Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Blog Page 283

Зошто младите не читаат политички и бизнис вести?

Бизнис моделот на продавање на весници се потпираше на својата локална улица, секој дом, секое семејство да дознае што е ново во светот. И подоцна, за време на ручек, да се дебатира. А, кога се дебатира, сакале или не, освен родителите разговорот го слушаат и децата. Денеска нема дебата, ниту на ручек. Дури се поставува и прашањето дали семејствата и заедно ручаат, а не, пак, да се развие дискусија за некој глобален проблем.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Ако читате по рубриките за бизнис во медиумите, за само пет минути ќе наидете на многу експерти кои ја предвидуваат конечната смрт на печатеното новинарство. И се чини дека само малкумина (како мене) мислат дека сѐ уште има некој живот и надеж за нив.

Но, која и страна од дебатата да ја заземете, ќе остане фундаменталниот проблем: со секоја измината година, младите луѓе растат сѐ помалку заинтересирани за вести.

Ова го потврдуваат и статистиките од САД. Според анкетата направена на Харвард, само еден од 20 тинејџери и еден од 12 млади луѓе читаат весник на дневна основа.

Кој колку пријатели има на Фејсбук (просек): млади 18-33 год. (millenials), средна генерација 34-49 год. (generation X) и постари генерации (younger/older boomer), Извор: Pew Research Center for People and Press

Кој колку пријатели има на Фејсбук (просек): млади 18-33 год. (millennials), средна генерација 34-49 год. (generation X) и постари генерации (younger/older boomer), Извор: Pew Research Center for People and Press

 

Онлајн вестите во моментов стојат малку подобро, но трендот на опаѓање е присутен и тука. Една неодамнешна студија покажа дека во 2008 година, околу 64 отсто од 18 до 24–годишниците пролистале весник онлајн, додека во 2009 година тој процент опаднал на 54 отсто. Бројките се дури и загрижувачки ако се има предвид дека студијата мерела дали испитаникот читал вести, а во „читале“ биле опфатени и оние млади луѓе кои само еднаш отвориле интернет годишно со намера да видат некоја вест.

 

Премногу политизирани насловни страници

 

Зошто младите луѓе не следат вести? Преголемата политичка окупација во медиумите секако дека во еден дел придонесува младите луѓе да не сакаат да купат весник и уредно, ако ништо друго, барем да го прелистаат. Во бавната смрт на весниците придонесоа и тие самите. Таа, секако ненамерно, е нагласена и заради насловните страници полни со политика. Кога на насловна страница на сериозен дневен весник сте видела некоја друга тема, која не мора да е забавна, но еве нека биде од општ образовен карактер? Значи, тука нешто смрди, а за да се исчисти миризбата печатените изданија и тоа како треба да подразмислат за промена на уредувачката политика кога се работи за насловната страница.

Друго дваесет е тоа што ниту еден печатен медиум во Македонија не прави анализа за тоа која целна група го чита и според тоа да состави насоки како треба да се однесува. Научна фантастика е, пак, да се направи анкета за тоа што младите би сакале да прочитаат во нивните весници: за тоа не станува збор ниту на стручните колегиуми.

Сето ова секако дека не треба да е оправдување зошто младите не читаат политички и деловни вести, но воопшто не е ниту за занемарување. Зашто, покрај забавните содржини, сигурно, ако ништо друго, младите ќе го прочитаат или барем ќе го перцепираат и политичкиот наслов.

Новинарите имаат должност да информираат. Но, граѓаните и тоа како имаа должност да бидат информирани. И за земјата, но и за случувањата во светот.

 

Прочитајте сите за тоа

 

На почетокот на 20 век за новинарството во голема мера се сметаше дека е  трговија. Немаше ограничување на образованието за влез во некоја редакција. Поради тоа и редовно имаше здрав прилив на млада крв. Тогаш во новинарските училишта предаваа теоретичари и академици наместо вистински новинари. Новинарство стана работа за средната класа.

Но, за кратко време работите се променија. Од трговија, новинарството стана вистински производ кој нуди нешто, нуди услуга, нуди информација. Весниците, особено големите „метро“ дневни весници, почна да се сфаќаат себеси многу сериозно. Веќе не можеше талентиран млад човек од колеџ, па и со неколку години работно искуство, да слета на работа во весниците во Њујорк или Чикаго.

Од друга страна, пак, од 1990-те до 2000-те години, самите весници се свртеа кон читателите од средна возраст. Тоа може да се забележи од содржините на весниците и магазините од кои се гледа како уредничките колегиуми размислувале.

Ако музичките критичари собрани околу Битлси и Ролинг Стоунс се бореа да останат во чекор со хип-хопот, весниците за политика и бизнис не се снајдоа баш најдобро за да одговорат на интернет револуција која се случуваше околу нив.

Сега весниците се соочуваат со најтешкиот дел пат во својата историја. Илјадници весници низ светот се затворени, а голем број се под стечај. Но, светот и експертите и понатаму вниманието го насочуваат кој снабдувачите на вести, а не кон потрошувачите на вестите. Дали сте слушнале некои медиумски експерти да кажат како да се направи употреблив модел на политички и бизнис медиум (печатен и онлајн) наспроти порталите на кои под „А“ им е голотијата ?

Клучно прашање во моментов е како да се фати вниманието на една генерација која малку се грижи за вести во било каква форма.

Кој колку лични фотографии споделил на Интернет (просек): : млади 18-33 год. (millennials), средна генерација 34-49 год. (generation X) постари генерации (younger/older boomer), не одговориле (silent), Извор: Pew Research Center for People and Press

Кој колку портрет фотографии споделил на Интернет (просек): : млади 18-33 год. (millennials), средна генерација 34-49 год. (generation X) постари генерации (younger/older boomer), не одговориле (silent), Извор: Pew Research Center for People and Press

 

Гледајќи наназад од насловните страници на весниците и моментот кога деца на улица извикуваа  „Прочитајте сите за тоа!“ до денеска, разликата е огромна. Тоа е време кога хартијата беше како фрижидер – за секого нуди по нешто и притоа е свежо, опипливо и видливо. За разлика оттогаш, денес весниците и онлајн изданијата нудат бајато, виртуелно и неопипливо (пластично) или недокажливо нешто. Бизнис моделот на продавање на весници се потпираше на својата локална улица, секој дом, секое семејство да дознае што е ново во светот. И подоцна, за време на ручек, да се дебатира. А, кога се дебатира, сакале или не, освен родителите разговорот го слушаат и децата. Денеска нема дебата, ниту на ручек. Дури се поставува и прашањето дали семејствата и заедно ручаат, а не, пак, да се развие дискусија за некој глобален проблем. Освен пред телевизор кога најверојатно, а денеска како мода, постои само озборување за убавина и стајлинг. Поради тоа, а како пракса која е наметната од родителите, денеска младите најмногу се „загрижени“ за стајлингот, убавината, а од пласираните информации и вести низ социјалните мрежи и порталите најмногу ги голтаат вестите од типот „Станија се појави без гаќи и градник“.

 

Причини за „заспаноста“ на младите

 

Според досега направените анализи, ќе набројам неколку причини кои најмногу влијаат врз младите и кои ги оттргнуваат да читаат политички е економски вести:

  1. 1.       Нема страст

Медиумите се здодевни – нема страст во новинарство. Кога ќе прочитате било која насловна страница во весник, а и во онлајн медиуми, ќе видите клише од ќор-фишеци. Надвор од основните елементите на приказната, нема жар, само голо симнување на звукот. Материјалот, пак, во најмала рака треба да биде направен да ги привлече оние, инаку незаинтересирани за секојдневието.

  1. 2.       Нема новинарство

Нема новинарство во новинарството. Колку од вестите што ги добиваме се навистина важни? Важноста е суштината на вестите. Постојат два вида на вести: тешки вести и меки вести. Но, она што треба да им значи најмногу на читателите е колку една приказна одекнува во нас како луѓе, колку приказната испраќа апел до нашите инстинкти. Кога политиката влезе во редакциите, медиумите си ја селектираа публиката на генерички групи на луѓе. Новинарството треба да биде неутрална платформа која секој може да ја „свари“, а не само одредена група.

  1. 3.       Непрактичност

Весниците додуша сега станаа непрактични. Од појавата на ЦД-то големите плочи во печатниците станаа неупотребливи. Ништо не е на дофат толку лесно и брзо колку еден лаптоп или преносен паметен телефон со интернет пристап. Потоа, тука е и прашањето за хартијата како отпад, но Македонија е сѐ уште далеку од дебата на оваа тема.

Што им е интересно, а што здодевно на младите во Македонија, истражување „Млади и медиуми“. Извор Метаморфозис

Што им е интересно, а што здодевно на младите во Македонија, истражување „Млади и медиуми“. Извор Метаморфозис и МОФ

 

  1. .4. Цена

Како да се заштедат пари? Зошто да се плаќа за нешто што е бесплатно? Ова е теза која ја засега и музичката индустрија и индустријата за хартија и слично. Како пиратската музика, така и вестите се многу подостапни бесплатно на интернет, во голема мера на веб-сајтовите.

 

Што се прави на Фејсбук

 

Како и да е, и покрај технолошката индустрија и појавата на социјалните мрежи, во кои, пак, младите се најбројни читатели, сепак, опаѓа читањето на политички и бизнис вести.

Според Истражувачкиот центар за луѓе и медиуми Пју (Pew Research Center for the People and the Press  – САД), повеќе од една третина од луѓето под 25 години не добиваат вести на дневна основа. Парадоксот е во контрастот зашто тинејџерите поминуваат многу часови секоја недела онлајн. Неодамнешната британска студија проценува дека дури и млади под 31 година, кои се особено многу на Фејсбук, не добиваат вести на дневна основа, иако се на најстариот и најпосетен социјален медиумски сајт во светот.

Дали младите луѓе би можеле да бидат убедени критички да се вклучат во читањето вести и да разговараат за тоа на Фејсбук? Ако го прават тоа, ќе им се врати ли чувството на заедништво? Покрај тоа, нивната вклученост ќе се претвори во реален свет, наспроти виртуелниот активизам.  И, ако тоа се случи, ќе знаеме ли како да развиеме успешен медиум?

Во одредени истражувања  (Greenhow ) е заклучено дека  тинејџерите и младите луѓе на социјалните мрежи се повеќе поради неформални дружења – за да лајкуваат омилени фотографии, да тагнуваат и слични активности. Тие се, исто така, практикуваат „faceworking“ , термин кој Нил Селвин, социолог од Лондон, го објаснува како – кога луѓето намерно го користат нивниот социјален сајт за промовирање на информации, решавање на проблеми, споделување и креативна инспирација .

Мобилни телефони, мобилен интернет и други навики кај младите - истражување „Млади и медиуми“. Извор: Метаморфозис

Мобилни телефони, мобилен интернет и други навики кај младите – истражување „Млади и медиуми“. Извор: Метаморфозис и МОФ

 

Иако социјалните мрежи како Фејсбук се најпогодни за вестите да станат достапни на младите, сепак, оваа социјална мрежа им разви толку апликации кои ги оттргнуваат да посегнат по политички и бизнис вести. Од апликациите младите денеска на Фејсбук лесно можат да го направат следново:

– Тие пишуваат на лажни мрежи во рамките на Фејсбук;

– Лајкуваат приказни кои другите ги пишуваат;

– Пишуваат коментари;

– Комуницираат со другите корисници онлајн;

– Заработуваат поени за ангажирање во овие и други активности.

Значи нема категорија „читаат вести“. Според сето кажано, може да се заклучи дека засега имаме повеќе прашања отколку одговори. Дали постоењето на нови начини на пренесување вести и информации во рамките на постоечките социјални мрежи ги охрабрува младите за следење на вести и потоа граѓански да се ангажираат? Како може овие искуства да се насочат кон медиумите и да почнат да анализираат зошто е тоа така? Дали медиумите можат да се насочат кон тоа да ги натераат младите луѓе, особено оние кои растат во ерата на Фејсбук, да почнат да читаат вести?

Овие се клучните прашања кои и новинарите и експертите треба да ги одговорат.

 

(На национално ниво, кај нас во Македонија, за навиките на младите во однос на медиумите и социјалните мрежи, погледнете го истражувањето изработено од страна на „Метаморфозис“ и „Младински образовен форум“ на тема „Млади и медиуми“ а објавен во национален извештај овде.)


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.

Опасноста од живеење во свет заситен со пораки

Фото: Gerd Leonhard, 2013, flicker.com

Културата во која денес живееме е презаситена од посредувани информации, пред сè, од страна на масовните медиуми. На пример, од денот на вашето раѓање до денес произведени се повеќе информации отколку во целата историја пред вас! Ова особено е важно во процесот на образование, воспитување и социјализација, каде што медиумите имаат голема и незаменлива улога. Затоа, во овој симболички свет од витално значење е да се научи како да се користат медиумите како најексплицитни носители на тие симболички пораки и како да се интерпретираат нивните пораки. А информации/пораки денес има речиси на сите страни, лесно достапни и кои многу брзо се произведуваат. Потврда за тоа е и податокот од 2.990.151.450 мејла или 2.588.798 блога или 325.066.489 твита кои се испраќаат/пишуваат/дистрибуираат во овој момент, а нивните бројки се менуваат од секунда во секунда.

Во оваа смисла, во светот на сеприсутни и влијателни слики, звуци и текстови, како најкомпетентен противодговор се смета медиумското образование, кое не се однесува само на основните барања во поглед на воспитувањето и образованието, туку и на можноста од користење на тие информации, на развивање компетенции и критика кон медиумската понуда, која ја презеде воспитно-образовната или манипулаторската улога денес. Ова е од особено значење доколку се има предвид фактот колку информации годишно се произведуваат и како истиот тој број секоја година се зголемува за 30%!

Затоа е сосема логично да се бара развивање и практицирање на медиумското образование, а со тоа и подигање на степенот на медиумската писменост во насока на развивање критички став кон она што се сервира преку медиумската понуда, бидејќи кај јавноста, особено кај младите, сè поевидентно е нивното препуштање на медиумите во креирањето на нивниот свет. А, обликот низ кој тоа се прави е форма на пасивизам и премолчено следење на медиумските пораки, како и некритичко апсорбирање на ставовите што медиумите ги нудат. Колку за илустрација, статистиката вели дека во една минута, само на Youtube, канал што има во просек 1.5 милијарди корисници, неселективно се прикачуваат по 300 часа видеоматеријал!

Тоа, од своја страна, не нуди одржлив општествен и демократски развој, туку слепо подведување, преку следење и некритичко прифаќање на информациите од страна на јавноста, која е претворена во безлична и некритична маса на медиумски консументи. Затоа денес толку се инсистира на медиумско образование, кое преку медиумската писменост може да ѝ помогне на јавноста, особено младите, самостојно да проценат и да се одлучат во делот на оценката за (не)тенденциозноста, (не)веродостојноста и (не)вистинистоста на информациите.

И, како што вели Потер, „кога сте медиумски писмени, наоѓате јасни патокази за снаоѓање во светот на медиумите, а оттука можете да дојдете и до саканите искуства и информации, без притоа вниманието да ви го одвлекуваат работите што се штетни за вас. Во ваква ситуација, градите живот каков што вие сакате, не допуштајќи им на медиумите да ви го изградат таков каков што тие сакаат“.

 

„Фејсбук“ не е доволен за професионален новинарски напис

 

[Рецензија: Кучко, краво – негувателка во гевгелиска градинка го смирува расплаканото дете (видео)]

 

Текстот што е предмет на оваа рецензија е нецелосен и необјективен. Имено, написот се повикува единствено на статус и видео објавени на социјалната мрежа „Фејсбук“, што не е доволен извор, односно недостига втората страна.

Линк до оригиналниот напис: Кучко, краво – негувателка во гевгелиска градинка го смирува расплаканото дете (видео)

Датум и време на објавување: 6.8.2018

Датум на рецензирање: 8.8.2018

Рецензент: Ана Анастасовска

Насловот самиот по себе е бомбастичен и со сигурност ќе ги привлече читателите да кликнат на него.

Кучко една, краво… Вака воспитувачки и негувателки ги смирувале расплаканите деца во гевгелиска градинка. На социјалните мрежи е објавено видео од детска градинка, на кое се слуша плач на дете. Според коментарот на девојката што го постирала видеото, детето плачело два часа, додека се слушало викање од негувателките – краво, кучко…

Во текстот се наведува дека негувателки во градинка во Гевгелија смирувале расплакано дете обраќајќи му се со погрдни зборови. Во прилог на ваквата информација е постирано и видеото. И тука завршува сè.

Прво, видеото е многу нејасно и, освен детски плач, не е разбирливо што негувателката му вели на детето. Поради тоа и не може да се тврди дека тоа било така, туку треба да се остави на читателот самиот да слушне и да процени. Во текстот ја нема целосната објава на „Фејсбук“ на која се повикува, туку е ставено само видеото, па оттука читателите не можат да видат што објавило лицето што го постирало видеото.

Во написот ја нема другата страна на приказната, негувателката или директорот на градинката, ниту има информација дали воопшто е побарано такво нешто.

Нема ни став од надлежна институција, во случајов Министерството за труд и социјални работи.

Едноставно, имаме само видео за во кое се тврди дека се слуша како негувателка навредува дете и тоа е сè. Дали е тоа навистина така, не може да се утврди од написот.

„Фејсбук“ не е доволно релевантен извор на информации за написот да биде целосен и професионален. Социјалните мрежи може да бидат извор на информации, но мора да се проверат од сите можни страни пред да ѝ се пласираат на јавноста. Вака како што е објавен, текстот е нецелосен и нерелевантен.

 

Со „весела математика“ до недокажан притисок врз МРТ

 

[Рецензија: Власта врши невиден притисок врз МРТ – јавниот сервис треба да биде сервилен за промена на името]

 

Во написот се вели дека самиот портал направил мерење на застапеноста на власта и опозицијата во МРТ и заклучил дека „власта има речиси тројно поголема застапеност во однос на опозицијата“, Но, малку попродлабочена анализа на оние сиромашни резултати од овој мониторинг, а кои се објавени во написот, навестува користење „весела математика“, при што се спомнува и постоење на методологија за овој мониторинг, но таа речиси воопшто не е објаснета. И покрај сето тоа, медиумот тврди оти „власта врши невиден притисок врз МРТ“ за да биде „сервилен за промената на името“.

Линк до оригиналниот напис: Власта врши невиден притисок врз МРТ – јавниот сервис треба да биде сервилен за промена на името

Датум и време на објавување: 3.8.2018, 21:23

Датум на рецензирање: 6.8.2018

Рецензент: Александар Писарев

Најголем проблем со овој текст е фактот што не е објаснета методологијата како е вршен мониторингот на МРТ. Дали биле опфатени сите емисии, најави, коментари, прилози во вестите, дебатните емисии итн. или само некои од нив? И по кои критериуми се избирани емисии за мониторинг? За периодот што го следеле посочуваат минутажа за само две интервјуа во февруари 2018 година (на министерот за финансии, Драган Тевдовски ,и кординаторот за НАТО, Стево Пендаровски), но не е спомнато зошто се издвоени само тие две интервјуа, кога во тој период имало и други, како на пример интервју со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, од 4 јануари 2018 година во траење од 40 минути. Не се спомнати ни другите интервјуа, во овој период: со Александар Николовски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, на пример. Не е објаснето зошто во „репрезентативниот примерок“, како што се наречени месеците во кои е вршен мониторингот, не е опфатен и месец март, односно е прескокнат (мерени се јануари, февруари, април и мај) и која била причината тој месец да не влезе во мониторингот. Тоа покажува дека следењето не било во континуитет четири месеци што дава повод за сомневање во референтноста на истражувањето, како и дека тенденциозно се избирани месеците во кои е вршен мониторингот.

Направена е конструкција и обид за дискредитација на одговорниот уредник на МРТ, Стојан Трпчевски. Наводно, неговите приватни врски и другарувањето со новинарите од бендот The Reporters влијаело на застапеноста на политичките партии во програмите. Притоа е потенцирано и дека „Борјан Јовановски (друг член на бендот – з.а.) добил грант од 90.000 евра од Агенцијата за филм“, што е надвор од контекстот на темата, а е направено со цел да се дискредитира уредникот.

Сите извори во написот се анонимни: како што дознаваме од вработени во телевизијата…“, „…неофицијално брифираат извори од дипломатскиот кор“ и слично, што отвора сомнеж во виситинитоста на оценката дека „расте притисокот кон сите вработени, особено кон тие од информативната програма, постојано се изрекуваат закани за некакви кривични пријави и истраги од ОЈО и СЈО“.

Исто така, твитот на министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, во кој тој изнесува само личен став (како што самиот објаснува) за професионалноста на МРТ, се третира како отворена закана, иако во него нема никаков заканувачки тон и тој твит нема произведено никакви последици ниту врз МРТ ниту врз кој било од вработените во јавниот сервис.

Особено е проблематично тврдењето дека наводниот „невиден притисок“ се вршел за „јавниот сервис да биде сервилен за промена на името“. За вакво нешто не се изнесени никакви аргументи. Кога се изрекув сериозно тврдење, какво што е ова – дека актуелната власт ја злоупотребува политичката моќ што ѝ е доверена за да го натера јавниот сервис да влијае врз резултатите на идниот референдум на кој граѓаните треба слободно и без притисоци да се изјаснат за многу важно прашање поврзано со иднината на државата, за таквото сериозно тврдење потребни се и сериозни аргументи. Инаку, сè останува на ниво на манипулации и спинови.

 

Невидливи автори: Фантомски текстови од страв или од срам ?!

Новинарот го гради своето име како „бренд“ од кој живее. Но, на оние новинари, кои доброволно се решиле да бидат „невидливи“, тоа не им е потребно.

 

Пишува: Владе Ѓорчев

 

Како никогаш досега, тенденција на пораст има појавата да се објавуваат текстови зад кои не стои автор, туку одговорноста ја презема рубриката или редакцијата. Оваа практика особено се применува во случаи кога треба да се нападне некоја институција (Специјално јавно обвинителство, на пример) или да се навреди и да се омаловажи некој висок функционер на опозициска политичка партија.

 

НЕДОСТИГ ОД ХРАБРОСТ

Сепак, за текстот е многу важно да има добра опрема, со што и најмногу се привлекува вниманието на читателите. Но, кога ќе се прочита редакциски потпишан текст, секогаш се јавува сомнеж дали тој е веродостоен?

Недостигот од храброст да се потпише текст – памфлет, укажува на повеќегодишно планско и систематско деперсонализирање на македонското новинарство, каде не е важно дали и кој ќе го потпише текстот, важно е да не се направи грешка и во своето „новинарско размислување“ да се доведе во прашање безгрешноста на власта. Притоа, секој што ќе се обиде да ја наруши или искриви идиличната слика за Македонија, која власта ја креира како „најубавото место за живеење, најмалку задолжена држава во Европа, со најголми субвенции за земјоделците, каде демократијата и слободата на печатот доживуваат невиден процут…“, и ќе ја покаже реалноста на македонското општество во кое се случуваат апсења, репресија, затоврање на опозициските медиуми, блокирање на критички мислења, прогласување на предавници, државни непријатели и странски платеници.

zarko jordanovskiСпоред Жарко Јордановски, долгогодишен новинар и заменик на главниот и одговорен уредник на „Слободен печат“, непотпишувањето на објавен текст се прави од различни причини.

„Една е кога се сака да се деперсонализира одреден став, односно да му се даде тежина зад која стои колективот, редакцијата. Такви можат да се потпишуваат како став или дело на редакцијата, со иницијали на редакцијата и слично. Такви се одредени извинувања, деманти, дисклејмери, објави за предизборни правила на однесување или важни редакциски коментари кои ги објавува медиумот за одредени теми, а некогаш и за теми или стории во кои е инволвиран и самиот медиум. Исто така, можни се непотпишани дневни коментари на разни теми, сме имале такви во повеќе весници каде што сум работел, кои се сметаат за став на редакцијата. Целта на ваквиот облик на анонимност е да му се даде поголема тежина на еден став, тој да се прикаже како заедничка уредувачка или деловна политика и да се избегне тој да се поврзе со конкретна личност. Постојат и цели весници, претежно стручни, фанзини, економски или политички памфлети, чии текстови комплетно се непотпишани за да се нагласи одредена идеологија и да се избегнат замките на личниот настап“, вели Јордановски.

 

СЛУЧАЈ СО ТРАДИЦИЈА

Таков е случајот со англискиот „Економист“, кој, исто така, објавува текстови кои не се авторски потпишани, но овде станува збор за традиција од 19 век, кога важеле други правила и кога многу се полагало на скромноста во склад со обичаите од тоа време. Арно ама, за разлика од сегашната практика кај  нас, кога непотпишувањето се прави за да се скрие авторот и тој да остане непознат, кај „Економист“ авторот е познат на целата редакција и, по барање, може да се дознае кој е. Тоа не е проблем. Непотпишувањето е останато само за да се задржи традицијата.

„Тоа е една, би рекол, разбирлива или оправдана примена на непотпишан новинарски текст. Друга примена на анонимноста е да се избегне судска, новинарска или каква било друга јавна одговорност за напишан новинарски текст, по правило со крајно сомнителна содржина, со неточни или извртени факти, дезинформации, лаги кои се пласираат во јавноста. Едноставно, за новинарски полуфабрикати, клевети кои некој сака да ги лиферува во јавноста, но никој не сака да ги поткрепи со своето име и презиме. Сведоци сме на таа појава во Македонија, особено со појавата на интернет. Тоа е едно интелектуално подземје, кое вегетира на маргините на новинарскиот јавен живот, а сигурен сум, се финансира од политичките и од коруптивни центри кои имаат интерес овие сомнитени содржини да влезат во јавен оптек. Луѓето што работат во тие медиуми ниту сакаат да знаат што е чесна, професионална новинарска работа, не ги интересира ниту вистина, ниту фактичка состојба, најмалку манири на убаво однесување или убаво пишување, граматика или слично, ниту имаа намера некогаш со тоа да се занимаваат“вели Јордановски.

marina tunevaПотпишувањето на текстовите од редакцијата или рубриката понекогаш се користи во околности кога се работи за прашање или тема за која редакцијата сака да зборува во еден глас или, пак, кога се известува за голема сторија од непроценливо значење, вели извршниот директор на Совет за етика во медиумите на Македонија, Марина Тунева.

„Но тоа, според мене, треба да се прави во исклучителни ситуации, многу внимателно и во консултација со уредниците. Доколку се премине кон таков чекор, потребно е и добро да се размисли како ќе се биде транспарентен и одговорен кон јавноста. На пример, во светско познатото списание „Економист“ постои практика на анонимност во пишувањето на некои текстови, но тоа се аргументира со ставот дека тоа што е напишано е многу поважно отколку тоа кој е автор на текстот. Или, според зборовите на Џофри Краутер, анонимноста од уредникот не прави господар, туку слуга на нешто што е многу поголемо и поважно отколку што е тој самиот… и на весникот му овозможува да застане со силен став и принцип. За жал, во денешно време, новинарството кај нас, во основа, е многу далеку од таа практика. Неретко проблемот со непотпишување на текстовите е поврзан со други тенденции, меѓу кои би ги споменала тенденциозното и еднострано известување, селективноста и пристрасноста во обработка на информациите, пропагандата, шпекулациите…“, вели Тунева.

Пишувањето под псевдоним, според Тунева, се случува и во околности кога е загрозена безбедноста на новинарите. Но, доколку навистина се смета дека некому му е потребна заштита, тогаш тоа мора да биде направено на посигурен начин. Криењето на името нема да го постигне тој ефект.

„Транспарентноста е неопходна димензија во односот што новинарите и редакциите го имаат со својата публика. Транспарентноста е поврзана и со одговорноста. Новинарите и редакциите треба да бидат етични исто како и носителите на други професии – лекари, адвокати и други професионалци. Новинарите и редакциите се тие што треба да определат дали анонимноста е корисна на сметка на можните негативни ефекти што ќе ги предизвика криењето на идентитетот. Работењето на медиумите не смее да се мистифицира, а информациите да се соопштуваат под превезот на скриениот или лажниот идентитет. Секој новинар треба да носи одговорност за селекцијата на информациите и на фактите и да биде одговорен за некоректноста во известувањето. Непотпишаните текстови не смеат да бидат заштита и бегање од таквата одговорност“, смета Тунева.

 

ИМЕТО Е БРЕНД НА НОВИНАРОТ

Мора да се има предвид, сметаат нашите соговорници, дека практиката на анонимност во пишувањето создава „сив“ простор за етиката. Таквата практика не смее да се злоупотребува на сметка на професионалните стандарди, кои секогаш мора да се почитуваат.

Не помалку штетно е и кога новинарите ставаат потпис зад текстови чии автори не се тие самите, туку се под „диригентската палка“ на некој што го контролира нивното работење.

Стандардите секогаш треба да се почитуваат, но тие може да бидат добри само доколку и добро се применуваат. Ако анонимноста се користи за непрофесионално, нечесно и пристрасно известување, тоа води до кардинален грев во новинарството и апсолутно кршење на Кодексот на новинари.

Новинарот го гради своето име како „бренд“ од кој живее. Но, на оние новинари што доброволно се решиле да бидат „невидливи“, тоа не им е потребно. Тоа е дел од пропагандната пресметка на партиите и тука завршува нивната улога – во интерес на нивните ментори да шират невистини за една политичка партија и отворено застанувајќи на страната на друга политичка оција. На нив се надоврзува и армијата на дигитални „борци“ кои оперираат на социјалните мрежи со лажни, измислени профили и слично. Тоа е еден валкан полусвет, кој постепено пенетрира и ја јаде пристојната новинарска јавност, така што границата меѓу овие сфери станува сè помаглива.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

 

Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.