Полицијата не им се нафрли на средношколците на протестот за чист воздух

 

[На грст стрдношколци со гас-маски нагрна полиција вооружена до заби]

Насловот на текстот што го рецензираме дезинформира за случувањата на протестот за чист воздух, кој се одржа на 20 декември, а на кој доминираше присуството на средношколците. Од насловот се добива впечаток дека полицијата ги плашела и им се заканувала на средношколците додека протестираа. Бројот на средношколците воопшто не беше мал, а не се доби ниту впечаток дека полицајците се помногубројни на тој протест.

Линк до оригиналниот напис: На грст стрдношколци со гас-маски нагрна полиција вооружена до заби

Датум и време на објавување: 20.12.2019

Датум на рецензија: 23.12.2019

Рецензира: Силвана Жежова

Денешниот протест на средношколците беше проследен од припадниците на полицијата кои наоружени до заби и со панцири се поставија пред младите кои со гас-маски протестираат барајќи си го правото на чист воздух. Забележливо беше присуството на полицијата во целиот град, и беа далеку помногубројни отколку средношколците што се одзваа на повикот за протест.

Вооружувањето на полицијата за време на протестот за чист воздух не е исклучок од правилото за почитување на безбедносниот протокол при вакви настани. Притоа не е воопшто чудно што полицијата била присутна низ целиот град, имајќи ја предвид маршрутата на движење, од Министерството за животна средина и просторно планирање кон Владата. Во текстот не се нудат никакви докази за ваквото тврдење, односно дека полицијата била далеку помногубројна од средношколците. Протестот помина мирно и граѓаните си го остварија своето демократско право на протест. Од фотографијата што е приложена во текстот, не може да се утврди дека полицијата нагрнала, туку, напротив, вообичаена слика на распределба на полициски сили при протести.

Во текстот исто така се посочува и соопштението на средношколците со кои „потврдуваат дека во текот на денот се соочиле со многубројни притисоци и обиди за спречување на остварување на ѓраѓанското право на протест“, но тие се однесуваат на заканите од директорите во одредени училишта и не можат да се доведат во корелација со полициското присуство. Поради закани и притисоци врз средношколците, беше разрешена директорката на гимназијата „Никола Карев“.

Текстот има цел да ја дезинформира јавноста за бројноста на полициските припадници во однос на оние што протестираа, со што се инсинуира дека сакале да покажат сила. Средношколците, исто така, не беа грст, туку беа многубројни и од цела држава, со што на протестот му дадоа масовност.