој општествен феномен или случување.

Притоа, можат да се најдат во улога на интерпретатори, автори или одговорни личности. По правило, коментаторите се новинари кои ги обединуваат сите три функции со тоа што можат да говорат во свое име, но притоа да ја почитуваат уредувачката политика на медиумската куќа во која работат, без оглед на тоа дали како приватно лице се согласуваат со неа или не.

Поголемиот број новинари во некоја своја интерна хиерархија, за коментатори ги сметаат луѓето кои се занимаваат со највисоката новинарска форма. Меѓутоа, во практиката често не е така и читателите често и не обрнуваат внимание на овие текстови, следејќи ја содржината.

Во теоријата, по правило, се разликуваат два вида коментари: воведник или редакциски коментар како текст понекогаш потпишан со името на авторот, но често и непотпишан, кој го одразува индивидуалното гледиште на некој уредник или синтетизираното мислење на група уредници. Пример за редакциски коментар е „Слободен удар“, кој секогаш се објавува на втората страница од дневниот весник „Слободен печат“, а како автори се јавуваат и уредници и новинари.

Layout 1

 

Колумна или авторски коментар претставува текст во кој авторот е јасно идентификуван и кој авторот редовно го објавува под истиот наднаслов. Пример за авторски коментар е „Острилка“ на главниот уредник на „Слободен печат“, Бранко Геровски, која се објавува во истоимениот весник.

 

02-03_Layout 1.qxd

 

РАЗЛИКИ МЕЃУ РЕДАКЦИСКИ КОМЕНТАР И КОЛУМНА

Воведник/редакциски коментар                                     Колумна/авторски коментар

– договор за тема                                                                   – слободен избор на тема

– колективна свест                                                                – его на авторот

– анонимен автор(најчесто)                                               – личност на авторот

– „воспитување“ на читателите                                         – блискост со читателот

– поддршка на уредувачката политика                          – контрирање (многу често)

– уредничка редактура                                                        – отсуство на редактура

 

ПРАВИЛА ЗА ПИШУВАЊЕ НА КОЛУМНА/АВТОРСКИ КОМЕНТАР

Кај колумните доминира личното гледање на појавите или случувањата, доминира личниот став и, пред сè, не може да се зборува за некои посебни правила. Секој колумнист се труди да изгради личен стил по кој ќе биде препознатлив. Колумната на некој автор има и непроменливи елеменати, како што се објавување во одреден ден, постојан наднаслов, име и најчесто фотографија од авторот, постојано место во весникот. Колумната се објавува интегрално, без уреднички интервенции.

 

ОСНОВАТА ЗА КОМЕНТАР Е ВЕСТА

Коментарот се пишува откако нешто се случило. Предвидувањата дека нешто ќе се случи не се најдобра основа за коментар во медиумите. Веста мора да биде значајна за да се коментира. Коректно е да се објави веста во целина, па дури потоа да се коментира.

Неопходен е објективен пристап во коментирањето. Иако коментарот е одраз на личниот став, не значи дека не треба да биде објективна слика на случувањата. Вообичаено е коментарот во весниците да биде реалтивно краток, до 84 реда, а во електронските медиуми до 2 минути. Добро е коментарот да се изговара, но да не биде повторување на памет. Со оглед на тоа дека коментарот е авторска форма, недозволено е да го чита спикер.

 

ЕЛЕМЕНТИ НА КОМЕНТАРОТ

Коментарот содржи три целини: глава, среден дел и заклучок.

Во главата на коментарот е веста. Може да содржи и изјава, но интригантска „јадица“ за која ќе се закачи коментаторот. Тој може во рамки на главата веќе да ја изнесе својата теза, односно антитеза на поставената теза.

Слободен печат

 

На пример, во колумната „Нови граници на Балканот?“, професорот Денко Малески, во главата, пренесува изјава на Дејвид Овен и со тоа најавува што ќе коментира.

„Дејвид Овен, меѓународниот посредник во кризата во Југославија, човекот кој на почетокот од деведесеттите со жар нè убедуваше дека никогаш, ама никогаш, нема да се легитимираат придобивките од етничкото чистење и промените на границите, десетина години подоцна помирливо ќе изјави: „Време е да се ослободиме од резервите кои ги имаме кон ново исцртување на меѓународните граници и да понудиме балканско решение за балкански проблем“. Зашто, ако и натаму се инсистира на непроменливост на границите, предупреди Овен, тогаш на сите треба да им биде јасно дека американските и НАТО трупите ќе мора да патролираат долж етничките линии на овие поделени општества, уште долго време“.

Во средниот дел од коментарот се создава заплетот. Се редат аргументите за и против изнесените тези во главата. Се наведуваат податоци, факти (може да бидат општествени односи, причини за појави кои треба да се пронајдат, одговорност која треба точно да се утврди) се подредуваат и се објаснуваат. Важно е да нема многу општи работи и да се посочуваат прецизни и конкретни работи. Во спротивно, сè е само празна приказна. Во овој дел доаѓа до израз знаењето на коментаторот, општата култура и добрата информираност. Со овој дел, авторот го придобива аудиториумот за своите ставови.

„Верувале или не, но опасниот настан од Куманово можеше да биде тоа треперење на крилјата на една пеперутка која, докажано е, предизвикува ураган. Или, да претпоставиме, сецесионистичкото поведение на Република Српска, во случај на силна поддршка од Русија, како одговор, да речеме, на Западното инволвирање во Украина, би можел да биде причинител за конфликт. Односите помеѓу Албанците и Србите во Косово, е уште еден таков пример, каде некој налудничав етнички колеж, може да го загрози целиот регион, повторно вовлекувајќи ги и околните држави во вртлогот на историјата“.

Заклучокот во коментарот може да има само една ефектна реченица или цел пасус, но не повеќе. Добро е да е категоричен, јасен, може да биде и афористичен, доколку авторот има афинитети кон таа форма на изразување, но не насила духовит – тоа го убива секој коментар. Може да биде мобилизирачки (да се покрене акција која би придонела кон санација на состојбата) или да сумира некои состојби или да се заврши добро со одмерени прашања. Во секој поглед, не би требало да биде наметлив и морализаторски, а особено не да вади заклучоци од ништо.

„Оттука, наспроти сите домашни опструкции и сета антизападна реторика, со зборови и со дела мора да се истрае во напорите за европски, а не за балкански исходи во Македонија и пошироко во регионот. Инаку, македонскиот претседател може да напише уште осуманесет или колку беа писма за постоење на терористички групи во регионот, но сè додека претставник на нашата држава како полноправна членка не седи на масата на НАТО, врзувајќи ја нашата безбедност со безбедноста на Алиансата, опасноста останува“.

 

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА КОМЕНТАРОТ

Различни теоретичари наведуваат различни квалификации за коментарот. Најтипична е онаа која разликува полемички, аналитички и хумористичен коментар.

Полемичкиот коментар во изнесувањето на главата зазема спротивен став и го брани со аргументација до крај, а во заклучокот целосно ја оспорува тезата од главата.

По чиј налог работи Јанева

Аналитичкиот коментатор ја разложува на сегменти тезата што е изразена во главата и ги наведува аргументите за и против, го осветлува проблемот од неколку страни, бара причини, наведува последици.

Македонија нема спор за името со Грција

Хумористичниот коментар, по целосното сериозно поставување на главата, иронично и хумористично се осврнува на тезата и се докажува сè спротивно до апсурд. Во овој тип на коментар најважно е да се одреди границата на добриот вкус.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

Како да се почитува авторското право и како да се цитираат вестите на веб?

Повредата на авторските права во Македонија е казнива со закон. Медиумите, вклучувајќи ги и тие на интернет, не се исклучени од законската одговорност. Интернет-порталот, во случај на прикажување на една одредена фотографија, аудиовизуелно дело, дело од фигуративната уметност, пишано дело, музичко дело и други авторски дела, мора да го напише авторот и од каде го презел авторското дело

 

Пишува: Агрон Врангала

Едно од најевидентните проблематични прашања во објавувањето на текстови на интернет е почитувањето на авторското право или интелектуалната сопственост. Овие аспекти секогаш биле предмет на дискусија во светот на уметничката креативност, но и во публицистиката или новинарството, долго пред да се измисли интернетот и објавувањата на веб-страници. Меѓутоа, како што изгледа, во процесот на интернет-објавување, прашањето на авторското право сè повеќе се истакнува.

„Со „авторско право“ во современиот свет се подразбира пред сè правото за да се пристапи кон или да се употреби нешто – било тоа од материјалниот свет (како пр. пенкало, компјутер, велосипед, итн.) или нешто нематеријално, вклучувајќи ја „интелектуалната сопственост“, како што се зборовите на авторот или кодираните скрипти на програмерите.“ [1]

Во средината на 19 век, обединети под водство на авторите, разните творечки групи заедно повикаа за промени на нивната општествена положба со еден меѓународен законски степен, кој на крај доведе до создавање на Бернската конвенција. Потпишана на 1886 година, Бернската конвенција за заштита на книжевното и на уметничкото дело, беше кулминација на многуте обиди за создавање еден мултилатерален договор за заштита на авторското право, кој би ја заменил поранешната некомплетна мрежа на билатералните договори. Претседателот на финалната конференција, Нума Дроз, го нарече овој случај „спектакуларна афирмација на будење на универзалната совест во корист на авторите“. Нормално дека Берн не предвидуваше уште од почетокот дигитална употреба на авторскиот труд, кој во тоа време не беше измислен, но сепак, тој подоцна стана применлив за многу авторски активности на интернет. [2]

Правилната употреба е една законска доктрина што дозволува ограничена употреба на материјалот без дозвола на сопственикот на правата. Ова е еден вид на законска заштита, наречена позитивна заштита. Ексклузивните права се само за авторот на творештвото со закон за авторски права. Примери за правилната употреба на авторското право во Соединетите Американски Држави се: коментарите, плтформите за пребарување, критиките, пародиите, известувањето на вестите, истражувањето и берзите. Ограничувањата и исклучоците врз авторското право за настава и архивирање на библиотеката во САД се поставени во еден поинаков дел од статутот.[3]

 

ПОВРЕДАТА НА АВТОРСТВОТО СЕ КАЗНУВА И ВО МАКЕДОНИЈА

Повредата на авторските права во Македонија е казнива со закон. Медиумите, вклучувајќи ги и тие на интернет, не се исклучени од законската одговорност. Интернет-порталот, во случај на прикажување на една одредена фотографија, аудиовизуелно дело, дело од фигуративната уметност, пишано дело, музичко дело и други авторски дела, мора да го напише авторот и од каде го презел авторското дело (хиперлинк на интернет-порталот или на некој друг начин). [4]

Во нашите медиуми, најчестите случаи каде што не се почитува авторското право се:

  • Целосното копирање на текстот без да се цитира авторот или медиумот од каде што е преземен;
  • Копирање на текстот и модификација (трансформација) на истиот без да се каже референтната точка;
  • Позајмување на изјавите од извори кои се изјасниле за некој медиум и нивно присвојување како да се земени директно од странката;
  • Неовластено користење на фотографии, аудио и видеоматеријали и без да се цитира авторот на истите, итн.

Во светската практика на интернет-објавувања, на пример, компанијата што се грижи за идентификација и за заштита на авторското право Creative Commons, од една страна ги признава и ги штити индивидуалните права, но ова го прави на инклузивен начин, значи сама по себе го признава правото на другите за да пристапат кон и да користат едно творечко дело. Во лиценцирањето на Creative Commons пишува:

Вие можете:

  • Да делите со другите – копирате, делите, прикажете и претставите едно творечко дело;
  • Да обработите – да создадете деривати од оваа работа,

но под услов да ги исполните овие услови:

  • Атрибуција: вие треба да атрибуирате едно дело на начин одреден од авторот или давателот на лиценцата;
  • Некомерцијализација: вие не треба да ги искористите овие дела за да остварите добивка;
  • Дистрибуција: доколку вие отуѓувате, трансформирате или создавате едно друго дело врз основа на ова дело, вие треба да ги дистрибуирате резултатите на работата под една ваква или слична лиценца на ова (ставајќи го линкот на веб-страницата). Но, доколку имате дозвола од авторот на тој материјал, тогаш можете да го користите без да ги почитувате овие правила;

 

АКО СИТЕ ПОЗАЈМУВААТ, КОЈ ЌЕ ПРОИЗВЕДУВА ВЕСТИ?

Исто така, и во Етичкиот кодекс на новинарите на Македонија пишува:

„Правењето на плагијати е недозволиво. Цитатите не треба да се користат без одобрение од изворот или авторот.“.[5]

Оваа повреда е позната карактеристика на нашите информативни веб-страници, но има случаи и кога изворите на позајмување на вестите се почитуваат. И покрај ова почитување треба да се каже дека една вест создадена од почеток, е подобра од една позајмена вест, што значи дека ако повеќе веб-страници со вести имаат свои репортери и се заложуваат за производство на автентични вести, ова го проширува хоризонтот на гледните точки и пристапите кон еден одреден настан. Ова е проблем од свој вид со кој се соочуваат порталите во нашата земја. Ако сите позајмуваат, тогаш кој ќе произведува вести? Ова е еден постојан лов кој трае…

Терминот што најмногу се употребува за менаџерите на малите портали е админ или администратор. Највообичаена работа на администраторот на еден портал е само што ќе стане од спиење, да седне пред компјутерот и да ги прегледува веб-страниците на поголемите медиуми кои успеале да произведат нови вести. Врз основа на еден целосно индивидуален избор, администраторот прави еден список на вестите што ќе бидат дел од неговата страница за тој ден. Истата ситуација се повторува секој ден.

Постои една изрека во новинарството што вели „Сите вести се локални“, која што во денешните време би се преформулирала: „Добар дел од вестите се хиперлокални“. [6]

Терминот „хиперлокал“ е еден од оние термини што во последно време наоѓа широка употреба. Хиперлокалното покривање се фокусира на тие настани, кои независно од тоа колку се мали, може лесно да се најдат на интернет и имаат потенцијална публика. Наместо да се „трча по информацијата“, и всушност да се копираат содржините што другите медиуми веќе ги имаат, помалите медиуми може да им се посветат на оригиналните информации, кои се важни токму за нивната средина, за публиката или специфичните групи на возраст, и да постигнат уште повеќе.

 

ИНТЕРНЕТ-МЕДИУМИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА НЕ СЕ „ЧИСТИ“

Во обемната книга „Динамиките на масовната комуникација“, авторот Џозеф Р. Доминик, меѓу другото, зборува и за кодексите на новинарските перформанси. Според него, многу етички одлуки треба да се земат за време на неколку часови или минути, без луксузот на долгото филозофско размислување. Затоа, медиумските професионалци не се многу различни од другите професионалци, како, на пример, докторите или адвокатите. Во овие професии кодексите на однесување или етика се стандардизирани за да им помогнат на поединците во нивните одлуки. Доколку еден доктор или адвокат повреди некој од начелата на овие кодекси, нему може да му биде одземено правото на вршење на професијата преку одлука на одбор од колеги што ја надгледуваат оваа професија.

Овде завршува сличноста со мас-медиумите. Медиумските професионалци, иако се ангажираат со поимот на слободата на говор, немаат професионални инспекциски одбори кои би давале или би ги продолжувале лиценците. Кодексите на медиумскиот перформанс и методите на саморегулирање се помалку прецизни и помалку строги во споредба со тие од другите организации. Но, многу од дискутираните начела се вклучени во овие кодекси. [7]

Со една извршена анализа од Македонскиот институт за медиуми (МИМ), интервјуираните експерти од организации што се занимаваат со медиуми и со авторски права, евидентирале дека ниеден од медиумите на интеренет не е „чист“ за да почне прв да преземе мерки за заштита на своите авторски продукти. Дури и тие што се сметаат себеси за „чисти“ во поглед на почитување на авторските права на авторите во Македонија, не го почитуваат авторското право кога позајмуваат материјали од странски автори. [8] Ова не треба да се сфати како едно задолжително зло, туку треба да се работи во насока на едукација на корисниците на новите медиуми за што повеќе да ја избегнуваат оваа незаконска практика, што ѝ штети на интелектуалната работа, но и на самиот медиумски имиџ.

 

Референции:

[1] Charles Ess; Етика на дигиталните медиуми, превод од англиски: Рапо Згури,печати: Албански Институт за Медиуми, Тирана, стр. 61.

[2] Giuseppina D’Agostino (2010): Copyright Contracts, Creators New Media, New Rules, печатено од: Edward Elgar Publishing Massachusetts, USA. стр 88-89.

[3] Creative Commons: https://blog.creativecommons.org/2016/02/23/the-flip-side-of-copyright/. Датум: 14:03.2016

[4] АНАЛИЗА: Македонија во дигиталната ера – меѓу правата и одговорностите при комуницирање на интернет. Печати: Македонски институт за медиуми, Скопје, 2015, стр. 27.  Датум: 19.03.2016.

[5] Кодекс на новинарите (2011) Печати: Македонски институт за медиуми во соработка со Здружението на новинари во Македонија, 14 ноември, Скопје.

[6] Joseph R. Dominick (2010): Динамиката на масовната комуникација. Медиумите во дигиталното време, УЕТ Прес, Tирана. стр. 457.

[7] Joseph R. Dominick; Динамиката на масовната комуникација. Медиумите во дигиталното време, УЕТ Прес, Tирана, 2010, стр. 595.

[8] АНАЛИЗА: Македонија во дигиталната ера – меѓу правата и одговорностите при комуницирање на интернет. Печати: Македонски институт за медиуми, Скопје, 2015, стр. 27.  Датум: 19.03.2016.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

Не смее да се плагира, но ни да се бара монопол над вестите

Во последно време, новинарите во Македонија водат жестока јавна дебата за плагирањето на нивните трудови. Отворена е дури и посебна група на Фејсбук, на која новинарите објавуваат текстови за кои сметаат дека им се плагирани (или „украдени“), а потоа се водат лути расправи. Во основа, поттикнувањето на свесноста за тоа што е оригинал,  а што плагијат во новинарството, е добра работа, затоа што секој професионален новинар има етичка обврска да не се служи со плагирање и со почит да се однесува кон трудот на своите колеги.

Пишува: Билјана Илиќ

 

За жал, кога човек ќе навлезе во содржинска анализа на примерите на „кражби“ на кои алармираат новинарите, покрај очигледните нелегитимни преземања на оригинални содржини од други медиуми (понекогаш дури и без посочување на изворот, што секако е рамно на кражба), регистрираме и многу случаи на погрешно разбирање за тоа што е, всушност, плагирање во новинарството. Па така, во многу случаи, новинарите се мачат како сопствен оригинален новинарски труд да ги третираат вестите и извештаите создадени врз основа на пишани соопштенија (препишани, значи), од билтените на институциите (најпопуларен е билтенот на МВР), од т.н. прес-листови што се лиферуваат после конференциите за печат и слично. Работата оди дотаму што понекогаш брзината на објавување на таквите вести се смета за клучен и елиминациски фактор во определувањето на тоа што е „оригинал“, а што „копија“ – некој што прв објавил вест преземена од билтенот на МВР смета дека создал оригинално дело и дека сите други, едноставно, го плагираат. Така доаѓаме до апсурдната ситуација многу новинари да сметаат дека имаат монопол и врз самите вести за настаните.

 

ШТО Е ЕКСКЛУЗИВНО, ШТО Е ЈАВНА СОПСТВЕНОСТ

 

Очигледната забуна, освен од меѓусебното нетрпение на новинарите, доаѓа и од неподготвеноста да се прифати фактот дека во оној момент кога еден медиум веста за одреден настан ја споделува со јавноста – ја објавува и при тоа, ако може, за тоа наплаќа, а ако не може, ја „дели“ бесплатно – таа веќе станува јавна сопственост. Или, уште попрецизно: веста за еден настан станува јавна сопственост, но не и начинот на кој таа е обработена од страна на новинарот. Веста за трагична сообраќајна несреќане е и не може да биде било чија ексклузивна сопственост, без оглед кој прв ја објавил или можеби се затекнал на местото на настанот. Кога би било поинаку, дали веста за овој настан би смеел да ја објави дописник на странски медиум?

Новинарите имаат не само легитимно право, туку и професионална обврска, да се информираат од разни извори, меѓу кои се и другите медиуми. Информациите за настаните што ќе ги дознаат при тоа можат да ги користат сосема слободно – под одредени, општопознати услови (прецизна атрибуција, линкување итн.) да ги пренесуваат директно или да ги збогатуваат вестите со користење други извори, со дополнителни истражувања, со контекстуализирање и користење бекграунд информации. При тоа, секој мора да го почитува трудот на своите колеги и нивната оригиналност во пристапот и во обработката на темите. Тука, за жал, баш и не можеме да се пофалиме.

Лоша е и идејата агрегаторите на вести да ги третираме како „плагијатори“ и да смислуваме законски и етички пречки тие да ги преземаат вестите од електронските публикации (ајде, да го употребиме за прв пат новиот термин што ќе го наложи новиот закон за медиуми), сѐ додека тие своите посетители директно ги водат на веб-страниците од каде што се преземени вестите. Да, њузпорталите со право се несреќни поради тоа што на таков начин агрегаторите, без многу труд и мака, создаваат сајтови на кои трупаат реклами и заработуваат дебели пари, но тоа е така зашто њузпорталите не се трудат здружено да им предочат на огласувачите и на маркетинг агенциите дека огласувањето на агрегатор наместо на информативен портал од каде што се презема веста, е како да се огласува на прозорецот на трафиката наместо во весникот што е изложен таму.

 

ИЛИ ПОРТАЛ ИЛИ АГЕНЦИЈА

 

Како што слушнавме неодамна, постои некаква иницијатива за измени на законите кои се однесуваат на авторските права, со кои наводно ќе се регулираат овие прашања и ќе се заведе некаков „ред“ во оваа област. Тоа не е лоша идеја, но само ако се внимава со новите правила на игра да не се воведат неодржливи ограничувања на содржините во медиумите. Ниту смее, ниту може да се ограничи правото на пристап до вестите за настаните, дури и тогаш кога извор се медиумите. Доколку некој се обиде да го спречи тој нормален проток на информациите, ако дури и се затворат агрегаторите, хипотетички зборувајќи, „проблемот“ би можел да се реши на многу едноставен начин – некој досетлив на Фејсбук ќе формира група која ќе се вика, да речеме, Вести и дневни настани, па таму неограничено ќе ги постира сите информации копипејстирани од електронските публикации и од он-лајн изданијата на печатените медиуми и телевизиите. Така, тој нов медиум ќе стане неограничен и легитимен извор на информации, којшто нема да може да се оспори ни правно, ни етички (сѐ додека не се заведе контрола и врз интернет, што можеби е и можно во земји како Македонија).

Конечно, секој што мисли дека неговото авторско новинарско дело вреди пари, има само еден сигурен начин тоа да го провери – најдобро е да се обиде да го продаде. Интернет медиумите не можат истовремено да се однесуваат и како њузпортали кои што бесплатно објавуваат информации, и како информативни агенции, кои би сакале да ги наплатат вестите и другите содржини што ги произведуваат. Тој што има намера на тој начин да го вреднува својот труд, едноставно, треба да ги затвори содржините за очите на широката јавност и вестите да им ги продава на оние што се заинтересирани да ги купат. Како што, впрочем, прават вистинските новински агенции.

А новинарите бездруго треба да ја негуваат својата оригиналност, но пред сѐ преку начинот на кој известуваат, анализираат и коментираат, во кој ќе се огледа нивната инвентивност и талентот. Во поголем дел од медиумите, особено кај дел од њузпорталите, веќе се воведени добри практики на почитување на туѓиот новинарски труд, па така новинарите се трудат не само да ги наведат изворите од каде што директно ги преземаат вестите, туку и со линкови да ги „препраќаат“ своите посетители до содржините на изворникот. Тие практики треба да се збогатат и да се продлабочат. Грешки и очигледни прекршоци, се разбира, имало и ќе има, но важно е да се негува трендот. И секако, треба да се води упорна и секојдневна битка со оние медиуми кои буквално се однесуваат како пирати, кои грубо и насилно преземаат дури и анализи и колумни од конкурентски медиуми, обидувајќи се на тој начин лесно да заработат од туѓиот труд.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење

Од извори блиски на „Фејсбук“…., па на национална телевизија

Социјалните мрежи целосно го сменија начинот на комуникација и дадоа сосема нова димензија на комуникацијата, известувањето и на преносот на информации, а со тоа го сменија и односот на медиумите кон известувањето. Изборот на информации објавени на социјалните мрежи како приоритетен извор на информации е сè почест кај медиумите што комплетно го менува односот на публиката и на медиумот, при што публиката станува дел од процесот на информирање

 

Пишува: Елена Стојановска

 

Ако се земе предвид фактот дека новинарите сè повеќе ги користат социјалните мрежи како извор на информации и фактот дека корисниците на „Фејсбук“ се изјаснуваат дека оваа социјална мрежа е помеѓу најдоверливите извори на информации на кои тие се потпираат, неизбежно е да се појават следните прашања упатени кон новинарите:

  • Која од информациите кои можат да се најдат на „Фејсбук“ е релевантна за да биде пренесена во медиумите?
  • Имаат ли новинарите време да ја проверат информацијата со целата нејзина содржина?
  • Каде редакцијата ќе постави граници помеѓу она што е релевантно и она што директно нарушува нечие право?

Непосредно по големото невреме и поплавите во Скопје, национална телевизија објави прилог во делот на информативната програма во кој во половина од времетраењето објавуваше статуси објавени на приватни фејбук-профили на лица кои се активисти во политички партии, здруженија на граѓани, но и лица чии статуси на „Фејсбук“ се ставени во конотација со која се претпоставува нивната политичка ориентација, ставови и мислења.

 

ОД ДРУГАТА СТРАНА НА ПРИВАТНОСТА

Користењето и пренесувањето на туѓи статуси на „Фејсбук“ во основа е проблематично и отвора многу дилеми. Пред сè, треба да се тргне од тоа дека секој кој има свој профил на оваа социјална мрежа информациите што ги објавува се наменети за онаа јавност која самиот ја одбрал, а тоа се неговите пријатели на „Фејсбук“ и оние кои го следат, доколку тоа го дозволил. Објавувањето на „Фејсбук“ е јавно, но тоа не подразбира дека може да биде достапно за целата јавност.

За да може да се проблематизира на тема нарушена приватност, треба да се тргне од тоа чии статуси се објавуваат, но уште поважно, во кој контекст истите се пренесени. Доколку станува збор за лица кои ѝ се познати на јавноста, вршат јавни функции, креатори се на јавното мислење и објавуваат информации од јавен интерес, пренесувањето на нивните статуси како ставови може да се случи, но само ако истите се објавени на профил кој лицето го користи како јавен профил.

Во прилогот кој е земен како пример, објавени се статуси на лица кои не се јавни личности. Покрај статусите објавени се и нивните профилни фотографии и целосните имиња на профилот. Дополнително, за дел од нив, иако не е јасно видливо од самата фотографија направена од нивните профили, дадени се информации за нивните активности во одредени граѓански здруженија. Со ваквиот начин на објавување се врши и директно поврзување на лицата со политичка партија, а се претпоставува и нивната сексуална ориентација што согласно Законот за заштита на личните податоцисе чувствителни лични податоци и се дел од посебните категории на лични податоци чие објавување во случајов не е дозволено.

Посебни категории на лични податоци се лични податоци кои го откриваат расното или етничко потекло, политичко, верско, филозофско или друго уверување, членството во синдикална организација и податоци што се однесуваат на здравјето на луѓето, вклучувајќи ги и генетските податоци, биометриски податоци или податоци кои се однесуваат на сексуалниот живот.

 

ДАЛИ ЦЕЛТА ГИ ОПРАВДУВА СРЕДСТВАТА?

Во ваквиот вид на „вести“, кога редакцијата одлучила дека извор на информации ќе биде „Фејсбук“, а начинот на објавување на информации од приватни профили крајно несоодветен, прво нешто што треба да се увиди е целта на информацијата. Целта на медиумот може да биде да укаже на тоа како корисниците на социјалните мрежи реагираат на одредена ситуација, како се активираат за време на непогода, кои се ставовите и мислењата на интернет-заедницата. Во тоа нема ништо спорно. Ако ова е целта на преземањето статуси од „Фејсбук“, тогаш нивното прикажување треба да биде многу внимателно, односно со замаглени фотографии и имиња на профил. Но, непреземањето на овие мерки не може и не смее да биде средство за објавување информации на начин на кој се гледа тенденциозност за етикетирање на лица и користење на нивните приватни профили во политички цели.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

За самоубиства не се информира

Секогаш е страшно кога човек умира, можеби уште пострашно, или барем позбунувачки, е и кога тој сам ќе посегне по сопствениот живот. Тоа е информација која стаписува, вест која буди сериозни прашања, но тие прашања се лични и не се решаваат во јавниот аудиториум

 

Пишува: Тамара Чаусидис

 

Во потрагата по вестите „што се продаваат“ денеска никој не е поштеден. За јавните личности тоа е цената која мораат да се согласат да ја платат. Медиумите често се повикуваат на јавниот интерес, на правото на јавноста да знае и тоа е навистина така. Нема амнестирање, нема поштеда за оние кои се решиле да делуваат под будното око на јавноста, но што е со обичните анонимни луѓе? Смееме ли навистина нивната интима да ја третираме како „вест“ и да ја „истуриме“ нивната трагедија пред очите на гледачите, слушателите, читателите, без и малку задршка, скрупули и во крајна линија без и малку човечност?

Секогаш е страшно кога човек умира, можеби уште пострашно, или барем позбунувачки, е и кога тој сам ќе посегне по сопствениот живот. Тоа е информација која стаписува, вест која буди сериозни прашања, но тие прашања се лични и не се решаваат во јавниот аудиториум.

 

Информациите го зголемуваат бројот на самоубиства

Поврзаноста меѓу самоубиството и медиумите е одамна препознаена и докажана– секоја информација за самоубиство ги поттикнува оние кои „се на работ“ на нова трагедија. Имено, истражувањата покажаа дека еден од факторите кои некоја ранлива личност можат да ја наведат на самоубиство е и публицитетот што на таквиот чин му се дава во медиумите. Најризична група се токму младите и адолесцентите.

На пример: по медиумските извештаи за самоубиство со самозапалување во 1972 во Велика Британија следната година се регистрирани 60 самоубиства со самозапалување. Во 1980-тите германската телевизија детално извести за самоубиството на едно 19 годишно момче кое се фрли под воз. Во следните 70 дена регистриран е зголемен број на самоубиства извршени на ист начин.

Но, внимателност и дискреција во третирањето на самоубиствата како тема не се налага само заради превенцијата на самоубиството, туку и за да се одбегне дополнително трауматизирање на жртвите.

Да не заборавиме – во самоубиството никогаш нема само една жртва! Жртва е самоубиецот, но жртви се и оние што остануваат: родителите, роднините, пријателите и сите кои на некој начин биле поврзани со жртвата и кои ќе мораат да живеат со тој страшен настан до крајот на својот живот.

Затоа, во светот е усвоена пракса за самоубиствата генерално, а особено на луѓе што не се јавни личности, речиси воопшто и да не се пишува. Ако тоа, сепак, се прави – темата се третира со изразено сочувство и дискреција , медиумот не смее да го објави полниот идентитет, а уште помалку фотографија на жртвата.

Но, за жал, овие правила како да не важат за нас иако членовите 7 и 8 од Етичкиот Кодекс налагаат новинарите да ја зачуваат приватноста на личноста и да не известуваат со сензационализам во случаи на самоубиство, бидејќи станува збор за семејна трагедија.

Овие правила или сме ги заборавиле или намерно ги премолчуваме во комуникацијата со помладите колеги, но не е точно дека никогаш не сме ги знаеле. Секој новинар што бил на терен и се соочил со семејна трагедија знае колку е тешко да сведочиш за неа, па, сепак, решаваме да ги игнорираме сигналите дека „одиме предалеку“.

 

Цел еден живот за две минути сензација

За самоубиствата во македонските медиуми редовно се информира, жртвите се сликаат покриени (а понекогаш и не) на тревниците од зградите од кои скокнале, се бараат „мотивите“, што е особено дегутантно. Им се суди и неретко пресудува на некој од членовите на семејството, на родителите, на сопругата, на роднините – сето тоа само за еден прилог од 2-3 минути, текст од десетина реда. Цел еден живот, една трагична приказна дадена во рацете на новинар да ја исцрта и сведе на изјави на комшиите, на чаршиски муабети и шпекулации, на слики на скршеното тело за да се задоволат неколку минути од нашето внимание.

Оттаму, крајно време е како професија јавно да се запрашаме: Дали со објавување на информацијата за самоубиство ние навистина го задоволуваме јавниот интерес или, пак, јавната љубопитност, ниските страсти и потребата од сензација? За жал, нема ништо сензационално во самоубиството – тоа е длабоко трагичен чин, можеби најтрагичен начин за завршување на нечиј живот.

Сите знаеме и секој новинар со сигурност ќе ви каже дека не му е целта да ја зголеми трагедијата за која информира, но таа сигурност ја нема во одговорот на прашањето дали успеваме во тоа.

SOS_linija_3136-400

Серија анализи за односот на медиумите кон проблемот на самоубиство:

  1. (Не)етичко известување: Дали медиумите влијаат на бројот на самоубиства?
  2. Како (не) треба да се известува за самоубиство: Воздржете се од сензационализам!
  3. Како (не) треба да се известува за самоубиство: Препораки и примери
Новинарски рецензии на медиумски продукти во кои се споменува самоубиство:

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.