Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 286

Хаосот на едноличноста

Минималните придобивки од медиумскиот интернет пазар, кој е неконсолидиран, фрагментиран и непрофесионален, создаваат само илузија од новинарството, еден вид дилетантизам, кој ни одблиску не соодветствува на вистинската мисија на новинарството.

Пишува: Бардил Заими

 

СИТЕ НОВИНАРСКИ ТЕОРИИ изгледа умираат пред неподносливата леснотија со која информацијата протекува низ бескрајниот свет на интернетот. Вртоглавото транспонирање на медиумите и традиционалните формати на информирање во новите формати е проследено со невиден хаос на идентификација и со еден вид фрагментаризам на примателот – читателот. Додека традиционалните медиуми (телевизијата, весниците, радиото, неделниците, разните списанија) со тешки напори се обидуваат да го задржат престолот на присутност со еден веќе избледен „авторитет“, новите медиуми со невиден замав го прошируваат нивното хаотично присуство на една неструктурирана публика со површна перцепција.

Во сета ова парадигматична декомпозиција, новите медиуми направија чекор напред за да бидат што поприсутни меѓу читателите, со незадржлив наплив на информации, што во повеќето случаи останува далеку од основните прнципи на современото новинарство. Во албанскиот информативен простор веќе постојат голем број на портали, кои, со неколку исклучоци, не успеваат да ја исполнат итната потреба за правилно, точно, брзо и разновидно информирање.

 

„Медиумски плурализам“, но не и новинарски принципи

Се чини дека новите медиуми обезбедија „медиумски плурализам“, но не и функционирање врз принципите на новинарството. Хаосот на новите медиуми, во меѓувреме, создаде едноличност на информациите, која во повеќето случаи се појавува како „рефрен“ на исти вести што се повторуваат од еден во друг портал. Објавените вести главно се агенциски и со малку козметички измени може да се најдат во секој портал. Недостасуваат автентични пристапи, сознанија и обработки на вестите, како што и после секоја вест недостасува и авторството.

Новинарот, оној чувар на јавниот интерес, на „светоста“ на фактите, изгубил смисла во овој хаос, кој претендира да има безусловно присуство во виртуелниот свет. Повеќето портали, реално, функционираат без новинари и без најмало чувство за актуелноста и за политичките, економските, културните и другите збиднувања. За жал, зад овие портали не стои една консолидирана редакција што соодветствува на мисијата на новинарството, туку некој „уредник“ или анонимен „сопственик“, кој без никаков критериум и без никаква редакциска политика објавува преземени вести со кои претендира да стане фактор во големиот хаос на онлајн медиумите.

Минималните придобивки од овој медиумски пазар, кој е неконсолидиран, фрагментиран и непрофесионален, создаваат само илузија од новинарството, еден вид дилетантизам, кој ни одблиску не соодветствува на вистинската мисија на новинарството. Во недостиг на редакциски платформи, професионални капацитети и извори на финансии, повеќето од овие портали не успеаја да создадат своја препознатлива физиономија која би ја отсликувала потребната сериозност, приемчивост и влијание кај читателите.

Не е сѐ црно. Има портали кои независно од тешкотиите што ги имаат за опстојување, веќе покажаа дека се на добар пат да го фатат ритамот на онлајн новинарството, целиот систем на специфики кои го прават различно од новинарските формати кои обично ги нарекуваме традиционални.

 

Портали без редакција

Кај повеќето портали главно може да се забележи немањето редакција, тим новинари кои се во можност да ги покриваат настаните, да известуваат оригинално и да ги обработат, базирајќи се на една автентична редакциска политика. Информацијата претежно се пренесува стихијно, обично преземена од некој друг медиум и тоа без да се наведе изворот на информацијата. Тоа е повторување на исти вести, кои често и се деформираат.

На некој начин, повеќето од нив функционираат како тим за вести со само еден член или како што е познато во новинарската теорија „one-man rеporting team“. Секако, оваа дефиниција не е потполно адекватна за начинот на функционирање на овие портали, бидејќи вистинското значење на оваа терминологија опишува еден нов дух во онлајн новинарството, кој што ни одблиску не соодветствува на претензиите на многу луѓе за менаџирање со некој нов медиум, како што се порталите.

Несомнено, овој хаос се надоврзува и со многу други општествени фактори кои што не овозможуваат да се направи една реална идентификација на важноста која може да ја има еден портал. Ова се случува, бидејќи заедницата на интернет, односно неговите корисници, се релативно млади луѓе, кои што сѐ уште не се созреани да го препознаат доброто новинарство, кое што ја истражува и обработува вистината преку една неспорна професионална етика. Како и да е, одговорноста за факторизацијата и професионалната релевантност секако паѓа врз носителите на порталите кои што имаат големи претензии во областа на онлајн новинарството, кои што треба да се оттргнат од овој хаос на површни, тривијални информации со доза на сензација и во повеќето случаи непроверени информации.

 

„Да го организираме хаосот…“

Секако, професионалната релевантност може да се зголеми и да го освои широкиот простор на онлајн медиумите само преку професионалната етика, одговорното, плурално и разновидно новинарство. Ова е актуелниот предизвик на порталите. Пренесувањето на искуствата од другите земји кои што постигнале напредок во професионалното профилирање на порталите e дополнителна димензија што треба да се вклучи во онлајн новинарството. Во целиот овој напор, се вмешуваат и спецификите на онлајн новинарството, кои што теоретски, но и практично, се разликуваат од новинарството во традиционалните медиуми.

Токму во ова насока, би требало во иднина да се организираат што е можно повеќе дебати и обуки за онлајн новинарството и за комуникацијата на онлајн содржините со заедницата на интернет. Треба дефинитивно да се објасни дека формите може да бидат различни, но дека новинарството во суштина останува исто, со истите мисии за вистината, прецизирани и афирмирани преку деонтолошките принципи.

Првиот чекор би било едно лесно „врескање“: „Да го организираме хаосот…“. Во бескрајната широчина на ирелевантни информации реално би требало во светот на интернетот, таму каде што живеат и новите медиуми, конкретно порталите, да се структурира една интеркомуникација која е консолидирана, одржлива, плурална по содржина и одговорна кон човечките реалности, слободата и севкупниот човечки интерес.

Имајќи ги предвид овие цели, може да се организираат повеќе настани кои што во епицентарот треба да ја имаат дебатата за ова проблематика. Ова би било најсигурниот пат за да се издвоjат консолидираните портали и истите да ја најдат потребната чувствителност меѓу читателите. Во спротивно, хаосот и едноличноста на информацијата ќе бидат неразделен дел и во никој случај не ќе можат да се издвојат професионалците од профаните на медиумските проекти.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

Бомбастичен наслов за коментари и обвинувања

 

[Рецензија: Охрид скај: Боки 13 барал по 200.000 евра од бизнисмени за да се рекламираат на неговата 1ТВ!]

 

Текстот што е предмет на оваа рецензија е полн со коменатри и обвинувања, со цел да се привлечат што е можно повеќе кликови. Насловот е бомбастичен, особено што лицето што е во фокусот на текстот (Боки 13) отсекогаш привлекувало внимание во јавноста, но кога ќе го отворите текстот, гледате дека нема ниту еден факт со кој би се потврдиле ваквите обвинувања. Сè е сведено на лично видување на авторот и на извори само нему познати.

Линк до оригиналниот напис: Охрид скај: Боки 13 барал по 200.000 евра од бизнисмени за да се рекламираат на неговата 1ТВ!

Датум и време на објавување: 28.7.2018

Датум на рецензирање: 31.7.2018

Рецензент: Ана Анастасовска

 

ВО НАПИСОТ ЈА НЕМА ВТОРАТА СТРАНА НА ПРИКАЗНАТА

Боки 13, кој е во перманентно друштво со одредени парламентарци од владејачкото мнозинство, а како најверен другар се истакнува генсекот на СДСМ, Кирацоски, од одредени бизнисмени барал да се рекламираат на неговата 1ТВ, при тоа користејќи ги како контакт со бизнисмените одредени политички моќници. На средбите Боки 13 им барал и по 200.000 евра за реклама на неговата 1ТВ?

Текстот почнува бомбастично, дека Боки 13 се дружел со моќници од владејачкиот СДСМ, иако во текстот нема докази за тоа, ниту се понудени фотографии од таквите дружби со кои би се убедил читателот во вистинитоста на таквите тврдења. Во истатa реченица се наведува дека таквата дружба Боки ја користел за да бара од одредени бизнисмени да му платат по 200.000 евра за да се рекламираат на неговата телевизија.

Сето тоа е зачинето со еден прашалник, што значи дека и самиот автор се прашува дали тоа е вистина. Но, кога се прашувате за нешто, новинарските стандарди пропишуваат и да го побарате одговорот и да му го пренесете на читателот. Tакво нешто во овој текст нема. Имено, текстот е едностран, бидејќи ја нема втората страна, односно не е побаран став од засегнатиот во текстот, а тоа е Боки 13.

Кај поедини бизнисмени ваквиот однос предизвикал револт, додека Боки 13 бил до таа мера арогантен, што се повикувал на одредени авторитети од власта, но и на тоа дека добро бил упатен колку бизнисмените заработувале од своите бизниси?!

Тука се наметнува прашањето кои се тие бизнисмени од кои биле побарани 200.000 евра и кои се тие политички моќници на кои наводно се повикувал Боки 13. Нема став од никој друг.

 

МЕШАЊЕ БАБИ И ЖАБИ

Доколку Боки 13 и одредени парламентарци се на мнение дека можат да тепаат рекет од бизнисмените, тогаш и Боки 13, аособено, уште повеќе пратеничињата од власта, ќе мора да подразмислат што прават, зашто ова е класичен рекет-систем, кој го применуваше некоја мината злосторничка власт.

Освен што се напаѓа Боки 13, се напаѓаат и „одредени парламентарци“, но нигде не се наведени конкретни имиња. Само нафрлања и претпоставки.

Особено нека се подразмислат преставниците во законодавниот дом, кои се секојдневни партнери на Боки 13, ваквата авантура скапо ќе ве чини…, а она колку Боки 13 е масон на Француска ложа, можеби доколку после 1 милион години доживее реинкарнација! Од секој… не бидува Масон, стои во текстот објавен на Охрид скај.мк.

Тука веќе имаме мешање на баби и жаби, односно преминување од рекетарство на масонски ложи.

Текстот, целосно гледано, е едностран, коментаторски и без никакви факти и докази. Тој ги прекршува основните начела на Кодексот на новинарите, кој јасно пропишува дека:

Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е можно.

 

Ако мајка ти вели дека те сака, провери

Легендата вели дека во редакцијата на чикашкото „Сити њуз биро“ (City News Bureau) постоел голем знак на кој со задебелени букви пишувало „Ако мајка ти вели дека те сака, провери“. Ова биро било формирано кон крајот на 19 век како еден од првите заеднички сервиси на десет дневни весници за вести од црна хроника. Бирото работело 24 часа и покривало, главно, теми поврзани со криминал и со полиција. Било познато по прецизноста и по точноста на вестите и по строгиот тренинг на младите новинари.

 

Пишува: Горан Ризаов

 

Ваквото мото е повеќе од корисно за денешните, модерни македонски новинари, но и за активистите и за борците за човекови права, како и за сите корисници на социјални мрежи. Особено во време кога секојдневно се појавуваат примери на фалсификувани документифотошопирани фотографии, лажно претставени видеоснимки, стари илустрации со извлечени заклучоци и измамнички текстови.

 

Лажното фотошопирано решение на судијката Софија Лаличиќ, кое медиумите го преземаа без да го проверат (Фото: Twitter)
Лажното фотошопирано решение на судијката Софија Лаличиќ, кое медиумите го презедоа без да го проверат (Фото: Twitter)

 

СУШТИНА НА НОВИНАРСТВОТО

Познатиот американски новинар Стив Батри во воведот на Прирачникот за верификација вели оти оваа легендарна реченица сè уште важи, но таа „на новинарите и на хуманитарните работници не им кажува како да ја проверат информацијата“.

„Верификацијата е суштината на новинарството, но таа, исто така, ги покажува тешкотиите и потребата за високи стандарди во новинарството: патот до верификацијата може да биде различен за секое тврдење. Во сржта на верификацијата се наоѓа прашањето: ‘Како го знаете тоа?’“, вели Батри.

Ова прашање, според Батри, новинарите мора да им го постават на изворите на информации; уредниците мора да им го постават на новинарите, а истото треба да се прашаат сите што пренесуваат нешто од извори кои не се достапни.

Прирачникот вели оти за верификација е потребна комбинација од три фактори, и тоа:

  1. Снаодливост, упорност, скептицизам и вештини;

  2. Знаење, веродостојност и искреност на изворот, како и бројот, разновидноста и веродостојноста на различните извори кои можете да ги најдете и да ги убедите да разговараат со вас;

  3. Документација.

За да стигне до потребата од верификување на некое тврдење, фотографија или интернет-содржина, новинарот мора да тргне од едноставната претпоставка дека изворите не се во право.

Скептицизмот мора да постои кај секој новинар. Изворите можеби намерно лажат, можеби само наивно пренесуваат погрешни информации. Можеби имаат лошо паметење или им недостига целосниот контекст и разбирање на темата. Можеби се во опасност и не можат да кажат сè што знаат или не можат да ја видат комплетната слика на настаните кои се одвиваат.

„Нашата работа не е слепо да го повторуваме она што ќе го кажат изворите или што го пишува во материјалите што ќе ни ги поделат, туку да ги доведеме под знак прашалник, да го споредиме она што го зборуваат со други веродостојни извори и да провериме што е вистина, отстранувајќи ги притоа од нашата сторија (пред да ја објавиме) неточните или недоволно проверените информации“, вели Батри.

Факт е дека технологијата го промени начинот на кој доаѓаме до изворите на информации. Знаејќи дека денес учесниците во и сведоците на настаните го споделуваат она што го виделе преку опис, фотографија и видеозапис на социјалните медиуми и блогови, новинарите можат, со дигитални алатки за пребарување и crowdsourcing побргу да ги најдат луѓето што присуствувале лично на настаните и побргу да стапат во контакт со нив.

Разоткривањето на лажните стории, лажните фотографии и видеосники дури стана посебна тема на која работат одредени новинари, чија единствена работа е да ловат лажни објави и да ги исправаат во своите текстови.

Поради сè почестите примери на фалсификувани и лажни фотографии во македонските медиуми, на кои наседнуваат одредени медиуми и кои често се пласираат за да се одвлече вниманието на јавноста од суштинските прашања, во оваа новинарска лекција ќе се сконцентрираме на верификацијата на фотографиите.

Прирачникот за верификација, кој можете бесплатно да го набавите на повеќе јазици, меѓу кои и на хрватски, вели дека „иако технологијата продолжува да се менува – како и алатките што ги користиме – основните принципи на верификација на фотографиите остануваат исти“:

  1. Востановете кој е авторот/изворот на фотографијата;

  2. Потврдете ја локацијата, датумот и приближното време кога таа е снимена;

  3. Потврдете дека фотографијата го прикажува она што текстот го тврди/сугерира;

  4. Добијте дозвола од авторот/изворот за користење на фотографијата.

 

КОЈ Е АВТОР/ИЗВОР НА ФОТОГРАФИЈАТА

Најефикасен и најочигледен начин да се направи ова е да се контактира личноста што ја поставила фотографијата на интернет и да се праша дали таа е автор. Првиот чекор е контакт со личноста што ја објавила содржината преку својот профил на социјална мрежа или ја пратила преку електронска пошта, но битно е да се утврдат што е можно повеќе детали за неа. Овие детали можат да ни помогнат да одредиме дали таа личност е навистина оригиналниот извор на фотографијата.

Пронаоѓањето на изворот почнува со личноста што ја поставила на инатернет, но често завршува со друга личност, која, всушност, ја направила фотографијата.

Битен чекор, и најчесто најкористен во вакви случаи, е сервисот за ретроградно пребарување на фотографии на Google или TinEye сервисот. Копи-пејстирајте го URL-то на фотографијата или копирајте ја во кој било од овие два сервиси и тие ќе го скенираат интернетот во потрага за истата фотографија. Ако во резултатите се појават неколку линкови, кликнете на „преглед на други големини“ за подетална истрага.

Обично, фотографијата со најголема резолуција е оригиналниот извор. Овој резултат потоа можете да го споредите со фотографијата што ја имате и да проверите дали изворот изгледа автентично.

Кога известувате за ударни вести, фотографиите од одредени луѓе што ви требаат за да ја илустрирате сторијата нема да ви бидат достапни. Притоа, можете да проверите дали фотографијата што ја имате од личноста навистина ја прикажува таа личност, а не некој со исто име и презиме.

Во тој случај веб-страницата Pipl.com е особено корисна бидејќи ги прикажува имињата, корисничките имиња, е-адресите и телефонските броеви на луѓето. За меѓународни пребарувања, може да помогне WebMii, а и LinkedIn се покажува како добар начин на верификација на идентитетот на луѓето и често нуди дополнителни информации врз основа на кои можете да стапите во контакт со некого (преку компаниите/организациите за кои тие работеле или работат во моментов).

recenzija-jahta-sekerinska-crop-rezise

Фотографија од наводната јахта на потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска (Фото: скриншот)

 

 

ЛОКАЦИЈА, ДАТУМ И ПРИБЛИЖНО ВРЕМЕ КОГА ФОТОГРАФИЈАТА Е СНИМЕНА

Постојат неколку корисни новинарски и технички начини на одредување на датумот, локацијата и на други битни детали. Еден од основните начини на собирање ваков вид податоци е разговор со личноста што ја креирала/поставила фотографијата на интернет. Овие пет прашања се клучни во таков момент:

  • Кои се?

  • Каде се?

  • Кога стигнале таму?

  • Што гледаат (и што прикажува нивната фотографија)?

  • Зошто се таму?

Кога веќе еднаш ќе добиете информација за тоа како е снимена фотографијата, работете на поткрепување на таа информација. Постојат две примарни методи кои се користат за истражување на содржината на самата фотографија, која можете да ја споредите со она што ви го кажал изворот.

Прво, проверете дали фотографијата има метаподатоци (metadata). Метаподатоците, кои уште се нарекуваат и EXIF податоци, кога станува збор за дигитални фотографии, се однесуваат на податоците што ја придружуваат самата фотографија. Ако е таа оригинална, постојат големи шанси дека ќе можете да ги видите информациите за видот и за моделот на камерата, времето кога е снимена фотографијата (овде треба да внимавате – ако фотографијата има временски „печат“, времето може да е автоматски наместено на оригиналните дотерувања на производителот, или, пак да е во друга временска зона) и димензиите на оригиналната фотографија, меѓу другото.

За проверка на метаподатоците, можете да користите софтвер како Photoshop, каде ќе ги прегледате податоците за фајлот, или да користите бесплатни интернет-алатки како Fotoforensics.com или Findexif.com, кои ќе ви дадат EXIF извештај за фотографиајта. Детален EXIF извештај можете да добиете и преку Jeffrey’s Exif Viewer.

Можете да го користите и сервисот на izitru.com, кој ја анализира фотографија и покажува дали таа е обработена во „фотошоп“ или изменета на каков било начин. Слична функција има и алатката Image Edited, а можете и да ја користите екстензијата за пребарувач Elog.io, која нуди пристап до 22 милиони фотографии во базата на Wikimedia Commons.

Дел од овие податоци ќе им бидат покорисни на тие што знаат повеќе за техничката страна на дигиталната фотографија. Но, за просечна личност, податоците за тоа кога е направена фотографијата или видот на камерата која е користена, некогаш се доволни за откривање лажен извор.

За жал, поголем број социјални мрежи на кои се поставуваат фотографии, како „Твитер“, „Фејсбук“, „Инстаграм“, автоматски ги отстрануваат поголемиот дел од метаподатоците при прикачување на фотографиите („Фликр“ е исклучок).

Второ, споредете ги фотографиите со други извори. Често ќе најдете траги кои можат да ве доведат до верификација на локацијата и на времето на фотографирање:

  • регистрација на возила

  • временски услови

  • значајни градби

  • вид облека

  • знаци/натписи

  • терен/околина

 

Онлајн алатката fotoforensics.com која се користи за проверка на метаподатоци (Фото: скриншот)
Интернет-алатката fotoforensics.com која се користи за проверка на метаподатоци (Фото: скриншот)

 

ДАЛИ ФОТОГРАФИЈАТА ГО ПРИКАЖУВА ОНА ШТО ТЕКСТОТ ГО ТВРДИ/СУГЕРИРА

Покрај верификацијата на датумот, времето и на приближната локација, битно е да се утврди дали таа го прикажува тоа што се тврди дека го прикажува. Автентична фотографија може да биде ставена во лажен контекст.

За да ја одредите локацијата, може да ги користите сервисите Google MapsBing Mapsили Wikimapia. Фотографиите што ги испраќаат корисниците се често „тагнати“ на овие сервиси и можат да дадат информации и поглед од друг агол на локациите што ги истражувате.

Веб-страниците за временска прогноза можат да ви дадат точни извештаи за временските услови на различни локации на определен датум – користете ги за да потврдите дека временските услови на фотографијата одговараат на реалноста во даденото време. За ваква проверка добар извор е алатката Wolfram Alpha.

Ако на фотографијата е прикажан знак или натпис на друг јазик, можете да го користите Google Translate за да проверите дали има дополнителни информации за локацијата. Алатката за оптичко читање на знаци free-ocr.com може да ви помогне да го преземете текстот од фотографијата – кој потоа би го поминале на интернет-алатка за преведување.

Од голема помош за одредување на локацијата на фотографијата можат да бидат и веб-сервисите Geofeedia i Ban.jo, кои се користат за геолоцирање содржини од социјални мрежи. Овие сервиси ги користат GPS податоците од мобилните телефони преку кои е поставена фотографијата на интернет.

Покрај овие алатки и техники, корисно е да проверите дали и други медиуми и агенции дистрибуираат слични фотографии. Дали другите објавуваат фотографии на социјалните мрежи од истата локација. Ако фотографиите прикажуваат слична сцена од друг агол, тоа, исто така, ќе помогне за нивна верификација.

На крајот, ако станува збор за голема приказна, ако имате навистина силна фотографија, вреди да се провери дали таа се појавува на Snopes, веб-страница специјализирана за проверка на урбани легенди и неточни информации што кружат на интернет.

Прирачник за верификација (Фото: скриншот)

Прирачник за верификација (Фото: скриншот)

 

 

ДОЗВОЛА ОД АВТОРОТ/ИЗВОРОТ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ФОТОГРАФИЈАТА

Секогаш е најдобро да побарате дозвола за објавување од личноста што ги има авторските права. Законите за авторски права во многу земји јасно одредуваат дека сопственикот на фотографијата може да бара надомест ако не е побарана и дадена дозвола за објавување на истата.

Одредбите и условите за користење содржини што се поставени на социјалните мрежи варираат од еден до друг сервис. Некои, како „Фликр“, покрај фотографијата, јасно наведуваат дали фотографот ги задржува правата или дозволува употреба под лиценците „Криејтив комонс“.

Кога барате дозвола, битно е да имате на ум неколку детали:

  • Јасно кажете која фотографија или фотографии сакате да ги користите;
  • Објаснете како ќе бидат користени;
  • Прашајте го фотографот како сака да биде претставен (име, корисничко име, итн., имајте на ум дека понекогаш фотографите сакаат да останат анонимни).

Ако сакате да користите фотографии кои се заштитени само со лиценци „Криејтив комонс“ и се отворени за користење со наведување извор, тогаш базата на photopin е едно од подобрите решенија.

И, најважно, запомнете дека ако сте ги поминале сите наведени чекори и процеси и и понатаму се сомневате – не користете ја фотографијата!

 

СКЕПТИЦИЗМОТ КАКО ВОДИЛКА

Особено интересен е примерот од 2013 година со фотошопираната насловна страница од аргентински дневен весник „Ла капитал“. Беше поставена фотографија од полициски возила и брза помош, а во објаснувањето стоеше дека сопружниците Атанасоски, сопственици на компанијата „Платина“, кои се осудени на 15 години затвор во Македонија, биле најдени застрелани во апартман во Мар дела Плата, Буенос Аирес.

Лажната насловна страница на аргентинскиот дневен весник „Ла капитал“ (Фото: скриншот)

Лажната насловна страница на аргентинскиот дневен весник „Ла капитал“ (Фото: скриншот)

 

 

Десетици македонски медиуми ја објавија сторијата, воопшто не обидувајќи се да го проверат тврдењето. Неколку дена подоцна, откако беа контактирани новинарите од „Ла капитал“, се увиде грешката и дел од медиумите објавија деманти.

Што се однесува до мајчината љубов, за разлика од домашните медиуми, Стив Батри тргнал да го провери изворот на легендата дека во редакцијата во Чикаго постоел натписот „Ако мајка ти вели дека те сака, провери“. Тој сакал да докаже дали таа реченица навистина ја изговорил поранешниот уредник во овој медиум, Арнолд Дорнфилд.

Батри пронашол неколку извори:  Chicago TribuneAJR и The New York Times во кои се потврдува тврдењето дека цитатот е на популарниот Dornie. Но, во натписот кој е објавен во Baltimore Sun во 1999 година пишува оти самиот Dornie вели дека еден друг уредник кој таму работел, Ed Eulenberg, прв ја изговорил оваа позната реченица.

На крајот, Батри заклучува дека иако мајка ви најверојатно ве сака, како што и тврди, навистина не е лошо да го проверите тоа.

„Мајка ви веројатно ве сака, како што и тврди. Можете да го проверите тоа така што ќе ги интервјуирате нејзините пријатели, семејството, ќе најдете фотографии и видеоснимки каде таа ја покажува или изразува својата љубов. Ќе најдете писма или фејсбук-статуси на кои таа ја изразува својата приврзаност. Ќе ги документирате подароците и постапките кои ја покажуваат нејзината љубов. А, потоа истото тоа ќе го направите со секој текст, секој настан и со секој проект на кој што работите“, вели тој.

Ова тврдење е претпоставката од која мора да тргне секој новинар, активист, борец за човекови права кој сака да биде веродостоен, кредибилен и прецизен и да го задржи вниманието на јавноста.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

 

Оглас: Ангажирање на новинари рецензенти

Фото: pixabay

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ за потребите на проектот со наслов „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој се спроведува со поддршка од Европската Унија, објавува оглас за привремено ангажирање на новинари рецензенти.

Новинарите рецензенти ќе бидат дел од тим новинари кои ќе идентификуваат важни дневни вести од медиумите и широко споделувани содржини од социјалните мрежи, ќе спроведуваат рецензии на тие содржини и повремено ќе пишуваат написи, чија цел е едукација на јавноста со основите на медиумската писменост и нејзиното запознавање со новинарските стандарди, со цел лесно и брзо препознавање дезинформации во медиумскиот простор и на социјалните мрежи.

Кандидатите треба да ги исполнуваат следните услови:

  • да имаат завршено студии од областа на новинарството, комуникологијата или сродна област;
  • како основа на својот професионален ангажман во сферата на медиумите го прифаќаат Кодексот на новинарите на Македонија или друг еквивалентен кодекс на етички и професионални стандарди усвоен од релевантна организација на новинари (оваа заложба за прифаќање на стандардите за саморегулација треба да се објасни во рамките на мотивационото писмо);
  • да имаат минимум 3 години работно искуство во полето на медиумите;
  • да имаат аналитички способности;
  • добро да го владеат пишаниот македонски или албански литературен јазик.

Предност при изборот ќе имаат кандидатите што:

  • не се во работен однос во медиум од Македонија;
  • се членови на професионални здруженија на новинари што се залагаат за унапредување на професионалните стандарди;
  • можат на професионално ниво да ги следат и рецензираат медиумите на македонски или на албански јазик.

Кандидатите треба да испратат кратка биографија и писмо за мотивација, како и линкови до 3 сопствени статии или скенирани објави, преку е-пошта на info[at]metamorphosis.org.mk.

Рокот за пријавување е 10 септември 2018 година.

„Метаморфозис“ овозможува еднакви можности и фер и непристрасен третман при ангажирање соработници, без разлика на нивната раса, боја, пол, етничко потекло, возраст, попреченост, политичка поврзаност, брачен статус или сексуална ориентација.

——————————————————————————————————————————-

Основна цел на проектот е да промовира медиумска писменост како основа за зачувување на правото на граѓаните да имаат различни мислења, преку стимулирање култура за критичко размислување, плурализам на мислења и демократски вредности.

Од надрижурналист преку надрилекар до објавување опасни глупости!

Зборот лекува, но зборот и убива!  Оваа мудрост денес ја имаат подзаборавено многумина во нашево општество, а сосема сигурно прилично и во новинарството. Тие лица кои во новинарството влегле случајно или намерно, но секако не се новинари, симболиката на „зборовот убива“, можат да ја претворат во реалност со својата неoдговорност кон професијата и отсуството на елементарна, а камоли професионална етика. Повод за ваква констатација е општата слика што ја забележуваме во македонските медиуми, особено во онлајн просторот, кога станува збор за нивното известување за медицина и за здравје генерално.

 

„Зад зборовите мора да има знаење. Разбирањето на медицинската наука е она што ги издвојува новинарите за медицина од новинарите што покриваат општи теми… Вие не мора да да бидете научник или доктор, но мора да знаете како функционира науката, да размислувате како ќе ги преведете нивниот жаргон и нивните идеи на разбирлив јазик“

(Томас Линден, професор по медицински журнализам)

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Пред десетина дена во Сервисот за проверка на фактите (СПФМ) беше рецензирано едно такво неодговорно известување од оваа област. На сајтот на Сител беше постиран текст кој целосно неаргументирано пропагира отфрлање на вакцините. Потребна е целосна неодговорност на новинар или уредник, или подобро речено, надриновинар, за да се пласира текст без никаква ограда на јавното гласило. Дотолку повеќе што текстот е нејасен и неразбирлив и личи на преведен текст со помош на Гугл транслејт!

Ова беше поттик за блиц преглед за тоа што се се објавува на порталите во Македонија на тема медицина и здравје, генерално. Мнозинството од порталите често се решаваат да објавуваат вести од медицината и општо од проблематиката поврзана со здравјето, а мотивите се очигледни – читаност, кликаност, гледаност. Повеќето од нив дури и имаат посебни рубрики, најчесто наречени здравје, кои се или издвоени или се ставени како подрубрики во рубрики живот, наука или дури и стил(!?). Еден помал дел од информативните портали (Телеграф, МКД.МК, Курир…) воопшто не објавуваат (или многу ретко) вести од здравје и медицина, што може да се смета дури и како доблест – подобро да нема такви вести отколку да бидат погрешни или смешни. Но, споменатите, пак, редовно објавуваат текстови посветени на здравството во Македонија генерално, а дел од нив тие текстови ги објавуваат еднострано и некритички.

При блиц прегледот може да се воочи уште една специфика – мошне коректно од оваа област информираат портали кои немаат специјализирани новинари, но се држат до основни професионални стандарди, па задолжително го ставаат и изворот на веста, авторот, а понекогаш и линкови. Такви позитвни примери најмногу најдовме кај порталите Точкаовде и овде и Кајгана, иако кај овој вториов ќе се сретне и по некој лош пример. Повеќето текстови на овие два портали во рубриката Здравје имаат извор или автор и се релативно коректно пласирани. Од другите портали кои спаѓаат во популарни, а воопшто не наведуваат извори за ваквите вести можеме да ги наведеме Фемина  и Идивиди (овде и овде), иако и тука може да се сретнат исклучоци, каде што има не само наведен извор, туку и линкови.

Има и такви сајтови/портали, кои се или би требало да се специјализирани за овие области, но дури и кај нив можете често да сретнете вести и информации кои отстапуваат од новинарските стандарди. Таков е следниов пример, кој го најдовме на порталот Здравје и убавина.

Позитивните примери се навистина ретки. Може да се издвојат онлајн платформите на Нова Македонија и на Дневник (овој вториов одамна има и посебен додаток Здравје), како и оние на НОВА и на 24 Вести. Кај овие медиуми текстовите ги пишуваат претежно специјализирани новинари што покриваат здравство, па оттука и нивните текстови за теми од здравството (па и медицината), се едни од покоректните во новинарска смисла.

Мошне коректни текстови во смисла на задоволување на новинарските стандарди можат да се сретнат  на порталот Здравство 24, но овој сајт е речиси исцело посветен на здравствениот систем. Дефинитивно најдобриот сајт посветен на оваа проблематика е Доктори. Тој воедно е  и е единствениот успешен пример кај нас каде што се негува т.н. медицински журнализам. Текстовите и советите од областа на медицината и здравјето се исцело релевантни текстови, а тоа, меѓу другото, се должи и на фактот што овој специјализиран сајт го уредуваат и за него пишуваат исклучиво доктори по медицина, специјалисти и супспецијалисти и универзитетски професори или други научни соработници.

Ова е генералната слика и прилика за третирањето на теми од областа на медицината и здравјето (вклучувајќи го и здравството), за која не тврдиме дека е најпрецизна, но дека е релативно точна.

640px-Aerobic_exercise_-_public_demonstration07

Физичката активност е здрава, ама не и кога сте болни од одредени болести. Фото: Википедија

 

Медицински журнализам – непозната гранка

Таквата сосотојбата е безмалку трагична. Се објавуваат такви глупости како што е веќе споменатиот текст против вакцините или текстови во кои се опишува зошто морате да трчате секојдневно или дека треба да пиете вода најмалку три литри на ден, без да се стави никаква ограда, без да се нагласат спецификите, а со тоа се отвора патот што може да доведе до трагични последици. На пример, болен од рак можете да го охрабрите да се потпре исклучиво на алтернативна медицина, болен од срце можете да го убиете со тоа што ќе го охрабрувате да џогира, а пациенти заболени од висок притисок можете да ги умрете со тоа што ќе ви поверуваат и ќе пијат повеќе течност, без да ги знаат последиците или спецификите на нивната болест!

Причината за ваквата состојба лежи во тоа што во македонските медиуми никогаш не била негувана специјализацијата на новинарите по области (чест на исклучоци-н.з.), како и тоа што на двете главни школи за новинари во земјава нема предмет кој би се нарекол медицински журнализам, како што е тоа пример нашироко во светот.

linden

Томас Линден. Фото: www.unc.edu

Доктор Томас Линден, кој е професор на предметот Медицински журнализам на Школата за новинарство и масовна комуникација при Универзитетот во Северна Каролинавели дека не може да известувате за медицина и за здравство ако немате познавање од оваа област.

 „Зад зборовите мора да има знаење. Разбирањето на медицинската наука е она што ги издвојува новинарите за медицина од новинарите што покриваат општи теми…Вие не мора да да бидете научник или доктор, но мора да знаете како функционира науката, да размислувате како ќе ги преведете нивниот жаргон и нивните идеи на разбирлив англиски (мајчин јазик-н.з.)“

Според Линден, кој бил прв дописник за здравство и за наука на CNBC, репортер за медицина на KRONATV, уредник за медицина во FOX 11News од Лос Анѓелес, дефинитивно е потребна дообука за сите оние кои се заинтересирани за специјализираното известување за медицина и здравство. Тој вели дека се потребни два типа дообука. Оние кои се веќе во новинарството и работат како општи репортери потребно е да посетуваат барем некој курс за медицински журнализам и секако да поседуваат општи познавања од биологија, хемија, генетика и физика.

Вториот тип (до)обука е за лекарите кои решиле истовремено да се занимаваат со медицински журнализам. Тие, според професорот, треба да посетат некој општ курс за новинарство и да ги научат основните правила за пишување.

Gary-Beijing-talk

Гари Свицер. Фото: Health News Review

 

Се греши и на Запад

Гери Свицер, кој повеќе од 40 години има кариера како новинар кој се специјализирал за известување за медицина и за здравство, и кој е основач на најдобриот онлајн сајт за рецензии на текстови посветени на медицина Heаlth News Review, наведува дека голем дел од новинарите во оваа област често не успеваат во својата работа.

Во истражувањето што го објавил во 2008, по двегодишно следење на 500 новинарски приказни од областа, утврдил дека новинарите најчесто не успеваат да поведат дискусии за цената на чинење, за квалитететот на доказите, за постоење на алтернативни опции и за магнитудата на апсолутните придобивки или штети (од некои нови медицински откритија или лекови – н.з.).

Според Свицер, кој десет години предавал и медицински журнализам и медиумска етика на Школата за новинарство и масовни комуникации од Универзитетот во Минесота, известувањето за медицината или за здравството мора да биде точно, балансирано и целосно.

„Доколку известувањето е нецелосно, небалансирано или неточно, потрошувачите (читателите-н.з.) може да стекнат нереални очекувања и да имаат нереални барања за нивната здравствена заштита и нега, со што корисноста е мала или пак, може да биде и штетна“ – советува Свицер.

Тој признава дека новинарите кои пишуваат за медицина или за здравствениот систем често пати се соочуваат со кусок од време за своите стории, со притисоци од уредниците и со погрешни, односно нецелосни податоци добиени од своите извори. Но, сето тоа не е доволно за да се најде оправдување. На неговиот сајт, на прашањето дали се фер кон новинарите во оваа област, стои објаснувањето дека токму поради огромното влијание во образованието на луѓето околу нивното здравје, не смее да има компромис околу квалитетот на текстовите. И повторно се потенцираат трите основни критериуми – точност, балансираност и целосност!

Експертите кои работат на овој проект навеле десет критериуми по кои ги оценуваат текстовите објавени во главните американски медиуми, а кои се однесуваат на медицината и на здравјето. Бидејќи кај нас нема соодветни школи за ова, тука ќе ги пренесеме нивните критериуми што им ги сугерираат на читателите како потребни за да се уверат во релевантноста на еден текст, а истовремено им служат и на самите рецензенти во проектот. Овие критериуми (дури и без оглед на различниот контекст на здравствените системи), истовремено можат да се сметаат и како водилка за авторите или уредниците на сите идни новинарски текстови што треба да се објават на нашите медиуми, со цел да не се објавуваат неточности или дури и глупости од оваа област:

  • Колку (третманот, лекот) чини севкупно ?
  • Колку често е забележен бенефитот (од третманот или лекот)?
  • Колку често се случуваат повреди/штети (од третманот или лекот)?
  • Колку се цврсти доказите (за третманот, лекот, нови сознанија од разни истражувања)?
  • Дали опишаните состојби се преувеличени (од третманот, лекот или во истражувањето) ?
  • Дали постои алтернативна можност (за третман, за лек)?
  • Дали навистина станува збор за нов пристап (нов начин на лекување)?
  • Дали е достапен за мене (дали третманот или лекот е достапен за сите пациенти во системот на здравството во дадена земја)?
  • Кој го промовира ова?
  • Дали постои конфликт на интереси (помеѓу сопственикот на медиумот, новинарот, уредникот и субјектот или околу темата за која се пишува)?

 

За велосипедизмот и простатата

За крај, еден пример од нивна рецензија за тема за која што пишуваа и нашите медиуми – студија за поврзаноста на некои болести, меѓу кои и ракот на простата кај мажите и возењето велосипед.

All_Mountain_Mountain_Bike

Еве што објавија во јули годинава некои наши портали меѓу кои и Здравство 24Велосипедистите со 6 пати поголем ризик од добивање рак на простата

Стидијата или веста за студијата ја нашле и американските медиуми и еден од нив неодамна објавил вест со наслов: Ризикот за рак од простата е зголемен кај мажите велосипедисти повозрасни од 50 години, покажа една студија

Гари Свицер неодамна ја рецензирал сторијата (објавена во американскиот медиум) и утврдил дека сторијата е погрешна, вклучувајќи го и насловот! Оттука можеме да извлечеме конкретен и добар пример, споредувајќи го и со нашиот сајт што ја објавил веста (пренесена) од британски весник , при што убаво може да се види ланецот на погрешно информирање и доведување на читателите во заблуда!

Затоа на крај ќе повториме – зборот може и да убие или да нанесе огромна штета. Ова треба да го имаат предвид сите новинари, а посебно оние кои пишуваат за медицина или за здравје. Заинтересираните може да најдат и повеќе практични водичи за својата работа на следнава страница или, пак, нека посветат малку внимание, на пример, на страницата за Здравје на BBC.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.