Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 284

Информиран граѓанин – демократско општество

Медиумите можат да помогнат и да станат сервис за граѓаните во обезбедување и во пласирање на информации кои би интересирале поголема целна група од нивната публика, но и преку постојниот интерес за транспарентност и за отчетност,  на институциите да им покажат дека и тоа е во сферата на нивниот делокруг на работење и дека Законот за пристап до информации од јавен карактер не е само формалност, туку има и суштинско значење

 

Пишува: Светлана Вељановска, доц. д-р по меѓународно право

 

Информирањето на јавноста е една од основните  обврски на медиумите и најчесто тие релативно лесно (на прес-конференции, брифинзи или од свои извори), можат да дојдат до информациите што ѝ ги пласират на својата публика. Можеби од тие причини понекогаш и не се свесни дека правните субјекти што не се занимаваат со информативна дејност, но  физичките лица, не секогаш може да добијат информација од органите на државната власт, институциите и од установите, дури и ако станува збор за информации од јавен карактер.

Во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во членот 4 стои дека „слободен пристап до информации имаат сите правни и физички-домашни и странски  лица“, а во членовите 6 и 7 се регулирани причините поради кои може да има исклучок (целосен или делумен ) за пристап кон информациите.

Прелистувањето на печатените и на електронски медиуми наведува на заклучок дека ова тема медиумски најчесто се обработува кампањски, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на слободен пристап до информации или кога во локални или национални проекти се дебатира или се едуцира на оваа тема:

Споредбените податоци изнесени по ваквите поводи во медиумите доведуваат до заклучок дека правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер го користат сè поголем број граѓани, но и  дека голем број од нив не добиваат одговор:

Во 2006 година имало само 513 барања, во 2014 година 4.451 барање, во 2015 имаме над пет илјади барања до институциите.

Но, истовремено се зголемува и бројката на жалбените постапки, односно Комисијата годинава има постапувано по околу 860 жалби, од кои што по 797 има донесено соодветни решенија односно заклучоци, додека 64 се во постапка на решавање.“-МТВ 1

Каде се јавува проблемот во целата оваа состојба околу пристапот до информации од јавен карактер, односно зошто е потребно медиумите посериозно да ја разработуваат оваа тема, а не само еднаш-двапати во годината по повод одбележувањата и годишнините?

 

ЗАЕДНИЧКА ЦЕЛ – ДОБРО ИНФОРМИРАН ГРАЃАНИН

Една од причините е што медиумите секојдневно ги користат информациите и барем ним треба да им биде јасно дека пристапот до информациите е клучниот момент за демократијата. Граѓаните што ги добиваат бараните информации многу полесно ги прифаќаат одлуките кои ги носат институциите или, пак, ако не се согласуваат со нив, навремено реагираат за нивно коригирање.

Генерално гледано, невладиниот сектор е тој кој иницира активности за зголемување на транспарентноста и на достапноста на информациите до заинтересираните граѓани. Мерките што можат и кои се  користат се:  објавување на најрелевантните информации за институцијата, засилен надзор, обука на вработените за подигнување на свеста за потребата и за важноста од редовно информирање на јавноста за работата на службата, вработување на веб-администратор и овозможување на брзо и лесно пребарување на информации од јавен карактер на веб-страниците на институциите и сл.

Сите овие елементи од медиумите можат да бидат употребени за да им помогнат на граѓаните во постигнувањето на заедничката цел: добро информиран и активен граѓанин во заедницата.

Меѓутоа, ретко кога може да прочитаме (слушнеме, видиме) во некој медиум дека иницираат прилози во кои би биле опфатени овие содржини. Периодично се презентираат информации за веб-страници на општини и тоа од аспект дека не се напишани на службениот македонски јазик (ако станува збор за општина каде албанската заедница е мнозинство) или обратниот случај, но најчесто ваквите новинарски прилози се еднократни и воопшто не се следи дали е коригиран пропустот или состојбата останала непроменета.

 

ОКОЛУ 1.300 ИНСТИТУЦИИ СЕ ДОЛЖНИ ДА ДАВААТ ИНФОРМАЦИИ

Неодамна  ТВ „Телма“ објави прилог во кој зборува за молчењето на институциите. Во прилогот може да се види дека институциите на национално ниво се помалку транспарентни и се повикуваат на делумна тајност на бараните податоци. Тука предничат министерстватата за финансии и за здравство. Овој закон е донесен пред девет години и според него околу 1.300 субјекти во земјава имаат обврска да даваат информации од јавен карактер на заинтересираните граѓани.

Националниот демократски институт пред неколку години почна со реализација на проект со кој им се овозможува на граѓаните полесна комуникација со нивните народни претставници, отворајќи канцеларии за комуникација со граѓаните во секој град од каде има пратеници. Одамна не сме слушнале ништо за овие канцеларии: дали сè уште работат, какви се резултатите од нивното постоење, дали се зголемила транспарентноста на пратениците и сл. И ова е поле што треба да биде во сферата на интересот на медиумите од национално и од локално ниво.

Институциите по дефиниција се служби за граѓаните, меѓутоа не секогаш сакаат да се знаат сите состојби во нивното работење. Особено не тогаш кога се појавуваат проблеми.

Според едно истражување на НВО од Куманово, Велес е најтранспаретна општина, а Битола и Илинден спаѓаат во групата на високотранспаретни општини според бројот на информации од јавен карактер објавени на нивните веб-страници. Загрижува податокот дека дури 18 општини не поседуваат ниту една информација од јавен карактер, а пет општини воопшто немаат веб-страница.

Ова истражување е направено во мај минатата година и резултатите се коректно пренесени од голем број медиуми, но оттогаш па сè до денес нема никаков интерес од страна на новинар(к)ите да проследат што се случува во меѓувреме: дали, на пример, општините кои немале тогаш, сега креирале свои веб-страници или, пак, тие 18 општини без информации од јавен карактер промениле нешто во своето работење.

 

ПРИСТАПОТ ДО ИНФОРМАЦИИТЕ НЕ Е САМО ФОРМАЛНОСТ

Изјавата на  претседателот на  Комората на извршители дека „Слободниот пристап до информации сè уште е „баук“ во Македонија и не сите граѓани и институции го познаваат законот “, може да се оправда за граѓаните, но никако и за извршителите, кои како служба секојдневно се во контакт со граѓаните и мора да знаат дека имаат обврска да даваат информации кои не се дел од т.н.„извршителска тајна“.

За жал, ваква е состојбата и во голем број други институции кои под превезот на „службена тајна“ го ограничуваат пристапот до информации од јавен карактер. Од тие причини, медиумите можат да помогнат и да станат сервис за граѓаните во обезбедување и во пласирање информации што би ја интересирале поголема целна група од нивната публика, но и преку постојниот интерес за транспарентност и за отчетност,  на институциите да им покажат дека и тоа е во сферата на нивниот делокруг на работење и дека Законот за пристап до информации од јавен карактер не е само формалност, туку има и суштинско значење.

Од аспект на односите со јавноста, медиумите имаат двојно значење: од една страна тие се целна јавност, а од друга – комуникациска алатка за пренесување на информаците до јавноста. Дали ќе бидат употребени на соодветен начин, зависи, пред сè, од нив самите.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

На Франција не ѝ паѓа на памет да ја легализира педофилијата, без оглед на лажната вест во овој напис која вели поинаку

 

[Рецензија: „Франција ја озакони педофилијата! Марионетката Макрон го легализира сексот на деца и возрасни!“]

 

„Франција ја озакони педофилијата! Марионетката Макрон го легализира сексот на деца и возрасни!“ Текст со ваков наслов, базиран врз проблематичен, политички обоен странски извор, деновиве се прошири по социјалната мрежа „Фејсбук“. Овој тенденциозен и невистинит напис беше споделуван и проследен со реакции на револт и индигнација, разбирливи кога ќе се земе предвид осетливоста на пошироката публика на оваа тематика, што очигледно била и интенцијата на медиумот што го објавил – не да информира, туку да шири политичка пропаганда.

Линк до оригиналниот напис: Франција ја озакони педофилијита! Марионетката Макрон го легализира сексот на деца и возрасни!

Датум и време на објавување: 5.8.2018

Датум на рецензирање: 7.8.2018

Рецензент: Југослава Дуковска 

 

„ВЕСТ“ СПОРЕД РЕЦЕПТИТЕ НА FAKE NEWS  КУЈНИТЕ

Овој напис, всушност, претставува речиси комплетен препис, односно превод на текст со нешто поинаков наслов: France Passes Law Saying Children Can Consent To Sex With Adults (Франција донесе закон кој вели дека децата можат да се  согласат на секс со возрасни) oбјавен на YourNewsWire.com, познат како веб-страница мамец за кликови на лажни вести (clickbait fake news web site), кој често се занимава со теории на заговор, така што легитимни информации меша со лажни вести. Дека не е само обичен сензационализам и отсуство на критички став кон изворот, туку смислено дезинформирање, може да се утврди ако се истражи потеклото на оваа информација.

Изворот е пропагандна веб-страница од Соединетите Американски Држави, кој се занимава и со актуелни теми од меѓународната политичка сцена. Неговиот сопственик е некогашен новинар на Би-би-си, кој се „прослави“ со објавување на „веста“ дека британската кралица Елизабета Втора ќе абдицирала доколку Британците не гласаат за брегзит и кој доживеа над 23 илјади споделувања на „Фејсбук“.

Доколку, пак, ја погледнеме интервенцијата во содржината на преведениот текст, која ја направил медиумот што го пренесува написот, каде што наместо „либерални активисти“, како што стои во оригиналот, е преведено „соросоидни активисти“, станува јасно дека објавувањето на оваа лажна вест во македонски медиум е мотивирано со потребата за оцрнување на политичката фигура на Џорџ Сорос на овие простори.

 

ЗАКОНОТ НА СКЈАПА – ПООСТРИ САНКЦИИ ЗА ПЕДОФИЛИТЕ

Владата на Макрон гласаше против ограничување на возраста за согласност за секс во Франција, со што стана најнова нација што се предаде пред притисокот на меѓународната мрежа на соросоидни активисти решени да ја нормализираат педофилијата и да го декриминализираат сексот со деца низ светот, јавува YourNewsWire.Com.

Оваа реченица е добра илустрација на тоа зошто овој напис е проблематичен – бидејќи манипулира со вистината, поаѓајќи од вистинити факти, истовремено користејќи недокажани обвинувања, и повикувајќи се на нерелевантен и необјективен извор. Проверката на содржините што можат да се најдат на интернет, поврзани со темата, кои доаѓаат од релевантни извори, фрла поинакво светло на текстот и неговата заднина. Со наслов: „Франција донесе нов закон за силување деца и за сексуално вознемирување“, Дојче веле го претстави новиот француски закон како „сигнал за длабоки социјални промени во општеството“, бидејќи со него „секој сексуален акт на возрасен со малолетно лице полесно ќе може да се квалификува како силување“.

Според новиот закон, судиите во иднина ќе можат да го квалификуваат сексуалниот акт со малолетник како силување доколку сексот бил резултат на „злоупотреба на ранливоста“. Конкретно, сексот помеѓу возрасни и деца под 15 години ќе се смета за силување доколку би се утврдило дека возрасното лице ја злоупотребило неспособноста на детето да го разбере тој чин“. Дополнително, овој закон им остава подолг временски период на жртвите на силување да можат да го тужат насилникот за силување откако ќе станат полнолетни, од досегашните 20 на 30 години!

Новиот француски закон, со кој се уредува и санкционира силувањето деца, во јавноста е познат уште и како „законот на Скјапа“ наречен по новата министерка за еднаквост на половите во владата на Емануел МакронМарлен Скјапа. Угледниот американски магазин „Тајм“ вака го квалификува:

Законот на Скјапа, кој содржи посилни казни за силувачите, мерки за справување со онлајн-злоупотребите како и за вознемирувањето на жените на улица, е еден од првите обиди да се преточи ентузијазмот произлезен од движења како „И мене“ (Ме тоо) во постојани законски промени. 

Сепак, францускиот Парламент не востановил законска граница на согласност за секс на малолетно лице, бидејќи предлог-законот што предвидувал таа да биде поставена на 15 години, според официјалното мислење од Уставниот суд на Франција, можел да биде сметан за решение спротивно на Уставот. Поради ова, без оглед што новиот закон, всушност, ги заострува законските санкции за кривичните дела, кои се однесуваат на секс со деца, во дел од француската јавносј беше дочекан со жестоки критики и протести.

Токму врз ова искажано незадоволство на дел од активистите за правата на децата и на дел од опозицијата во Франција се темели тврдењето искажано во текстот на YourNewsWire.com, бидејќи написот не го објаснува целиот контекст на новите законски решенија, односно изнесува само делумни вистини и манипулирајќи со фактите, создава лажна слика за што, всушност, се работи. Она што во овој текст, кој го пренесува и македонскиот медиум, намерно се премолчува, е и фактот дека старосна граница на малолетник за согласност за секс во Франција не постоела ниту пред донесувањето на овој нов закон, па според тоа не може да биде точно дека владата на Макрон се предала „пред притисокот на меѓународната мрежа на соросоидни активисти решени да ја нормализираат педофилијата и да го декриминализираат сексот со деца“!

 

ЗА ЖРТВИТЕ ПОЛЕСНО ДОКАЖУВАЊЕ НА СИЛУВАЊЕ

Она што во текстот што го рецензираме се премолчува е дека со новиот француски закон, всушност, се проширува дефинирањето на поимот „присилба“, со што на обвинителството му се дава поголем простор да обвини сексуални предатори за силување, а на судиите им се даваат одврзани раце за донесување пресуди во случаи на сексуални престапи на возрасни кон малолетни лица, кога е тешко да се докажат сите елементи на кривичното дело силување. Напротив, во написот се тврди дека

со Сојузниот закон во Франција сега нема законска возраст за согласност, што значи дека возрасните кои имаат секс со деца од која било возраст нема да бидат кривично гонети за силување ако детето жртва не е во можност да докаже „насилство, закана, принуда или изненадување

што, како што веќе објаснивме, не е вистина.

За манипулативноста на овој напис да биде поголема, авторите на оригиналниот и на пренесениот текст, кој е предмет на оваа рецензија, се служат и со чисто пропагандни методи. Имено, написот е „збогатен“ и со изјави на пропоненти на „правата на педофилите“, условно кажано, односно на лица со непозната репутација, од правната и научната сфера од Германија и од САД, но не и од Франција, кои нудат свои аргументи зошто „законите против педофилијата се застарени и треба да се укинат“. Не е јасно како токму овие „авторитети“ биле одбрани да го коментираат новиот француски закон, но јасно е дека се сакало да се создаде впечаток оти многу стручни лица во Европа благонаклонето гледаат на педофилијата, па затоа недостигаат спротивставени мислења од правната и научната фела, пред сè, од Франција.

Од сето тоа произлегува дека написот за кој станува збор е – лажна вест. Тешко може да се поверува дека медиумот што го превел и објавил во Македонија не бил свесен за невистинитоста и манипулативниот карактер на овој текст. Поверојатно е дека тенденциозно го пуштил во јавноста. Крајната цел е – оцрнување на угледот на филантропот Џорџ Сорос пред домашната публика. Излажаните читатели се само колатерална штета на патот кон целта.

 

Известување за природните катастрофи – како треба да се прави?

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење. 

Кога се случува една природна катастрофа, поплави, земјотрес, цунами итн., обично медиумот известувањето за катастрофата го остварува во две фази: првата е таа на вонредните изданија (breaking news – вонредни вести), веднаш по катастрофата, кога луѓето сè уште се соочуваат со првите последици од катастрофата, додека втората фаза е фазата на вообичаеното информирање по нормализација на ситуацијата, со опширни објаснувања од повеќето аспекти на феноменот и на последиците

Пишува: Фатлуме Дервиши (22.08.2016 г.)

Повеќе од две недели медиумите известуваат за штетите и за последиците од поплавите во скопската околија, кои со интензитетот што го имаа, не се памти да се случиле порано ниту од најстарите генерации од зоната. Коментирајќи ја потребата за истражувања на причините на катастрофата што се случи во Скопје, во оваа фаза, кога уште нема ништо конкретно во оваа насока, ќе реферираме првин како кон природна катастрофа.

Освен за оштетените, нивните блиски и за државните институции, ова беше еден предизвик и за новинарите. Постојат некои правила, неколку напишани, а и други сугестии од новинари што поминале вакви искуства, како да се постапува во вакви случаи. Освен што треба да се биде професионалец, новинарот треба да биде и човечен, воздржан и, нормално, да води сметка за себеси, бидејќи на терен каде што само што се случила една катастрофа, има потенцијална опасност и за безбедноста на самиот новинар.

Кога се случува една природна катастрофа, поплави, земјотрес, цунами итн., обично медиумот известувањето за катастрофата го остварува во две фази: првата е таа на вонредните изданија (breaking news – вонредни вести), веднаш по катастрофата, кога луѓето сè уште се соочуваат со првите последици од катастрофата, додека втората фаза е фазата на вообичаеното информирање по нормализација на ситуацијата, со опширни објаснувања од повеќето аспекти на феноменот и на последиците.

Поголем предизвик е првата фаза.

Вонредни вести

Освен со уништена инфраструктура што го отежнува слободното движење за инспекција на зоната, новинарот се соочува и со други непријатни ситуации кои се однесуваат на емоционалната состојба на оштетените. Комуникацијата со нив може да биде тешка, но новинарот треба да има разбирање. Тие доживеале трауми, материјална штета или и загуба на најблиските.

За време на првите известувања, често нема официјални податоци за ранети, изчезнати или бројка на можни жртви. Нема ни информации за големината на материјалната штета. Сè што може да направи новинарот за јавноста што го следи е да го опише теренот, да ги каже деталите што ги гледа, звуците, па дури и мирисот што го чувствува и да каже што се прави за да им се помогне на оштетените. Во зависност од условите во кои се наоѓа погодената зона (бидејќи шансите се големи да биде оштетена и електричната мрежа), доколку оштетените се дел од јавноста и може да ги следат вестите, новинарот треба да ги извести како да останат безбедни и доколку имаат потреба, и да ги упати каде можат да се обратат за помош. Не треба да се создаде паника во јавноста. Тоа не му помага никому.

Доколку новинарот има информации, важно е да го опише можното сценарио како може да се случило сето тоа, од што е предизвикано и како дошло до оштетување на населбите. Но, и во овие случаи, не треба да се забораваат основните начела на професијата, не треба да се прават обвиненија и да се именуваат виновници сè додека нема силни докази што ги подржуваат овие тврдења.

Жителите се неопходен извор на информација за тоа како се случил настанот. Тие може сами со своја уста да кажат дали имаат идеја кој бил причинител на катастрофата и да зборуваат за нивната состојба по катастрофата. Но, секогаш треба да се има предвид тешката психолошка состојба во која се наоѓаат погодените за време на разговорот. Жителот кој се интервјуира од новинарот може да биде повреден или да изгубил некој близок, затоа новинарот треба да биде многу чувствителен и да има разбирање и да го третира соговорникот со поголемо внимание.

ЕТИЧКИ КОДЕКС:

Кога известуваат за настани што предизвикале лични трагедии, болка и шок – новинарите, фоторепортерите и камерманите треба да покажат сочуство, дискреција и претпазливост.

Новинарот треба да внимава за време на неговата работа на терен да не им пречи на работните тимови што дејствуваат за да ја превенираат катастрофата или, пак, за да ги спречат последиците од неа.

Идентификација на жртвите

Сè додека состојбата на местото на катастрофата продолжува да биде хаотична, просторот неисчистен и неинспектиран од властите, не се препорачува новинарот да спомне имиња на жртви, дури и ако тие имиња се потврдуваат од жителите на зоната. Има големи шанси во таа состојба жителите да разбрале погрешно. Од друга страна, и да е вистина, можно е неговите блиски сè уште да не дознале. Новинарот секогаш се бори за ексклузивност, но не и во овој случај. Над сензацијата стои сочувството, приватноста и достоинството на семејството на жртвата.

ЕТИЧКИ КОДЕКС:

При известувањето треба да води сметка за семејството на жртвата, да не им се зголеми болката, но и да не се помогне нивна „ анатемизација“.

Имињата на жртвите доаѓаат до израз за јавноста тогаш кога се официјално потврдени од Министерството за внатрешни работи.

ЕТИЧКИ КОДЕКС:

Имињата и фотографиите на изчезнатите може да се објават, но само во договор со семејството и со надлежните органи.

Лична нега

Во вакви ситуации, и новинарот работи во вонредни услови. Тогаш, важно е да се грижи и за себе:

  • Да биде внимателен за да остане безбеден;
  • Да понесе храна;
  • Да носи соодветна облека.

Истражување

По завршување на првата фаза на информирањето за катастрофата и по враќање на нормалните изданија, новинарот може да се наврати на тоа што се случило за да го анализира во детали. Истражувањата треба да се направат во аспектот дали можело и како можело да се превенира катастрофата, дали била во ред инфраструктурата, што не функционирало и што можело да функционира подобро.

Независно што по некое време вниманието се преместува делумно и во други настани, новинарот одвреме-навреме се враќа во местото на настанот за да дознае како погодените луѓе се трудат да се вратат во нормала и каква лекција би можела ова да биде во иднина. При работата на терен по катастрофата, тој собира докази и сведочења од жителите кои може да помогнат во истражувањето, за да види дали одговорните власти можеле да превенираат една ваква катастрофа и не го направиле тоа. Ова може да му служи на новинарот за јавно да побара сметка од нив во име на јавниот интерес, како и претходно да алармира за други случаи што претставуваат потенцијален ризик за една слична катастрофа.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Како новинарот во неколку техно-забави најде геј-туризам, секс, дрога и уништен Охрид?

[Рецензија: Охрид скај: Охридски општински авантуризам – Геј парада не напрајвте легална, терајте супер е вака, се е добро кога ќе проработи ТХЦ. Дојде живот за будалии!]

 

*Текстот што е предмет на оваа рецензија е полн со произволни коментари, за кои авторот си замислил дека претставуваат анализа на актуелната летна туристичка сезона. Тој посочува со прст кон општинското раководство и музичките менаџери, кои го урнисале мирниот и тивок град, лулка на културата, и го наполниле со малолетни уживатели на дрога без никакви конкретни показатели за криминал или подрастични нарушувања на јавниот ред и мир. Ниту, пак, има компаративни показатели колку туристи имало минатите години во „мирниот“ Охрид, а колку денес во балканската „Содома и Гомора“?

Линк до оригиналниот напис:  ОХРИДСКИ ОПШТИНСКИ АВАНТУРИЗАМ – Геј парада не напрајвте легална, терајте супер е вака, се е добро кога ќе проработи ТХЦ.Дојде живот за будалии!

Датум и време на објавување: 5.8.2018

Датум на рецензирање: 6.8.2018

Рецензент: Стојан Синадинов

 

НЕПИСМЕНО ЗА ПИСМЕНОСТА

Глупавата туристичка стратегија  , го уништи Охрид од картата на атрактивни туристички дестинации.Градот на Сесловенската писменост,балканскиот Ерусалим,наместо да понуди писменост ,култура,мир, црковен туризам , одбра да даде понуда на развој на наркоманијата,алхохолизмот, и развој на продажба на бели пецива.

Од некогаш мирен туристичко-културен центар , Охрид сега наликува како на лулка на бездомници.Млади деца од 14 години па нагоре , спијат по училишните дворови, парковите,по улиците,плажите!некој доколку се праша дали Охрид има туризам ?, да ,одговорот е едноставен ,секс, дрога,техно забави и целокупната култура ни замнина во мајчина.

Кога ќе се почне ламент за некогаш значајниот град како лулка на сесловенската писменост, Ерусалим на Балканот и останатото од арсеналот на некаков замислен концепт на културен и верски туризам, а притоа нема, буквално, ниту една единствена реченица без правописна или синтаксичка грешка, на авторот на текстот не му преостанува ништо друго освен да продолжи во тој стил и, евентуално, да ги најде „виновниците“ за таа „катастрофа“.

Авторот на текстот посредно наведува дека новата општинска администрација со новата туристичка политика го уништува градот. Од друга страна, пак, во устата на еден од музичките менаџери, Бобан Милошевски од „Авалон продукција“, ги става зборовите дека Охрид треба да се одлучи за некои нови стандарди во туризмот:

Пред почетокот на Охрид Колинг , на заедничката пресс конференција на градоначалникот на Охрид Стојаноски , со сопственикот на Авалон Бобан Милошевски, Милошевски пред новинарите ќе истакне :

„ Носиме врвни диџеи во Охрид, граѓаните треба да бидат трпеливи тие неколку дена , зошто Охрид ќе влезе на картата на врвни туристички места за забава за млади.Охрид треба да се определи каков туризам сака , дали сака Геј туризам,туризам за млади итн…“ќе истакне Милошевски на прес конференцијата!

Меѓутоа, текстот нема извори со кои можат да се потврдат овие цитати. Напротив, сите извештаи достапни на интернет со одгласите од прес-конференцијата на охридскиот градоначалник Јован Стојановски и менаџерот Милошевски (главно преземени од агенциската вест на МИА) го велат спротивното. Дури и видеото од прес-конференцијата го потврдува тоа:

 

ДОСЛЕДНОСТ ВО ДИСКВАЛИФИКАЦИЈАТА

Дисквалификацијата на ЛГБТ-групите, се чини, кај овој автор е стандардна постапка:

Што се однесува до Геј туризмот ,не сме така далеку ,за тоа ни е задолжен Бокица 13-ка ,вени сечат охриѓани по такви како нив , дури и ремонт ќе се прави можеби и на патронот на градот Свети Климент?!

Во целиот дискриминирачки текст авторот дури не нашол за сходно непознатата кратенка ТХЦ (хемиска состојка во марихуаната, одговорна за наркотичниот ефект што го поседува ова растение) да им ја објасни и направи „подостапна“ на читателите, на чии кликови со неговите сензационалистички наслови и содржини претендира:

Дечки ,ајде бре уште Геј парада не напрајвте легална , терајте супер е вака , се е добро кога ќе проработи ТХЦ.Дојде живот за будалии!!

Текстот содржи клевета и навреда, дискриминациски говор, па дури и говор на омраза кон одредени социјални групи. Ако општинските власти го послушаат апелот на авторот, самонаречен туристички стратег, Охрид и навистина може да се врати во 19 век…

 

*Напомена: извадоците цитирани од рецензираниот текст овде се пренесени во оригинал и без никакви уреднички интервенции, значи сосе сите грешки и од граматичка и од секаква друга природа.

 

Текст што сам прашува, сам претпоставува

 

[Рецензија: Што сакаше да им порача Зекири на граѓаните кога им рече дека „немаат друга опција“?]

 

Текстот што е предмет на оваа рецензија е манипулативен и има цел да ѝ создаде на јавноста погрешна слика за ставовите и идеите на пратеникот Мухамед Зекири.

Линк до оригиналниот напис: Што сакаше да им порача Зекири на граѓаните кога им рече дека „немаат друга опција“?

Датум и време на објавување: 30.7.2018

Датум на рецензирање: 6.8.2018

Рецензент: Ана Анастасовска

Написот на почетокот пренесува изјава на пратеникот од власта Мухамед Зекири поврзана со претстојниот референдум, кој ќе се одржи на 30 септември, а на кој граѓаните ќе треба да се изјаснат дали се за члeнство на Македонија во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот со Грција.

Пратеникот од СДСМ, Мухамед Зекири, вели дека денес со или без ВМРО-ДПМНЕ ќе биде распишан референдумот, а потврди дека истиот ќе биде одржан на 30 септември.
– Македонија нема друга опција освен да го усвои овој договор и да биде членка на НАТО и ЕУ – изјави Зекири.
Ова е ставот на пратеникот Зекири, кој е пренесен во написот. Тоа е став на партијата што тој ја претставува, на СДСМ и на политиката на Владата. Имено, членството во ЕУ и НАТО е една од главните определби на Владата.

Но, во написот подолу се поставува едно прашање со кое се почнува да се манипулира јавноста.

Што му значи на сопартиецот на Заев ова тврдење дека Македонија нема друга опција?

Понатаму се продолжува со намерата, но и се заплашува јавноста.

Дали тој тврди дека ако Македонија не го усвои договорот, ќе ја снема државата?

Тука се наметнува прашање, но одговор од пратеникот не е побаран. Своеволно се толкува нечиј став, што е спротивно на новинарските правила и стандарди, кои пропишуваат дека „новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е  можно“.

Што мислел Зекири да каже со тоа дека Македонија нема друга опција, треба да се праша Зекири, а не да се претпоставува и наметнува нешто како вистина и со тоа да се манипулира и заплашува јавноста.

Текстот во целина е непрофесионален. Тој има една единствена цел, а тоа е манипулирање на јавноста и нејзино заплашување, со цел напад врз власта. Написот е едностран и коментаторски и во него недостига втората страна.