Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 287

Крајот на филмската уметност и последниот критичар

Парафразирајќи го американскиот политоколог-футуролог Френсис Фукујама („Крајот на историјата и последниот човек“), може ли да заклучиме дека комерцијализацијата и (интернет) дигитализацијата доведе до „смрт“ на филмот како уметност и негово „ослободување“ исклучиво како пазарен производ? Каде, во таа ситуација, е критичарот?

 

Пишува: Стојан Синадинов

 

Дали во последно време сте прочитале некоја филмска критика и зошто не?

Ваквото прејудицирано прашање е лесно предвидливо. Филмската критика во домашните медиуми денес е спорадична појава. Колку-толку редовна филмска критика во печатените медиуми ја има само во еден весник, а специјализираното филмолошко списание излегува еднаш годишно. Во електронските само на една телевизија, во склоп на магазин за филм. На интернет-порталите е инцидентна појава, најчесто како дел од извештаите од  трите поголеми домашни филмски фестивали. Но, најфреквентна е во блого-сферата, со сите предности и маани: нема филтер кој ќе ја оддели промислената, стилски дотерана, поткована со знаење и – зошто да не, духовита – критика со сосем личен – а најчесто и квазилиричен – став за филм кој некому му се допаднал или не.

Филмската критика не треба да се меша или поистоветува со пишувањата за филмовите во дневниот и неделниот печат, или прилозите на телевизиите и радијата, кои се фокусирани на славните актери, заработувачката на филмовите на благајните, и останатите содржини од селебрити „домејнот“.

Критиката според лексиконите е вештина на оценување, анализа и просудување за некое дело или постапка. Според  д-р Владимир Петриќ, еден од основоположниците на филмската теорија и критика во СФРЈ, филмската критика во најдоследната смисла подразбира длабинска анализа: најдетална анализа на едно филмско дело, односно на неговата содржина, форма, функционалност и усогласеност. Филмската критика е своевидна „практична“ дисциплина, која заедно со филмологијата (филмската теорија и историја) и филмското творештво го сочинуваат трилингот.

Дури и да рецензира некој лош филм, критичарот треба да има големо познавање од социологијата, психологијата, општата, националната и уметничката историја, драматургијата, политикологијата, традицијата на националната кинематографија каде што е создаден тој филм… Потоа, нужни се познавања на нарацијата, филмската форма, композиција на кадарот, работата со камерата, ритамот на актерите, нивниот начин и техника на глума, мизансценот и мизанкадарот (режирање на сцената и кадарот), стилот на монтажата („меки“, „тврди“, „брзи“ резови…), филмски трикови и специјални ефекти, звукот и музиката…

Или, како рецепт за добар коктел: вистинските елементи кои се битни за одреден филм, фино помешани, а ако некој милува и чадорче како украс.

 

КОЈ ПИШУВА ФИЛМСКА КРИТИКА, И КОЈ ЈА ЧИТА?

Теоретичарот на масовните медиуми Маршал Маклуан во неговата поделба на медиумите на „студени“ и „жешки“, филмот (заедно со радиото и фотографијата) го ситуира во „жешките“. За разлика од „студените“ (говорот, стрипот, телефонот, телевизијата), кои се „ниско одредени“ бидејќи не создаваат заситеност со информации кои ги нудат, па примателот мора да ја довршува пораката со засилено учество, „жешките“ нудат богатсво на информации.

„Филмот претставува спектакуларен спој на старата механичка технологија и новиот електронски свет, па соединувањето на механичкото и органското во светот на „брановидни форми“ го врзува за технологијата на печатот и му обезбедува сопствено разбирање како продолжение на писменоста… Типографскиот човек брзо се прилагодил на филмот бидејќи тој,како и книгата, го развива светот на фантазијата и соништата низ фрагментација на универзумот“ – Маршал Маклуан.

Сигурно дека од овие редови не би требало да изведуваме (нај)проста равенка со две познати меѓу создавањето филм и пишувањето за него (критиката). Но, зошто да не?

Полскиот режисер со светска слава Анджеј Вајда во неговите размисли за филмкото творештво („Филмот наречен желба“) вели дека најопасни се оние сценаристи кои создаваат сценарио-импресија, текст за филм кој сценаристот го „гледа“ со очите на сопствената душа, кој веднаш (о)станува затворена книга, бидејќи таков филм евентуално би можел да сними само сценаристот.

Слично е и со критиката-импресија, пишувана со единствена цел да покаже што чувствувал критичарот додека го гледал филмот, како тој го доживеал, зошто токму така го доживеал…

„Филмската критика како дисциплина која за цел го има вреднувањето на филмското творештво денес сѐ повеќе филмовите во медиумите ги третира како настани, а не како содржини. Денес, во ситуација кога се консумираат главно само штотуку произведени филмови, публиката е предизвикана од агресивниот маркетинг, а не од естетските дострели на филмската уметност…“ – Христо Петрескиво хрестоматијата „Македонска филмска критика“.

Парафразирајќи го американскиот политоколог-футуролог Френсис Фукујама („Крајот на историјата и последниот човек“), може ли да заклучиме дека комерцијализацијата и (интернет) дигитализацијата доведе до „смрт“ на филмот како уметност и негово „ослободување“ исклучиво како пазарен производ? Каде, во таа ситуација, е критичарот?

Вообичаено се мисли дека филмската критика низ историјата, по правило, ги следела мените на филмската естетика. Какви филмови (и жанрови) – таква критика.

Создавањето филм и неговата рефлексија во уметноста, според  теоретичарот и историчар на филмот Никола Гилиќ од Хрватска, во уметноста се третираат како две дејности. Полемиката меѓу филмските автори и филмските критичари околу кадарноста и кредибилитетот на вторите да оценуваат некој филм трае од почетокот на минатиот век. Со променлива убедливост на аргументите, општо прифатено е дека тој што е способен да(пре)суди на филското дело – тој е критичар.

 

КАКО СЕ ПИШУВА ФИЛМСКА КРИТИКА?

Не треба да се заборави дека пионерскиот период во филмот како уметност, кој со мало претерување можеме да го растегнеме до почетокот на седумдесеттите години од минатиот век, освен што филмскиот автор често ги промислувал останатите дела како критичар, не ретко и критичарот застанувал од другата страна на камерата. Синергијата на ова двојство се случила во шеесеттите години, кога група млади критичари „селектирани“ и менторирани од тогаш свежиот онтолошки пристап на теоретичарот Андре Базен во влијателното филмско списание „Каје ди синема“, стануваат протагонисти на „новиот бран“. Жан-Лик Годар, Франсоа Трифо и другите подоцна го заразија светот на филмските творци нивниот „авторски филм“ и снимањето со „камера од рака“.

„Филмот Бал на вода со Естер Вилијамс во главната улога (еден од првите американски филмови прикажани во ексјугословенските кино-сали по Втората светска војна) ни покажува дека на светот постојат народи чии припадници се капат и кога не се валкани… Сценариото за филмот Ричард Трети во режија на Лоренс Оливие го напишал извесен Вилијам Шекспир…“.

Вака во почетокот на доцните педесетти години изгледале првите филмски критики на Богдан Тирнаниќ. Но, само голем критичар од калибарот на Тирнаниќ многу децении подоцна, и по многу труд, учење и информирање – кои го направија еден од највлијателните критичари и модел на кого се угледуваа генерации и генерации почетници – може(л) сопствените грешки и заблуди од почетоците да ги стави на увид на јавноста како виц за себе си.

Универзален рецепт за пишување филмска критика нема. Како што нема и за правење филмови. Како и во филмскиот свет, така и во критичарскиот има повремени пројави на вишок од его и кусок од талент. Фото: Darren Hall, реклама за Хари Потер филм, 2011

Универзален рецепт за пишување филмска критика нема. Како што нема и за правење филмови. Како и во филмскиот свет, така и во критичарскиот има повремени пројави на вишок од его и кусок од талент. Фото: Darren Hall, реклама за Хари Потер филм, 2011

Значи, да се разбереме: универзален рецепт за пишување филмска критика нема. Како што нема и за правење филмови. Како и во филмскиот свет, така и во критичарите има повремени пројави на вишок од его и кусок од талент.

Но, секако дека критиката има методологија.

Томислав Гавриќ во „Поимот филмска критика“, меѓу останатото, вели:

„Главната компонента на критиката е операцијата на проценувањето. Другите операции – опишување, контекстуализација, толкување и анализа – хиерархиски и се подредени на проценката“.

Кога сѐ од погоре кажаното ќе се собере, а здодевната „теорија“ ќе се одземе, веројатно најкорисна поука за филмскиот критичар е дарбата или умешноста да ги препознае деталите кои го „прават“ некој филм култно дело. Ако филмот е создаден од таков материјал. И, се разбира, пред другите.

Понекогаш тоа не се големи уметнички „вистини“. Во „Среќна нова 49“ на Столе Поповтоа можат да бидат репликите „Исток не отпиша, Запад не не запишуе“, или „Извини Пиги, морално беше!“, кои ја доловуваат целата драматичност на приказната. Во босанско-херцеговскиот филм „Кудуз“ на Адемир Кеновиќ тоа е ставот на главниот (анти)херој: „Не можеш да бориш против силата што не ја знаеш и што не ја гледаш“.

Некогаш тие „вистини“ се препознаваат во филмската музика. Кај Попов во „Џипси меџик“ тоа се стиховите од насловниот сонг, „… Ех да имам, ко што немам“, кај Дарко Митревски во „Бал-кан-кан“ тоа  е „Баба Зумбула“…

За крај, но не и најневажно. Кога ќе почнете да пишувате критика, никогаш не го прераскажувајте крајот на филмот. Со остатокот – умерено.

И со среќа. Колку што потребна за правење филм, толку е и за пишување критика.

_________________________________________________________________________________________

Користена литература:

Душан Стојановиќ, Лексикон филмских теоретичара (Институт за филм, Научна књига,Белград);

Анри Ажел, Естетика филма (БИГЗ);

Анджеј Вајда, Филм звани жеља (Народна књига, Белград)

Marshall McLuhanUnderstanding MediaThe Extensions of Man (MIT);

Христо Петрески, Македонска филмска критика – хрестоматија (Феникс, ЕСРА, Скопје);


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење

Опрема на текст – наднаслов, наслов, поднаслов

Читателите најчесто се задржуваат на оние вести и информации кои имаат добра опрема и кои најмногу им го привлекуваат вниманието. Некои текстови веројатно никогаш не ги погледнуваат, во голема мерка поради лошиот наднаслов, наслов, и поднаслов, или затоа што текстот не е опремен со овие основни елементи на новинарската форма.

 

Пишува: Александар Писарев

 

Како треба да изгледа една вест, информација, анализа, репортажа во медиумот, за да привлече внимание на читателите. Без оглед дали читателите ги делиме на оние кои информациите од медиумите ги апсорбираат како „fast food“, или сакаат на старовремски начин со кафе да продискутираат за содржините внатре, постојат правила како треба да се пласира информација. Читателите најчесто во првиот момент не го читаат целиот весник, не читаат ни цели текстови. Тие најнапред го разгледуваат насловниот блок и насловите во весникот. Односно, наднасловот, насловот, поднасловот и фотоготрафијата со легенда, доколку таа го збогатува текстот. Овие елементи се основната опрема на еден текст.

Зошто и колку се тие важна и каква е нивната меѓусебна поврзаност е темата на оваа новинарска лекција.

 

Опрема на текстот: Читателите најчесто се задржуваат на оние вести и информации кои имаат добра опрема и кои најмногу им го привлекуваат вниманието. Некои текстови веројатно никогаш не ги погледнуваат, во голема мерка поради лошиот наднаслов, наслов, и поднаслов, или затоа што текстот не е опремен со овие основни елементи на новинарската форма.

 

Која е нивната функција: Со помош на наднасловот насловот и поднасловот, читателот  добива кратка, комплетна и јасна информација што содржи текстот.

Добар наднаслов, наслов и поднаслов, поттикнуваат да се прочита целиот текстот: „Уапсен Љубе Бошковски“, лошите, долги и неекономични наслови во кој авторот непотребно се обидува да ја раскаже целата вест го одбива читателот и од најдобриот текст. „Селани од Таринци тепале татко од Штип, а потоа се нафрлиле на полицајци“.

Насловната страна е излог на секој весник и со оглед на тоа насловот на секој поединечен текст е неговото огледало и реклама за да се прочита. Од исклучително значење е новинарите да водат сметка во каков медиум работат и од која рубрика и се обраќаат на читателската публика. Начинот на пишувањето и опрема на текстот со наднаслов, наслов и поднаслов морат да бидат хармонично ускладени со интересите на публиката. Тоа, пред се се однесува на изборот на темите и генерално на начинот на нивната презентација, и формирање на насловниот блок заедно со вкупната опрема на текстот.

Најголем број на читатели најнапред го регистрираат насловот, а потоа во наднасловот и поднасловот ја бараат додатната информација за да ја утврдат причината дали треба да го прочитаат целиот текст. Доколку ни тогаш не се одлучиле, последната шанса да им се привлече вниманието е во меѓунасловите, антерфилеата или во фичерсите за чија функција ќе позборуваме подоцна.

Ретка ситуација кога само еден збор во насловот е доволен - весникот Мејпл Лиф од 11 мај 1945 година, во рацете на канадски воени лица во нивниот штабот во Париз, Фото: BiblioArchives / LibraryArchives

Ретка ситуација кога само еден збор во насловот е доволен – весникот Мејпл Лиф од 11 мај 1945 година, во рацете на канадски воени лица во нивниот штабот во Париз, Фото: BiblioArchives / LibraryArchives

Наднаслов: може да биде еклектичен и често да го упатува читателот кој новинарски жанр е пред него. Репортажа, интервју, досие, фељтон. Или може да упатува дека станува збор за некоја постојана рубрика: „дом и семејство“, „здравје“, „образование“, „култура“, „урбаниот живот,“. Може да биде и временска одредница: „Денес во Скопје“, може да ја апострофира должината на текстот кој е пред нас: „Накратко„, „Блиц вести“… се се тоа наднаслови – вовед во насловниот блок. Наднасловот е важен затоа што ја истакнува темата за која медиумот пишува. Кратките написи не мораат да имат наднаслов.

Наднасловот е релативно краток и составен е од една простра реченица која може да се собере во еден, најмногу два реда во весникот. Сите делови на насловниот блок (наднасловот, насловот и поднасловот) мора да бидат ускладени, да се претопуваат еден во друг и да не бидат здодевни. Затоа во насловниот блок треба да се избегнува повторување на истите фрази, именки, функции, освен ако за тоа постои добра причина. Кога читателот во еден здив ќе ги прочита овие три носечки елементи на секој напис, мора да добие точна претстава што медиумот сака да му соопшти. Читателот веднаш, или ако нема време подоцна, може да се наврати на целиот текст и да биде детално информиран за настанот.

Во последното време вестите на порталите најчесто немаат наднаслов, што е грешка. Наднасловот е потребен за да ја лоцира веста и да придонесе за економичност на насловот, односно да го скрати. Еве како изгледа еден предолг и неекономичен наслов, без наднаслов и без поднаслов: „Во сообраќајката на Брза помош, присебната медицинска сестра спасила четиригодишно дете“.

Информацијата нема наднаслов, нема ни поднаслов. Има долг наслов кој на читателот му дава нејасна информација што се случило. Дали брзата помош предизвикала сообраќајка во која нстрадало четиригодишно дете, па медицинската сестра го спасила, или се случила сообраќајка во која учествувала и брзата помош, а детето било во другиот автомобил… Доколку авторот или уредникот го опремиле текстот со наднаслов, наслов и поднаслов, само со еден поглед врз веста на читателот се ќе му било јасно. Еве пример како тоа можело да изгледа:

Наднаслов: Брза помош предизвика сообраќајка во центар на градот.

Наслов: Спасено четиригодишно дете.

Поднаслов: Со присебност на медициснка сестра избегната е трагедија.

Вака споени трите елементи ја формираат веста. Читателот кој само прелетува преку весникот или порталот, дури не мора да навлегува понатаму во деталите, сосема доволно е информиран што навистина се случило.

 

Насловот ја содржи клучната информација, или главната вест. Тој мора да биде информативен, експресивен и економичен. Природно, тој се надоврзува на наднасловот, но може да биде и сам доколку соопштува некоја интрига или ексклузивна вест. Тогаш мора да биде краток, јасен и ударен: „Уапсен Љубе Бошковски“. Оваа вест има само пет реда, а во опремата има и наслов и поднаслов. Нема какофонија, ништо не се повторува, сѐ е кажано во одговор на пет основни новинарски прашања. Школски пример за добро сработена ексклузивна информација.

Сите новинарски кодекси предупредуваат дека во насловот може да се нагласи само оно што е содржина на текстот. Таблоидите, а многу често и другите медиуми во потрага по ексклузивност не го почитуваат ова правило. „Венизелос: Меркел на средба со Нимиц ја подржа Грција“. Насловот е реклама за текст, привлечен излог кој читателот треба да го погледне, кој треба да го повика читателот да го прочита текстот. Во последните децении насловот доживеа еволуција и по се изгледа и понатаму ќе се менува. Во ера на нови технологии читателите се затрупани со вести, па затоа насловите се подиректни, впечатливи, за жал, сѐ почесто и вулгарни, двосмислени, „жолти“ за барем накратко да го привлечат вниманието на читателите: „На Бразилците им е најмал, а на Хондурашани  најголем“.

Класична употреба на наднаслов, наслов и поднаслов во европското новинарство, фото: m. aquila

Класична употреба на наднаслов, наслов и поднаслов во европското новинарство, фото: m. aquila

Од класичниот наслов, кој се негувал до крајот на втората половина на минатиот век и кој најчесто претставувал самостојна новинарска форма, во кој често среќававме игра на зборови и содржина на текстот, не остана речиси ништо.

При одредување на насловот новинарот треба да се стави во улога на читателот, треба да има вродено чувство за наслов, одлично да го познава јазикот јазикот на кој пишува и целото негово богатство.

Насловот може да ѝ даде свежина и на „најздодевната“ вест. „Иконите од западна Македонија ќе се чуваат во Св. Јован Бигорски“ Со коректен поднаслов оваа вест ги задоволила критериумите за содржајност, но има огромен пропуст во насловниот блок. Зборува за иконите, а на фотографијата е ситна пластика од глина.

Насловот не треба да има повеке од три четири збора. Долгите наслови се заморни за читателите. Насловот не смее да се измислува, тој мора да го одразува битието на информацијата. Тој мора да биде прилагоден и на весникот за кој се пишува и на жанрот. Не можете да ставите спортски наслов на сериозен политички текст во весникот или дел од весникот кој објавува политички содржини: „Македонија во дисциплина 2200 километри со пречки.

Насловот по правило треба да биде многу јасен и исклучително прецизен. Тонот на насловот мора да биде ускладен и со наднасловот и со текстот. Ако текстот е сериозен и насловот мора да биде сериозен, ако текстот е  духовит или со ведра содржина и насловот мора да биде таков. Ако треба да побуди емиции, мора да го погоди читателот во „жица“, да биде директен, силен, но истовремено и точен: „Борис Трајковски е убиен од ЦИА оти ја знаел вистината за военото профитирање? “.

Прекумерно и често користење на цитатите во насловот е последица најверојатно на фактот што тоа е наједноставен начин да се дојде до наслов. Честата употреба на цитати во насловот  доведува до девалвација на силата на цитатот, а насловот го прави премногу габаритен. По правило, ваквата форма во насловниот блок (две точки, запирка, наводници,…) не треба да се користи зашто лажно го упатуваат читателот  дека се работи за нешто многу, многу, важно, но разочарувањето на читателот е големо доколку тие очекувања се изневерени. „Коњановски од Кривогаштани: „Ако си мал земјоделец за ич пари ќе ти земат сѐ“! Ниту Коњановски е многу важен (тој е заменик на министерот), ниту тоа што е во насловот извлечено како цитат е секогаш точно.

Измама во насловот не се простува: „Венизелос: Меркел на средбата со Нимиц ја поддржал Грција“. Насловниот блок, кој е посилен од текстот, а кој во себе содржи нешто што не е составен дел на текстот или во текстот не е објаснето, па дури не се ни смпомнува, е потполно промашен наслов и на текстот му ја нанесува голема, а на новинарот, кој е потпишан под него, несогледива штета и последици. Читателите се исклучително чувствителни на измама во насловот, на лажната надеж која е претставена во насловот и надналсовот. Таквите наслови треба да се елиминираат посебно во медиумите кои претендираат да бидат уважувани, сериозни и респектабилни, но и во оние кои се таблоиди. Ни нивните читателите не поднесуваат измама.

 

Поднаслов како составан дел на насловниот блок треба подетално да го објаснува она што следи. Поднасловот е најдолгиот дел од опремата на текстот и може да биде составен од повеќе реченици.

Порталите имаат лоша пракса воопшто да не користат наднаслов и поднаслов дури и кога се работи за подолги текстови во кои се обработува некој настан, или се прави политичка, економска или друга анализа. Само насловот на информацијата објавена на порталот: „Изјавата на Волерс за идентитетот ја разбранува јавноста“ без наднаслов, и поднаслов делува анемично и апсолутно непривлечно за читање. Дали на просечниот консумент зборот „Волерс“ веднаш нешто ќе му значи? Дали тој веднаш ќе го поврзе со американскиот амбасадор и со ставот на САД околу нашето идентитетско прашање? Одговорот е: НЕ. Доколку оваа информација би имала опрема:

Наднаслов: Расправата за идентитетот се сели на домашен терен.

Наслов: САД го критикуваат начинот на кој се гради нашиот идентитет

Поднаслов: Американскиот амбасадор во Македонија смета дека со оглед на различностите во нашето општество, погрешно е современиот идентитет да се бара во историјата .

Вака читателот од првите неколку реченици би добил претстава за што се работи, би можел да биде заинтересиран да го прочита текстот понатаму и тој кај него, како дел од јавноста, да предизвика некакво „разбранување“ на што авторот сака да укаже.

Идентичен пример е и овој текст од портал (без наднаслов и поднаслов) само со насловот „Музеј не е зграда“. Апсолутно некреативен, сиромашен и непривлечен за читателите насловен блок. Да се разбереме, прво, музеј е зграда во кој е сместена некаква музејска поставка или збирка. Понатаму, тоа е научна институција која, меќу останатото, се занимава и со проучување на оние предмети што се сместени во зградата… Ако целта на авторот била низ широкиот осврт да ја објасни негрижата на институциите за културното наследство, тоа можел да го најави со:

Наднаслов: Понижувачки однос кон музејските експонати

Наслов: Директор на музејот не знаел што има во витрините

Поднаслов: Последната кражба на уметнички предмети од Музеј на Македонија ја потврди поразителна слика за формалното постоење на институциите во државата

Кај порталите често наместо поднасловот првиот пасус од текстот е истакнат (болд) и има  двојна улога – да служи и како лид и како поднаслов. Доколку не се повторува како составен дел од текстот, таквата опрема може да ги задоволи критериумите за насловен блок како овде и овде.

Меѓунаслов, фичерс, антерфиле. Во подолги аналитички текстови, репортажи, истражувања… најчесто кај порталите нема меѓунаслови, антерфилеа, или фичерси, па текстовите личат на „чаршави“. Таквите прилози делуваат одбојно на прв поглед и предизвикуваат „замор“ кај читателите. Подолгите текстови, истражувања, анализи, интервјуа, репортажи можат во истиот текст да имаат различни тематски содржини. Тие од повеќе причини треба да се разбијат со меѓунаслови. Читателот, така, со еден поглед врз текстот може да определи дали таквиот текст е во зоната на неговото интересирање или не. Примери има овде и овде.

Во текстот  со наднаслов: „Паравоените формации на Западен Балкан“ и наслов:  „Марионети во рацете на политичарите“,  кој е разбиен со многу меѓунаслови, антерфилеа и фичерси, авторот му дава на читателот избор, најнапред да ги прочита содржините на оние делови што му привлекуваат најголемо внимание.

 

Антерфиле: Подолгите написи имаат елементи што често не се  во контекст на текстот, но се интересни и важни како дополнителна информација на содржината и можат да го привлечат вниманието на читателот да го прочита целиот текст. Тоа се дополнителни податоци што не се инкорпорирани во соджината на текстот, најчесто се обајснувања на одредени ситуациии, толкувања на експетите, коментар на авторот.

 

Фичер (feature): Ова е типичен интерпретативен жанр со елементи на фактографија. Иако содржи елементи на вест, главната функција му е да хуманизира, сврти внимание, едуцира. Во фичер авторот има прилика да го каже личниот став на живописен, не на сувопарен начин, да го покаже богатството на јазикот, да коментира, да изрази лично доживување. Целта на фичерот е да  привлече внимание на читателот и тоа внимание да го задржи до крајот на текстот. Може да соджи бекграунд, кратка анализа, мора да содржи интересен детал кој ќе го вовлече читателот во приказната, може да содржи историска контекстуализација, гледиште, став, важно е сите елементи на фичерот да бидат засновани на фактографски податоци. Додека во вест (hard news) информациите одат според значењето, во фичер (soft story) има сопствено значење, одложена поента на приказната.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

Прес-конференциите и „заветот на молк“

Отсуството на прашања од новинарите на прес-конференции покажува дека тиенајчесто доаѓаат неподготвени за темата за која се зборува и дека имаат многу малку знаење за неа

Прес-конференциите се одличен индикатор за нивото на (не)знаење и (не)подготвеност на новинарите за темите за кои се зборува. Ова особено доаѓа до израз на оние т.н. тематски конференции, каде се изнесуваат податоци за нови инфраструктурни проекти, за зголемување на извоз, производство, буџетски приходи, расходи, субвенции, макро и микро економски показатели, податоци за раст во разни пропулзивни дејности… Сличен е случајот и со прес-конференции на кои се зборува за општествени или политички теми, поврзани и регулирани со низа меѓународни конвенции, резолуции, договори… Ваквите прес-конференции, со ретки исклучоци, завршуваат со молк, токму тогаш кога говорникот треба да биде „бомбардиран“ со прашања.

 

Без двонасочна комуникација

Отсуството на прашања од новинарите на прес-конференции покажува дека тие најчесто доаѓаат неподготвени за темата за која се зборува, дека не располагаат или имаат многу малку знаење за неа, дека само површно, а не длабински „покриваат“ одреден ресор што ги презентира како приврзаници на „поштарското“ пренесување на информациите кои се соопштуваат. Тоа во најголем број случаи е и причината што не се впуштаат во анализа на реченото, ниту поставуваат прашања по кои јавноста би добила појасна и подетална слика за состојбите во одредена сфера. Со таквото континуирано форсирање на молкот наместо на прашањата, новинарите веќе подолг период рефлектираат слика за себе како за инфериорни субјекти во процесот на информирање, кои доброволно се откажуваат од двонасочната комуникација меѓу нив и субјектот кој соопштува информации. Сведени на држачи на микрофони и пенкала, кои без никаква професионална љубопитност само рутински го забележуваат она што говорникот сака да им го соопшти, тие најдиректно и го ограничуваат правото на јавноста да добие повеќе информаци.

„Има ли прашања? Дали има прашања? Добро, ако нема, ви благодариме што присуствувавте на оваа прес-конференција“. Со оваа стандардна фраза, завршуваат најголемиот дел прес-конференции. Ваквата инфериорност на новинарите автоматски му овозможува супериорна позиција на соопштувачот на информациите, а на пласираните информации – статус на апсолутна вистина, која не подлежи на јавна проверка, најчесто поради неподготвеност на новинарите.

 

Подготовка за прес-конференција

Новинарите специјализирани во одредени области мора да располагаат со бројки во областите што професионално ги следат, со податоци за актуелните трендови во земјата, регионот и во светот. Пред да дојдат на прес-конференција мора да ги проверат најновите податоци за актуелната и за претходните состојби, за најавените проекции, анализи, коментари и сѐ друго што дава целосна слика за третираната тема. Тоа ќе им помогне на новинарите да ги анализираат бројките презентирани да прес-конференцијата или компаративно да ги стават во контекст, на пример, на буџетот, на кризата, на непродуктивни расходи и соодведно на тоа да увидат и да прашаат зошто бројките се движат во надолна, нагорна линија или стагнираат.

Има новинари кои и покрај непознавањето на состојбите во соодветната сфера, се обидуваат интуитивно да ги толкуваат и коментираат бројките, па завршуваат како во познатата анегдотска формула „новинар + бројки = грешка“. За да не се случи тоа, неопходно е новинарот да биде „опремен“ со сите релевантни податоци за темата. Ако се работи за исклучително компликувана и непозната тема за која новинарот во моментот не располага со податоци и знаење, пред прес-конференцијата би било добро да обезбеди брифинг со експерти во таа област или од искусен специјализиран новинар, кој долги години ја следи таа тема. Од разговорот со нив може да дознае кои се актуелни проблеми во таа сфера, па лесно може да ги скицира вистинските прашања и да ги антиципира можните одговори и потпрашања за нив.

Кога таа темелна подготовка ќе биде завршена, она што му останува на новинарот е да ги постави суштинските прашања и да инсистира на прецизни одговори. Важно е и да се спротивстави на напорите на модераторот или на говорникот ако тој бара одеднаш да бидат поставени неколку прашања, бидејќи во такви случаи секогаш постои можноста да одговори само на оние поедноставните, а да ги „заборави“ потешките. Со крајот на прес-конференцијата не завршува можноста да се постават и дополнителни прашања. Треба да им се пријде на говорниците пред да ја напуштаат просторијата, бидејќи многумина од нив со задоволство ќе одговорат и на други прашања ако увидат дека новинарот владее со темата.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

Црвената линија на приватноста и јавниот интерес

Иако во меѓународната регулатива за заштита на приватноста е вметнат принципот на „право да бидеме заборавени на интернет“, отстранувањето на податоците што се дел од вести и од прилози на медиумите е практично невозможно. Затоа, треба да се води сметка за тоа дали кога малолетната жртва ќе порасне ќе смета дека јавно достапните информации и податоци за неа објавени во име на јавниот интерес ја повредуваат нејзината приватност и влијаат на нејзиниот живот.

 

Пишува: Елена Стојановска

 

Објавувањето на името и на презимето, фотографијата, роднинските врски, поврзувањето со политичка ориентација на осомничениот за полов напад врз малолетник, отвораат низа прашања и дилеми што ја подгреваат јавната дебата за оваа социјална појава, но во исто време ја преминуваат границата на почитување на приватноста (на жртвата која е малолетна и на сторителот во претходна постапка, согласно Законот за заштита на личните податоци ) и пресумпцијата на невиност согласно Кривичниот законик на Република Македонија.

 

Откривање на идентитет – малолетни лица

Лични податоци на малолетни лица не смеат да бидат објавени без соодветна заштита, односно замаглување на ликот, дисторзија на гласот и употреба на иницијали. Малолетните лица се лица со ограничена деловна способност, а со самото тоа тие не можат сами да се согласат дали одредена информација за нив ќе биде јавна или не. Согласност за објавување на лични податоци за малолетни лица мора да биде побарана од нивните родители, старатели или законски застапници, но дури и кога истата ќе биде добиена, мора да се води сметка за идните импликации од објавувањето на личните податоци на малолетното лице.

 

Откривање на идентитет – осомничени лица

Објавувањето на податоци за лица против кои се води судска или управна постапка е спортивно од Законот за заштита на личните податоци, особено ако се земе предвид и непочитувањето на начелото за презумција на невиност. Јавниот интерес за истражните акции и за судските процеси е голем и оправдан, но во секој случај медиумите мораат да обезбедат соодветно анонимизирање на лицата што се директно инволвирани во постапките кои се сè уште во тек.

 

„Фејсбук“ – извор на информации

Во првичните информации за настанот беа објавени локацијата и годините на старост на осомничениот за делото и на малолетната жртва. Откако на „Фејсбук“ семејството на жртвата почна да објавува информации за настанот, медиумите, сметајќи дека самото објавување на „Фејсбук“ значи и согласност за јавно достапна информација, почнаа да објавуваат детали меѓу кои и идентитетите на сторителот и на жртвата. Но, што заборавија медиумите кога „Фејсбук“ им стана извор на информации?

 

  • Медиумите треба особено да внимаваат на приватноста на малолетните лица, жртви на полов напад. Тие не го губат правото на приватност само поради тоа што нивните родители ѝ се познати на јавноста, па со самото тоа се и повеќе следени од јавноста, или поради тоа што откривањето на злоделото само по себе е од голем јавен инетерес;

  • Податоците за малолетните лица жртви на полов напад не треба да бидат објавувани дури и кога постои претпоставена согласност од нивниот родител, старател или од друго возрасно лице од семејството.

 

 ИНТЕРНЕТОТ НЕ ЗАБОРАВА

Оправдана ли е јавноста на податоците во Регистерот за лица осудени за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и за педофилија како извор на информации?!

Ако добро се анализира Законот за посебен регистар за лица осудени за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и за педофилија, може да се заклучи дека целта на обработката на личните податоци е обезбедување заштита на децата од сексуална злоупотреба, педофилија и од трговија со малолетни лица преку достапност на информации за лицата што живеат во нивната околина, а кои се осудени за такви кривични дела.

Вака поставената цел не е во согласност со начелата на заштита на личните податоци од аспект на достапноста на информациите. Практиката во државите каде има ваков регистар е достапноста до него да биде ограничена, односно пристап до регистрите имаат градинки, училишта, домови за деца, интернати, родители кои ќе се обратат во полициска станица.

Обемот на податоци содржани во регистарот би бил соодветен доколку пристапот е ограничен. Во овој случај, кога регистарот е јавно достапен, потребно е намалување на обемот на лични податоци (иницијали, точен датум на раѓање, точна адреса на живеење). Во секој случај, тоа што овој регистар има статус на јавна база на податоци не значи дека тие податоци можат да бидат објавувани од медиумите.

Иако во меѓународната регулатива за заштита на приватноста е вметнат принципот на „право да бидеме заборавени на интернет“, отстранувањето на податоците кои се дел од вести и од прилози на медиумите е практично невозможно. Затоа, треба да се води сметка за тоа дали кога малолетната жртва ќе порасне ќе смета дека јавно достапните информации и податоци за неа објавени во име на јавниот интерес ја повредуваат нејзината приватност и влијаат на нејзиниот живот.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

Псевдонастани: Раскошна претстава на бедата

Човекот се најде во лапидариум од кој нема излез, како луѓето кога се во заложничка ситуација кога ништо друго не може да им помогне освен знаењето. Ова особено се однесува на новинарите и на нивните способности и знаење да ги препознаваат и да укажуваат на псевдонастаните, кои со помош на медиумите се претвораат во медиумска реалност, и да ја преземат улогата на деконструктори и „диверзанти“ за да ги извлечат луѓето од заложничката положба. Се разбира, на патот кон слободата…

Медиумските конструкции тендираат да бидат дел од реалноста или да создаваат псевдореалност. Овие феномени го узурпираат јавниот простор и во судир со објективната реалност создаваат конфузија и мимикрија кога станува нејасно што е реално, а што е псевдореално. Овој феномен на медиумската комуникација не е непознат и за тоа постојат бројни студии. Во кусата студија под наслов „Произведување на псевдонастани и симулација на демократија“ („Proizvodnja pseudodogađaja i simulacija demokracije“) на хрватскиот политолог д-р Ангелко Милардовиќ, објавен во месечникот на научни трудови на Центарот за политиколошки истражувања од Загреб, се истакнува:

„Во сферата на политиката медиумите учествуваат со симулација на демократијата. Имено, го симулираат тоа што го нема. Таквата симулација на демократијата, сама по себе, е псевдонастан. Започнува во моментот на конструирање на различни модели на демократија како затворени симболички целини кои не ја одразуваат реалноста, ниту пак таа не може да се изгради на нив … Псевдонастаните не се можни без медиумите. Тие, медиумите, создаваат вештачка, паралелна хиперреалност.“

Заради таквата своја амбивалентност или илузија на реалност, за новинарите е  најважно да научат да ги препознаваат нивните форми и условите во кои се создаваат. Кога новинарите ќе научат како да ги препознаваат, за конечната пресметка со псевдонастаните и на медиумските конструкции им преостануваат вообичаените професионални правила и етички стандарди: правилото на рамноправност на двете страни, потврда од најмалку два извора од кои еден е нeзависен и врвниот од сите – новинарот ќе трага по вистината, вистината и само вистината.

Во својата книга “Постмодерна состојба” (La Condition postmoderne: Rapport sur le savoir) од 1979 година, Жан Франсоа Лиотар анализира дека информациското општество, новите информатичко-комуникациски технологии, новите медиуми, во голема мерка влијаеле на промената на занењето (Rapport sur le savoir). Оттогаш наваму старите медиуми се сѐ повеќе интегрирани во новите медиуми на информатичкото општество.

Генерално, старите и новите медиуми и посебно и заедно, интегрирани на почетокот на 21 век во голема мерка се јавуваат како контролори на општествената стварност, како медијатори во однесувањето на луѓето, во цементирањето на статус кво позициите и тоа преку општествените претстави и забавата кои со помош на медиумите стануваат медиумски конструкти.

 

Контролори на општествената стварност

 

Во постмодерната концепција на медиумите многу е важно постојано да ја следиме врската помеѓу општеството и медиумите, особено денес кога медиумите се под окупација од капиталот и политиката. Кога го имаме тоа предвид можеме да говориме за два аспекта на „постмодерната ситуација“ во медиумите: првиот е укинувањето на слободата и медиумската банализација на општеството и, вториот, тоталитаризмот на медиумите.

 

Some-rights-reserved-by-Tru

Илустрација: Truthout.org

 

Првиот го создадоа диктатурата на пазарот која медиумите и информациите ги третира како најобична стока, односно, роба. Оттаму медиумите, заради диктатурата на пазарот, тонат во „жолтило“ и медиумска баналност, ја заглупуваат јавноста, а сите овие особености заедно завршуваат во популистичка диктатура на баналноста со која се воспоставува контрола врз однесувањето на луѓето.

На луѓето им е доделено правото на глас и им се нудат парламентарни, или било какви други избори, но, во исто време, народот се замајува со спортска патриотска патетика, со пивофести и пиволенди, со пастрмајлијади и пифтијади, со старлети што добиле филмски улоги заедно со Џејмс Дин, Марлон Брандо и Мерлин Монро, со секс на рингла…

Посебна занимлива дисциплина на креирање псевдонастани и псевдореалност кај нас е кумувањето на имиња за нашата држава за севкупна употреба, за замена на референцата, или за билатерална употреба…

 

Општество на псевдонастани за медиумски спетакли

 

Оваа наша „реалност“ и нашата медиумска „стварност“ не се нешто автентично македонско. Имаат историска позадина и сеќавање и знаење. Германскиот филозоф Петер Слотердијк во својата книга „Критика на циничниот ум“ вели:

„Римскиот циркус бил место за трансформација на војничкиот двобој, борбата на воините, во фашистогена претстава… Денеска оркестрираните спектакли сѐ повеќе доминираат во јавниот простор кој отворено се претвора во цикрус. Општеството на забава создадено во римско време, сега се враќа како општество на спектакли.“

Светот и општеството во кое живееме во голема мерка е посредувано од медиумите. Оттаму, логично е прашањето дали сѐ што се случува околу нас е резултат на автентични настани или, пак, е збир од медиумска конструирана реалност? Медиумски контруираната реалност ги крие стварните настани во секојдневниот живот, ги прикрива реалните односи на моќ, го свртува вниманието на небитни содржини и создава хиперреалност посредувана од медиумите, односно од медиумските технологии.

Човекот кому му се припишува терминот „псевдонастани“ е Даниел Бурстин, американски историчар и политички аналитичар. Тој во својата книга „The Image: A Guide to Pseudo-Events in America “ од 1961 година ги предвиде новите трендови на взаемното креирање на реалноста на медиумите и политичките и екномските центри на моќ, што десеттина години подоцна во еден дел го доразвија во системот на постмодерната концепција на медиумите Жак Дерида, Жак Лакан, Жан Бодријар, Мишел Фуко, Умберто Еко, Курт Вонегат, Томас Пинчон…

Еве зошто, според Бурстин, пседвонастаните се атрактивни:

  • Претходно се напишани (подготвени) и драматачни.
  • Вклучуват интересни ликови.
  • Продуцираат слики со иконографски димензии: нестрплива толпа, потресни семејни драми, предимензионирани патриотски балони.
  • Дизајнирани се да бидат смирувачки, односно вознемируваат исто толку колку што оние што ги продуцираат се прикажуваат дека ја „владеат ситуацијата“.
  • Создаваат илузија на информираност кај оние кон кого псевдонастаните се упатени.
  • Еден псевдонастан отвора пат за многу други псевдонастани.

Бурстин, врз основа на овие карактеристики и врз основа на медиумската реалност, безнадежно заклучува дека псевдонастаните ги пренасочуваат реалните теми и реалните настани.

Но, дали мора да биде така. Во институтот Поинтер веруваат дека неколку дози Даниел Бурстин можат да бидат доволни да се создаде новинарски колективен отпор против инфективниот шарм на псевдонастаните. Зошто новинарите, пред да заминат да известуваат за нешто што според многу идниции е псевдонастан, не си ги постават следните прашања:

  • Зошто не би ги соблекол моите кожени салонски чевли и зошто не би ги облекол моите патики за да заминам на долго патување од врата до врата за да поставувам прашања?
  • Ако, што, каде и кога се ептен предвидливи, зошто да не се позанимавам со поважните прашања во случаите на псевдонастаните како што се: кој, како, и зошто?
  • Зошто да не ги соочиме „фактите“ на псевдонастаните со фактите на реалниот живот и со мислењата на најзасегнатите?
  • Кога известуваме за псевдонастани што личат на театарска претстава во 3 чина со светлосни ефекти и нарачани аплаузи, зошто не би ги примениле новинарските алатки и стратегии на театарските критичари?
  • Ако известуваме за псевдонастани кои личат на коњски трки, зошто не би додале малку атмосфера од спортските настани?

Концептот на псевдонастани подразбира планирани настани, репродуктивно известување и двосмислен однос кон стварноста и нејзино маскирање. Како што се појавуваа се поелаборирани форми на симулација, така сѐ повеќе аналитичари поставуваа прашања во потрага по одговорите за тоа што се случува. Многумина од нив имаа заедничка порака: општеството е во опасност од сѐ поголемата улога на илузиите во нашето материјално и културно опкружување.

Широк е спектарот на псевдонастани: политички инсценации, манипулации, симулација на стварноста, конструкција на хиперреалност, „стратешка комуникација“, политички маркетинг, спин, прес конференција, соопштенија за јавност, медиумски кампањи… Токму онака како што опишува Бодријар – измислување и предизвикување настани.

Еден од најдобрите псевдонастани ни се одигра деновиве пред нашите очи во масовни димензии: Истражувањето на американските научници за најглупавите народи на светот. Речиси сите медиуми ја проголтаа јадицата и им ја сервираа оваа фатаморгана на граѓаните како вистина.

Има уште една димензија „залепена“ на концептот на креирање псевдонастани – Пи-аР-от. Многу важна димензија.

Големиот маг на пропагандата и пи-ар-от, Едвард Бернајс, дефинира три важни функции на пропагандата: да информира, да убедува и да интегрира. Ова во голема мерка се совпаѓа со концептот на псевдонастани.

Завршуваме со уште еден релевантен мислител на постмодерното комуникациско општество, Жан Бодријар, како уште еден кој на новинарите им помага да ги препознаваат псевдонастаните. Во својата анализа „Над вистинитото и невистинитото“ (Europski glasnik 10/2005., str. 194.), францсукиот филозоф констатира:

„По целата широчина на секојдневниот живот се спроведува процес на симулација потпомогната од комуникациската и информатичка технологија… Во масовните комуникации оваа постапка добива сила на реалност: реалноста е укината, расплината во полза на неореалноста која се материјализира со помош на медиумите“.

 

Само знаењето може да ни помогне 

 

На тој начин, човекот се најде во лапидариум од кој нема излез, како луѓето кога се во заложничка ситуација кога ништо друго не може да им помогне освен знаењето.

Ова особено се однесува на новинарите и на нивните способности и знаење да ги препознаваат и да укажуваат на псевдонастаните, кои со помош на медиумите се претвораат во медиумска реалност и да ја преземат улогата на деконструктори и „диверзанти“ за да ги извлечат луѓето од заложничката положба.

Се разбира, на патот кон слободата…

3747064314_0b61921dae_z

Илустрација: Federico Morando


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.