Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 285

За песните, писмата, штрковите и запирките: замките во преводите

 

Македонските портали често грешат во преводите од српски и хрватски јазик. Најчестите грешки се случуваат кога не се познаваат падежите во посочените јазици, па не е реткост некој Зоран Петровиќ, да стане Зорана Петровиќа

 

Пишува: Стојан Синадинов

 

Кога пред некој ден почина славниот сплитски пејач Оливер Драгоевиќ, порталите во Македонија влегоа во општата трка за кликови со наслови и содржини, чија тема беше веста за смртта на заштитниот знак на далматинскиот дух и песна. Порталот „Репортер“ ја пренесе објавата на „Инстаграм“ на пејачката Северина: „На писмата на Оливер ги учев моите први зборови“, гласеше насловот на текстот во кој таа изразува длабока тага, наведувајќи дека практично научила да зборува од песните на Оливер.

Сè би било во ред, ако и Северина не е Далматинка и сплиќанка, па нејзината објава е напишана – како инаку?! – во сплитски говор, во кој терминот „писма“ значи песна. Доволно за урнебесни реакции на социјалните мрежи, па порталот по некое време ги исправи грешките. Бидејќи, не беа само „писмата“ проблем, туку и преводот на карактеристичниот далматински термин „папе“ (опеан токму во една од легендарните песни на Драгоевиќ, „Опрости ми, папе“), кој во првичната верзија на преводот на објавата на Северина на порталот гласеше „Папа“, како ватикански поглавар, а не како ословување на татко или постар човек кон кого имате посебни емоции и респект.

Македонските портали често грешат во преводите од српски и хрватски јазик. Најчестите грешки се случуваат кога не се познаваат падежите во посочените јазици, па не е реткост некој Зоран Петровиќ, да стане Зорана Петровиќа (пример: „Полиција је тражила Зорана Петровиќа“ правилно треба да гласи „Полицијата го бараше Зоран Петровиќ“). Или, пак, кога српските медиуми ќе ја ословат актуелната министерка Зорана Михајловиќ како Михајловиќка, не ретко таа повторно завршува во македонските портали како – Михајловиќка, а треба да остане Михајловиќ.

Повозрасните генерации на македонските новинари во печатеното новинарство најчесто се учеа на две класични – но исто толку и урнебесни – грешки при преводите од српски/хрватски јазик. Изразот„Брод је био дупке пун“ („Бродот беше преполн“) неколкупати беше буквално и без размислување преведуван како „Бродот беше полн со дупки“.

Вториот класичен случај на грешка е малку посложен. Се работи за реченицата „О језику, роде!“, која во еден случај беше преведена како „За јазикот на штрковите“. Тоа можеби би бил и точен превод, но само ако нема запирка пред именката „роде“ (штркови). Правилниот превод гласи „За јазикот, народе!“, но, во секој случај, овде примерот има и контекст на синтаксичките замки на објавите на пророчицата Питија од Делфи, во кои запирката има клучно место во толкувањето на реченицата. Пророштвото „Ibis redibis, nunquam peribis in bello“ значи „Ќе одиш, ќе се вратиш, нема да загинеш во војна“, додека, пак, „Ibis redibis nunquam, peribis in bello“ значи „Ќе одиш, нема да се вратиш, ќе загинеш во војна“. Толку мал детал таа запирка, а толку различна судбина.

Преводот од хрватски/српски јазик знае да биде проблематичен кога содржи примери на локални говори и дијалекти. Далматинскиот говор, пак, е посебен јазичен микрокосмос, создаден од вековна мешавина на латински, словенски и италијански јазик. Присутен во богатата музичка (Драгоевиќ, Мишо Ковач и десетина други пејачи) и во телевизиската продукција (мегапопуларната ТВ-серија „Вело мисто“ од осумдесеттите години на минатиот век; внимавајте, Вело мисто значи Голем град), сплитскиот говор во поранешна Југославија речиси имаше статус на неформален јазик. Дури и добрите познавачи на хрватскиот јазик посебно внимаваа(т) кога ќе наидат на текст напишан на овој говор. Своевремено такви беа текстовите на Миљенко Смоје, на преминот на двата века култниот магазин „Ферал трибјун“ (секако, од Сплит) често го користеше сплитскиот говор, денес е присутен во колумните на Виктор Иванчиќ (еден од основачите и главен уредник на „Ферал трибјун“).

За тоа говори и изреката „Ča je pusta Londra kontra Splita grada“ („Што е Лондон во однос на Сплит“), за некои мегаломанска, за други симпатична. Но, ако прочитате или чуете некој да вика „Ајме мени!“, тоа не значи дека треба да тргнете кон него. Значи дека човекот, просто, кука, како нашето „куку леле“…

 

Сензационалистички наслов без аргументи

 

 

[Рецензија: Вечер oнлајн: Диктат на Агенцијата за медиуми: Медиумите да не заземале страна за референдумот – да не пишувале за уривање на уставот]

 

Граматички неисправниот наслов на овој текст на содржината што следува сака да ѝ даде нота на сензационалност, но и тенденциозно да ја претстави Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ – Агенцијата за медиуми) како „диктатор“, кој решил строго да им наредува на медиумите како да известуват и што да пишуваат во врска со претстојниот референдум.

Линк до оригиналниот напис: Диктат на Агенцијата за медиуми: Медиумите да не заземале страна за референдумот – да не пишувале за уривање на уставот

Датум и време на објавување: 31.7.2018 – 12:46

Датум на рецензирање 2.8.2018 

Рецензент: Александар Писарев

Скриена, но проѕирна намера да се наметне тезата за наводно задушување на медиумските слободи од страна на државата и наметнување диктат од страна на Агенцијата за медиуми.

Бидејќи добро ги познава новинарските правила и техники, дека читателите често се задржуваат само на насловот, медиумот тргнува од претпоставка дека на овој начин ќе им ја пренесе тенденциозната порака за наводниот диктат од страна на државата. Понатамошната содржина на текстот е релативно коректна и во неа не се спомнува никаков диктат, што е многу чудно. Ако во насловот се вели дека Агенцијата за медиуми врши диктат, во содржината на текстот бездруго треба да се објасни за каков диктат станува збор.

Агенција ги објави претставените нацрт-препораки за медиумско известување на радиодифузерите за време на референдумот и еве што точно се вели во делот што е поврзан со овој тенденциозен наслов:

Точка 8. Радиодифузерите не смеат да објавуваат информации и пораки со кои се загрозува националната безбедност, се поттикнува насилно уривање на уставниот поредок на РМ, се повикува на воена агресија или на оружен конфликт, се поттикнува или шири дискриминација, нетрпеливост или омраза врз која било основа забранета со закон.

Значи, станува збор за ограничувања во објавувањето информации, кои ги има и во македонските закони и тука нема ништо спорно. Настрана фактот што овие препораки, како прво, се разултат на јавна расправа, како што рече директорот на Агенцијата за медиуми Зоран Трајчевски, како второ, се сè уште само во форма на нацрт и нивната конечна форма ќе биде позната дури на 17 август и што, на крајот на краиштата, станува збор само за препораки, па ако некој медиум не се согласува со нивната содржина или дел од неа, и не мора да ги следи. Она што е важно да се каже е дека ако некој сака да врши „диктат“, како што се вели во насловот, тоа сигурно нема да го направи преку „препораки“, кои не се обврзувачки.

Со ваквиот тенденциозен, манипулативен и наведувачки наслов, со кој се врши демонизирање на политички субјект или институција, е прекршен Кодексот на новинарите (член 14), кој вели дека:

Известувањето од политичките процеси, особено од изборите (референдумско гласање м.з.), треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.

 

Новинска фотографија и фото вест

Новинската фотографија е посебна област во журналистиката. Таа, покрај пренесување на информацијата, треба да прикаже целосната слика на стварноста. Проблемот со новинската фотографија е во тоа што сѐ почесто нејзината единствена функција е да го пополни просторот, празнината во текстот или помеѓу два текста.

 

Пишува: Александар Писарев

 

Кога би ги анализирале рецензиите објавени на нашиот сајт, во делот кој се однесува на фотографијата, најчеста оценка е: „ни манипулира ни информира – ставена е само како илустрација“. Некои фотографии се толку стереотипни, толку многу пати и толку долго употребувани за илустрирање на написите, што читателите веќе навикнале на нив и воопшто не ги забележуваат. Тоа е дијаметрално спротивно на улогата на новинската фотографија.

Оваа лекција е посветена на унапредување на стандардите во фото журнализмот и улогата на фотографијата како составен дел на вест, информација, извештај и фотографија како вест, без оглед  дали се работи за печатените медиуми или веб портали.

Една слика-илјада зборови, но дали секој пат сме во состојба тие зборови да ги препознаеме и прочитаме од соодветна фотографија? Дали медиумите знаат со фотографијата да ни ја пренесат пораката не само од илјада, туку од повеќе илјади зборови?

Новинската фотографија е посебна област во журналистиката. Таа, покрај пренесување на информацијата, треба да прикаже целосната слика на стварноста. Проблемот со новинската фотографија е во тоа што сѐ почесто нејзината единствена функција е да го пополни просторот, празнината во текстот или помеѓу два текста. Има доста причини за тоа, а едната е што во повеќето медиуми не постои уредник на фотографија, туку таа функција ја врши некаков диспечер, веб дизјанер, компјутерџија, кој се занимава и со сите други работи и на кого новинската фотографија му е нешто многу далечно и туѓо.

 

4170369548_68eb0134ae_b

Мајка со дете во кошница на пазар во Хонг Конг, 1946 година, додека во Кина беснееше граѓнската војна и Хонг Конг беше само една сиромашна карпа со стотици илјади бегалци. Денес Хонг Конг е најбогат на светот со највисок бруто домашен производ по жител. Фото: Хеда Морисон, една од најдобрите жени фотографи на своето време. Фотографијата е реставрирана од Ралф Репо, 2009 година.

 

Фотографијата не смее да биде само илустрација за текст, туку силен авторски израз, тоа е приказна низ слики и пренесување на вистината. Затоа, фотографијата мора да биде точна. Таа претставува сведоштво и документ. Таа е силен и ефикасен начин да се поттикне подобро разбирање на светот во кој живееме. Фотографијата во медиумот е „прозорец кон светот“ и треба да овозможи што поголем број на луѓе да ги видат фотографиите за настаните кои можат да го привлечат нивното внимание. Таа бележи одредена ситуација, одреден миг, настан. Фото веста „Жена во црвен фустан која полицаец во Истанбул ја прска со солзавец“, стана симбол на отпорот во овој град.

 

Фото вест, блиц вест, „Flash News“

 

Фотожурнализмот или фотографија во вест и информација, како и самата фотографија како вест воопшто се не посебен дел на новинарството. Фотографијата во медиумите во последно време доби жанровска поделба на блиц вести–фото вести и „вести воопшто“. И во нашите медиуми сѐ почесто наидуваме на блиц вести (порано оваа категорија најчесто се нарекуваше „Flash News“). Во светските и во регионалните медиуми на ваков жанр му се посветува исклучително внимание (и обука на младите новинари и фоторепортери). Затоа, паралелно со оваа лекција би им препорачал на младите колеги да отворат и архивата на World Press Photo, зашто на развојот на новинската фотографија како вест големо влијание последните години има овој престижен холандски конкурс за новинска фотографија, кој посебно внимание посветува на „Spot News“, што кај нас би се превело како фото-вест.

Доколку би сакале да ја дефинираме оваа категорија, треба да кажеме дека е тоа фотографија со која е забележан некој настан кој не е предвидлив, или, иако однапред се знаело за него, не можел да се предвиди неговиот исход. Тука спаѓаат несреќи, пожари, грабежи, поплави, тепачки…

 

11962834776_f5cb9bd93b_b

На лице место во вистински момент: Фотографија од фауна – жанр кој речиси и да не се негува во Македонија. Хериер во лет (circus assimillis). Фото: Дејвид Џенкинс, јануари 2014

 

Фотографијата секогаш треба да биде тесно врзана за темата  која се обработува, односно за настанот кој веста го опишува. Значи вест, информација без фотографија делува како настанот да не се случил. Колку е ова важно најдобро илустрира протестот на францускиот  весник Либерасион, кој во знак на поддршка на фотографите и фоторепортерите, кои, пак, во својата работа се изложени на големи ризици, објави еден број на весникот без фотографии.

„Тоа беше визуелен шок, првпат во историјата  Либерасион излезе без ниедна фотографија со празни рамки. Весникот излгедаше како без звук, како без таа мала интерна музика која го следи погледот на читателот“, напиша тогаш  Бригите Олиер новинарка на Либерасион.

 

Кога фотографијата може  да го вознемири читателот

 

Фотографијата во весникот влијае на најдлабоките чувства на читателот и на неговиот ментален процес, на неговото размислување за настанот, влијае на неговиот став за одреден настан и на неговиот поглед  врз животот. Фотографијата во медиумите  ја менува визијата на светот, на читателите им ги отвора очите пред она во што во стварноста мижат.

Луѓето сакаат фотографии, ги паметат, тие им се разбирливи и веруваат во она што го гледаат. Затоа, фотографијата треба да биде информативна и интересна и кај оној што ја гледа да разбуди некакви чувства кои обичен текст, без фотографија, не би ги разбудил. Фотографијата треба да привлече внимание и да го задржи интересот на читателот. Тој миг има и своевидна комуниколошка вредност. Од друга страна, пак, фотографијата е и поглед на одредена ситуација низ окото (објективот) на фоторепортерот и уредникот кој таа фотографија  ја вклопил на начин кој според него ќе влијае на читателите.

Бевме сведоци кога на насловните страници на домашниот и на странскиот печат беше објавена фотографија на Гадафи, „Крај не еден диктатор“. Сликата не беше убава за око, драматачна е и последна фотографија на живиот Гадафи. Утредента се појавија и фотографиите на мртов Гадафи. Со оглед на тоа што објавените фотографии ги вознемирија  дел од читателите, треба да објасниме дека, на пример, не е исто да се објави слика на мртов диктатор, и слика од стравична сообраќајка на некој наш сограѓанин кој смртно настрадал во таа несреќа. Фотографијата на Гадафи е документ, идентична е како вест и за многу години некој ќе ја побара. Таа, (освен можеби кај малкумина кои работеле во Либија, па можеби имале средба и лично со Гадафи) не предизвикува посебни емоции, можеби единствено олеснување поради правдата која го стигнала од еден напатен народ илјадници километри далеку од нас. За разлика од оваа, која сигурно ќе нѐ вознемири.

 

Една од безбројните фотографии од светските боишта: Американски војник клекнува пред опремата на свој соборец, евакуиран по тешки здобиени повреди во акција; Виетнам, во близина на границата со Камбоџа, 4 јули 1966 година. Фото: UPI – United Press International. Објавено од: manhai

Една од безбројните фотографии од светските боишта: Американски војник клекнува пред опремата на свој соборец, евакуиран по тешки здобиени повреди во акција; Виетнам, во близина на границата со Камбоџа, 4 јули 1966 година. Фото: UPI – United Press International. Објавено од: manhai

 

Сериозен медиум, добар уредник на фотографија или фоторепортерот, секогаш ќе се трудат фотографиите објавени во нивниот медиум да бидат точни и прецизно позиционирани во однос на текстот, со легенда и потпис на авторот. Еве еден лош пример: медиумот објавува опширен текст за нашиот колега Зоран Божиновски и  ја дава целата приказна заедно со податокот за собрани 10.000 потписи за неговото ослободување од обвинението и подршката што ја има од ЗНМ и УНС. Текстот е илустриран со голема фотографија на Насер Селмани, без легенда и без потпис. Читателите не мора да го познаваат ни Селамни, ни Божиновски, но од вака конципиран текст и фотографија добиваат впечаток дека на фотографијата е Божиновски, што не е точно – на фотографијата е друг човек.

Друг пример: …„Ограбена е експозитура на „Шпаркасе во населбата Ѓорече Петров“…, еве како оваа вест ја илустрирале некои наши медиуми овдеовде и овде. На првата  фотографијата се двајца полицајци свртени со грб. Дали тие ја ограбиле ? Зошто да не, ни полицајците не се совршени. На втората ги гледаме (и можеме да ги идентификуваме) две лица со пиштоли. Дали фоторепортерот успеал да ги сними за време на грабежот? Третата фотографија експлицитно го прикажува „напаѓачот“, значи медиумот „знае“ кој ја ограбил банката. Од овие фотографии се добива впечаток како Ѓорче Петров да е на друг континент, па фотографот не можел да стигне до „Шпаркасе“ и да направи автентична фотографија.

Функцијата на фоторепортерот нее да пишува вести, туку да ги забележува со камера. Луѓето се најважниот дел на секоја новинска фотографија.  Луѓето се клучни за новнската фотографија. Фотографот низ објективот мора да ја долови атмосферата, да ѝ даде динамика. Ако на фотографија нема луѓе, таа е мртва и личи на макета.

 

Лајф магазин – една од најдобрите школи на фотоновинарство во светот. Издание од 28 октомври 1966 година – фотографија од боиштата во Виетнам. Објавено од: manhai

Лајф магазин – една од најдобрите школи на фотоновинарство во светот. Издание од 28 октомври 1966 година – фотографија од боиштата во Виетнам. Објавено од: manhai

 

Неетички фотографрии

 

Со дигиталната фотографија и мобилната телефонија преносот на слика станува сé побрз, а фоторепортерите доаѓаат во искушение да „ловат“ моменти кои се визуелно привлечни, но често крајно неетикни (на пример, откопчан шлиц на премиерот). Со тоа и новинската фотографија се таблоидизира, а се руши и кредибилитетот на фоторепортерите. Ова подразбира дека и фоторепортерите и медиумите мора да почитуваат некакви етички принципи. Од  друга страна, се наметнува и прашањето дали тоа што го гледаме на сликата е вистина или во време на модерна компјутерска технологија и фотошоп можеби некој намерно го поместил патентот на шлицот од панталоните на премиерот. Во тој случај, она што е претставено на фотографијата е лага. Фотоновинарството и фоторепортерите, мора да имаат силна етика и да направат сé она што е објавено да биде исправно, инаку медиумите стануваат таблоиди каде никој ништо не верува, туку се чита само од забава.

Во редовните вести и информации спаѓаат конференции, посети и средби на важни личности и тие фотографии имат одредена доза на планирање, тоа се тематски фотографии  кои можат однапред да се планираат, како и портрети.

 

Приватноста е сива зона за фоторепортерите

 

Каде може, а каде не може да се снима? Каде  завршува правото на јавност да знае, а каде почнува правото на поединецот на приватност? Ова е тешко да се разграничи, но постојат некои генерални консензуси дека ако лицето се наоѓа во  приватноста на својот дом семејство или канцеларија, тогаш е, надвор од дометот на фотографскиот апарат, освен ако фоторепортерот не е повикан да влезе (примери на различни ситуации).

 

На пат: моторџија со своето куче чивава. Фото: Сузан Хол Фрејзиер, декември 2011, снимено преку прозорец од автомобил

На пат: моторџија со своето куче чивава. Фото: Сузан Хол Фрејзиер, декември 2011, снимено преку прозорец од автомобил

 

Граѓанско (Фото) новинарство

 

Новите медиуми сменија многу работи во светот на новинарството и на новинската фотографија. Пред сé, информациите се достапни до блогерите и до граѓаните. Земете пример кога се во прашање големите природни катастрофи, немири, протести, несреќи… кој е прв на лице место ? „Обичните граѓани“. Со самиот тој факт тие се во ситуација први да известат за одреден настан. Така, со развојот на интернетот имаме нова форма на таканаречено „граѓанско новинарство и фоторепортерство,“ кои се однесуваат на активната улога на граѓаните во процесот на известување, анализрање и ширење  на вестите. Во такви ситуации фотоинформациите ги прават граѓаните, ги дистрибуираат преку мобилните телефони или интернет. Важноста на граѓанското новинарсство и фоторепортерство низ социјалните мрежи Твитер и Фејсбук се средства преку кои информациите и фотографиите можат да се испраќаат побргу и поефикасно отколку што тоа е случај кај традиционалното новинарство. Меѓутоа, тука медиумите се крајно некоректни кога се во прашање авторските права. Злоупотребата на авторското дело е најчеста во печатените медиуми, но и кај порталите. Многу дневни весници, списанија и портали често користат илустрации за своите текстови, објавуваат фотографии и „забораваат“ да наведат од каде се преземени.

 

136173281_a03c9232a3_o

Граѓанска фотографија од лице место: смрт на улица, Сан Франциско, 26 април, 2007 година. Фото: Global X

 

Во принцип, доколку немате одобрување од авторот за користење на фотографијата, авторското дело не би смееле да го користите. Зошто тоа го правите, кога едноставно можете да го потпишете авторот, или да преземете фотографија од слободните сервиси за фотографии на инетрнет? Секако дека треба да наведете од каде сликата е преземена. Ал Џезира за првите извештаи од „арапската пролет“ во 2011 година направи колосален чекор со тоа што објави он-лајн инфомрации и фотографии кои им беа достапни на сите. Но, кога се користат, обавезно треба да се наведе автор, наслов, изворна адреса и линк.

Да заклучиме: во фотоновинарстово постојат многу препреки кои се јавуваат секој ден во изградување на оваа професија, но, кога ќе отворите весник или списание и ќе ја видите фотографијата со своето име под неа ќе ја почувствувате топлината на оваа професија.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

Верификување содржини од социјални медиуми

Подготвено од тимот на „Глобал војсис“,

објавено на Викито на „Глобал војсис“ под лиценцата ГНУ ФДЛ.

 

Лажирање содржини на интернет е можно, а во некои случаи и лесно. Исто така, може да биде тешко да се пронајдат оригиналните извори на содржини објавени на интернет. Ако вашите извори се од интернет, важно е да се обидеме да потврдиме дека содржините генерирани од корисници што ги користите при известување се автентични, оргинални и од доверлив извор.

Верификувањето содржини генерирани од корисниците на интернет не е егзактна наука и овој водич нема амбиција да понуди дефинитивна листа на техники на верификување. Ако знаете за други, користете ги и споделете ги со заедницата.

 

Бидете скептични

Мора да пристапуваме кон содржините генерирани од корисниците со скептицизам. Мора да се прашаме: како знаеме дека ова е точно? Добар прв чекор е да имаме извори на информации на кои им веруваме, но, сепак, мора да ја преиспитаме самата информација, сликите и видеозаписите од луѓе на кои им веруваме, бидејќи и тие може да направат грешки одвреме-навреме. Најнакрај, ако се покаже дека содржините се лажни, тогаш авторите и уредниците на објавените написи ќе ја понесат вината, а не цитираните извори.

 

Проверете го изворот

Мора да потврдиме кој е оригиналниот извор на содржината и да определиме дали може да му се верува.

 

Најдете го оригиналниот извор

Ова може да значи дека мора да копате по ретвитовите и реобјавувањата на одредена содржина за да откриете кој прв ја објавил. Не потпирајте се на фотографии од твитови или од рачни ретвитувања (RT), кои може лесно да се фалсификуваат. Неопходно е да го најдете оригиналниот твит – било да е уште достапен на интернет или кеширан – од оригиналниот извор. (Секој твит има посебна, уникатна веб-адреса што го идентификува.)

 

Истражете ја интернет-историјата на изворот

Прочитајте ги јавните профили и публикации на изворот. Дали профилите се верификувани од „Твитер“ или од „Фејсбук“? Имајте ги предвид прашањата поврзани со конзистентност, како, на пример:

  • Каде изворот вели дека се наоѓа? Дали вчера твитнал за предолго чекање пред каса во супермаркет во Буенос Аирес, а денеска објавил, наводно, сопствена фотографија од железничка несреќа во Русија?
  • Колку долго се активни корисничките профили? Дали се креирани неодамна?
  • Дали содржините на профилот се со конзистентен квалитет? Дали се работи за човек? Внимавајте на однесување налик на бот (софтвер), како автоматско објавување според распоред или некохерентни одговори.
  • Кого сè следат? Кој нив ги следи?

Побарајте дискусии на интернет за изворот од кои може да дознаете дали нему или нејзе може да се верува.

 

Контактирајте го изворот

Не воздржувајте се да се обратите директно на изворите, да откриете повеќе информации за нив или да потврдите дали тие се авторот на содржината. Запомнете, бидете скептични, но љубезни.

 

Проверете дали содржината е оригинална и автентична

Пред да искористиме дел од содржини создадени од корисници на интернет, мора да се осигуриме дека не се работи за лажна или содржина која на некој начин е изманипулирана. Ова може да се однесува и на дел од содржини кои се вистински, но ставени во погрешен контекст.

 

Проверете ги фактите

Било да се во пишана или изговорена форма, проверете ги фактите од изјавите. Ако кој било дел од содржината е сомнителен, не користете го додека не го потврдите.

 

Дали содржината е оригинална?

Треба да верификуваме дали одредена содржина, како слика или видеоснимка, биле претходно објавени некаде.

 

Обратно пребарување слики

Веб-страници како TinEyeGoogle Images и SauceNAO ви дозволуваат да ја пребарувате мрежата за разни копии на иста слика. Тоа се прави едноставно, преку ставање на сликата на нивната главна страница, внесување на веб-адреса, или со качување на сликата за да се најде сликата. Онаа слика што има најголема резолуција е најверојатно оригиналната, но ако при пребарувањето се појавуваат повеќе слики со висока резолуција, тогаш е потребна дополнителна детективска работа за да се определи која е оригиналната.

Кликнете на иконата со фотоапарат за обратно пребарување слики.

Кликнете на иконата со фотоапарат за обратно пребарување слики

Корисниците на разгледувачот „Гугл хром“ (Chrome) имаат пристап до ваква опција во менито кое се добива со десен клик на сликата (Search Google for this image).

За видеоснимки, може да се обидете со обратно пребарување слики на сликичката што го претставува видеото (анг. thumbnail) за да се види дали и каде се појавила претходно.

 

Пребарување на делови од текст

Ако содржината е базирана на текст, одберете по една или две карактеристични реченици и видете дали се појавуваат како резултат на пребарување со „Гугл“.

 

Пребарување според клучни зборови

За видеоснимка, направете пребарување со користење на зборовите кои се однесуваат на него и се поставени како клучни на веб-страницата каде што е објавено (на пример „Јутјуб“) и филтрирајте ги резултатите според датум. Можеби ќе откриете дека истиот видеозапис бил објавен пред копијата со која работите.

 

Прашајте ја заедницата (анг. crowdsource)

Прашајте ги вашите контакти, на пример, колегите од редакцијата или организацијата, или релевантната заедница експерти, активисти, новинари или блогери, дали ја имаат оваа содржина претходно или дали може да ве насочат во насока на некој што може да помогне.

 

Дали содржината е автентична?

Треба да провериме дали содржината, како слика или видеозапис, била на некој начин манипулирана, изменета или е неточно опишана.

 

Пребарајте слики со „Гугл“

Слика која е обработена во „фотошоп“ нема да се појави во обратното пребарување слики, па затоа мора да бидеме покреативни. Искористете го делот на „Гугл“ за пребарување слики (images.google.com) за да пребарате специфични предмети, елементи или личности кои се појавуваат на сликата. Проверете ги сликите што прикажуваат нешта кои се совпаѓаат со оние на сликата што ја испитувате.

 

Потврдете го датумот

Датум на качување на интернет

Проверте дали датумот на качување на интернет (анг. upload date) одговара на настанот за кој се раскажува во содржината. Забележете дека датумите со кои „Јутјуб“ ги обележува своите видеозаписи (анг. timestamp) се според Пацифичко стандардно време (PST), кое за девет часа се разликува од временската зона во која лежи Македонија. Овој датум, час и минута се однесува на времето на почеток на качувањето на видеозаписот, така што може да изгледа дека некои видеоснимки се качени пред да се случи даден настан.

Проверете ги временските услови

Ако фотографија, видеозапис или опис наводно укажува дека на одредена локација во одреден момент било врнежливо или сончево, проверете ги овие факти. Ова е добар начин да се открие измама ако стара содржина погрешно се претставува дека се однесува на тековни настани.

Проверете ги метаподатоците

Ако ги имате фотографиите во нивната оригинална форма, може да ги проверите метаподатоците за да го утврдите датумот на снимање преку сервиси каков што е findexif.com. Некои веб-страници на социјални медиуми ги бришат или менуваат метаподатоците од сликите во моментот на качување.

 

Потврдете ја локацијата

Проверете ја облеката

Ако фотографија, видеоснимка или описот на облеката изгледа чудно за дадената област и годишно време, проверете уште еднаш.

Проверете дали има видливи знаменитости

Ако фотографијата, видеозаписот или описот вклучуваат архитектонски или природни знаменитости, испитајте дали се совпаѓаат со дадената локација на содржината. На пример, ако за видеозаписот се вели дека се однесува на Мексико и во заднината има статуа на Исус Христос, потврдете дека тоа е навистина мексиканската статуа „Кристо Реи“, а не бразилскиот „Кристо Редентор“, колумбискиот „Кристо Реи“, боливискиот „Кристо де ла Конкордиа“ или португалскиот „Кристо Реи“.

Една алатка која може да ви помогне да потврдите пејсажи и локации кои се појавуваат во содржини генерирани од корисници е „гугл мепс“ со опцијата „стрит вју“ (анг. Google Maps street view option).

Знаци или текст

Ако на фотографијата или во видеозаписот се појавуваат знаци или текст, анализирајте ги за да видите дали одговараат на дадената локација.

Присуство на сленг или дијалект карактеристичен за место

Осигурајте се дали дијалогот што може да се чуе одговара на дадената локација на видеоснимката или другата содржина.

Искористете ја мудроста на толпата (анг. crowdsource)

Прашајте ги членовите на вашата заедница за да потврдите дали датумот или локацијата се точни, односно да ви посочат кој сè може да ви помогне.

Контактирајте го изворот

Повторно, не плашете се да се обратите на изворот за да дознаете повеќе за случајот.

 

Вклучете го процесот на верификација во вашата новинарска сторија

Кога се работи за социјалните медиуми, важно е да сме отворени кон читателите за и тие да видат поради што имаме доверба во дадена содржина од интернет. Обидете се да ги вклучите деталите за тоа како ја имате верификувано заедно со остатокот од вашето известување.

 

Листа за проверка

Пред да вклучите содржина генерирана од корисниците во вашата сторија, осигурете се дека сте го завршиле следното:

  • Дали го проверивте изворот?
  • Дали потврдивте дека содржината е оригинална и автентична?
  • Дали го потврдивте датумот/времето на содржината?
  • Дали ја потврдивте локацијата на содржината (ако е применливо)?

 

Студии на случај и ресурси (на англиски)

 


Оваа новинарска лекција е пренесена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

Обичен армиски тендер за храна претворен во лош и неинвентивен виц

[Рецензија: Република онлајн: Скандалозен тендер во Министерството за одбрана – Шекеринска нарачала торти и колачи од 3.700.000 денари!]

 

Скандалозно – Министерката за одбрана ќе јаде слатки и торти за неверојатни 60 илјади евра! Ова се тврди во напис што се занимава со јавните набавки на Министерството за одбрана. Радмила Шекеринска, и презимето тоа, впрочем, го докажува, многу сакала слатки, ја „открива“ добро чуваната тајна овој новинарски текст. „Гладната“ министерка за одбрана планирала да јаде толку многу, што е дури распишан тендер за набавка на торти и колачи во вредност од „неверојатни 3 милиони и 700 илјади денари“. Притоа, се потсетува на „апетитот на Шекеринска“ и кон бадеми, лешници и ореви, бидејќи веднаш откако станала министерка за одбрана, МО објавило тендер за апетисани, божем само за да ја најаде гладната министерка.

Линк до оригиналниот напис:  Скандалозен тендер во Министерството за одбрана – Шекеринска нарачала торти и колачи од 3.700.000 денари!

Датум и време на објавување: 28.7.2018

Датум на рецензирање: 1.8.2018

Рецензент: Југослава Дуковска

Звучи како наивна и не многу инвентивна шега, но текстот е објавен во медиум што претендира да биде сериозно информативно гласило, кое објавува вести, а не вицови. Во написот, всушност, и се појаснува дека

„Се работи за тендер за набавка на колачиња и торти, кои треба да се поделат во МО, но и во неколку касарни низ земјата“.

Останува нејасно дали медиумот толку сериозно ги потценил интелигенцијата и здравиот разум на своите читатели штом очекува тие да поверуваат дека министерката за одбрана и нејзините колеги во Министерството навистина ќе консумираат енормни количества торти и колачи, а дека, ете, патем, дел од купиштата слатки ќе добијат и „неколку касарни низ земјава“. Вистината е дека се работи за редовен тендер што го објавува Министерството за одбрана како надлежно за набавка на прехранбени продукти, овој пат од категоријата слатки, кои потоа ќе се консумираат низ десетте касарни во државата, како и во неколку постојни воени угостителски објекти, што значи дека храната е наменета за македонските војници и за посетителите на угостителските капацитети. За тоа што е вистина во врска со овој случај, веќе се огласи и самото Министерство. Колку колачи ќе изеде Радмила Шекеринска и дали воопшто ќе проба некое од нарачаните благи е тотално ирелевантен податок за кој било читател.

Но, затоа, пак, оваа вест, со наслов што наводно открива скандалозен тендер, „труе“ на евтина и не многу интелигентна пропаганда. Од аспект на новинарски стандарди, се работи за лошо составена информација во која фактите – навистина објавен тендер за слатки на МО – се мешаат со коментари од типот

Шекеринска е позната по бескрупулозното трошење народни пари кога станува збор за нејзиниот комодитет, па по стапувањето на функцијата првиот тендер на МО беше тој за набавка на морски плодови, а неколку дена подоцна и за апетисани (бадеми, ореви, лешници)“.

Со ваквите коментари, на кои не им е место во една новинарска информација, само се деградира медиумот што ги објавува, бидејќи тој самиот работи несериозно. Во најмала рака, смешно е да тврдиш дека си открил скандал, кој, всушност, е оглас за прибирање понуди за набавка на храна за војниците на АРМ.